Блогот на Богдан. Нено Богдан!

мој мејл: blogatash@yahoo.com

♦ ВТОР ПРИСТАП: КАКО ДА СЕ ЗБОГАТИ МАКЕДОНИЈА?

leave a comment »

Овој архитектонски дизајн е еден од најкопираните во модерната монументална архитектура. Затоа што се покажал за добар. А истото важи и за слободниот капитализам како систем на принципи за економски развој на една држава. И тој треба да се копира.

Еве една интересна група на места: Хонг Конг, Сингапур, Австралија, Ирска, Нов Зеланд, САД, Канада, Данска, Швајцарија, Велика Британија, Чиле, Холандија… А еве и друга група на интересни места: Северна Кореја, Зимбабве, Куба, Еритреја, Бангладеш, Јемен, Сиера Леоне… Според две работи, Македонија е поблиску до втората група отколку до првата група. Првата работа е животниот стандард, кој е многу низок и кај нас и кај земјите од втората група. Втората работа по која сме слични со втората група е – ниското ниво на економска слобода. А земјите од првата група имаат највисоко ниво на економска слобода во светот. Следствено, и највисок животен стандард.

* текстов е првично објавен на 2ри јули 2009 на http://blogatash.blog.com.mk/node/236742

Како да се дефинираат поимите „слобода“ и „правда“ во економска смисла? Ако се послужиме со симболи, наједноставно би можеле да ги дефинираме овие два поима со фразата: „економски слободен човек е оној кој што во сопствената нива може да посее какво сака жито, но економска правда би било да кога ќе дојде време за жетва самиот го ожнее она што го посеал“. Што значи ова?

Под симболот „сопствена нива“ се мисли на склопот на способности, знаења, таленти и достапен капитал од било кој тип кои што еден човек ги има, а под симболот „сење жито“ се означува дека тој може да ги искористи („сеење“) тие свои потенцијали („жито“) како што самиот ќе одлучи дека е најдобро за неговиот интерес.

Од друга страна, поимот „„економска правда“ дефиниран преку симболот на жнеење означува дека човек кога по своја слободна волја ќе направи некоја инвестиција со своите потенцијали, тогаш тој мора да ги сноси самиот последиците од својата погрешна инвестиција или, ако направил паметен избор, да му биде дозволено да ужива непречно во плодот од својот труд. Така оној кој „жнее самиот што посеал“ ќе може да жнее негативни резултати ако посеал погрешно жито, или позитивни ако посеал добро жито.

Сега првин ќе го објаснам поимот „економска слобода“ со конкретни параметри, а потоа и „економска правда“ како тоа конкретно треба да изгледа во едно општество.

Што е тоа економска слобода? Според американскиот институт „Heritage“ кој што секоја година објавува индекс на економската слобода според кој ги рангира практично сите држави во светот, постојат десет полиња на економскиот живот во кои што десет полиња една држава може да има различни перформанси и според нивните критериуми, секоја од тие сфери носи посебна тежина во генералниот пласман и со освоените бодови од секој дел, секоја земја добива општа оценка за степенот на економска слобода кој владее во неа.

Да не го „тупам“ премногу, листата на која се рангирани државите од целиот свет според индексот на нивната економска слобода е на овој линк, и ве поканувам да ја погледнете таа листа составена од оваа реномирана институција со светско реноме. И добро да ја проучите.

Македонија според својата економска слобода е после Киргистан (!), Турција, Италија и Кап Верде (кај нас познати и како „Зеленор’тски Острови“) а пред Парагвај, Фиџи, Грција и Полска. Некој ќе рече дека Грција и Полска имаат повисок стандард од нас, а се после нас по степенот на економската слобода, но да не заборавиме дека листата е за 2009та година, кога Македонија направи големи чекори кон подобрувањето на деловната клима, а Грција сите знаеме дека беше во изминативе 30 години најголем корисник на финансиска помош од ЕУ.

Ако ги погледнете првите десет земји од листата и ако ги споредите со последните десет земји од листата, ќе добиете впечаток дека таа прилично добро предвидува кои држави ќе имаат висок стандард за своите граѓани, а кои низок. Први се Хонг Конг и Сингапур, а последни се Северна Кореја и Зимбабве.

Хонг Конг и Сингапур имаат нула природни ресурси, имаат огромна густина на население, имаат релативно гледно доста лоша географска положба (Сингапур има толку непријателски настроени соседи што моментално е еден од најголемите купувачи – во апсолутни суми – на оружје во светот, а има и свои војници во Афганистан, со тоа обезбедувајќи го стратегиското сојузништво со САД!), немаат сопствени извори на енергија, но сепак се места со исклучително висок стандард на живеење за сопствените жители.

Северна Кореја и Зимбабве од друга страна имаат одлични природни услови за развој, не се премногу густо населени, Северна Кореја се наоѓа помеѓу Кина, Јужан Кореја, Јапонија и Тајван, земји со екстремно висока стапка на економски просперитет или брз развој кон тој просперитет, а самата Северна Кореја е крајно сиромашна, дури и нејзиното население гладува. Зимбабве своевремено беше толку просперитетна држава што извезуваше храна (исклучително ретка појава во Африка), имаше речиси стопроцентна писменост на своето население, висока стапка на економски раст… а сега е држава со економија во слободен пад, со инфлација од милијарди проценти месечно, политички хаос, и очајна сиромаштија за сопствените граѓани.

Одличната географска положба на Куба (веднаш до САД кој е огромен потенцијален пазар за нејзините производи) и прекрасната клима очигледно не ѝ врши работа на земјата со која веќе половина век владеат комунистите под водство на браќата Кастро. Безграничните природни ресурси со кои располага Демократската Република Конго не му помогнале да створи висок стандард за своите граѓани. А пак, тоа што Сингапур се наоѓа на еден карпест, неплоден и сув остров среде непријателски наклонетите Малезија и Индонезија, чии политички лидери постојано во демагошки цели се закануваат пред своите избирачи дека „наскоро крајот ќе му дојде и на горделивиот и безобразно богат Сингапур“ – очигледно не го спречило да оствари економска благосостојба на која секој би ѝ позавидел.

Очигледно, имањето на слобода за почнување на сопствен бизнис, некорумпирана власт која не се меша премногу во деловниот живот, стабилна валута, предвидлива трговска и даночна политика со ниски даноци, заштита на правото на имот и на слободниот пазар на труд неоптоварен со безброј регулативи и бесмислени ограничувања е – добро за економскиот развој на една држава.

Ако морате да молите сто бирократи и да поминете пред двеста шалтери неколку месеци за да добиете конечно после триста извадени документи и илјада ударени печати на исто толку копии од тие документи за да смеете да почнете свој бизнис, и ако за секој ден од вашето работење ќе треба да плаќате мито на десетина страни, ако од својата сопствена фирма не смеете да отпуштите некој мрзлив или неспособен работник без да поминете низ мал милион процедури за да ѝ докажете на некоја државна институција дека имате право да го отпуштите тој работник, ако вашиот имот може во било кое време без посебно објаснување да ви го лапне државата или конечно ако за мизерната „заштита“ на вашиот бизнис морате да ѝ плаќате на владата огромни даноци, а вашиот профит е во валута која што постојано ја губи својата вредност поради инфлаторната политика на монетарната власт – е тогаш вие и вашата земја со вас нема да имате економски развој. А со тоа и граѓаните на вашата земја нема да постигнат висок стандард на живеење.

Што е тоа економска правда? Економска правда не е „од секого според можностите, а на секого според потребите“ или уште помалку „за сите да е еднаква платата“ туку „што си посеал, тоа да жнееш“.

Мислам дека ние под импресија на симболот за правда (жена која има врамнотежена вага во рацете) ја поистоветуваме правдата со еднаквоста. А правдата и еднаквоста не се исти работи, оти ако беа исти, немаше да има два збора за една иста работа.

Затоа, кај нас а и во другите сиромашни и неразвиени земји во светот, постои кај многу луѓе силен анти-капиталистички менталитет, без тие луѓе да знаат што всушност е капитализмот.

Капитализам, оној вистински капитализам, е кога јас имам нива, и мојот сосед има нива, а ти имаш трактор, ако јас ти понудам 100 евра за да ја изораш мојата нива, а соседот ти понуди само 50 евра да ја изораш неговата нива – ти како сопственик на тракторот да бидеш слободен да одбереш да ја изораш со својот трактор која сакаш нива. Најверојатно, ако немаш некакви лични кавги со мене и мојот сосед, ќе одбереш да ја изораш мојата нива, оти јас подобро плаќам.

Анти-капиталистичкиот менталитет вели дека не е фер, не е праведно да оној кој помалку има да плати да добие полоша услуга или да не добие услуга, за сметка на оној кој има да плати. Затоа, анти-капиталистичкиот менталитет бара од државата да ми нареди мене да ѝ платам 25 евра како казна т.е. данок, потоа тие 25 евра да му ги даде државата на мојот сосед па така јас да имам 75 евра (100 – 25), а тој да има сега исто 75 евра (50 + 25) и така и двајцата ќе можеме да понудиме иста цена за трактористот. И чија нива ќе ја изора трактористот, ако поради објективни причини може само една нива да изора?

Па ако сум паметен јас, со мојот капиталистички менталитет ќе му понудам ваков договор: да ми ја изора мојата за 75 евра годинава, а јас догодина ќе му понудам 80 евра (ако и тогаш пак државата ме тера да плаќам неправедни даноци!). Бидејќи јас сум можел уште во старт да му понудам подобра цена, тој нема причина да не ми верува дека ќе успеам догодина да најдам толку евра.

Но мојот анти-капиталистички сосед смета дека тоа не е фер, дека не е праведно, и не можејќи да го убеди трактористот да му ја ора нивата за две години по 75 евра (тој ќе понуди 150 а јас 155 за двете години) тој ќе побара од државата со закон ја ограничи максималната површина што еден тракторист смее да ја ора во една нива. Значи, ако трактористот смее да ора само 50% од имотот на било кој земјоделец, тој ќе мора да ја прифати и понудата на соседот. Комшијата ќе добие половина нива изорана, ама барем дел ќе добие, а не ич како со првичната опција.

И тоа е фер? Тоа е праведно? Многу луѓе би рекле – да! Но, зарем е фер додека јас сум ограничуван од страна на државата таа активно да му помага на мојот сосед кој и онака не го бива за земјоделие? Зошто сметаме дека е фер ако се казнува успехот и способноста, а се наградува и подржува неуспехот и неспособноста? Зошто со моите приходи јас треба да му плаќам (посредно преку даноци) субвенции на неспособниот сосед кој не е кадран сам да си ги заработи парите?

Праведно и фер не е државата да зема од поуспешните и да им дава на понеуспешните, туку да им обезбеди на сите луѓе еднакви права пред законот т.е. да можат сите да уживаат во плодовите на својот труд без страв дека ќе бидат казнети ако имаат премногу плодови. Што си посеал, да имаш право да ожнееш сам.

Ако сееш триесет години пушење по две пакли цигари на ден, немој да сметаш дека е неправедно ако после триесет години само-труење добиеш рак на белите дробови. Ако сееш пиење алкохол во обилни дози со децении, немој да сметаш дека е неправедно што си добил цироза.

Ако некој пијан возач те удрил со својот автомобил тоа не е твоја вина и треба да имаш право на бесплатно лекување за тие повреди, но ако си пушел цел живот и сега имаш рак, ако си јадел мрсна хрна во обилни количини, а не си бил физички активен и сега имаш затнати артерии на прагот на срцев удар – треба ли некој друг да плаќа за твојата долгогодишна незаинтересираност за живеење на здрав живот?

Ако при инвестирањето донесуваш постојано погрешни одлуки, немој да сметаш дека е неправедно некој друг да одбие да плаќа за твоите грешки. Ако на изборите гласаш за погрешна партија, немој да викаш дека демократијата не чини кога таа партија ја води државата погрешно. Ако не учиш школо кое ќе ти обезбеди самиот да најдеш работа, немој да сметаш дека пазарот е нефер кога на пазарот не можеш да најдеш работа со твоето образование.

Слобода во образованието е кога можеш да избереш кој сакаш факултет да го студираш. Правда во образованието е кога со твојата диплома ќе треба сам да си бараш работа, а не да очекуваш државата да те вработи како бирократски паразит.

Слободата не е хаос, и правдата не е тиранија. Слобода е кога смееш самиот да донесуваш одлуки за сопствениот живот и да располагаш со сопствениот имот како што сметаш дека е најпродуктивно. Правда е кога ќе мораш да ги трпиш самиот последиците од своите одлуки. Ако си направил добра одлука – да имаш право да уживаш во својот профит. Ако си направил погрешна одлука, ти самиот (и никој друг) да ги плаќаш трошоците на својата грешка.

Патот кон економската благосостојба и високиот стандард за македонските граѓани не е мистерија и не непознат. Десетици држави ширум светот со најразлични климатски, географски, природни, историски и политички услови го пробале и постигнале успех. Тоа е патот кон поголема економска слобода и поголема економска правда. Ако сакаме Македонија да биде богата земја, со граѓани кои ќе уживаат во економски просперитет – треба и ние да тргнеме и да се движиме по патот на економската слобода и правда. Така ќе се збогати Македонија.

П.С: На оваа тема претходно напишав две колумни, кои се викаат „Како да се збогати Македонија“ и „Митови на геополитиката: што ја прави една земја богата“. Погледнете ги, ако до сега не сте ги виделе. Има во нив што да се прочита и има од нив што да се научи. Првата колумна може да се сфати и како претходник на денешната, оти во неа се опишува како државата може да им помогне на сопствените граѓани да дојдат до сопствена „нива“ (преку инвестирање во образование, здравствена превентивна заштита и екологија, инфраструктура, стабилна и правна држава…). А во денешната колумна заклучокот беше дека откако ќе дојдат до „нивата“, граѓаните треба да бидат оставени самите да ја „копаат“, „ораат“, да ја „сеат“ со што сакаат и да го „жнеат“ тоа што го „посеале“.

П.С: Заклучно со денешната колумна практично се навршува една година од моето блогирање. Минатата година на седми јули го започнав мојот блог и оваа година би сакал токму на седми јули да објавам еден јубилеен пост. Тоа нема да биде класична колумна, но сепак ќе биде едно интересно согледување, кое ве поканувам да го погледнете во вторник, токму на овој блог.

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Промени )

Connecting to %s

%d bloggers like this: