Блогот на Богдан. Нено Богдан!

мој мејл: blogatash@yahoo.com

♦ ШЕСТ ПРЕДЛОЗИ ЗА ПОКВАЛИТЕТЕН ПАРЛАМЕНТ

with 3 comments

Сликава се вика „Корумпирано законодавство“. А сите знаеме дека уметничката техника со која е правена сликава се вика „потполн реализам“

Во секое демократско општество, контролата врз извршната власт ја изведуваат народните избраници во Парламентот. Или барем така би требало да биде теоретски. Поради некои „замки“ и намерно вградени „фабрички грешки“ во конкретниот систем на преставничка демократија што кај нас е во сила, Парламентот составен од народните избраници делува како марионета на извршната власт, и контролната функција сосема отсуствува. Како ова да се поправи? Еве неколку мои предлози:

* текстов е првично објавен на 1ви јуни 2009 на http://blogatash.blog.com.mk/node/231847

1. Намалување на бројот на пратеници: и тоа драматично намалување на бројот, од сегашните 120 (со уставна опција да бидат и 140!). Кому му требаат сите тие неработници и безделничари?

Јас предлагам нивниот број да се скрати на 60, или 50, или 40, или на 30 или најдобро на 24 пратеници. Зошто баш на 24? Па затоа што овој број е делив и со два, и со три, и со четири, со шест и со осум, па така, ако има потреба, разни цензуси може да се дефинираат без проблем (дво-третинско мнозинство, три-четвртинско, седум-осминско…). И сегашната бројка е делива и со пет, но и половина од таа (60 пратеници), би била делива со и пет и со сите оние делители од предлогот со 24 пратеници.

Што добиваме со помалку пратеници? Прво, се добива во ефикасност оти кога имате 120 усти кои може да зборат глупости и да се караат, реплицираат и контра-реплицираат, добивате потенцијал за сеопшта калакурница во која многу малку суштинска дебата има, ако и воопшто. Вака, со само 24 пратеници, ќе има можност побрзо да се излуфтира негативната енергија и да се премине на вистински дијалог.

Второ, со помалку пратеници, апла ќе се гледа кој е отсутен од работа, а кој не е. Сега имаме 120ина и половина кога ги нема во клупите, тешко е да се забележи (од гледачите на телевизија) точно кого го нема. А ако се само 24ица ќе биде веднаш забележливо кој е отсутен, т.е. кој не си ја врши работата за која е избран.

Трето и најважно, многу потешко ќе може Владата да ги контролира така пратениците, оти ако се помалку, секој пратенички глас ќе вреди повеќе. Не за друго, лесно ѝ е сега на власта да „купи“ еден од сто и дваесет пратеници. Но, ако сака да купи еден од дваесет и четири, ќе биде ист напорот како за купување на пет од сто и дваесетмина.

Во стариот Рим, во неговите златни времиња, имало јавни функционери избирани од народот кои се викале „народни трибуни“ и на почетокот биле само двајца. Откако се покажало дека владеачката олигархија во римската република тешко можела да ги контролира народните трибуни, постепено се пристапило кон зголемување на нивниот број, па за неколку децении биле десет трибуни истовремено на власт. И со тоа, со таа „инфлација“ на народни избраници, слично и кога се прави инфлација со парите, се намалила вредноста на секој трибун и со тоа тогашните олигарси многу полесно можеле да го контролираат тој антички „трибунал“.

Парламентот никако не може да ја контролира владата ако е составен од слаби пратеници. А ако се многу, секој од нив е слаб. Ако се помалку, секој пратеник има поголема вредност и моќ. А за контрола на извршната власт потребни се моќни пратеници.

2. Скратување на нивниот мандат: можноста од свикување на предвремени избори во било кое време иако е една убава опција сосема во согласност со демократијата е сепак непрактична оти ги подложува народните избраници на постојана несигурност (што и не е толку лошо!), но воедно е и непрактична оти захтева многу комплексна процедура (власта ретко ќе реши самата да се распушти, а ако народот треба да се прашува, тој власта ќе ја распушти преку референдум, за чие распишување треба собирање на потписи, за што пак треба време и за кампања и за собирање на потписите, па гласање на референдумот, па потоа треба предизборна кампања ако референдумот е успешен, па кампања на партиите за распишаните избори, па ново гласање овој пат на изборите, па преговори за ново владино мнозинство…) а реално да збориме после предвремени избори не се менува комплетно сликата на парламентот туку само се добиваат или губат по неколку пратенички места на разните партии.

Со други зборови, можноста од предвремени избори како што стои сега е „многу пари за малку музика“. Наместо тоа, јас предлагам избори секоја година!

Ова не треба да делува многу необично или непрактично, затоа што, ете на пример во САД, нивниот Преставнички дом се обновува целосно на секои две години. Во годината кога се бира претседателот на државата се бираат и членовите на Преставничкиот дом, а по две години, на половина од мандатот на претседателот, пак има избори за сите Преставнички места. Па ете ги, не гледам дека таму се жалат оти имале премногу често избори.

Од друга страна, во Франција, нивниот претседател имаше на времето мандат од седум години (сега е скратен тој на пет), но долгите мандати обично завршуваат со тоа избраникот да биде вонредно непопуларен кога ќе му заврши мандатот, а понекогаш е крајно непопуларен и на половина мандат. Ова од таму што тој има доволно време да владее, па ретко кога смета дека треба да се труди за заработи уште еден мандат.

Кога пратениците имаат ограничено и кратко време во пратеничките клупи, тогаш немаат многу маневарски простор за правење глупости. Какво купување и продавање на пратеници, какво преминување во нови парламентарни мнозинства, какави бакрачи. Што и да прави некој пратеник, нема да има можност да го прави премногу долго. Ако се глупира, народот ќе го смени веќе догодина.

Воедно, бесмислено е да се ограничува бројот на мандатите што смее некој политичар да ги помине на власт. Претседателите на државите обично два мандати можат да бидат на функцијата, но по мое мислење – ако народот го избере и пет пати, зошто да не му се дозволи да седи на власт?

Популарноста на шпанските серии доаѓа токму од тоа што приказната што сакаат да ја раскажат ја раскажуваат во кратки епизоди, при што се прекинува токму кога е најинтересно, за да гледачите имаат волја да ја гледаат и следната епизода. Така треба и со пратениците и должината на нивниот мандат.

Забелешка за овој предлог е дека вака ќе имаме секоја година парламентарни избори и на народот ќе му се смачи од изборите. Но, по мое мислење, подобро е да му се смачи на народот од изборите, одошто да му се смачи од власта. Оти ако му се смачи од гласање, може да реши било кој да не гласа. Но ако му се смачи од власта, ќе треба да чека да ѝ помине долгиот мандат за да ја смени.

Конечно, изборите се можност да се земе судбината во своите раце. Народот кој е премногу мрзлив „пречесто“ да одлучува за себе – не заслужува никогаш да одлучува за себе.

3. Поканувачки изборен модел: за оваа реформа пишував нашироко и опширно споредувајќи ги бенефитите од овој систем со негативните аспекти на пропорционалниот и мнозинскиот изборен модел. За да не се повторувам, ќе кажам само дека сметам дека со ваквиот модел се добива многу подобра „искористеност“ на гласовите т.е. секој глас – буквално секој глас даден на изборите – има иста вредност како другите гласови и секој глас се важи при одредувањето на конечната распределба на пратеничките мандати.

За повеќе информации, оние кои ја пропуштиле, можат да прочитаат во колумната „Поканувачки изборен модел“. Малку е долга, ама сѐ си е таму.

4. Драматично зголемување на платите на пратениците: и овој предлог за реформирање на парламентарниот систем го имам посебно обработено во специјален текст објавен практично на првиот ден од моето блогирање, таму пред скоро година дена. Таа колумна се викаше „250.000 евра плата за секој пратеник годишно“ и во неа се образложени дури шест аргументи во прилог на драматичното зголемување на пратеничките плати.

Основната идеја не е толку во сумата, колку во драматичноста на сумата. А ако се намали бројот на пратеници од 120 на само 24, тогаш за секој пратеник јас предлагам не 250.000 туку милион евра годишна плата!

Значи, читајте ја таа колумна со променетата бројка на ум, и на пратеници и на нивна плата. Основната поента е дека јавните функционери не се подложни на корупција затоа што земаат мали плати, туку намерно им се одредени мали плати за да може да бидат повеќе подложни на корупција. Тоа е клучната „фабричка грешка“ која што милионот евра плата ќе ја реши. Многу е полесно за Владата која сака да го манипулира парламентот да поткупи пратеник кој зема 600-700 евра плата месечно, одошто пратеник кој што зема осумдесетина илјади евра плата месечно.

5. Пратениците не го избираат Премиерот, туку го избира народот директно: како што тоа се случува за локалната власт, каде што граѓаните ја избираат посебно локалната законодавна власт (општинскиот совет) и локалната извршна власт (градоначалникот). И тоа функционира!

Ако добро се размисли, се заклучува дека флоскула: „власта е поделена на извршна, законодавна и судска“ не е баш точна во нашиот систем. Затоа што од законодавната власт (парламентот) директно произлегува извршната. Премиерот е на тој начин зависен од пратениците, и затоа тој има силен мотив кога ќе му биде доверена извршната власт и контролата врз државните финансии, да користи дел до тие пари за да ги корумпира пратениците.

За да се одвои навистина законодавната власт од извршната власт, треба да се избираат тие засебно. Дури не мора ни мандатите да им се поклопуваат. Погоре, веќе реков дека би било умно да се намали мандатот на пратениците на една година само. Мандатот на Премиерот, кој директно би бил избиран од граѓаните не мора да го следи тој модел, оти Премиерот е носител на стратегиски проекти кои бараат подолго време, повеќе години, за да се довршат.

Затоа, мандатот на Премиерот може да биде 3 или 4 или дури и 5 години (се разбира со опција две третини од пратениците да можат да го отповикаат и да распишат предвремени избори за Премиер, а пратениците нема потреба да може да бидат распуштени од премиерот, оти тие и така и така секоја година ќе си имаат избори.

Забелешка е дека со ова нашиот правно–политички модел би се свел на дефакто претседателски систем, со таа разлика што оној човек што ќе ја има моќата на претседателот во класичните претседателски системи ќе се вика кај нас Премиер, и никаква друга разлика нема да има. Тоа е релативно точна забелешка, со таа дополна дека нашиот дефакто Претседател а дејуре Премиер нема да може да помилува затвореници и да става вето на законите кои ќе ги донесува парламентот и воедно, нема да има право да донесува закони со декрет, ниту пак да го распушта собранието.

Јас лично не гледам никаква смисла да постои со предложениов систем и Претседател на државата, оти неговите речиси церемонијални ингеренции комотно може да ги преземе Спикерот на Парламентот. За помилување на затвореници – ќе одлучува Собранието со дво-третинско мнозинство, за ставање вето на закони – нема логика, оти самиот парламент ги донесува тие закони, а за примање на странски достоинственици тоа може да го прави Спикерот.

Што се однесува до моделот за избор на премиер на директни избори, тој треба да е чиста копија на моделот за избор на градоначалник/претседател. Собираш десет илјади потписи за подршка на кандидатурата, одиш во прв круг, ако си барем втор по број на добиени гласови, одиш во вториот круг и ако добиеш повеќе гласови од противникот – избран си за премиер.

Поставувањето и разрешувањето на министрите во владата би го следело моделот за директорите на јавните претпријатија во општините. Градоначалникот (т.е. премиерот) кој е избран на директни избори му предлага кандидати на советот (т.е. парламентот) и тие со просто мнозинство ги одобруваат или одбиваат кандидатите. За нивно сменување, т.е. интерпелација, се оди исто така со просто мнозинство. Варијанта на ова би била и некои клучни министри (финансии, внатрешни…) или клучни одлуки (буџетот, на пример) да мора да се избираат со нешто поголемо мнозинство (60% или дури и две третини).

До сега, во нашата земја не се случило парламентот да „завојува“ со премиерот што самиот го избрал. Баш затоа што самиот го избрал. Од друга страна, многу општински совети се во константна кавга со градоначалниците, затоа што си се одвоено избрани и немаат мотив да се сакаат едни со други, туку напротив, постојано системски се наострени спротиставено. Таков систем ни треба и на централно ниво, со тоа што, како што погоре објаснив – со огромни плати за пратениците тие ќе имаат не само овластувања, туку и реални ресурси за да го контролираат шефот на извршната власт. А со пократок мандат за нив, тие ќе бидат и поодговорни пред граѓаните од кои ќе очекуваат реизбор.

6. Собранието – место за гласање и јасно изнесени ставови, а не за дрндање и партиски маркетинг: ова просто и јасно ќе значи дека дебатите се исфрлаат од Собранието и дека тие може да се прават меѓу пратениците кај им се сака и кога им е ќеф (што и сега е случај), а во самата собраниска сала да има само проста, куса и јавна процедура – се собираат во неа пратениците само да гласаат, и плус се укинува опцијата „воздржан“ и се укинува и тајното гласање. Ако си пратеник, ако си избран од народот, има да имаш јасен став и не може да бидеш ни за ни против, туку или си за или против и тоа има јасно и јавно да го кажеш.

Причината поради која дебатите треба да се забранат во собранието е дека тие се комплетно непродуктивни. Се случило ли некогаш пратениците после долга дебата да бидат разубедни во својот став кој со денови и недели или и месеци пред да дојде законот на дневен ред го створиле? Сакам да кажам, ако дебатите не овозможуваат да се променат ставовите на пратениците, чуму се тие?

Сега засега, дебатите во собранието служат само за политички маркетинг – и за ништо друго! Тие се единствен начин за гласачите да видат за што се залага нивниот избран преставник и зошто гласал за некој закон, а зошто против некој друг закон. Меѓутоа, со добивањето на репрезентативна функција на дебатирањето се губи многу време, кое може попродуктивно да се употреби.

Ако пратениците добијат секој по милион евра плата годишно, можат да си закупат секоја недела по саат време на било која комерцијална телевизија и да им објаснат на своите гласачи (во монолог) зошто гласале така како што гласале за изминатата недела. Ова може да се прави и еднаш месечно на телевизија, или пак преку платен оглас во весник, или на сопствен web-сајт.

Главен бенефит од ова е што ќе се зголеми рејтингот на парламентот а и ефикасноста оти нема веќе да ги гледаме како глумат конструктивни дебати и нема да имаат потреба да се караат за ситни политикантски бесмислици. Наместо луѓе од збор (и само од збор), пратениците ќе добијат имиџ на луѓе од акција. Гласал за или гласал против конкретниот предлог закон – тоа ги интересира гласачите. Нема потреба да го губат работното време во парламентот за докажување кој бил поголем предавник или патриот. Тоа нека си се докажуваат надвор од парламентот.


Тоа беа моите шест предлози за реформирање на политичкиот систем со цел да се добие поквалитетен и попродуктивен парламент кој ќе биде вистински коректор и надзорник на владата. Немам илузии дека релевантните политички елити веднаш ќе скокнат да го менуваат уставот и законите поради овие мои предлози. Но, тоа и не ми е целта. Целта на оваа и на другите колумни на мојот блог е да ги поттикнат читателите да мислат поинаку. Знам дека текстот е долг, но оној кој што нема доволно силна концентрација да исчита волкав текст, тешко дека ќе има доволно концентрација и да размислува за идеите изнесени во него доколку би биле разбиени тие во неколку помали текстови. А јас пишувам за оние што читаат, не за оние што не читаат.

П.С: Патем, сликата која е ставена да ја илустрира денешнава моја колумна е баш на темата: се вика „Корумпирано законодавство“ и е насликана во 1896та година од страна на американскиот сликар Elihu Vedder. Добри слики имал тој, погледнете го, кликнете на линкот (врз неговото име) кој ве води до сајт посветен само нему и на неговите дела.

Written by nenobogdan

07/01/2010 at 23:51

3 Responses

Subscribe to comments with RSS.

  1. Ќе си земам слобода да ги вреднувам предлозите.

    Првиот предлог ми се допаѓа и ми се чини практично полезен. Тој предлог е откривање за мене и ти благодарам. Преку толку голем број на пратеници се девалвира јачината на значењето на пратеникот, а преку тоа и целото собрание. Единствено не се согласувам со толку малата бројка од 24 пратеници. Тогаш би дошло до пресилно Собрание кое пресилно ќе се постави во однос на извршната власт.

    Вториот предлог за многу кратки мандати сметам дека не само што не ја подобрува ситуацијата туку и ќе ја влоши. Кај луѓето кои се на власт, дали ќе работат или не не зависи толку од системот туку од личните квалитети. Оформувањето на личните квалитети е сосема друга приказна. На личните квалитети на оние кои ги избрал народот не може да се влијае, бидејќи тие до изборот може да дојдат со демогошки способности што многу е често кога на власт се иде со надворешни претстави и ораторство. Но и кога посакаат нешто да сторат или ако дојде некој кој има работна и конструктивна личност го спречува недостатокот на моќ. Затоа спротивно од тоа потребно е зголемување на моќта и подолг мандат за планираното да се спроведе. Изборите навлекуваат оние кои се борат за избор да работат само проформа видливи дела, а да ги заборават суштинските кои најчесто не се видливи и временски се оплодуваат на подолг рок. Овој период кога ВМРО-ДПМНЕ доби поголема политичка моќ тоа најдобро го потврдува. Прв пат имаме ситуација каде плановите на власта не може да бидат стопирани од завидливата опозиција или од шиптарски или западни подметнувања. Кој и да е на власт, ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ исклучиво да добива голема моќ бидејќи немоќната власт е најлоша варијанта за една држава. Таа е неспособна да стори нешто и кога сака да стори и е подложна на секаква уцена. А вториот предлог со скратување на мандатите и чести избори само ќе ја зголеми нестабилноста на поставените функционери. Но не и целосна моќ, бидејќи расипувањето на власта е неминовна појава. Моќната расипана власт најчесто ја уништува целата држава од типот на Милошевиќ, Хусеин, Сталин, Хитлер и тн.

    Третиот предлог ти е прекрасен. Во своја форма и јас се застапувам како решение и спас од партиската катаклизма која ја уништува Македонија. Само како тоа да се оствари. Јасно ти е дека најмоќните институции во земјата партиите нема да се откажат од моќта стекната преку изборите и како да се убеди светската политичка мисла кога се урива суштинскиот елемент на демократската политичка мисла, партиски-политички избори (за кои се сомневам дека се оформени за слабеење на нациите во полза на владетелските групи).

    Четвртиот предлог сметам дека е добар, како и што пишуваш би бил попогоден применет заедно со првиот предлог за подобар парламент, само нешто би ја намалил превисоката сума за претениците. Ефектите на овој предлог не може целосно сега да се испитаат. Можно е да дојде до византиската феудализација. Односно еднаш избраните пратеници со толку високи плати и политичка сила за одлучување во парламентот, стануваат после првиот избор толку финансиски, медиумски и политички моќни што после со таа моќ политичка и финансиска ќе стекнат „слоеви“ или „региони“ на поддржувачи. Така ќе се одржуваат во долги периоди на избори и како моќните византиски феудалци, ќе се наметнуваат и борат со останатите власти, а и меѓу себе. Ова би било многу слично на византиските моќници, Душан, Самоил и останатите, наспроти централната Константнинополска власт. Затоа ефектите на овој предлог не се испитани и треба да се проба со помало покачување на примањата на пратениците и истото да се испитува на подолг временски период.

    Петтиот предлог според мене суштински не менува. Сега како што се избира кога се бира за партија во Собранието впрочем пред се се бира поради не/довербата во лидерот на партијата. Ако се применат горните предлози тогаш, да навистина би се наметналата потреба премиерот да биде избиран од народот, бидејќи ако при моќни пратеници и премиерот е биран од нив, тогаш неговата сила нема да биде доволно независна за слободна работа.

    Шестиот предлог не сум сигурен дали е потребен. Ако дискусиите се јалови тоа не значи дека треба да се укинат. Проблемот е во јаловоста, а дискусиите се потребно средство за расчистување и откривање на најдобрите решенија. Граѓаните треба да слушнат ставови за врз основа на ставовите да стекнат мислење за предлозите. Така после успехот или неуспехот на искажаните ставови подобро ќе знаат да изберат меѓу пратениците. Ако се применат првиот и третиот предлог тоа би требало да го реши проблемот со партиските поентирања во парламентарнтие дискусии.

    МкБ

    17/03/2010 at 18:34

  2. Одличен коментар.

    Бројките кои се дадени во предлозиве се само илустративни, колку да има некое „сидро“ околу кое би се сфатила смислата на концептот.

    Јасно е дека предлогот “да се смали бројот на пратеници“ е концепт кој нема некоја ударна сила ако не се придружи со „на само 24 пратенци“. Толку мала бројка веднаш привлекува внимание оти баш е премала!

    Не дека мора да се баш 24 пратеници или 250.00 евра да зема секој од нив или само една година да имаат мандат… ама тие бројки се илустративни – за да со својата претераност го шокираат читателот и го поттикнат на размислување за суштината на предлогот.

    Јасно е дека прекраток мандат и преголема плата и премал број пратеници се лоши работи, исто како што и премала плата и предолг мандат и преголем број пратеници не се добар концепт.

    Мудроста е да се дефинираат бројките точно.

    Јас мислам дека во нашиот конкретен систем со конкретниве бројки (4 години, 120 пратеници, и околу 700 евра плата месечно) бројките се погрешно поставени.

    Околу изборот на премиерот директно од народот – тоа практично го имаме и сега, кога гласаат луѓето за партиските листи не гласаат за самата партија, ами за лидерот. За жал, таков е менталитетот сегашен.

    Со мојот предлог, тоа што е дефакто реалност – ќе се легализира и нема да има непотребни забуни.

    А шестата работа – стоп за дрндањето и стерилните дебати – тоа во Тексас го имаат веќе цел век во пракса, таму парламентот се собира еднаш во две години на седница која трае неколку дена, сите закони се донесуваат или одбиваат и тоа за тоа. Ако некој сака да зборува, мора да стои и не му даваат ни вода и пауза, па не може до бескрај да дрнда.

    Па ете го Тексас моментално е од сите сојузни држави во САД економски најуспешната (делумно и поради нафтата, ама сепак и поради ефикасниот политички систем).

    Идејата на целиот текст е дека не треба да се ограничуваме на арбитарни бројки (зошто би бил мандатот 4 години, зошто не три години или пет години?) туку да се покаже дека и тие работи имаат влијание врз квалитетот на работата на Законодавниот дом. И ако нивната промена може да донесе барем малку поголем квалитет – зошто да не се направи?

  3. Јас те поддржувам, да работиме на случајот.
    Главните проблеми на кои ќе наидеме: прво македонската сервилност, второ: западните „демократски учители“.
    Македонците се плашат да бидат понапред од другите. Се плашеме да бидеме свои со понапредни избори од другите иако во ситуацијава тоа ни е многу потребно. Ако нешто не е нашироко применето (или ограничено) колку и да знаеме дека би било подобро за нас, се плашиме да го спроведеме доколку не е применето „на запад“. Ги оставаме другите да донесат одлука, и тоа го сметаме како дозвола за и ние да направиме таков избор. Закон за лустрација, закон против пушењето во јавен простор и други такви промени во општеството колку и да ги знаевме како позитивни за општеството, чекаме некој друг да ги донесе. Немаме храброст да одиме напред, туку сакаме да трчкаме позади дружејќи се во групата на последните. Од друга страна делумно и точно е дека тоа е дозвола. Некако оние „најнапредните“ не дозволуваат некој друг нешто „напредно“ да превземе, туку сакаат тие секогаш да бидат први. Некогаш нивните напредни одредби и формално се за цел свет да ги примени, ама во бројките спроведеното не е исто како кај нив. Така кај нас истите општествени демократски правила со друг однос на бројките е со други ефекти отколку кај нив. Пример САД како декларирана прва демократска земја во светот, всушност имаат административен систем со нагласени монархистички елементи. Во основа САД се монархија без крал. Целата администрација е статична. Нема избори на функциониерите одоздола туку одозгора. А смената се случува, само при длабока старост или големи пропусти. Тоа му дава моќност на системот. Овде во мк градоначалниците немаат моќ дури ни на чистачките да им наредат да зачистат нешто. Затоа што ако такво нешто нареди градоначалникот според системот повратно преку партиските канали кои ги примиле чистачките на работа ќе си направи внатрешни партиски проблеми што ќе му се одрази на кариерата. Американскиот систем е формално повеќепартиски, а во суштина 2 партии со 1 политика. Еднополитичноста ги намалува внатрешните општествени судири. Да се прашаме зошто никој од останатите народи не смее да има систем како американскиот, кој според мене е систем на владетелите, различен од системите на владеаните? За да го сториме најдоброто за себе, потребни ни е храброст која засега не постои.
    Но тоа не значи дека треба да се откажеме или ако внатрешно ја добиеме битката дека некој однадвор насила ќе не спречи. Тоа е правец на излезот за нас.
    Добрата или лошата состојба во државата најмногу зависи од прикладноста на системот. Политичко-економската слабост и нестабилност на македонската држава е произлезена токму од оние посочени слабости (неприкладни бројки) на применетиот политички систем.

    МкБ

    19/03/2010 at 19:18


Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Промени )

Connecting to %s

%d bloggers like this: