Блогот на Богдан. Нено Богдан!

мој мејл: blogatash@yahoo.com

♦ ШТО ДА СЕ ПРАВИ?

leave a comment »

Ако треба, и ова ќе се прави. Ама ако треба само.

Најголемата опасност за Македонците не е да се стремат кон нешто големо и тоа да не успеат да го достигнат, туку да се стремат само кон нешто мало и токму тоа да успеат да го постигнат. Со други зборови, не е срамота да се обидеш и да не успееш, туку е срамота да не успееш ни да се обидеш.

* текстов е првично објавен на 27ми април 2009 на http://blogatash.blog.com.mk/node/225153

На темата „проектен менаџмент“ се кажани толку многу работи, некои мудри, некои здодевно рутински, што се чини дека секој во светов кој што имал шанса да каже нешто за тоа – кажал нешто за тоа. Жив доказ ќе најдете на google.com каде ако во полето за барање ги пишете зборовите Project Management ќе добиете над милијарда (!) резултати, а ако ги пишете двата збора во наводници, заедно како фраза, ќе стигнете повторно до колосалната бројка од над 40 милиони пронајдени страници. Очигледно, унифицирана теорија за тоа што е и како се работи „проектен менаџмент“ не постои, па додека таа да се утврди, секој ќе има право да мудрува на таа тема и да ја користи во свои цели.

А бидејќи мојата цел во денешната колумна е да му пристапам на процесот на менување на македонскиот типичен и негативен менталитет од гледна точка на методите и принципите на проектниот менаџмент, еве ги во продолжение петте главни прашања, петте основни парадигми кои ние Македонците треба да си ги одговориме и дефинираме колективно, како нација, за да можеме да тргнеме напред, кон подобра иднина, ние и нашава ни држава.

1. Што всушност сакаме да постигнеме? Фиксација на македонската реалност во секој поглед во последниве две децении е евроатлантската интеграција. Кога велам „македонска реалност“ мислам практично на сите форми на општествено делување: медиумите само за тоа дрндаат, сите реформи ги правиме само за да ги задоволиме бараните критериуми, борбата околку (не)зачувувањето на името се врти околу тоа како главна награда за попуштањето наше, партиите саде за тоа се плукаат едни со други… небаре тоа е нашата крајна цел, небаре сите ние само тоа го сакаме.

А всушност, тоа е првиот проблем со нашиот менталитет. Тоа значи дека треба да застанеме за момент, да го ставиме показалецот на чело и да речеме гласно: „што ние стварно сакаме да постигнеме со нашето интегрирање во евроатлантските структури?“. Дали тоа значи дека ако нѐ пуштат да се зачлениме таму ќе имаме појака економија и побезбедна држава? Ако е тоа така, ако повеќе пари и повеќе сигурност се нашите главни придобивки од зачленувањето во ЕУ и НАТО, тогаш што нѐ спречува да ги постигнеме тие две нешата и сега, сами?

Тоа дека зачленувањето во НАТО ќе нѐ направи како држава побезбедни (а незачленувањето нѐ остава небезбедни) е жива лага оти сѐ додека нашите војници заедно со американските сили го чуваат мирот во Авганистан, никој овде на Балканот нема да се осмели да нѐ нападне. По таа основа, немаме ама баш никаква потреба од зачленување во НАТО за да останеме безбедни, оти зошто да „набавуваме“ безбедност преку посредникот НАТО (со додадена маржа – менување на името) кога можеме да ја „купуваме“ безбедноста од самито производител, Соединетите Американски Држави (и тоа по набавна цена – испраќање наши војници во нивните мисии)?

Што се однесува до лагата дека со влегувањето во ЕУ ќе станеме побогати оти тогаш како на членка ќе ни бидат достапни европските фондови, и таа лесно се покажува за апсурдна ако се погледне примерот со нашата економија во бивша СФРЈ и искуството на Бугарија и Романија после нивното влегување во Европската Унија. И во Југославија ни беа достапни федералните кредити и пак бевме тогаш најсиромашната република во федерацијата. А гледам Романците и Бугарите многу фајде видоа од нивната ЕУ-зација…

Македонскиот типичен менталитет кој (потсвесно) одредува за кого гласаат избирачите во земјава и какви политички опции и ветувања имаат кај нив ефект страда од „синдромот на барање на посредник“. Ние, наместо да ја дефинираме крајната цел (повисок стандард) и да се потрудиме самите да ја постигнеме, ја дефинираме опцијата која можеби на некој начин ќе ни го обезбеди тоа некогаш и некако. И чекаме посредникот да дојде нѐ спаси…

2. Како тоа да го постигнеме? Еве некои конкретни и практични насоки за истражување и размислување кои можат многу подлабински и пошироко да дадат одговор на ова важно, парадигматско прашање:

Немаме море – затоа ли сме сиромашни и треба да ги молиме Грците да нѐ пуштаат да извезуваме преку Солунското пристаниште? Ајде да видиме како Швајцарија, која исто така нема море го решава тој проблем – и е држава со една од најсилните економии и консеквентно, со највисок стандард за нејзиното население, не само на европско, туку и на светско ниво гледано. Македонија извезува текстил и челик и земјоделски производи (тутун, вино). Ова се релативно ефтини стоки и за да бидат профитабилни мора да се извезуваат во големи количества (камионски – железнички).

Швајцарија нема потреба од пристаништата на соседните Италија и Франција оти нејзината економија е заснована на скапи високо-технолошки производи кои поради цената со која може да се продадат може да се извезуваат и авионски и пак да бидат профитабилни. Се разбира, Швајцарија ги произведува своите часовници, делови за електронски уреди, прецизни алатки, делови за машини, и хемикалии затоа што таа може да ги произведува, а тоа го постигнува оти има квалитетна високо-образована работна рака. Значи, не ни треба нам море, ни требаат паметни и образовани работници за да бидеме со силен извоз.

Или пак, можеби опкружени сме со соседи кои не нѐ сакаат? Што да кажат Израелците, ако тоа беше толку страшен проблем како што ние си замислуваме, тие досега требаше сто пати да исчезнат. А еве ги, уште се живи и здрави и се држава со висок стандард за своите граѓани. Исто и тие како Швајцарците не се потпираат на ефтин и обемен извоз (немаат енергија доволно за тешка индустрија), ами на економија заснована на знаење која дава профит преку извоз на скапи, високо-технолошки продукти кои ги произведуваат нејзините вешти работници. Но, за оние читатели кои прв пат доаѓаат на мојот блог, многу поелоквентно е објаснето „Што можеме да научиме ние Македонците од Евреите“ во истоимената моја колумна. Прочитајте, а ако веќе сте ја прочитале, погледнете ја пак, можеби ќе ви даде нова инспирација.

3. Кој да го направи тоа? Дали тоа можат да бидат нашите култни политички лидери и нивните верни партиски полтрони, поетски опишани со стиховите „… неспособни кретени и корумпирани дегени, ненаситни бишки со партиски книшки…“

Сигурно нема такви луѓе да нѐ поведат во нови светли победи. Но, ако е тоа така, и ако е тоа очигледно, зошто тогаш постојано ги избираме докажано неспособните политичари и им го продолжуваме рокот на траење во политиката, иако за тоа немаме никакво оправдание? Оние луѓе кои гласаат за партии предводено од осведочени „лопови, вагабонти и мангупи“ – тие околу 40% од вкупниот број на дефакто активни гласачи (оние кои излегуваат да гласаат на избори, не од вкупниот број на запишани избирачи), тие ли се наголемите виновници за доминацијата на шљајм-политичките сили во нашето општество? Или можеби се оние скоро 50 проценти од вкупниот број избирачи кои никогаш не гласаат?

Да се одговори на прашањето за кадровската политика во една држава не е ни малку лесно, но од некаде мора да се почне. За таа тема ги препорачувам моите колумни „Домотворност против домоломност“ каде што основната мисла е дека вистинските лидери на една земја пред сѐ мора да бидат домаќини т.е. да имаат домотворен а не домоломен (параспурски) карактер и менталитет; потоа, погледнете ја колумната „Зошто левицата никогаш не може да биде патриотска“ за да согледате дека некои партии предводени од луѓе со искрени левичарски определби едноставно никогаш нема да можат да бидат домотворни и конечно, за крај, погледнете ја колумната „Заговор или изговор“ особено обрнувајќи внимание на нејзиниот втор дел, оној со наслов „Кој владее со Македонија“.

4. Каде може да згрешиме? Една од основните работи во градењето (со тоа и менувањето) на било чиј менталитет се искуствата, како позитивните така и негативните. Човек кој што нема искуство, тој многу полесно може да згреши, затоа што не се соочил со предизвикот порано, и не знае што да прави. Тоа е чинам – очигледно.

Ама не за сите нас! Во мојата колумна „Стадоумие“ јас го опишав најголемиот проблем со македонскиот типичен менталитет – стадоумноста на мнозинството од народот кој очекува премудар и безгрешен Овчар што ќе го поведе кон благословеното Трло, каде што ќе има готово сено за сите Овци доволно, без да мораат самите да пасат на ливадите планински. Во колумната пак насловена „Најчестите психолошки грешки што гласачите ги прават пред избори“ пишував за заблудите кои ги спречуваат просечните гласачи – кај нас особено – да го направат правилниот избор од која зависи нивната иднина. Дури и во дамнешната колумна „Треска, Вардар, ние и Грците“ зборував за нашата навика сите битни работи да ги сфаќаме обратно, не како што логички следуваат, туку како што некој друг ќе ни каже да ги сфаќаме.

Македонскиот менталитет ќе се ослободи од својата склоност кон правење редовно на погрешните избори кога просечниот Македонец ќе престане да мисли со туѓа капа, и ќе почне да размислува со своја глава. Со фразата „кој ќе ми каже што да правам“ врежана врз нашиот менталитер никаде нема да стигнеме.

5. Што не знаеме, не можеме да копираме и треба да смислиме сами? Секој голем и значаен проект било кога изведен во полето на индустријата, науката, политиката и уметноста содржи во себе некој елемент на оригиналност и неповторливост. Со други зборови, не постои рутински и шаблонски изведено ремек–дело.

Што не знаеме? Не знаеме прво и основно што е тоа што е битно за една нација да стане богата и горда, своја на своето, исправена цврсто пред светот и предизвиците на времето: не знаеме навистина што е тоа патриотизам, не знаеме навистина што е тоа национализам, што е  тоа вистински развој, што е тоа вистински капитализам, што е тоа правда, што е тоа слобода, што е тоа успех, што е тоа реална политика…

Еден од најголемите мислители воопшто во историјата на човештвото, англискиот философ кој живеел на крајот на XVIти век и почеток на XVIIти век, Френсис Бејкон, во својата најзначајна книга „Нов органон“ (=нова алатка) ги запознал своите читатели со четирите основни категории на заблуди („идоли“ тој ги нарекува) кои го спречуваат секој човек да мисли правилно и продуктивно.

Не можеме да копираме патриотско чуство во Македонија меѓу Македонците (како што има меѓу другите успешни нации ширум светот) ако првин не дефинираме прецизно и не разбереме самите правилно што точно е тоа патриотизам за македонските конкретни услови. Не можеме да развиваме капитализам или демократија или правна држава овде кај нас доколку првин суштински не сфатиме што означуваат тие поими, клучни во животот на секоја земја и напредокот на секој народ.

Наредната недела (т.е. четврток), ќе има нова колумна од циклусот за менталитетот македонски која ќе биде посветена на објаснување на идеите на Бејкон за четирите категории заблуди („идоли“) од кои треба да се ослободиме. Во меѓувреме, прочитајте ја колумната која се обидува да го редефинира (поточно, да ја каже вистинската дефиниција) за поимот национализам и за неговите разлики со шовинизмот. Колумната, за оние читатели кои ја пропуштиле, се викаше „Национализмот е чиста спротивност на шовинизмот“. Додека да стигне и таа колумна, ќе видат во меѓувреме деновиве на блогов објавени уште неколку постови на други теми.

П.С: За воведната мисла во денешниот текст голема благодарност му должам на блогерот Роберт Глигуроски. Од друга страна, ако сакате нешто повеќе да научите за проектниот менаџмент, ви препорачувам да прочитате некоја добра книга на темата (од странски автор) или сурфајте ако имате време по интернет (40 милиони web-страници!). Како добра појдовна точка го препорачувам web-сајтот mindtools.com, или барем сајтот на институтот инспириран од најголемиот теоретичар на менаџментот воопшто, легендарниот Peter Drucker.

Written by nenobogdan

07/01/2010 at 20:02

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Промени )

Connecting to %s

%d bloggers like this: