Блогот на Богдан. Нено Богдан!

мој мејл: blogatash@yahoo.com

♦ ГРЕШАМОВИОТ ЗАКОН

leave a comment »

Толку многу пари, толку малку вредност

Овој закон, познат на скоро секој економист, не е некоја одредба што нашиот или било кој парламент ја донел, туку напротив, е основен принцип во економијата кој многу влади и владетели низ историјата сакале да го спречат да дојде до израз, но бидејќи е научен принцип, тој секогаш во реалноста се покажал посилен од било кој официјален декрет. И уште поважно, неговата примена е многу поширока и во секојдневниот живот.

* текстов е првично објавен на 10ти декември 2009 на http://blogatash.blog.com.mk/node/259537

Овој принцип името го добил по Томас Грешам, еден англиски државник кој живеел пред неколку векови и кој забележал дека сите мерки за вештачко зголемување на количеството на пари во државата биле неуспешни на долг рок.

Имено, неколку децении пред Грешам да го формулира принципот преку зборови: „лошите пари ги истеруваат добрите (од циркулација)“ англиските владетели, соочени со масивни трошоци и дефицити во своите буџети поради расипничкиот живот и постојаните војни, се сетиле парите што содржеле и до 90% злато да ги повлечат од циркулација и да ги претопат во легура која ќе содржи 60% или 50% или помал удел на злато, и од таа легура да исковаат исти такви по форма и големина пари, но се разбира со многу помалку злато во секоја индивидуална паричка.

Поради тоа што со исто вкупно количество злато се правеле повеќе парички со помал удел на злато во секоја од нив, можело да се исковаат многу повеќе парички отколку што биле потребни парички за да се добие од нив златото.

Се разбира, кога еднаш ќе се почне со разредување на монетите, не може да се престане, оти секој нов владетел сака да го повтори трикот и постепено секоја нова генерација монети содржи сѐ помалку и помалку злато. Конечно, се доаѓа до ситуација да има „златници“ кои практично и не содржат злато!

Бидејќи во минатото златото како метал имало вредност и надвор од неговата употреба како пари, обичниот народ на ваквото разредување на валутата реагирал на единствениот логичен начин: кога и да му паднела било кому во рака монета со поголемо количесвто злато во неа („добра пара“) таа ја ставал на скришно место, а даноците кон кралот ги плаќал во најскапаните монети што можел да ги најде, кои содржеле најмалку злато иако номинално требало да имаат иста вредност како оние со голем златен удел во нив.

Во сегашниве времиња кога парите не се златни ами од хартија и хартијата испечатена со бројки и слики на неа нема вредност доколку тоа парче хартија не го признаваат за пари, Грешамовиот закон сеуште е во сила, и тоа во истите ситуации. Кога владата ќе сфати дека нема пари доволно во својот буџет поради растрошноста и расипништвото свое, таа почнува да печати повеќе пари од своја валута одошто економијата може да покрие, и со тоа создава инфлација. Постепено, луѓето сфаќаат дека домашните пари не вредат како порано, па доколку има падне во раце некоја странска цврста валута (евра, франци, фунти, долари) тие пари ги ставаат „под перница“, а даноците и долговите ги плаќаат со домашната валута која за друго и не е корисна.

Тоа е Грешамовиот закон во светот на парите.

Како изгледа тој надвор од таа сфера, во секојдневниот живот? Погледнете ги политичарите, новинарите, експертите, медиумските личности, и размислете за последниве две децении на плурализам во земјава. Зарем не може да се рече дека „Лошите луѓе ги истераа добрите луѓе“?

Овде под „лоши“ не се мисли на „зли“ туку на оние безобразни, лигави, полтрони, лузери, копуци, кретени, мегаломани, спонзоруши, анти-таленти, досадни шупци и корумпирани ќутуци кои непрекинато го окупираат јавниот живот во земјава. На телевизија, на радио, по весници, во политиката, бизнисот, естрадата – невозможно е да најдете асален човек.

Затоа што асалните луѓе („добрите“) налик на добрите пари од Грешамовиот закон се тргнати на страна за да не се извалкаат од непрекинатата помија која тече од ликот и делото на „лошите“.

Веќе не е доволно некоја пејачка да пее лесни певливи хитчиња и да има големи гради со силиконска основа. Сега секоја спонзоруша го може тоа. Сега ако сака да биде забележана некоја певаљка, мора да пушти порно-клип на интернет.

Веќе не е доволно некој водител на квиз или забавна емисија да биде потпросечен актер со каков-таков талент за импровизација. Не, тој сега мора да користи сленг потполно неразбирлив за повеќето гледачи, само за да биде забележан. Ако на телевизија налетате на човек што нормално изгледа и нормално зборува, веднаш го менувате каналот, зарем не? Оти, што може необично да каже човек што изгледа обично и зборува со обичен глас?

Најстрашна е оваа појава во политиката и во сферите кои гравитираат околу политиката, пред сѐ новинарството и медиумите воопшто. Доколку сака некој политичар да добие било каков рејтинг и подршка од гласачите, тој мора да им нуди необични и глупави идеи кои немаат никаква шанса да се исполнат во реалноста дури и ако добие неговата партија апсолутно мнозинство. Кај новинарите и аналитичарите ова е уште полошо, оти тие не може да кажуваат нормални и интелигентни изјави, туку тропаат глупости и бараат спектакли и сензации за да бидат забележани, познати и барани.

Со сета почит кон ставот што повеќето луѓе го имаат (т.е. имаме) кон идеите на Геро, Фрчко, Милчинот, Зомбито и другите од тоа „сумњиво друштво из тамног угла кафане“, но да не беа овие луѓе толку скандалозни зарем некој ќе им обрнуваше внимание? Или да го земеме другиот крај на спектарот со Светскиот Македонски Конгресмен Број Еден како најекстремен пример? Ќе го знаеше ли некој него да не изнесуваше во јавноста неостварливи и нереални идеи на секои два-три месеца?

Има ли надеж, сепак? Има, има. Да се вратиме пак во светот на парите каде што Грешамовиот закон после долга злоупотреба на владата на домашната валута доаѓа до својот логичен заклучок.

Кога инфлацијата на домашните пари ќе стане толку голема што тие веќе ништо не вредат, станува невозможно да се врши било каква размена со нив. Никој не ги прифаќа оти немаат никаква вредност. И тогаш што прави обичниот човек? Се свртува кон „добрите пари“ пак, и само нив ги користи исклучиво во трговијата.

Во Србија за време на инфлаторните години од времето на Милошевиќ, кога дојде ситуацијата за една векна леб да морате да платите стотина милијарди динари спакувани во едно купче пари од сто банкноти по милијарда динари секое книвче, луѓето престанаа да продаваат во приватниот сектор било што за динари, и се свртеа кон марките германски. Секоја цена за дури и најобичните продукти беше изразувана во марки.

Како кај нас впрочем, каде што и кога ние имавме инфлација сите работи ги ценевме во марки, а по навика денеска сеуште за поголемите купувања зборуваме во евра. Ниту една кола во Македонија не чини шесто и дваесет илјади денари, иако има автомобили што можеме да ги купиме за десет илјади евра. Иако се тоа дејуре истите цени, ние дефакто не ги калкулирме за исти.

Кога некој политичар ќе украде преку наместен тендер нешто над деветстотини милиони денари, ние не велиме дека украл милијарда, туку околу петнаесет милиони… евра. Еден стан иако го плаќаме во милиони денари, сепак го пресметуваме во десетици илјади евра.

Во сферата на медиумите и политиката мислам дека сме на добар пат да дојдеме до таква состојба. Погледнете го рејтингот на СДСМ: без оглед што и да направат или да кажат или да предложат како решение или идеја – бескорисно им е, оти никој не им верува. Тие се „денарите“ во нашиот свет на „евра“.

Или погледнете ги медиумите: кој уште им верува на прогрчките новинари и уредници кога непрекинато шират анти-македонска пропаганда од сите можни извори на информирање и дезинформирање? Никој, иако три четвртини од медиумскиот простор е окупиран токму од нив. Најгледаната телевизија и најчитаниот дневен весник, па дури и на најчитаниот политички неделник се против актуелната влада и упорно го промовираат менувањето на името како единствен спас за државата.

И? Рејтингот на владеачката партија и личниот рејтинг на нејзиниот лидер никогаш не биле поголеми, а истото важи и за ставот на граѓаните против менувањето на името.

Таквите новинари и нивната пропаганда се нашите „денари“ во светот во кој ние работиме со „евра“.

Инфлацијата во една држава настанува кога власта има преголеми трошоци поради расипничкото и неодговорно однесување и таа мора или да ги кове одново златните монети со помал удел на злато во нив (во минатото) или да печати пари кои не може да ги покрие со девизните резерви  (денеска).

Инфлацијата во медиумите и во политиката и културата настапува кога општествените фактори забораваат на своите сопствени долгорочни интереси и се обидуваат со трикови и финти да се доберат до краткорочно значење, профит и моќ по секоја цена.

Кога телевизиите во недостаток на оригиналност промовираат дебели момчиња облечни како жени за најгледани водители. Кога пејачките во недостаток на талент својата популарност ја градат со силикони и порно-клипови. Кога партиите во недостаток на решенија се потпираат на демагогија без трунка реалистичност. Кога новинарите во недостаток на истражувачки дух наместо информации сервираат пропаганда од партиските штабови.

Инфлацијата на парите ефективно престанува во оној миг кога никој веќе не сака да ги користи парите оти никој не гледа било каква вредност во нив. Тогаш ги користи исклучиво странските пари кои не биле подложни на инфлацијата. Исто и со нашите медиуми, кои удавени во својот кич и манипулации се сѐ помалку гледани од странските телевизии кои сеуште ни се достапни на кабловска.

Грешамовиот закон кој секогаш важи во светот на парите, се чини важи и во светот на медиумите и политиката. После двесет години како нормалните и чесни луѓе им го отстапуваат местото на будалите и галамџиите, се чини како тој тренд да стигна до своето дно, и од сега сѐ почесто ќе гледаме здрави и саглам луѓе во јавниот свет. Се надевам дека во 2010та и оваа држава ќе станува посаглам.

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Промени )

Connecting to %s

%d bloggers like this: