Блогот на Богдан. Нено Богдан!

мој мејл: blogatash@yahoo.com

♦ ВАУЧЕРИТЕ НА МИЛТОН ФРИДМАН: ЗОШТО И КАКО ДА ГИ ВОВЕДЕМЕ КАЈ НАС?

leave a comment »

Неспособниот наставник паразитира на трудот на способните наставници, а на штета на децата

Соочени со катастрофалните резултати што нашите основци и средношколци ги постигнуваат на тестовите кои се меѓународно валидни, многу македонски граѓани (родители) сметаат дека лекот е во поголема инвестиција во образовниот систем. Повеќе пари за школите – повеќе знаење кај учениците. Ама, светските искуства покажуваат дека тоа не е патот кој води кон резултати. Во денешната колумна, дозволете ми да ви ја објаснам за македонски услови идејата на Милтон Фридман, генијалниот економист кој за својот придонес кон економската наука има добиено Нобелова награда.

* текстов е првично објавен на 14ти  септември 2009 на http://blogatash.blog.com.mk/node/246143

Замислете дека живеете во град во кој сите продавници припаѓаат на еден ист синџир маркети. Сите продавници нудат идентична стока, по идентични цени, макар што во некои продавници хигиенските услови се нешто подобри од останатите, а и персоналот е нешто покултурен и пољубезен кон купувачите. За да заштедиме букви, овој синцир на продавници ќе го наречеме „На-Ма“ („народен магазин“) а секоја продавница ќе ја викаме гранапче (кратенка од „градско набавно претпријатие“)

Гранапчињата немаат конкуренција од други синџири маркети. Едноставно, доколку сакате да купувате било што – леб, млеко, сирење, чоколади, зејтин, кошули, пантолони… морате да ги купите строго од вашето локално гранапче.

И уште повеќе, во гранапите имате на рафтовите мошне ограничен вид стока. Еден вид леб од една фурна, еден вид зејтин, еден вид јајца, еден вид кошули (сите во иста боја и сите од ист број!). Уште повеќе, што ќе има на рафтовите одлучува главната управа на „На-Ма“, преку посебна институција која се вика „Биро за развој на образован…“ – пардон „… на трговијата“

Цените во секое гранапче се исти и колкава плата ќе земааат продавачите не зависи од тоа колку купувачи ќе поминат низ продавницата. Со други зборови, продавницата во која некои продавачи ве гледаат попреку додека го броите кусурот што ви го дале и каде што некои продавачи доаѓаат пијани на работа скоро секој ден, им дава идентична плата на своите вработени, како продавницата во која поради повисокото ниво на култура на вработените и на директорот на продавницата – сите се љубезни, се трудат да ги услужат муштериите, продавницата е чиста и сл.

Кои се последиците од еден ваков систем на гранапчиња во составот на На-Ма? Па, бидејќи цените се секаде исти, некои потрошувачи ќе инсистираат да купуваат во гранапчињата со подобар квалитет на услугата. Можеби, ќе организираат и протести па ќе бараат да се отворат осум нови паралелки т.е. рафтови во продавницата во која продавачите се најдобри (најљубезни).

Можеби некои купувачи нема да го сакаат ограничениот избор на неквалитетната стока, на пример сирењето, па ќе ги пратат своите деца на курс по англиски… пардон, да купат сирење од пазар, каде што продавачите се далеку помотивирани да бидат љубезни и да нудат добра стока за своите купувачи (оти ако не се љубезни, или ако продават чкарт – нема да имаат многу купувачи, ако и воопшто).

Во крајна линија, кога нема конкуренција меѓу гранапчињата и меѓу продавачите (сите добиваат иста плата, без оглед на тоа колку се љубезни, дали дошле пијани на работа или пак не ви го враќаат кусурот потполно) и ако немате избор од неколку видови леб, неколку видови сирење, неколку видови чоколадо, пиво, тоалетна хартија – зарем тоа е добар систем?

Зарем тој монополски систем ќе биде ефтин и ќе нуди квалитет? Некој ќе рече дека системот би можел да биде со слаб квалиет, ама барем е бесплатен, и секој ќе може да си земе по еден леб, едно пиво, една конзерва паштета секој ден – ама што ако за тој „бесплатен“ систем сите плаќаме преку нашите даноци? Тогаш не е бесплатен, а ние пак немаме избор и пак сме заглавени со неквалитет, како на производите, така и на продавачите.

Причината поради која На-ма и гранапите пропаднаа со пропаѓањето на социјализмот не беше што тие добија конкуренција во трговските центри и приватните продавници, туку што тие не беа конкурентни и таа конкуренција на можеа да ја издржат.

Со други зборови, конкуренцијата донесе квалитет на услугата и поширок избор на производи. Значи, конкуренцијата е одлична работа.

Ако е тоа така, зошто сеуште ги толерираме На-ма и гранапчињата во нашиот образовен систем? И ако направиме чекори кон тоа да ги укинеме сите социјалистички „придобивки“ кои сеуште ги измачуваат нашите деца кои се принудени да учат во таков еден образовен систем – ако воведеме конкуренција и сосема го либерализираме пазарот на образование – зареме нема да ги добиеме истите бенефити од либерализацијата во трговијата?

Пониски цени и повисок квалитет?

Некој ќе рече дека веќе имаме приватни училишта и дека не се сите родители доволно финансиски моќни да платат за нивните деца да учат во приватни училишта. И тоа е точно.

Меѓутоа забораваме дека државните училишта не се бесплатни. Ние сите веќе плаќаме стотици милиони евра преку нашите даноци кои се слеваат во буџетот за одржување на „бесплатното“ образование. Кое бидејќи е организирано идентично како Народните магазини и гранапите во ерата на социјализмот има и идентично ниско ниво на квалитет на услугата.

Имам пресметано дека во текот на моето школување низ основното и средното образование, вкупно околу 40ина разни учители, наставници и професори по разни предмети ми предавале. Лично се сеќавам на петмина од нив кои доаѓаа на работа пијани и часовите ги држеа во алкохолизирана состојба. Еден од нив имаше обичај да дојде на час со парче креда и да мавне со неа и кого ќе го погодеше, тој ученик беше „испрашуван“ т.е. понижуван пред целиот клас во текот на првите дваесет минути од часот. Друг имаше обичај да ги пцуе учениците. Трет да дава оценки за оние кои ќе му ги исцепеа неговите дрва дома. Четврт имаше неисполнета желба да биде фармер, па секогаш кон учениците се обраќаше со „теле“ а кон ученичките со „гуско“. Петиот доаѓаше на час пијан за да дреме.

Пет од 40 се дванаесет посто!

Јасно е дека лекот за поквалитетно образование е приватизација на процесот и неговата потполна либерализација. Комбинацијата на конкуренција и профитен мотив, ќе овозможи децата во Македонија да стекнуваат повисоко ниво на образование.

Проблемот е во тоа што децата на сиромашните би страдале, оти нивните родители немаат пари да платат за нивното приватно образование.

Тоа е точно само во вториот дел од реченицата, оти првиото дел е лажен. Родителите дури и на најсиромашните ученици имаат доволно пари да го платат образованието на нивните деца, со таа разлика што нивните пари не се во нивните џебови, туку се во државниот буџет, собрани од нивните даноци.

Сѐ додека армијата бирократи во безбројните бироа и дирекции и секретаријати и агенции и сектори и оддели и комисии и комитети одлучуваат како ќе се распределуваат тие пари – ќе имаме монопол во образованието со сите негативни последици од тој монопол.

Идејата на Милтон Фридман што во остатокот од текстот ќе ви ја образложам за наши конкретни македонски услови е – како истите пари, кои се народни пари, да се употребат најефикасно, со тоа што изборот нема да биде во рацете на бирократите туку во рацете на родителите на децата.

Истите оние луѓе што ги плаќаат даноците (не само директните како персоналниот од плата, туку и индиректните даноци преку повисоки цени на секој производ поради ДДВ, акциза, царина…) и истите оние луѓе чии деца најмногу страдаат од неквалитетот на сегашниот систем.

Почетокот е многу едноставен. Се тргнува од двете основни бројки – околу 100 милиони евра годишно кои сега се трошат за платите на вработените наставни лица вкупно во целата држава во сите државни средни и во основните училишта, и околу 300.000 деца во возрасната група од прво одделение до четврта година средно. Секое дете ќе треба да добие блок-ваучер со еднаква вредност. Што значи, за секое дете по 300 до 350 евра.

Познато ни е на сите дека во пониските одделенија децата имаат помалку предмети, додека во повисоките повеќе. Со нешто подобра организација и воведување на факултативни предмети, може да се добие максималниот број на предмети што учениците во највисоките класови би ги имале да биде седум до предмети. Тоа е  разумна бројка.

Што значи дека за секој предмет од блок-ваучерот од 300-350 евра по ученик, ќе се добијат во просек по 40-50 евра ваучер. Велам во просек, оти за некои предмети кои се повеќе застапени во наставата, со поголем фонд на часови може да тежи ваучерот за тој предмет до 70 или 80 евра, а за некои предмети со помал фонд на часови, соодветниот ваучер да биде и 20-30 евра.

Бидејќи во нашата држава постои едно нешто што се вика „деловна способност“ всушност ваучерите нема да им бидат доделени директно на децата, туку на родителите, оти нели тие се постари од 18 години и по таа основа се деловно способни според законот.

Школите наместо гранапчиња да станат трговски центри т.е. наместо целото училиште да биде една голема продавница за купување на образованието, да се подели објектот на „образовни дуќани“ т.е. секој наставник/учител/професор да си добие свој деловен простор во облик на една училница за која ќе плаќа минимална ќирија. Таа ќирија ќе ги покрива трошоците за одржување на објектот.

Во секое такво „дуќанче“ ќе функционира процесот на трговија со знаење на идентичен принцип како во дуќаните за најобична стока во сегашните најобични трговски центри. Ученикот сам ќе избира кај кој едукатор ќе оди да купи едукација за соодветниот предмет, при што плаќањето се врши со помош на ваучерите.

Јасно, за да може да предава/продава по еден предмет, едукаторот ќе треба да докаже пред државна комисија дека е способен и обучен за тој предмет. Тука нема ништо ново, ако лекарите и адвокатите треба да положуваат државен испит, зошто не и едукаторите? Освен тоа, еден едукатор може да добие лиценца и за повеќе од еден предмет, при што претпоставувам дека предметите ќе бидат сродни (ист човек може да предава и биологија и хемија, или математика и физика, или англиски и германски јазик…), при што самиот ќе си има избор во кои термини што ќе предава (според барањата на пазарот).

Важно е да се нагласи дека не само што блок-ваучерот ќе биде поделен на ваучери, туку и тие ќе бидат поделени на субваучери т.е. рати (шест или седум или осум на број) кои рати ќе може да ги исплаќа ученикот на едукаторот кој му продал знаење во изминатите пет или шест недели. Очигледно, школската година ќе мора да се подели на шест или седум или осум периоди, со цел да не се случи еден ученик да загуби цела година кај некој неквалитетен едукатор. Ако не е задоволен од тоа како едукаторот го едуцирал во претходниот период (кој би траел 5-6 недели) во наредниот период може да премине кај друг едукатор, да купува знаење од друг продавач.

Ако некој едукатор (по математика и физика на пример), успее да ги привлече во својот едукативен дуќан во текот на целата учебна година вкупно стотина деца од неколку одделенија (или класови) тој ќе може да кешира шест до седум илјади евра годишно бруто плата, ако не и повеќе. Тоа е реална бројка: ако децата имаат по 5 часа неделно од тој предмет, ако тој одржува по шест часа дневно пет дена во неделата, и ако во секој клас има по 20 ученици, значи тој може да одржи вкупно 600 часа*ученик неделно, а бидејќи секој индивидуален ученик има потреба од 5 часа неделно, еден едукатор теоретски, со умерен труд би можел да опслужи 120 клиенти. Некои за математика, некои за физика, некои имаат потреба од повеќе часови – кои може да се наплатат и со дополнителни средства надвор од ваучерската сума, и слични модификации. Како што бара пазарот, така ќе си се прилагоди секој едукатор сам по свој избор.

Накратко, суштината на идејата е многу едноставна: наместо како досега државата да купува образование и да им го дава на децата како што бирократите мислат дека треба, нека им ги подели парите (што сега ги троши за наставнички плати) на децата и тие самите во координација со своите родители да си одлучат од кого, какво, колку и кога ќе купуваат едукација.

Контрола на квалитетот: ова е каменот на сопнување и по мое искуство (кога усно сум им ја образложувал идејата на други луѓе) главната замерка, водечкиот аргумент против приватизацијата/либерализацијата во образованието. Имено, ако им дадете на децата самите да си бираат кој едукатор ќе ги едуцира – тие ќе изберат да отидат кај најмекиот, најмрзливиот, најпопустливиот учител/професор/наставник кој што нема ништо да ги научи, а за да ги лапне нивните ваучери ќе им пише на сите петки. Кој ќе докаже дека не ги заслужиле оценките или дека тој не им дал знаење?

Тоа очигледно е огромен проблем, но не е толку огромен ако го решите преку комплетно одделување на образованието и оценувањето. Во судството е применет овој принцип и затоа кај нас (формално – правно барем) не важи она „кадија те тужи, кадија те суди“. Ако кадијата те тужи, тогаш тој има интерес да ја добие тужбата и следствено ако истиот кадија те суди тој секогаш ќе те осуди.

Исто е и во сегашниот систем на образование – каде што ако едукаторот има интерес да ти даде добра оценка сигурно дека ќе ти ја пише, па заслужил ти или не. Е за да се избегне тоа, со ваучерскиот систем учителот станува само и исклучиво учител – а не и оценувач. Значи, еве еден можен бенефит што учениците ќе ги привлече кон ваучерскиот систем – нема веќе испрашувања, нема веќе ненадејни тестирања, нема веќе писмени.

„Ама, како ќе знам тогаш дали едукаторот на моето дете му обезбедил соодветна едукација, ако нема тестови“ – ќе праша загрижено секој родител. Одговор на ова е дека контролата на квалитетот на продаденото образование ќе се проверува комплетно независно. Преку стандардизирани писмени тестови кои ќе се изведуваат на крајот на секој период, при што прегледувањето на тестовите ќе биде во најголем дел компјутерски (дел ќе биде и рачно, ако треба нешто да се провери дали е добро нацртано, дополнето, напишано и сл.).

Се разбира, постои и опција да има усмен дел на тестовите, да одговара ученикот пред комисија од испитувачи за да се надополни писмениот текст, но – да бидеме реални, усменото испрашување секогаш е отворено за многубројни недоследности, произволности и по таа основа, за манипулации, и треба затоа да се избегнува. Ако некој тип на оценување не е објективен, тогаш е неправеден и затоа не треба да се прави.

Значи, во септември, родителот одлучува (слушнал од пријател/сосед дека дотичниот едукатор е многу добар) да го прати своето дете да учи некој предмет баш кај тој едукатор и му дава субваучер на едукаторот за наредните четири – пет недели образование. После пет недели, детето оди на тестирање – објективно и независно изведено, и од таму добива родителот официјален допис за постигнатите резултати на детето по соодветниот предмет. Доколку родителот е задоволен од оценката може за наредниот период од 4-5 недели пак да го прати своето дете кај истиот едукатор. Ако не е задоволен, може да го прати детето во наредниот период кај друг едукатор и да им каже на своите соседи и познаници дека бившиот учител/наставник за ништо не го бива.

А што ако детето и покрај сите обиди на едукаторот не сака да научи? А и зошто би учело, ако предметите  се сами по себе здодевни, ако и покрај сите обиди на едукаторот да ја направи математиката интересна таа останува досадна? Бидејќи се деца, не можеме да очекуваме тие да можат да сфатат дека тие знаења можеби многу ќе им требаат некој ден.

Што ако децата не се мотивирани да учат? Со ваучерите ја обезбедуваме мотивираноста на едукаторите да ги едуцираат децата. Оној едукатор кој нема да знае да едуцира добро, да обезбеди кај своите муштерии т.е. ученици соодветни знаења кои ќе се покажат на тестовите, постепено ќе ја загуби репутацијата и ниту еден родител нема да прати свое дете кај него. Оној едукатор кој ќе знае да ги едуцира децата кои дошле во неговиот дуќан да купат знаење – ќе има сѐ повеќе муштерии и сѐ повеќе пари.

А што стана со мотивираноста на учениците, што нив ќе ги привлече да учат здодевни ама потребни предмети и како да ги натераме да не кикснуваат на тестирањата? Јас за начинот на кој може да се обезбеди мотивираноста кај учениците да учат пишував своевремено во колумната „Сто милиони евра за учениците“. Кој не ја прочитал, нека ја прочита, оти таа е комплементарна со оваа колумна. Комплементарна како олово и цинк, како леб и сол, како есдеес и корупција, едната без другата не оди.

Доколку го решиме проблемот со мотивацијата кај едукаторите, и доколку го решиме проблемот со мотивацијата кај оние што треба да бидат едуцирани, доколку обезбедиме конкуренција и профит за најдобрите и едукатори и едуцирани, нема да ни требаат ниту компјутери за секое дете, ниту бесплатни превози до школо, ниту бесплатни учебници, ништо ништо. Пазарот и конкуренцијата ќе обезбедат сѐ што треба.

Оперативните трошоци се 200 милиони евра годишно, што е само 8% од буџетот, т.е. 4% од GDP на земјава (и тоа целосно во денари, па нема да го зголемат трговскиот дефицит). Во прво време, капиталните трошоци т.е. градењето на училиштата, ќе си останат во државни раце, но и таму постепено ќе се воведе приватната иницијатива, како што ГТЦ е изграден на времето од државата а сега во него се приватни дуќаните, а „Рамстор“ е изграден од приватен капитал и има во него приватни дуќани.

Со оваа сума може да се подигне значително квалитетот на образованието во основно и средно. Во двете колумни посветени на тоа, едната гореспомената со субвенциите за учениците, и оваа со ваучерите за наставниците, се покриваат тие два степена на образованието. За високото образование ќе пишувам во некоја наредна колумна. Принципот на реформи е горе – доле ист, но има одредени детали кои заслужуваат посебен осврт.

Жал ми е што морам ова да го кажам, но сите реформи што сегашната влада досега ги спроведе и почна да ги спроведува во образованието се потполно промашени. Ниту една од нив не придонесе и нема да придонесе за подобрување на образованието. Ниту една. Практично сѐ што се обидува нашиот добронамерен премиер да направи, веќе е пробано во Америка и не дало резултати – не го зголемило нивото на знаења кај учениците. Впрочем погледнете го овој многу интересен и поучен документарец за промашените реформи во американските јавни училишта. Реформите им личат на нашите сегашни обиди, а верувам дека крајниот ефект ќе биде и кај нас подеднакво незадоволителен.

Целта на образовниот систем е да им обезбеди знаења на учениците. Ако реформите кои ги прави една влада во образовниот систем не придонесуваат кон тоа – што фајде од нив?

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Промени )

Connecting to %s

%d bloggers like this: