Блогот на Богдан. Нено Богдан!

мој мејл: blogatash@yahoo.com

♦ ДЕСЕТ ВИДОВИ МАКЕДОНСКА ГЛУПАВОСТ

with one comment

Во подножјето на планината Мрза, токму пред местото каде што се спојуваат реките Неуспешница и Изгубенослучајница се наоѓа селото Долно Глупомакедонче, во кое што живеат следниве десет фамилии:

* текстов е првично објавен на 8ми  септември 2009 на http://blogatash.blog.com.mk/node/245344

1. Фамилија Откажувџиевски: ова семејство го добило своето презиме поради тоа што неговите членови за било која работа која што не можат од прв или втор обид да ја завршат велат „е не бива, се откажувам“. Така – легендата вели – најчесто се изразувал основачот на семејството, некој нивни пра-пра-дедо, таму пред многу години, а денеска, многубројните негови потомци имаат обичај да ја надополнуваат таа фраза со слични реченици.

На пример, меѓу луѓето кои речиси никогаш не гласаат на било какви избори во нашата земја, има многу втори, трети и подалечни братучеди со припадниците на ова семејство. Тие сметаат дека бидејќи две – три гарнитури поминале на власт и не направиле ништо добро – дека сите политичари од сите можни опции се за никаде. И затоа, своеволно се откажуваат од можноста да гласаат сметајќи дека ништо не можат да сменат.

Многу братучеди, баџанаци и сватови, а и друга рода имаат Откажувџиевски и меѓу оние млади Македонци кои уште несоочени со суровата реалност на својата земја се цврсто решени да заминат во странство и никогаш да не се вратат.

Хералдика: иако оваа голема фамилија нема сеуште свој грб (т.е. амблем) јас би им го препорачал овој дијзан: розов штит (розовата боја е знак на нежност т.е. слабост) во облик повеќе на стрелка надолу одошто на штит (стрелката надолу симболизира бегање) и на штитот едно големо куче, со свиткана опашка. Големината на кучето ја симболизира моќта и потенцијалот за кои не знаат дека ги имаат, а свитканата опашка веќе е познато што симболизира.

2. Фамилија Самозборцеви: ова семејство е мошне славно и успешно – на прв поглед – оти повеќето македонски интелектуалци и експерти потекнуваат токму од него. Презимето го добиле по нивниот најстар познат предок, кој имал обичај само да збори, да дрнда, да соли памет, да брбори и советува без крај, а ништо реално да не прави. И ај што не правел ништо, ај што советите и анализите што ги давал му биле апла стерилни и бесмислени, кога било што ќе се планирало да се прави во селото, тој прв се јавувал за збор да даде свој став и ако сепак имало некој успех од било каква активност – тој секогаш се појавувал да ја преземе сета слава, сите заслуги себеси да си ги препише.

Од почетокот на ’90ите години, многу потомци на првиот Самозборцев се заседнаа во македонската политика и од тогаш па наваму тие се доминатен фактор во секоја партија, коалиција и влада. Иако моментално Самозборцеви најмногу се поврзуваат со левицата и нејзините експертско – медиумски аспекти, сепак се застапени поприлично и кај десните, средните, предните и задните партии. Доминираат со трибините на невладините организации, но и пред селските и приградските кафанчиња ги има, како пиејќи пиво на своите соседи и пријатели им ја објаснуваат и разбиструваат домашната, регионалната и светската политика.

Хералдика: Иако имало обиди да се произведат соодветни грбови за разните гранки на оваа широко разгранета фамилија, сепак ниту еден хералдичар досега не го доловил нивниот суштински карактер. Затоа, мој предлог: овален штит, со отворена книга нацртана во неговата средина и еден голем мегафон над книгата и една голема уста зад мегафонот. Книгата стои на грне со пари, што ги симболизира нивните спонзори. Формата на штитот е овална за да симболизира една голема нула – т.е. крајните достигнувања на Самозборцеви. Се разбира, на една ваква фамилија полна со интелектуалци и учени луѓе им личи да имаат и семејно мото испишано на грбот нивни и тоа мото е на две ленти извезено со златни букви: на првата лента (од левата страна на штитот) стои „независни интелектуалци во служба на спонзорите“ а на другата лента, од десната страна закачена пишува „кафеански патриоти со трезвени размислувања“.

3. Фамилија Сесизнајчеви: овие се некои роднини на претходно споменатите Самозборцеви, ама сепак себеси се сметаат за сосема засебна фамилија. Разликата меѓу Самозборцеви и Сесизнајчеви е што овие не чуствуваат потреба да зборат постојано, или да зборат само, а ништо да не прават. Јок, овие се ептен високо образовани луѓе кои завршиле еден факултет, и тоа можеби извадиле и докторска титула од него, и тоа ги натерало да се сфатат себеси како луѓе кои сѐ си знаат и дека е непотребно да учат повеќе.

Тоа што завршиле еден факултет и ништо ниту виделе ниту прочитале од било која друга сфера на животот, ним не им пречи да даваат свои мислења – не да поставуваат прашања и да провоцираат ставајќи ги под сомнение догмите – туку да даваат свои авторитетни мислења за било која тема.

Вербата дека со самото тоа што добиле диплома добиле и знаење ги турка овие луѓе во дебати со сите со кои не се се согласуваат. Па со пена на устите се обидуваат да бранат економски теории или пак историски догми кои немаат допирна точка со реалноста или логиката.

Меѓу блогерите има многу Сесизнајчевци, ама меѓу Сесизнајчевците нема многу блогери, оти тие генерално го презираат блогот како медиум. Не за друго, оти ги сметаат сите други блогери за незнајковци. Среќа, оти да беа сите Сесизнајчевци активни на блог, немаше да има смисла било каква дискусија, и оние кои се обидуваат да дојдат до вистината (а не тврдат дека ја имаат во џеб во секое време) најверојатно ќе мора да се откажат од блогирањето.

Хералдика: нивниот семеен грб е многу едноставен. Има квадратна форма како алузија за нивните коцкести умови правени на фабричка лента и со фабричка грешка, а во квадратот има една голема мајмунска глава крунисана со ловоров венец, симбол на мудроста уште од античките времиња. Но, не знаат или пак не прифаќаат Сесизнајчеви дека мајмунот овенчан со ловоров венец сепак – е мајмун.

4. Фамилија Грешнастранови: во македонската политичка сцена потомците на првиот Грешнастранко се застапени во екстремниот лев дел и во екстремниот десен дел од спектарот. Презимето секако го добиле по нивното постојано ставање на и симпатизирање кон погрешната страна во било кој спор. Или во било кој историски миг.

Така, Грешнастранови, кога пред стотина години некои Македонци заминувале во комити – одлучиле да си седат дома и да видат што ќе се случи. Кога пак некои луѓе оделе во партизани, неколку децении подоцна, пак Грешнастрановци решиле да соработуваат пасивно со окупаторот затоа што потајно верувале дека тој ќе победи.

Во 1948та година, многумина Грешнастрановци биле на страната на Сталин, оти тој бил навидум посилен во однос на домашните комунисти, а пак откако било во голема мера десеткувано ова семејство со испраќање на Голи Оток, Отешево и слични казамати, семејните вредности на фамилијата, така прочистена, нагло се промениле. Оние што преживеале станале најжестоки верници во комунизмот на Тито, и тоа сѐ до 1991 година, кога државата и системот се распаѓаа а овие правеа сѐ за да го зачуваат.

Има луѓе кои се обидуваат да докажат дека тогашниот претседател Глигоров бил потомок (по женска линија најверојатно) на ова семејство, и како доказ ја наведуваат неговата „платформа“ со тогашниот босански лидер Изетбеговиќ, ама – тоа се, сега засега, само шпекулаци без конкретни факти.

Додека некои луѓе свесни за несопирливоста на историските процеси се зафатија да градат држава од Македонија, Грешнастрановци го обожаваа Милошевиќ, поради неговите залагања да ја спасува Југославија.

Денеска, на глобално ниво Грешнастрановци гледаат со симпатии кон лудаците од Хамас, кон Иран и неговите нуклеарни амбиции, кон Хуго Чавез и Кастро и другите непријатели на САД. Воедно, го обожаваат Путин, иако не баш лесно можат да си објаснат каква корист ќе има Македонија од традиционално блиските и пријателски врски меѓу Русија и Србија и Грција.

Практичните и прагматичните луѓе знаат дека ниту светот е праведен ниту пак праведноста е света. Дека само интересите се вечни и дека ако е во интересот на напредокот на Македонија, и со црниот ѓавол е дозволено да се здружиме. Ама, Грешнастрановци никогаш не ги водел националниот интерес, туку само личниот инает и кусогледоста.

Хералдика: грбот им е тркалезен штит на кој е нацртан работ на една карпа после кој раб има длабок амбис и на на кој што раб стои еден човек. Мотото запишано на штитот е „секогаш чекори напред и ако можеш, поведи ги и другите со тебе“

5. Фамилија Другекривовиќ: српското презиме не треба да нѐ залаже дека станува збор за луѓе кои не се Македонци. Ма не, само презимето им е такво, инаку сите се овдешни, нашинци. Но слично на нивните роднини од Србија, и тие сметаат дека за сѐ е крив некој друг, некои тајни сили со црни сценарија против Македонија, словенските народи и православието воопшто.

Ако ги прашате за распадот на Југославија, нема да ви речат дека таа пропадна оти беше социјалистичка држава со стерилен економски систем, туку дека Ватикан, масоните и ЦИА во содружништво со тајните служби на десетина западни држави и исламските фундаменталисти ја уништија државата.

Ако ги прашате зошто Македонија не ја бива, зошто не можеме да напредуваме, тие ќе ви одговорат дека нашите соседи ни ставаат сопки цело време, дека ние поради нив не можеме да напредуваме. Не дека сме премногу прости да избереме веќе дваесет години власт која ќе направи радикални реформи и ќе ја модернизира нашата држава, пред сѐ образовниот систем, ќе ја збрише бирократијата наместо да ја зголемува и ќе стави крај на апсурдната фиксација кон евроинтеграциите – јок, не, криви се другите што ние сме глупи.

Има едно многу контроверзно тврдење дека поранешниот премиер Љубчо Бугариевски бил некако поврзан преку разни братучедско – сватовски врски со ова семејство, не за друго, туку дека откако после три години неодговорно владење, крадење без усул, поставување на погрешни луѓе на клучни позиции и јавно тропање на глупости без било каква стратегија – значи откако после тоа му се случи да води војна и да ја изгуби, ги обвини американските тајни служби и домашната опозиција дека му наместиле пуч.

Во поново време и припадниците на македонската опозиција даваат знаци дека имаат по некој ген и тие од Другекривовиќите. Оти и ним, некој друг им е крив за тоа што не можат да се вратат на власт, за тоа што губат избори после избори после избори после избори, а не гледаат дека самите се толку скапани и офуцани, што да можат, ни самите за себе ни би гласале.

Хералдика: зелен штит кој преставува едно големо поле, на кое има многу парчиња сирење расфрлани. Воедно, на сред полето (т.е. штитот) има една стапица за глувци и на неа едно парче сирење. На стапицата има заробено глувче кое се обидело баш тоа сиренце, на стапицата што стои, да го лапне, мислејќи дека тоа е највкусното од сите оние слободни и безопасни сиренца низ полето расфрлани. Се разбира, овој грб има и семејно мото кое доаѓа од зборовите на глушецот фатен во стапицата: „е како баш мене ме фати“. Не му текнува на глувчето дека треба да рече „е како бев толку глуп јас па баш на ова сиренце со стапица да се залетам“.

6. Фамилија Сесегасаковски: ова семејство иако се некакви блиски роднини со Откажувџиевски, сепак имаат некои особини што ги прават уникатни. Имено, за разлика од Откажувџиевски кои после еден или два обида да направат нешто не успеваат и се откажуваат, Сесегасаковски никогаш не се откажуваат, тие постојано се обидуваат да направат нешто, ама немаат волја да дочекаат да ги видат резултатите од својот труд.

Па само што нешто ќе започнат со ентузијазам, веднаш го менуваат планот, насоката на делување и она што до вчера го граделе денеска го рушат, со „тулите“ градејќи нов ѕид во нова насока. Оти тие сѐ сега сакаат да добијат.

Тие се најголемите анти-капиталисти во земјава и ги критикуваат сите реформи за пазарно стопанство не затоа што имаат нешто против конечните целите на тие реформи, туку едноставно сметаат дека ако веднаш не даде резултат реформата – таа никогаш нема даде резултат.

Раководствата на нашите синдикати и верните им членови се практично сите во сродство со Сесегасаковски. Тие би подржале реформи, ама само ако веднаш дадат резултати и ако никакви болни резови не треба да се прават со нив. А во спротивно, спремни се да штрајкуваат, да блокираат улици, да тужат пред Уставен суд…

Хералдика: голем тркалезен штит на кој има само едно мало разгалено детенце кое нервозно тупка со ноџето по земја најверојатно извикувајќи го мотото кое стои запишано на лентата која го обиколува целиот штит: „или сега или никогаш, или јас или никој, или овде или нигде!“

7. Фамилија Недоученкови: овие се блиски родни и со Самозборцеви и со Сесизнајчеви, ама ниту се како првите, ниту се како вторите, бидејќи клучната карактеристика која нив ги краси е мрзата, а не фалбаџиството на Самозборцеви и снобизмот на Сесизнајчеви.

Имено, Недоученкови целата фамилија се баш такви – учени, но недоучени. И по таа основа, не ги бива за ништо конкретно да работат, и само знаат да „гунџаат“ дека немале среќа во животот. Затоа, некој друг треба нивните сметки да ги плаќа, некој друг треба да се грижи за нив, некој друг треба да мисли за нив. Сонуваат тие за времето на Тито, кога и луѓе како нив, проста и неука раја можеше да најде пристојна работа и чесно да си го вади лебот со физички труд без вклучување на мозокот.

Времето на ефтините кредити кога имаше и работа и плата за сите, за нив е златното доба за кое сонуваат дури и кога не спијат. Кога не мораше да знаеш странски јазик, кога не мораше да знаеш да работиш со модерната технологија, кога не мораше да се мачиш и самиот да донесуваш решенија оти некој друг веќе ги имаше донесено место тебе.

Хералдика: квадратен штит на кој има нацртано авион на писта, но на кој што авион му фалат двете крила. Семејното мото е запишано на долниот дел на штитот: „турни ме да кинисам“. Никој од фамилијата Недоученкови не размислува дека тој авион колку и да биде турнат нема да може да лета, сѐ додека не се снабди со крила.

8. Фамилија Самозасвоитеви: за ова семејство има еден чуден мит дека всушност не се Македонци туку дека се доселиле од Албанија или Косово и дека токму затоа во било кој спор ги подржуваат секогаш и исклучиво своите без разлика дали се во право или не. Други пак злонамерно тврдат дека оваа фамилија има влашко потекло и дека, слично на фамозното „влашко лоби“, секогаш се држат меѓу себе во било каква ситуација.

За етничкото потекло на ова семејство навистина нема многу факти и документи и без такви работи не може да се даде конечен одговор. Како и да е, факт е дека меѓу фанатичните приврзаници на нашите големи партии има многу братучеди од оваа фамилија.

Фанатиците кои гледаат светиња во својата партија секогаш се спремни само за своите сопартијци да се борат, и само за нив да имаат пофални зборови, без оглед на тоа колкави скандали и афери предизвикале сопартијците им. Партијата е секогаш во право – велат членовите на семејството Самозасвоитеви, и по тоа свое однесување со сосема верни на своето презиме.

Хералдика: триаголен штит, во кој што има нацртано друг, помал триаголен штит, во кој што има нацртано друг помал триаголен штит, во кој има друг помал штит и така сѐ до најмалиот триаголен штит во центарот на сите претходни, во кој што пак – нема ништо. Тоа ја симболизира нивната семејна философија: секогаш да ги бранат своите, без оглед на фактот што во суштината на „нивните“ нема ништо вредно за бранење.

9. Фамилија Аштоќеречески: ова е инаку една многу позната и раширена фамилија која има дадено еден куп еминентни новинари, експерти, аналитичари, па дури и политичари. И не е ограничен нивниот општествен придонес само во политиката, ами и во уметноста и во модните списанија и сродните рубрики по телевизиите и весниците. Цело време некој се труди да го убеди народот што е кул, што е тренд, и дека ако човек се облече како му е по ќеф – ќе биде обележан како сељак и ретроградна појава.

Но, оние Аштоќеречевци вклучени во политиката се многу поопасни. Тие се опседнати со идејата дека за било која реформа во земјата треба да бараме дозвола од странски фактори. Дека самите не сме способни да направиме за себе саглам држава и дека секогаш треба да се запрашаме: „а што ќе речат другите?

Хералдика: на штитот има мал зајак со две огромни уши, секогаш слушајќи некој друг што ќе му рече. Мото сеуште нема на грбот запишано, оти се чека стручно мислење од еминентни странски институции.

10. Фамилија Немислатсамиеви: во селото Долно Глупомакедонче, оваа фамилија е далеку најмногубројна и после извршени анализи на нивното семејно стебло (кое инаку има облик на ќутук) е утврдено дека се тие всушност роднини (и тоа многу блиски) со практично сите политичари во Македонија. И тоа не толку со оние кои се водачи на партиите, туку со нивните најблиски соработници, таканаречените полтрони.

За ова семејство сум пишувал многу на мојот блог, премногу дури, особено затоа што во текот на изминативе години, сум имал прилика многу често да налетам на такви луѓе – кои докажуваат дека презимето на фамилијата им е соодветно т.е. дека не мислат сами.

Жално е, многу жално што ние дозволуваме државата да ни ја водат и порано, но во голема мера и денеска луѓе кои се без осет за вистинските потреби и интереси на Македонија. И после осумнаесет години независно егзистирање, сеуште во умот на нашите врвни раководители нема независност на умот. Но, водачите доаѓаат и со одат. Народот останува. Дали во умот на обичниот народ има независност на мислата?

One Response

Subscribe to comments with RSS.

  1. Според мене Број 1 најглупавото Македонско семејство е Фамилијата Неонацистаковски.
    Во Битола, Велес, Скопје, Прилеп имаме болештина Наци скинхед Тип-1 IQ под 80 какви што дијагностицирав,а дали кукаст крст ил вергина сеедно е,значи убави се со тринаесет заби .

    Епа и овој Примерок исто јаде многу ќотек,ама не му иде умот.

    Абе таквите не креираат македонштина…креираат ГЛУПОСТ и ОМРАЗА(без основ) уствари се репрезентативен примерок на една штетна нуспојава,треба ваљда МВР да преземе мерки не за друго шират Глупост,а и уфилмуваат мали дечишта да се облекуваат така па да бидат горди со свастиката на плешти и со рајхсмаршал тетоважа(на срцето)…значи точно било…туку ајт примероков што го дијагностицирав нема потенцијал да ја рашири глупоста низ други градови ем Е**н ем Тепан..ко бош е ментално ретардирана особа..(онаа од електрични оргазам) ,едно малце има заби,друго мисли дека евреите го убиле Хитлер и затоа ги
    мрази.ЛОБОТОМИЈААА.

    Благоја

    24/12/2010 at 13:32


Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Промени )

Connecting to %s

%d bloggers like this: