Блогот на Богдан. Нено Богдан!

мој мејл: blogatash@yahoo.com

♦ ДЕМАГОЗИ: КАКО ДА ГИ ПРЕПОЗНАЕТЕ?

leave a comment »

Млади итреци... или суровина за крзнарската индустрија?

Имињата на овие четири лисичиња (од лево кон десно) не се Никола, Љубе, Љубчо и Бранко, туку се едноставно младенчињата на некоја лисица во некоја шума кои некогаш некој фотограф ги снимил некако. Значи тие немаат апсолутно никаква врска со нашите политички итреци, но следниве четири бенчмаркови кои се наведени во продолжение навистина можат да ви послужат да препознаете политичар – демагог.

* текстов е првично објавен на 9ти јули 2009 на http://blogatash.blog.com.mk/node/237630

1. Демагозите нудат едноставни решенија за сложените проблеми: да претпоставиме дека проблемот што го мачи едно општество е невработеноста. Кое би било решението? Да се намали невработеноста преку зголемување на вработеноста што пак може да се оствари на трајна основа единствено преку зајакнување на економијата, што пак се прави преку создавање на поволни услови за инвестирање од страна на продуктивните бизниси кои што платите што ќе им ги даваат на своите вработени ќе ги генерираат самите со својата способност да одговорат на потребите и барањата на домашните и странските купувачи или клиенти, при што тоа треба да го направат на еден ефикасен и профитабилен начин.

Е така, тоа е комплексното решение за комплексниот проблем. Ако бројот на населението не се намалува преку емиграција или други начини, единствен начин да се смали невработеноста е да се зголеми вработеноста, но за да биде тоа на трајна основа мора да биде преку приватниот сектор. Бидејќи приватниот сектор не зависи од приходите од даноците од кои што зависат државните фирми. Што значи: посилен приватен сектор – посилна економија – повеќе вработувања – помалку невработени. Секој од овие чекори е комплексен чекор сам по себе кој се состои од многу под-чекори кои и самите се толку комплексни што и тие се состојат од под-под-чекори. А и тие се од под-под-под-чекори.

Ама нели е најлесно да вети политичарот „по еден вработен во секое семејство!“ и со тоа да ги ќари гласовите на избирачите загрижени за големиот проблем со невработеноста? Нели е полесно наместо да им се каже да земјоделците дека тие мораат да најдат начин трошоците на своето производство да ги намалат преку зголемување на ефикасноста во работењето и со тоа да станат поконкурентни самите на меѓународните пазари, значи наместо тоа, да им се вети во предизборната кампања дека „еден килограм грозје државата ќе го откупува цена по една марка!“ и со тоа да се заработи нивната доверба?

Демагозите никогаш не објаснуваат како тоа е можно да државата вработи по еден човек од секое семејство и да му дава плата, оти ако тоа го направат ќе треба да објаснат и од каде пари за таа плата и бидејќи државата може да најде пари само и исклучиво преку четири начини – даноци (или конфискација на приватен имот), инфлација (печатење на пари),  задолжување (преку издавање на обврзници) и продажба (или изнајмување) на државен имот – јасно е дека на крајот токму граѓаните ќе мораат да плаќаат за платите кои самите тие ќе ги земаат.

Еве факт: секој комплексен проблем си бара и комплексно решение. Затоа, ако некој политичар нуди едноставни и брзи решенија за сложените и хронични проблеми на општеството – тој е демагог.

2. Зборуваат неодредено и емотивно користејќи многубројни симболи: „ние мораме да се обединиме“ или „ајде заедно да тргнеме кон европската иднина“ или „интегрирањето е единствен пат, и секој друг пат е пат во амбис“ или „единството ќе нѐ направи посилни“ се типичните стерилни, неплодни и бесмислени фрази што секој демагог ги чува во својата торба со трикови и ги вади пред избирачите обидувајќи се да ќари поени кај нив.

Бидејќи, кој тоа би можел да најде замерка на барањето за обединување и тоа уште и национално обединување. Зарем некој би рекол дека единството ќе нѐ направи послаби? Зарем некој е луд да оди по патот што води кон амбис? Навистина, луѓе, зошто да не ги оставиме нашите разлики зад нас и да се обидеме и да се сложиме околу националниот интерес и да ги преземеме вистинските чекори – заедно – за посветла иднина? Кој може против тоа да биде?

Јас можам да бидам против! А еве и зошто: ако вие велите дека Македонија треба да го смени името, а ние велиме дека Македонија не треба да го смени името – околу што можеме да се обединиме тука? Ако вие велите дека во училиштата не треба да има веронаука, а ние велиме дека во училиштата треба да има веронаука – околу што тука можеме да се обединиме, околу што можеме да се сложиме, околу што можеме да изградиме консензус?

Како можеме да се сложиме ако имаме дијаметрално спротивни ставови по некое прашање? Како можеме да изградиме заеднички став за правецот во кој ќе одиме, ако вие велите назад, а ние велиме напред, ако вие велите лево, а ние велиме десно, ако вие велите надолу, а ние велиме нагоре! Компромис меѓу нас и вас би било – да останеме каде што сме и да тапкаме во место.

Демагозите секогаш користат вакви стерилни повици за некакво си недефинирано обединување, единство, заедно, слога, компромис, национален консензус, но никогаш не кажуваат дека кога еден минус и еден плус ќе се соберат крајниот резултат ќе биде токму нула! Можеби на демагозите кои повикуваат на сплотување и на обединување токму статус–кво состојбата им одговара. Ама дали на граѓаните им одговара таа нула?

Еве факт: ако прогресивните сили велат дека треба да се оди сто чекори десно, а некои други сили сакаат да остане ситуацијата каква што е, тие ќе повикаат на одење сто чекори лево, па потоа ако дојде до компромис и обединување ќе се дојде до заклучок дека не треба да се оди никаде – што токму била и вистинската цел на демагозите. Не можеш да се сложиш со луѓе кои имаат дијаметрално спротивни ставови од твоите. Ако некој повикува на такво единство, на такво обединување – тој е демагог.

3. Лидерот – демагог е секогаш „сиромав“ оти тоа е „доказ“ дека тој е „чесен“: омилен трик на сите демагози во подем е да се дистанцираат од материјалните придобивки на својата политичка позиција (или ако сеуште не се на власт, од своето стекнато богатство) и да се дружат со народот. Што значи ова?

Ова значи дека некој политичар на власт наместо да оди на работа со службен автомобил сам избира да оди со автобус. Заедно со својот народ, нели. Или уште подобро, наместо да живее во службената вила или палата, тој инсистира да престојува во својот скромен стан или куќа во која што живеел пред да дојде на власт.

Или, ако е политички активен но сеуште не победил на избори, а има многу пари заработено како приватен бизнисмен, тој не се вози наоколу во скапи автомобили, не гради прекрасна куќа за своето семејство, туку живее скромно, оти (демек) не заборавил од каде доаѓа. И наместо да се шета на одмор по светот по најелитните локации што може да си ги дозволи со своите заработени пари, тој оди каде што оди народот да летува.

Кога ќе видите политичар било на власт било на пат кон власта, кој што живее „скромно, но чесно“ веднаш треба да знаете дека станува збор за демагог.

Прво, ајде да видиме за оној богат човек кој што се обидува да дојде на власт. Ако неговите пари се чесно заработени – тогаш тој не треба да се срами да ги троши на законски начин за купување на скапи автомобили или изградба на убава семејна куќа. Па зарем не ги заслужил, нели чесно работел?

Од друга страна, ако тој не ги троши (јавно) своите пари, тогаш или се срами од начинот на кој го постигнал своето богатство (значи не е чесен) или пак ги троши парите за луксузирање на други места (некаде во странство). Ако е во игра првиот случај – ако се срами од своето богатство оти е нечесно стекнато – тогаш не треба таков човек да ја добие подршката на гласачите. Ако е во игра вториот случај – ако ги троши на друго место парите – тогаш што е проблемот, се срами ли од својата земја или можеби ги презира своите сограѓани сметајќи ги за недостојни за да се пофали пред нив со својот материјален успех? Политичар што ги презира своите сопствени гласачи не треба да ја добие нивната подршка.

А што ако „скромниот но чесен“ политичар е на власт и сепак се труди да остави впечаток дека е човек од народот? Тој е најголем демагог оти да имаш на располагање државна вила и да не ја користиш е или глумење опозиција (а на власт е!) или чиста глупавост. По логиката „политичарот на власт кој живее скромно или краде за да по паѓањето од власт си живее луксузно во странство или ако нема личен ќар од функцијата – а сите околу него лапаат – е будала“ треба да заклучиме дека ако политичарот не е глупав тогаш е крадец.

Еве факт: да сакал навистина еден политичар да биде човек од народот, немало да стане политичар, нели? Ќе си останел вон политиката, баш човек од народот – во народот. Ниту еден паметен политичар не влегол во политиката за да биде слуга на народот, туку за да го води народот. Оној политичар кој што вели дека сака да служи, а не да води – тој е демагог.

4. Обилно копираат од други политички движења и намерно бегаат од било каква оригиналност: сите партии во Македонија се нарекуваат себеси демократски, но колку од нив навистина се демократски? Сите десничари во земјава велат дека се патриоти (кој од кој поголем), но дали нивните постапки, не зборови туку постапки, го потврдуваат тоа? Сите левичари имаат усти полни со социјални пароли, но дали нивните постапки кога биле на власт биле во таа насока?

Демагозите свесно бегаат од оригиналноста, оти кога ќе излезете со оригинална идеја пред гласачите ќе морате и да им ја објасните. А ако објаснувате ќе треба да се соочите со аргументите на противниците на идејата и ќе морате – оти идејата ви е оригинална – да ги побиете тие аргументи со вашите аргументи кои мораат да бидат пологични од нивните.

Со други зборови, ако сакате вашата оригинална идеја да биде прифатена, тогаш мора таа идеја да биде не само оригинална туку и добра идеја. А кај се чуло и видело еден демагог да нуди добри идеи? Ако е добра идејата за општеството, тогаш таа ќе овозможи повисока продуктивност и побрз развој за сите граѓани, а не само пари во џебот на демагогот и неговите соработници!

Затоа демагозите свесно бегаат од оригиналноста. Оти оригиналноста секогаш захтева да се вклучи мозокот, не само на оној што ја дава идејата туку уште повеќе и на оној кој треба да ја прифати идејата т.е. гласачите. А кога еднаш ќе се вклучи сопствениот ум, тогаш за демагозите доаѓа крајот оти нивните лаги и манипулации испливуваат на површина каде што ветерот на логичката анализа ги оддувува засекогаш.

Затоа, секогаш кога ќе видите политичари кои упорно копираат од другите земји, било политички идеи и ставови, било имиња за нивните партии, било бои и симболи за нивните партиски иконографии – знајте дека се во прашање демагози.

Еве факт: не постои рутински и шаблонски изведено ремек-дело. Нема готов рецепт за решавање на сите проблеми. Не може да се направи оригинал со помош на копирање. Оној политичар кој што тврди дека не мора да се измислува топла вода и дека не само што не мора туку и не треба да бидеме креативни – тој е демагог.

Единствен начин да се мисли за својата глава е да се мисли со својата глава. Никој нема да мисли за тебе место тебе. Демагозите тврдат дека се подготвени да се жртвуваат за нас, но само сакаат да дојдат до власт за да нѐ жртвуваат нас за нивните интереси. Демагозите тврдат дека нема потреба да мислиме самите, оти некој веќе мислел за нас. А всушност, сакаат да нѐ натераат да не мислиме воопшто, за да не сфатиме дека тие мислат само за себе.

П.С: Ако ви се допадна денешната колумна, ѕирнете ја како своевидно дополнение и колумната „Култ на личноста: карактеристики и последици“ а и колумната „Аргументум ад хоминем“ иако не е баш на темата „лидери“ сепак е поврзана со прашањето на предавање на својата волја и навиката за размислување, кон други лица, самонаречени „авторитети“. Во сроден дух се и колумните „Стадоумие“ каде што се обработува Овчарот преку односот кој неговите Овци во Стадото го имаат кон него, како и колумната „Најчестите психолошки грешки што гласачите ги прават пред избори“ во која е опишан дел од механизмот со кој избирачите паѓаат под шармот на демагозите.

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Промени )

Connecting to %s

%d bloggers like this: