Блогот на Богдан. Нено Богдан!

мој мејл: blogatash@yahoo.com

♦ АНАТОМИЈА НА НЕСПОСОБНОСТА

leave a comment »

Пробни балони во акција

Практично и да не постои проблем во било која организација, било тоа да е мала фирма со едноставно производство или голема структура како што е државната адиминистрација, кој што проблем не е предизвикан од неспособни луѓе. Ним им биле доверени задачи за кои имале силна желба, но слабо знаење за да ги извршат правилно. Што и не би било толку страшно, колку што е страшно што токму неспособните луѓе кои се во позиција на моќ – ги спречуваат навистина способните луѓе да се докажат.

* текстов е првично објавен на 8ми октомври 2009 на http://blogatash.blog.com.mk/node/250227

1. Неспособен е човекот кој што не знае колку е неспособен: ако запрашате било кого за дефиниција за неспособен човек, најголемиот дел од луѓето ќе ви речат дека „неспособен е човекот што не знае да работи некоја работа“. Ова е неточна дефиниција.

Практично никој од нас (обичните луѓе) не знае да вози млазен авион, па не велиме дека сме неспособни. Колкумина од нас знаат да програмираат во некој од компјутерските јазици? Многу малку, само оние што се програмери, ама сепак не велиме дека сме неспособни. Многу малку од нас знаат да зборуваат на кинески јазик, ама не велиме дека сме неспособни преведувачи. Затоа што не велиме ни дека сме преведувачи.

Неспособен е оној кој се занимава со некоја активност а не го бива за таа активност. Неспособен е оној кој има титула лекар, а не знае да лекува. Оној кој има титула продавач, а не знае да продава. Оној кој има титула учител, наставник, академик, а не знае да подучува.

Неспособен е оној кој има титула историчар, а не знае да ја проучува историјата. Неспособен е оној кој има титула економист, можебни и доктор на економски науки е, а не знае ништо за економијата.

Очигледно, прв и основен услов кон тоа да биде човек неспособен е да тврди дека е способен. Затоа, сите неспособни луѓе ќе ги најдете исклучиво кај оние на функција и оние со титула. Не значи дека секој кој е на функција и кој има титула е неспособен, ама секој кој е неспособен – има титула и има функција.

Со други зборови, само богатиот може да банкротира. Сиромашниот не може да изгуби пари оти и нема пари. Само учениот може да испадне глупав, оти од неукиот никој и не очекува нешто паметно да каже.

2. Неспособниот човек на функција одбива да признае дека има поспособни од него: она што нашиот народ разговорно го нарекува „кревање на носот“ е вториот белег по кој се познава неспособниот човек. Просто и едноставно, не постои неспособен човек кој што би признал дека е неспособен, или дека некој друг има околу него кој е поспособен.

Доколку неспособниот функционер или „интелектуалец со богато педигре“ би согледал дека не го бива, дека има некој друг што го бива повеќе од него, тогаш би престанал да биде неспособен. Звучи парадоксално, ама тоа е единствениот лек за неспособноста – да признаеш дека си неспособен.

Кога човек ќе сфати дека не го бива за извршување на задачата која му е доверена, тој станува спремен да повика помош. А кој друг би можел да му помогне ако не некој што стварно го бива, т.е. некој кој е способен за таа работа. Прв чекор кон тоа да научиш, е да признаеш дека не знаеш.

Со други зборови, бидејќи само оној кој има може да дава, тогаш и само оној кој дава навистина има. Или, како што вели поговорката, богат човек не е оној кој има многу пари, туку оној кој парите ги троши. Мерката на богатството не е колку имаш, туку колку уживаш во тоа што го имаш.

Мерката на знаењето или способноста не е колку знаеш или колку си способен, туку колку од тоа знаење го користиш, или колку од своите способности можеш да употребиш. Следствено, оној интелектуалец кој што одбива да го аплицира своето знаење – и живее во строго теоретски свет – тој всушност е неспособен.

3. На неспособниот нема кој да му каже дека е неспособен: ова нешто уште можеме да го наречеме и „проклетството на титулата“. Оти навистина е како проклетство кое го следи низ целата кариера оној кој треба да е признат експерт за некоја работа, а не го бива.

По некое време, откако ќе ја стекне својата титула, човек полека се навикнува на неа и заборава дека титулата е само обична фраза од збор или два ставени еден до друг, се додека не биде фрлена во огнот на реалните предизвици. Ако ги преброди практичните искушенија, само тогаш титулата станува дел од идентитетот на човекот што ја носи.

На пример, за терминот „итар политичар“. Во нашата земја постојат многу политичари присутни на сцената веќе дваесетина години кои имаат богато искуство. Ги знаат сите финти, ги знаат и сите финтаџии. А не се на власт. Владеат со своите партии составени од полтрони, ама не владеат со земјата.

Љубчо, Бранко, Андов, Тачи, Тито… за овие луѓе има општо-прифатено мислење дека се најитрите луѓе и најискусните лица во политиката наша. Тие се носители на титулата „итри политичари“ кои низ сѐ поминале и сѐ виделе. Ако се толку итри, ако се толку искусни, ако се толку мудри, ако се толку способни да се снајдат – оти сите се во опозиција? Беа на власт некогаш, ама тогаш беа млади и го немаа искуството што сега го имаат. И сега, кога го имаат искуството – никако не успеваат да се вратат на власт!

И кога овие докажани лузери ни солат памет, секојдневно советувајќи нѐ од своето богато искуство што треба да правиме а што не смееме да правиме – треба ли да ги слушаме?

Дали луѓето кои им ја признаваат титулата итри политичари на овие луѓе, воопшто знаат што значи зборот „итар“ или зборот „политичар“?

4. Само поразот може да ја разобличи неспособноста: народната поговорка вели дека „во маката јунакот се познава“. Нешто слично може да се каже и за многубројните експерти кои нѐ убедуваат дека се способни за оваа или онаа работа.

Кога лидер на партија ќе ги изгуби изборите, тогаш треба да се повлече од политиката. Не од врвот на партијата само, туку од политиката воопшто. Кога на некој експерт ќе му биде доверено да раководи со некоја институција и кога поради неговата неспособност проектите во институцијата ќе крахираат – тој треба да се откаже од својата титула и никогаш да не споменува повторно дека е експерт. Кога градител ќе изгради зграда која ќе се урне веднаш штом тој ќе ја предаде во употреба – треба да се откаже од својот назив „градител“.

Или, да признае дека не го бива, и да се врати на учење. Да види што пропуштил, да види што погрешно разбрал, да види што не знае.

За да знаеш постојано, мораш да учиш постојано. А за да учиш постојано, мораш да признаваш постојано дека не знаеш.

П.С: Денешниот пост иако може на прв поглед да делува премногу метафизички и философски, сепак е многу практичен и се надевам дека оние што внимателно го прочитаа ќе ја разберат пораката од него. По дух и по суштинска смисла сличен е донекаде на постовите „Десет видови македонска глупавост“ и „Култ на личноста: карактеристики и последици“ како и на запоставениот и речиси заборавен „Аргументум ад хоминем“. Ако не сте ги погледнале до сега, ѕирнете ги.

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Промени )

Connecting to %s

%d bloggers like this: