Блогот на Богдан. Нено Богдан!

мој мејл: blogatash@yahoo.com

♦ ДВЕ СПРОТИВНИ ДЕФИНИЦИИ ЗА СЛОБОДАТА

leave a comment »

Зад оградата на својот дом, човек се чуствува свој на своето. Само дома си е дома!

Во мојата нова книга (што наскоро треба да излезе од печат) текстот што следува е фрагмент од десетата глава и во неа е направен обид да се појасни еден многу употребуван и злоупотребуван збор во нашиот јазик. Зборот „слобода“.

* текстов е првично објавен на 5ти ноември 2009 на http://blogatash.blog.com.mk/node/254419

Многу луѓе не се свесни, ама во нашиот јазик овој збор е хомоним. Слично на „коса“ што во одредени реченици означува збир од влакна на горниот дел од главата, а во други реченици може да значи алатка за косење на трева, а во сосема трети реченици може да кажува дека линијата ниту е хоризонтална, ниту вертикална, туку – коса.

Или зборот „девица“ што може да значи личност родена во последната третина на август и во првите две третини на септември, или пак во друг контекст, девојка која сеуште немала сексуален однос.

Зборот „сирена“ може да означува суштество кое е половина риба – половина девојка, или да ја означува онаа мала направа што ја има во автомобилите и што служи за давање на продорен звучен сигнал.

Исто е и со зборот „слобода“. Тој има две значења, но за разлика до гореспоменатите хомоними, не сите луѓе се согласни во врска со овие две значења. Една група луѓе цврсто верува дека тој збор има само едно значење и не признава дека истиот збор за другата група луѓе може да има сосема поинаква смисла.

Кои се тие значења и спротиставени дефиниции?

Ќе го парафразирам другарот Тито, кој во една пригода има кажано нешто вакво: „вие во вашите западни демократии имате ваква слобода: секој поединец е слободен да оди да гладува каде сака. Но, во нашата социјалистичка слобода, каква што имаме во Југославија, државата се грижи за тоа“.

Се разбира, изјавата намерно ја извадив од контекстот во кој е дадена, за да личи дека Маршалот сакал да каже дека во капиталистичките земји секој може да гладува каде сака, а во социјалистичките држави власта одлучува за секого каде ќе гладува.

Сигурно тоа не му била мислата на најголемиот син на сите југословенски народи, ама, не сакајќи, тој ја има дадено дефиницијата за слободата како што левицата ја сфаќа.

Значи, според левицата „слобода“ е кога некој е ослободен од потребата самиот да донесува одлуки и од таму, ослободен и од можноста да трпи последици за тие одлуки.

Во земја во која левичарските идеали би биле апсолутно спроведени, поединецот би бил ослободен од „тиранијата на избор“ и не би бил „приморан“ кога ќе влезе во продавница да избира меѓу десет видови јогурт, дваесет видови леб, триесет видови овошни сокови, педесет видови чоколадо… оти левичарските интелектуалци кои во својство на експерти ќе управуваат со економијата, на време ќе одлучат кој еден вид леб, еден вид чоколади, еден вид јогурт и еден вид од секој производ е најдобар за секој поединец.

Скоро сите левичарски интелектуалци во денешно време се опседнати со нивната борба против она што го нарекуваат „тиранија на избор“. Кога човек може да одлучува меѓу многу понудени опции. Левичарите го сметаат за штетно и тоа што постои медиумска слобода и на телевизија може да избира секој од стотици канали кој кога ќе го гледа.

Штетно, според левичарите е и што постојат многу радија, со најразлични видови музика на секоја станица, па секој човек седејќи дома или во кола може да избере каква музика и кога ќе сака да слуша.

За левичарите, обичните луѓе не се доволно стручни да го направат вистинскиот, правилниот избор во сета таа „џунгла од опции“ бидејќи не ги поседуваат сите информации и образованието што го имаат левичарските експерти и интелектуалци.

Затоа поединецот, според идеологијата на секоја гранка на левицата, мора да биде ослободен од таа тиранија на изборот и да биде насочен во вистински правец од страна на премудрите и безгрешните планери и експерти.

Во идеалната левичарска држава, совет составен од еминентни интелектуалци ќе одлучува кои емисии се погодни за емитување на неколкуте телевизиски канали, и никакви други емисии на никакви други канали не смеат да постојат.

Во идеалната левичарска држава, совет составен од докажани експерти ќе одлучува за секого какво образование треба да добие, и кој наставник треба да предава и што и во кое училиште. Бидејќи родителите чии деца ќе учат во школите, не се способни да одберат самите кој, каде и што ќе им предава на нивните деца.

Во идеалната левичарска држава, одбор на планери ќе одлучува за секој производ колкава цена ќе има, колку продавници ќе постојат во секој град, и што ќе може да биде произведувано и од страна на кого. Бидејќи во капитализмот владее тиранијата на конкуренцијата, не само што производителите се принудени да мислат самите со своја глава како да направат поефтин и поквалитетен производ, туку и купувачите се принудени да мислат со своја глава и да го изберат производот што ќе го купат.

Во идеалната левичарска држава, група на просветлени и безгрешни мислители и пријатели на народот ќе ги заштити граѓаните на таа држава од тиранијата на изборот, и од потребата самите да одлучуваат за сопствениот живот.

Во идеалната левичарска држава, тој одбор од премудри мудреци ќе одлучува и кој треба да владее, затоа што демократијата, таа верна придружничка на капитализмот, во која секој има право да гласа и да избира и да биде избран – докажано е погрешна.

Затоа што во демократијата, понекогаш гласачите можат да изберат и политичари кои не се левичари!

Заклучок: за левицата, секаде и секогаш, „слобода“ е кога обичните, непросветлени луѓе се ослободени од потребата самите да одлучуваат за себе.

А дефиницијата за „слобода“ за десничарите?

Да го ставиме настрана фактот што многу движења низ историјата се нарекувале себеси или некој друг ги нарекувал десничарски, ама тие не биле тоа. Фашизмот на пример, преставен преку нацистите во Германија и фашистите во Италија под Мусолини (кој пред да стане фашист бил висок функционер во Социјалистичката партија на Италија) е потполно левичарска идеологија. Шпанија за времето на диктатурата на Франко не била земја под власт на десничари, туку под власт на левичари. Биле ограничени економската слобода, слободата на говор, на политичко организирање, била ограничена слободата во секоја сфера.

Дали една партија или едно политичко движење од било каков ранг е десница или левица се проценува според тоа како го дефинира поимот „слобода“. Ако партијата која се нарекува себеси екстремно-десничарска истовремено е и анти-капиталистичка и бара на припадниците на одредени национални или верски малцинства пристапот до некои општествени сфери да им биде забранет или ограничен, тогаш таа партија не е навистина десничарска. Најмалку пак е екстремно–десничарска. Хитлер, да не заборавиме, бил водач на партијата која себеси се нарекувала национална социјалистичка.

Што би било, во една реченица, дефиницијата на поимот „слобода“ за вистинската десница? Слобода, за десничарите, е кога можеш самиот да избираш, да донесуваш одлуки самостојно за сопствениот живот.

Македонскиот јазик е јазикот од кој настанале сите словенски јазици. Тоа е историски факт, оти токму според говорот на Словените во околината на Солун бил стандардизиран првиот литературен јазик на кој се напишани првите книги на словенски јазик. Потоа од таа основа се развиле сите други јазици.

Следствено, нашиот јазик, во својата дијалектна форма, имал најмногу време да се развива фонетски, па кај нас изворниот корен на зборот „слобода“ се поместил од своето оригинално значење. Во помладите словенски јазици (чешки, руски, бугарски) наместо „слобода“ велат „свобода“. Тој збор е искористен и на знамето на Кресненското востание кое самите востаници го нарекле уште и „македонско“ кога над лавот напишале „станете да ве освобода“.

Зборот „свој“ е во коренот на зборот „свобода“, збор што некогаш и во нашиот јазик бил во употреба. Да бидеш слободен (свободен) значи да бидеш свој т.е. да се поседуваш самиот себе. Да имаш нешто што за тебе, од твоја гледна точка е свое.

И во коренот на зборот „освојување“ е зборот „свој“. Кога ќе освоиш нешто значи дека си го ставил под своја контрола и по свое наоѓање располагаш со тоа што си го освоил. Да бидеш свој е да поседуваш. Да бидеш свободен е да се поседуваш себеси. Како што со она што си го освоил и направил свое можеш да правиш што сакаш, така и со себе, кога си свој и се поседуваш себе, кога си свободен т.е. слободен, можеш да правиш што сакаш. Можеш самиот да одлучуваш.

Самиот. Не некој друг да одлучува за тебе, некој централен планер или еминентен експерт да ти наредува како што тој смета дека е добро за тебе.

Разликата помеѓу социјализам и комунизам е што во социјализмот средствата за производство се под контрола на државата, а сѐ друго (куќи, коли) може да биде приватна сопственост, додека во комунизмот сѐ ѝ припаѓа на државата и нема можност за никаква приватна сопственост.

Така, СФРЈ и СССР на времето беа во суштина социјалистички земји и самите нивни лидери секогаш велеа дека се на пат кон комунизам, а во Камбоџа под власта на Пол Пот вистинскиот комунизам навистина беше спроведен (заедно со масакрот на милион и пол неподобни луѓе).

Кога не поседуваш ништо, кога ништо немаш „свое“ туку сѐ е „наше“ тоа не може да се вика слобода т.е. свобода. Кога сѐ е наше, тогаш тоа е нашбода. Таков збор не постои, но ако го замените коренот „свој“ со коренот „наш“ во зборот свобода, тоа ќе го добиете.

Всушност, нема да го добиете, оти нема да ви припаѓа вам. Немам ништо свое, оти сѐ е наше. Тогаш и зборовите јас, ти, тој и таа стануваат беспредметни.

Само во капитализмот, кој е дефиниран како систем каде што практично секој објект, и секоја фабрика и секоја машина се во нечија приватна сопственост, само во таквиот систем може да има слободни луѓе.

Се разбира, слободни според дефиницијата за „слобода“ на десницата. Само во општество во кое човек може да управува со нешто што е негова сопственост може да тврди за себе тој човек дека е слободен, оти слободата не е само право да носиш самиот одлуки, туку и можност тие одлуки да бидат спроведени во пракса.

Ако во социјалистичко општество донесеш одлука да работиш во некаква фирма, ќе треба да побараш дозвола од планерите да те запишат во нивниот план и да ти дозволат да работиш во таа фирма во која сакаш да работиш.

Во едно капиталистичко општество, ако сакаш да работиш во некаква фирма ќе мораш за тоа или да добиеш дозвола од газдата на таа приватна фирма, или ако имаш услови, да си отвориш своја фирма за таа дејност за која си заинтересиран.

Но, што ако немаш услови да отвориш своја фирма, немаш пари за инвестирање, или немаш образование за да најдеш работа каква посакуваш?

Слобода е кога во својата нива може да сееш што сакаш, а правда е кога од својата нива ќе можеш да го ожнееш тоа што си го посеал.

А што ако немаш своја нива? Каде ќе сееш?

Тука во игра влегува државата. Да му даде секому можност да се стекне со своја сопствена „нива“ т.е. да му помогне секому да се стекне со образование.

Да отвори факултет во секој град, да донесе компјутери во секое школо и да ги постави на клупата пред секое дете и да обезбеди бесплатни учебници за сите. Некои тоа го нарекуваат скапа демагогија и ефтин популизам. Можеби би требало да го нарекуваат ослободување.

Симбол за паметење од оваа глава:

ОГРАДА што нечиј имот одвојува од нечиј друг имот. Имотот ограден со ограда е приватен имот на оној што тој имот го смета за свој. Во својот дом, човек е свој. Во своја фирма, човек е свој газда. Во своја земја, човек е свободен. Или слободен, по ново.

Звучи парадоксално, но токму оградата е симболот на слободата. Ако немаш ништо свое, ако самиот не си свој, ако самиот немаш право да донесуваш за својот живот свои одлуки, тогаш не си слободен.

П.С: Како што кажав на почетокот, ова е само извадок од една глава од мојата нова книга која наскоро ќе може да се купи во книжарите. Кога ќе излезе од печат, ќе бидете на овој блог благовремено информирани, а сега засега, се надевам дека овој мал фрагмент ви помогна да почуствувате со каков стил е напишана книгата и какви прашања разгледува. Наредниот четврток, следува колумна која нема врска со мојата книга, барем не директна, која колумна е насловена „Бирократија“.

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Промени )

Connecting to %s

%d bloggers like this: