Блогот на Богдан. Нено Богдан!

мој мејл: blogatash@yahoo.com

♦ ДА СЕ ЗАБРАНИ… АМА ЏАБЕ!

leave a comment »

Иако на сликата имаше и сеуште има само еден оседлан коњ, поради мојата интервенција врз неа, секој што ќе ја види сликата фактички ќе ја сфати како саркастичен дијаграм на македонското општество. Тоа е разликата меѓу „де јуре“ и „де факто“, која што разлика, за жал, за многу посериозни работи многу македонски граѓани не ја разбираат. Па велат дека добро би било да се забрани:

* текстов е првично објавен на 2ри  септември 2009 на http://blogatash.blog.com.mk/node/244423

1. Судија да биде член на партија: основната идеја која стои зад желбата да се забрани вакво нешто е верувањето дека на тој начин судиите ќе бидат многу понеутрални во однос на своите одлуки. Нели, постои оној оправдан страв дека ако некој член на едната партија биде обвинет за нешто, и ако тој пристигне пред судијата кој пак е член на другата партија (која што е непријателски расположена кон партијата во која членува обвинетиот) тогаш врз одлуката на судијата т.е. врз неговата пресуда ќе има влијание тоа што се двајцата членови на спротиставени партии.

И нели, на прв поглед, решение е само да им забраниме на судиите да бидат членови на политички партии и готово – проблемот е решен. Штом судиите ќе бидат непартиски т.е. неутрални, тогаш и нивните одлуки ќе бидат непартиски т.е. неутрални. Но…

Штом со таква логика би им забраниле на судиите да бидат членови на партии, зошто да ги оставиме полицајците да бидат членови на партии? Зарем и тие нема да бидат под влијание на нивните политички убедувања кога ќе треба да апсат или да држат под надзор некој човек што е член на нивната (да бидат премногу „меки“ кон него) или на другата партија (да бидат премногу „остри“ кон него)?

И кога веќе полицајците ќе ги департизираме, ајде и лекарите да ги ставиме на тој воз. Зарем има смисла член на десницата кој ќе добие срцев удар да оди на кардиохирург кој е член на левицата, или обратно? Кој знае што може да се случи кога ќе дознае лекарот дека со неговиот пациент се политички неистомисленици?

Со таа иста логика, можеме да ги опфатиме во процесот на департизација и пожарникарите, електричарите, ѕидарите, пекарите, келнерите… оти сите тие може да бидат пристрасни по партиска линија. Замислете само: доаѓа член на една партија во кафеана и нарачува кафе од келнерот што е член на другата партија, и овој му плука во кафето пред да му го донесе.

Страшно! Веднаш да се забрани келнер да може да биде член на политичка партија!

Да се забрани, ама џабе. Џабе! Оти еден судија (или било кој човек) станал член на партија од две можни причини. Или од користољубие или поради идеолошко убедување. Ако е идеолошки убеден, тој и ако формално нема да биде член на партијата сепак ќе верува во нејзините идеали. Ако пак е поради користољубие, тогаш нечленувањето во партијата сигурно нема да го спречи за понудени пари или други материјални придобивки да донесе пресуда во интерес на партијата.

Најубаво би било да има потполно право да членува во каква сака политичка партија оти така барем ќе знаеме сите дека ако донесе пристрасна одлука дека таа навистина била пристрасна. И за да спречи таква дамка на неговата репутација тој самиот ќе се труди во случаи кога има можност да дојде во прашање неговата непристрасност, крајно неутрално и чесно и праведно да пресудува. Или, како што вели поговорката: „лесно ќе се заштитиш од непријател што го знаеш дека ти е непријател. Но од непријател кој не го знаеш, многу тешко!“

2. Газда на телевизија да биде лидер на политичка партија: тука логиката на барањето да се издаде ваква забрана е дека телевизиите се многу моќни во обликувањето на јавното мислење, и дека доколку тие се под управа на човек кој и самиот е играч во политичкиот натпревар, тогаш нивното информирање на јавноста ќе биде пристрасно и необјективно. Со други зборови, наместо да ги прикажуваат фактите неутрално, ќе ги прикажуваат така поставени да бидат во интерес на политичката партија со која раководи човекот што раководи и со телевизијата.

Фино, ама и овде лек нема. Оти секој човек, па бил тој и газда на телевизија, станува лидер на партија од две можни причини: или верува во идеологијата на партијата или од лукративни причини, т.е. се надева дека кога ќе дојде во контакт со власта ќе може да лапне некоја пара од буџетот. Следствено, ако му се забрани на еден газда на телевизија да биде лидер на партија – тој пак може да остане фактички лидер на партијата, иако формално-правно некој друг ќе ја има титулата претседател.

Или обратно, ако му се забрани на некој што веќе е лидер на партија да си купи и да поседува телевизија – тој може да остане лидер на партијата ама на некој свој близок (брат, сестра, сопруг-а, швалер-ка, дете, родител) да му даде свои пари да ја купи дотичната тв-станица и… пак сме на истото. Де јуре тој не е газда на телевизијата, ама де факто исто како да е, кога таа емитува по негов ќеф програма и вести.

Но, да ја запазиме и апсурдноста на логиката: оти ако прифатиме дека луѓето кои имаат пристап до средствата за јавно информирање треба да се надвор од партиските структури, ајде да им забраниме и на новинарите да бидат членови на партиите.

Водено, и универзитетските професори, па и професорите од средните училишта (чии ученици ќе имаат можност да гласаат на некои блиски идни избори) не би требало по таа логика да се партиски определени. Оти, кој може да ги спречи во нивните предавања да вметнат скришно и некоја алузија со идеолошки елементи? Ќе им кажат на децата на час по историја дека во периодот 1912 – 1949 од она што сега е северна Грција стотици илјади домородни Македонци биле насилно протерани, и на нивното место донесени „Грци“ (поточно, православни Турци од Мала Азија и Арапи-христијани од Сирија), и после како децата кога ќе станат полнолетни да гласаат за партијата која вели дека потомците на тие Грци имаат право да се нарекуваат Македонци (оти живеат на дел од географската Македонија) а потомците на протераните Македонци го немаат тоа право?

Страшно! Веднаш да им се забрани на луѓе вклучени во образованието да бидат партиски определени!

Да се забрани, ама џабе. Џабе! Оти еден газда на телевизија ќе си биде партиски определен без разлика дали е официјално лидер на партија или само од сенка ги влече конците. И обратно, ако некој лидер на партија има многу пари на располагање, тој може да си најде телевизија која за пари ќе ги промовира неговите политички ставови и пораки.

Најубаво би било да им биде слободно дозволено на сите газди на телевизии да си бидат членови па и лидери на своите омилени партии и обратно, лидерот на една партија да може да стане газда на телевизија. Така барем, кога ќе гледаме телевизија што пропагира некои идеолошки и дневно–политички пораки, ќе знаеме да не ѝ веруваме потполно, оти сме запознаени со тоа кој лидер на која партија ѝ е газда на таа телевизија. Или, како што вели поговорката: „лесно е да не му дозволиш на лажго за кој што знаеш дека е лажго да те излаже, но на човек кој не го знаеш за измамник, многу потешко“

3. Да има партии со етнички предзнак: основата на секоја правна држава е начелото за еднаквост на граѓаните пред законот т.е. пред институциите на системот. Кои пак се под контрола на политичарите, кои пак се дојдени на тие позиции благодарение на тоа што гласачите гласале за нивните партии. И по таа основа, во една правна држава никако не би требало да има можност да се организираат партии со етнички предзнак, или поправилно кажано со етнички карактер.

Затоа што кога на пример има партија во која членуваат припадници само на една етничка група, кога таа партија ќе влезе во коалициона влада со други партии, и кога на управување на таа етничка партија ќе ѝ се додели некоја институција, раководството на таа институција ќе биде понаклонето во своето работење кон граѓаните од таа етничка група, а другите граѓани ќе ги дискриминира.

На пример, ако партијата која ја сочинуваат само етнички Албанци контролира некоја институција за издавање дозволи за авионски транспорт, таа ќе им дава дозволи само на Албанци, но не и на фирми во сопственост на Македонци или Срби или некои други етнички групи.

Затоа – бараат луѓето кои не се во контакт со реалниот живот – веднаш да се забрани можноста да има партии со етнички карактер.

Да се забрани, ама џабе. Џабе! Затоа што едноставно не е можно да се оствари таква забрана, барем не фактички. Оти секој граѓанин е слободен самиот да избере во која партија ќе побара да го примат, а и секоја партија е слободна да одлучи кого ќе го прими во своите редови, а чие барање за зачленување ќе го одбие. По таа логика, ако основачите на партијата решат само луѓе од својата етничка група да примаат – за брзо време сите членови на партијата ќе бидат само од дотичната етничка група.

Во соседна Бугарија на пример, тамошните глупи законодавци без осет за реалната политика, на времето беа забраниле да се основаат партии со етнички карактер, и резултат беше што Движењето за Права и Слободи, за која сите знаат дека е партија на Турците во Бугарија остана де јуре – граѓанска, ама дефакто стана и сеуште е етничка партија. И за време на своето практикување на дел од власта во Бугарија – само за интересите на својата етничка група водеше сметка.

Најубаво е секоја партија да има право самата да си се нарекува како што сака, и да се бори ама баш за било какви идеи ѝ е по ќеф. А ако гласачите ја подржат на избори – тогаш фино, во зависност од тоа колку пратеници ќе има во Собранието, да може да влегува во коалициони комбинаторики. А што се однесува до правичниот однос кон клиентите во некоја државна институција со која ќе раководат кадри од таа етничка партија – тоа се решава преку коалиционен договор, при што ако министерот или директорот на институцијата е од етничката партија, тогаш неговиот заменик ќе биде од другата владеачка партија, па така преку него и оние граѓани кои не се од етничката партија ќе имаат пристап до институциите.

4. Да се вработуваат кадри во администрацијата по партиски клуч: тука би сакал на почеток да го парафразирам другарот Тито кому му се припишува една изјава во стилот: „резултатот од изборите не го одредуваат оние кои гласаат, туку оние кои ги бројат гласовите“.

Идејата е дека бидејќи администрацијата постои за да му служи на народот, да работи во интерес на граѓаните, а бидејќи има и граѓани кои не гласале за владеачката партија, тогаш и администрацијата никако не смее да биде екипирана според тоа на која партија ѝ припаѓа административецот, туку според неговата способност. И затоа – велат непрактичните луѓе без елементарен осет за реалност – најубаво би било со закон да се забранат партиските вработувања во јавната администрација.

И кадрите да се вработуваат исклучиво според нивната способност!

Сега дозволете другарот Богдан да го парафразира другарот Тито: „резултатот од конкурсот за вработување кадри во јавната администрација не зависи од способноста на кадрите, туку од комисијата која ја проценува таа способност“. А кој ја сочинува таа комисија? Ајде да речеме дека ја сочинуваат независни експерти со долгогодишно искуство. Ама пак такви луѓе има многу, а само дел од можните независни експерти ќе може да бидат примени во комисијата. А кој ќе одлучи за составот на комисијата?

Се разбира, владата на посебна седница. Да, онаа влада која ја избрал парламентот на посебна седница, кој пак парламент редовно е составен од политичари!

И пак, покрај забраната се вративме каде што сме почнале. Во дефактото, стотици километри далеку од дејурето. Владеачката партија која ги добила изборите создава влада која создава „независна“ и „експертска“ комисија која потоа ќе врши прием на кандидатите за вработување во јавната администрација. Мислам дека е јасно колку независна ќе биде комисијата, и колку таа објективно ќе одлучува за способноста на кандидатите.

Би било убаво, преубаво да можеме со донесување на закон да ставиме крај на некои негативни појави. Ама, со закон се решава само „де јуре“ аспектот на некоја работа. За „де факто“, за спроведување на тој закон дословно – потребни се луѓе кои ќе имаат волја да го спроведат законот. А ако одредбите од законот се спротивни на интересите на спроведувачите на законот, тие нема да го спроведуваат соодветно. А ако законот не се спроведува соодветно, подобро и да не се донесува.

Секогаш е многу важно да не се донесуваат закони кои не може да се спроведат реално. Оти, неспроведениот закон не е веќе закон, туку пародија од закон. А државата во која законите служат за потсмев и самата служи за потсмев.

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Промени )

Connecting to %s

%d bloggers like this: