Блогот на Богдан. Нено Богдан!

мој мејл: blogatash@yahoo.com

♦ БИРОКРАТИЈА

leave a comment »

Подрачна единица на Агенцијата за бескорисни работи и глупави процедури

Зошто се речиси сите државни службеници секогаш нељубезни, мрзливи, склони кон корупција и потполно некреативни, и зошто и покрај малите им плати на кои постојано се жалат, скоро сите млади луѓе сонуваат да се вработат во државна служба? Во денешнава колумна, еве неколку необични размислувања за бирократијата.

* текстов е првично објавен на 11ти ноември 2009 на http://blogatash.blog.com.mk/node/255292

1. Власта намерно сака бирократите да бидат мрзливи и нељубезни: звучи чудно, знам, и бесмислено тврдењето дека власта чиј рејтинг зависи од задоволството на граѓаните кога се соочуваат со администрацијата, намерно се труди да има што е можно понељубезни и помрзливи службеници под нејзината управа.

Но, не звучи чудно кога ќе го ставите во игра еден од основните принципи на човечката психологија, принципот на контрастна перцепција. Овој принцип вели дека луѓето никогаш не споредуваат две работи во однос на некој објективен стандард, ами во однос една на друга.

Што значи ова во пракса? Па, ако власта уште од самиот момент на доаѓање на власт стори сѐ преку закани за намалување на платата, строги контроли, прераспоредување и дури и отпуштање на неквалитетните службеници, тие да бидат љубезни спрема граѓаните и вредни работници, за мошне кратко време граѓаните ќе се навикнат на тоа и нема да обрнуваат внимание на онаа власт која тоа го постигнала.

Но, ако власта им дозволи на своите службеници да станат безобразни спрема граѓаните, се разбира дека граѓаните ќе го почуствуваат тоа и ќе бараат „некој од горе нешто да преземе!“. И се разбира, кога проблемите ќе станат неиздржливи, некој од горе навистина ќе преземе нешто (што инаку требало да се преземе од старт) и тогаш моментално се чуствува огромна разлика.

И така, перцепцијата на контраст е постигната во право време. Гледајќи како вчера се однесувале распашаните бирократи, и како денеска после интервенцијата на политичките газди се опаметиле административците, граѓаните се презадоволни од ставањето ред во целата работа.

Сличен концепт има и при одржувањето на патиштата: ако власта редовно прави сѐ да се одржуваат патиштата во совршена состојба, возачите тоа нема ни да го забележуваат. Ама ако ги остави три години да се распаѓаат, да се створат дупки на секој чекор и луѓето да почнат да пцујат и колнат, кога ќе дојде време пред избори, кампањски сите дупки ќе бидат закрпени и сите возачи веднаш ќе почуствуваат големо подобрување. И впечаток дека „конечно некој од власта реши да заигра со цврста рака, таков човек ни треба!“.

Ова нешто функционира од највисоко до најниско ниво. Градоначалникот во некоја мала општина ќе им дозволи на неговите потчинети да се „понашаат сељачки“ долго време спрема граѓаните, и кога граѓаните ќе се поплакаат (кај градоначалникот) тој ќе ги стави во ред лошите бирократи и ќе биде херојот во очите на граѓаните.

Резиме: народот секогаш сака луѓе што знаат да решаваат проблеми. Затоа, ако нема проблем, дозволи да се создаде проблем и кога ќе го решиш проблемот, ќе имаш ореол на „човек што знае да решава проблеми“. А токму такви луѓе нели, сака најмногу народот.

2. Бирократијата мрази оригиналност и креативност: за многу нешта во животот имаме потреба да најдеме оригинални и нови пристапи за решавање на проблемите поврзани со тие нешта. Токму затоа, залудно е да се бара решението за одреден општествен проблем во помош од државата, оти државата преку својата бирократија е системски неспособна да најде нов начин за решавање на новите проблеми.

Дури и да смисли нов начин политичкиот дел од власта, бирократскиот дел нема да може да го имплементира тоа ново оригинално решение успешно. Зошто?

Затоа што целата суштина на бирократијата е во хиерархиската поставеност нејзина, што произлегува од основниот дефект на сите големи системи – тоа што се големи. Затоа, поради строгата хиерархија која мора да ја има во секој голем систем за да не колабира тој систем, нема простор за креативност и оригиналност.

Многу просто: ако некој бирократ „од рововите“ т.е. од оние што секојдневно комуницираат со граѓаните смисли ново решение за некој проблем што луѓето го имаат, за да може да почне да работи по тој нов метод ќе мора прво да побара (и добие!) дозвола од својот шеф, кој ќе мора да побара одобрение од својот шеф, тој од својот, и така по десетина скалила до самиот врв на хиерархијата.

Тој процес на одлучување редовно одзема многу време, а освен тоа, по системот на глув телефон додека оригиналниот предлог да стигне до врвот (и да се врати надолу одговорот) од него ќе се одземат еден куп од првобитните елементи и секој слој шефови ќе додаде свои интерпретации.

Настрана фактот што бирократот од рововите и нема некој мотив да смисли ново и оригинално решение за задоволување на потребите на граѓаните. Зошто би имал, ако и самиот знае дека од него никој не ни очекува да биде креативен, туку како од најниски дел на хиерархијата – само да слуша наредби од шефовите.

Понатаму, бидејќи секоја бирократија секогаш се екипира по принципот на политички фаворитизам т.е. „нема да напредува оној кој е способен, туку оној што е политички поврзан со владеачката гарнитура“ никој нема никаков ќар од тоа да смислува нови решенија за новите проблеми на граѓаните. Или нови решенија за старите проблеми да може да се решаваат побрзо.

Резиме: бирократијата никогаш не може да понуди оригинално и креативно и со тоа поефикасно решавање на барањата на граѓаните, оти ниту еден бирократ, освен можеби оној врвниот кој треба да излезе од време на време на некакви избори, нема интерес да биде креативен. Само во приватниот сектор, каде што има секојдневна конкуренција има можност да се појави и ефектуира креативноста.

3. Но, бирократијата сака што повеќе нови закони, регулативи, агенции, формулари: бидејќи работењето со формулари и регулативи е она што целото работно време на бирократите им го исполнува, секој би си помислил дека токму бирократите би сакале да има што е можно помалку бирократска работа за нив. Што значи, токму оние кои најмногу време губат со занимавање со „папирологија“ би требало да сакаат најмалку папирологија да има. Ама не е така!

Затоа што токму целата моќ на бирократите доаѓа од нивното интимно познавање на сложената процедура. Ако сите процедури се едноставни и ако за секое барање треба да се пополни само еден формулар со двата основни податока („јас сум тој и тој“ и „барам тоа и тоа“) тогаш ниту еден граѓанин нема да гледа во административците со стравопочит и понизност.

Колку посложена е некоја активност, толку помалку сме склони самите да ја изведуваме и толку повеќе имаме потреба да побараме професионална помош од некој професионалец кој ќе знае како да ја заврши таа работа место нас. Затоа, за да може да опстане бирократијата на своите позиции, таа има органска потреба да има што е можно покомплексна процедура за секоја дури и најситна работа. Бидејќи колку посложена е постапката, толку повеќе ќе има потреба од некој бирократ да ја „менаџира“.

Резиме: погрешно е да се мисли дека едно општество, една држава поточно, подготвува преку својот систем на образование многубројни административци со цел да се справи со многубројните и сложени административни задачи кои се потребни за управување со државата. Напротив, власта создава многубројни сложени административни процедури, дури и кога нема реална потреба од нив, со цел нејзините административци да имаат што да работат и да се чуствуваат моќно во однос на граѓаните.

4. Затоа што бирократијата не постои за да помага на граѓаните, туку за да одмага: баш така, основната цел на секоја бирократска структура не е да овозможи сите работи во државата да одат мазно и брзо, туку да одат полека, бавно, со многу напори, со многу фрустрации, со големи загуби на ресурси (главно време, а со тоа и пари).

Но, не за сите. Само за повеќето луѓе во државата. За оние кои не се политички поврзани со власта.

Основната идеја може да се прикаже сликовито како зграда од сто ката на чиј што врвен кат се наоѓа решението за секој административен проблем, при што единствен начин за повеќето луѓе ќе биде да ги искачат сите скали од приземјето до врвот. Затоа, секој кој што сака нешто да постигне ќе мора да има голема кондиција, оти само така ќе може да се качи до стотиот кат.

Ама, за малкумината повластени и за оние што се спремни да ја платат вистинската цена на вистинските луѓе, има лифт. Тој лифт е официјално поставен за итни случаи, кога навистина има потреба да се заобиколи администрацијата, но итните случаи се ретки и тој лифт во реалноста главно се користи за да им се овозможи на привилегираните да си ја завршат својата работа брзо и едноставно. Додека другите се мачат да ги искачуваат сите скали, сите процедури, еден грст хохштаплери упикани во топлите пазуви на власта – си праат и си траат.

Резиме: наједноставен начин за секоја власт да ги спречи своите политички ривали да дојдат до ресурси да ја симнат таа власт од власт е да ги натера да играат игра по екстремно сложени правила. Додека да се снајдат во лавиринтот на замрсени и контрадикторни процедури, власта на своите пулени ќе им го покаже тајниот премин, преку мала врата да поминат низ лавиринтот и да се доберат брзо до ресурсите кои ќе ги употребуваат за да останат на позиција. Спореден продукт на овој пристап е што не само политичките противници, туку и сите други „неутрални“ граѓани мораат да минуваат низ истиот тој сложен лавиринт, да ги искачуваат тие илјадници скали до врвот на зградата.

5. Од тука и малите плати на администрацијата: стандардната логика вели дека луѓето кои работат било каде било каква одговорна работа се посклони кон корупција доколку имаат помали плати. Затоа, стандардната логика вели дека на оние што имаат задачи со поголема одговорност треба и да им се даде поголема плата, со цел да се намали нивната приемчивост за подмитувачки понуди.

На овој принцип функционира приватниот капитал и така се работи во секоја приватна фирма. Затоа луѓето на повисоки позиции или на работни места каде што има голема можност за злоупотреби имаат и повисоки плати.

Но, што ако во државната служба овој принцип важи обратно? Што ако на државните службеници намерно им се одредени мали плати со цел да бидат подложни на корупција? Од страна на разни „темни“ бизнис структури кои имаат таков интерес и воедно учествуваат во креирањето на системот?

Низ државниот буџет годишно поминуваат десетина пати повеќе пари одошто низ касите на големите телекомуникациски фирми во Македонија, а сепак „директорите“ на државата (т.е. министрите и главните луѓе во јавните претпријатија) работат за плати десет пати пониски од платите на главните луѓе во телекомуникациските компании. Има ли тоа смисла?

Кој тоа интелигентен човек со сиот памет би решил да биде министер во влада и да зема плата од едвај илјада евра месечно, кога со таа интелигенција би можел да стане раководител на некој сектор од некоја силна приватна фирма и да зема десетина илјади евра плата месечно?

Освен се разбира, ако тој интелигентен човек што станал министер, кога прифатил да седне во таа фотеља немал на ум наскоро да почне да „заработува“ со други методи, користејќи ја својата позиција.

А што ако токму тоа е идејата со малите плати на високите јавни функционери? Токму за да се привлечат на такви позиции и впрочем да се привлечат и во политиката да влезат токму нечесните луѓе, токму оние кои се доволно паметни да сфатат дека работејќи валкано во државна служба ќе заработат повеќе отколку ако работат чесно во приватна фирма?

Како што сега се поставени односите со платите во нашата јавна администрација и висока политика, ниту еден единствен интелигентен и истовремено чесен човек нема да сака да се занимава со политика. Ниту еден. Ако некој е интелигентен и чесен, тој ќе бара заработка на чесен начин во приватниот сектор каде што ќе може и да ја најде посакуваната висока плата.

Резиме: Во политиката и во бирократијата единствен начин за еден интелигентен човек да заработува толку колку што би заработувал во приватна фирма е или да краде (наместени тендери) или да зема мито (за да му прогледа низ прсти некому за некои престапи). Кога нашиот систем бил дизајниран, се чини некој намерно го дизајнирал со таа фатална фабричка грешка. Еве еден мој конкретен предлог како тоа да се поправи, почнувајќи од врвот на хиерархијата.

6. Целта на секоја апашка власт е да има што е можно повеќе бирократија: конечно, во оваа последна подточка, може да се објасни и зошто ниту една власт не прави ништо да ги обесхрабри младите луѓе да се запишуваат толку масовно на факултетите кои ќе ги подготват главно за да бидат идни бирократи.

Не дека една држава нема потреба од административци, таман работа, без способни администратори ниту еден единствен систем не би можел да преживее, без разлика дали тоа е јавна служба или приватна фирма. Грст луѓе кои се доволно способни да собираат и анализираат податоци е витален за донесување на правилни одлуки од страна на раководителите на секоја организација.

Ама, кога тој грст ќе се претвори намерно од страна на власта во толпа стерилни бирократи, тогаш администрацијата станува контра-продуктивна. Сепак, толпата партиски паразити на функции е штетна за општеството како целина, но не и за власта која ја создала таа толпа.

Оти, на секоја неодговорна и кусогледа власт ѝ требаат токму што е можно повеќе административци и луѓе кои поради своето образование не се способни ништо друго да работат освен да бидат државни службеници. Бидејќи кога човек е способен самиот да се снајде со своја фирма или во приватна компанија каде ќе може и ќе мора да биде продуктивен, нему не му требаат политичарите и нивните „услуги“. Само на луѓе кои не се способни да се снајдат во приватниот сектор им е потребна милоста и подршката од политичките моќници.

А токму тука лежи моќта на политичарите – политиканти. Во тоа колку што е можно повеќе луѓе да бидат зависни од нивната власт. Затоа и тоталитарниот систем кој со децении управуваше со нашата земја создаде образовен систем кој учениците ги претвораше не во продуктивни граѓани кои знаат да мислат со своја глава туку во незрели луѓе што знаат само да учат на памет, што повторуваат тоа што ќе им се каже и кои очекуваат некој да им кажува постојано што да прават и да ги води некој низ животот.

Нашиот образовен систем е така создаден со фабричка грешка што од него државата нема никаква корист. Тој создава во најголем дел идни полтрони, наместо градители на една посилна и побогата Македонија. Сѐ додека образовниот систем не се промени темелно и суштински, Македонија ќе тоне во бирократската тиња. А како да се реформира системот? Еве една радикална идеја и еве уште една друга радикална идеја.

Некој би забележал дека со толку многу подточки во денешнава колумна, би можел да ги развијам моиве тези во цела една книга. Се разбира дека би можел, ама еден генијален економист тоа веќе го има направено и тоа уште пред неколку децении. Неговото име е Лудвиг Фон Мизес, а неговата книга едноставно насловена „Бирократија“ можете да најдете целата он-лајн (на англиски) со кликање врз линкот т.е. нејзиното име. Навистина вреди да се прочита.

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Промени )

Connecting to %s

%d bloggers like this: