Блогот на Богдан. Нено Богдан!

мој мејл: blogatash@yahoo.com

♦ ЕДНА ГОДИНА БЛОГИРАЊЕ НА БЛОГОТ „БЛОГАТАШ“

leave a comment »

Кога на седми јули 2008та ги објавив првите текстови на овој блог, не ни можев да претпоставам дека само една година подоцна, на лично мојот блог ќе стигнам да објавам точно 80 колумни и плус една цела он-лајн книга. Првата работа што е интересна да се забележи е обемот на сето тоа писание, а втората е инспиративноста.

* текстов е првично објавен на 7ми јули 2009 на http://blogatash.blog.com.mk/node/237336

Што значат бројките од горната табела? Па на пример, тие покажуваат дека во мојот блог, ако ги прочитате сите текстови објавени на него, ќе налетате на буквата „а“ дванаесет пати почесто отколку на буквата „ш“, додека пак ако ја барате во моите текстови буквата „ѕ“ ќе се намачите дури да ја најдете оти при милион и кусур употребени знаци, таа е само 76 пати присутна.

Од друга страна, бидејќи моите текстови се на најразлични теми, па може да се рече дека се добра апроксимација на било кој просечен текст напишан на македонски јазик, испаѓа дека во нашиот јазик, со едвај шест букви (а, о, и, е, т, н) можете да напишете практично половина од текстот.

Сепак, тој текст без другите 25 букви и бројките и интерпункциските знаци нема да може да каже многу, оти нема да успеете својата мисла да ја пренесете без употреба дури и на најретко користените букви. Можеби за „љ“ само еднаш во сто притискања на копчињата на тастатурата ќе треба да стиснете на соодветното копче, но за да го напишете зборот „љубов“ еднаш од пет пати ќе треба да притиснете на копчето за „љ“.

Од ова може да се извади голема поука околу потребата од почитување на сечија професија, на сечија улога во општеството без оглед колку и ретко да имаме употреба од него. На пример, пожарникарите сосема ретко имаат прилика да ги покажат своите вештини (само кога има пожари се потребни) но баш кога ќе се случи пожар, тогаш се неопходни. Слично и за специјалните единици на полицијата, кои можеби еднаш годишно или и поретко ќе треба да учествуваат во некоја акција за ослободување на заложници, или демонтирање на бомба или совладување на опасни терористи, но кога ќе дојде време за такво нешто – тогаш се потребни, најпотребни, неопходни. Во просечен текст од милион и кусур знаци, буквата „ѕ“ ќе ви треба едвај седумдесетина пати, но во реченицата „Ѕвонко ѕидарот во ѕиври кон ѕвездите се ѕвереше ѕенѕајќи“ таа буква се користи дури седум пати, додека „а“ се среќава само два пати!

Може да се тргне при инспиративноста и во друга насока, па земајќи во предвид колку често се употребуваат во нашиот јазик одредени букви, можеби би требало на тастатурите да се копчињата со различни големини и најчесто користените пет – шест букви да се со поголеми копчиња или во разни бои, за да бидат повидливи. Која е смислата копчето со чие притискање ќе ја напишете буквата „ѕ“ да ја има истата големина како копчето со кое се пишува буквата „а“. Доколку многу често пишувате текстови на македонски јазик, во просек на копчето со „а“ ќе притиснете две илјади и петстотини пати почесто одошто на копчето со буквата „ѕ“.

Табелата може да ве инспирира и во трета насока на размислување. Ако на пример треба да направите план за малите дечиња да ги учат буквите, како ќе ги распоредите лекциите? Дали по инерција, прво да ја научат буквата „а“ па буквата „б“ па буквата „в“ и сѐ до „ш“, или можеби според честотата на употреба на буквите, ќе почнете со „а“ , па ќе им ја објасните на децата „о“ , па буквата „и“. Вториот пристап би бил попродуктивен, бидејќи со научените први шест лекции (т.е. први шест букви по честота) децата ќе можат да препознаваат дури половина од било кој напишан текст на македонски јазик.

А еве и четврта насока на размислување: на тастатурите на мобилните телефони, наместо да се поставуваат три-четири букви на едно бројче по ред од азбуката, да се постават според системот најчесто употребувана – поретко употребувана – најретко употребувана буква, оти така многу побрзо ќе се пишуаваат СМС пораките. За да ги напишете најчесто употребуваните букви, нема да кликате по два-три пати на исто копче дури се изротираат буквите, туку само еднаш, а ептен ретко ќе имате потреба да кликнете по трет пат на исто копче за да ротирате до поретко употребуваните букви.

Петта насока на инспирација би било… е тоа ви оставам вам. Како што гледате, од една обична статистика за најчесто употребувани и поретко употребувани букви во просечниот текст на македонски јазик, можете да извадите многу идеи за практична употреба во реалниот живот.

Мојот блог е заснован токму на тој принцип, од некои навидум неповрзани нешта да се дојде до практични и корисни размислувања, ставови и решенија за конкретните проблеми со кои се соочува Македонија.

И конечно, уште една статистика. Ако се знае дека сѐ што досега имам објавено на блогот се состои од вкупно 268.204 зборови, и ако читате по 160 зборови во минута, шеесет минути на час и седум часа дневно, ќе ви требаат нешто помалку од четири дена читање за да ги прочитате сите текстови што за една година сум ги објавил тука. А ако се земе во предвид дека секој текст тера на размислување, и дека секое размислување може да се развие во повеќе правци – па имате значи доволно материјал за инспирација цело лето.

Доколку имате пријатели кои не знаат за мојот блог, раскажете им. Информирајте ги каде може да најдат „храна за нивните мисли“ и инспирација за креативност.

До крајот на јули има уште четири четвртоци и јас планирам во секој од нив да објавам по уште една колумна, т.е. до крајот на месецов да има на блогов уште 4 колумни. Првата ќе биде објавена уште задутре и ќе се вика „Демагози: како да ги препознаете?“, на 16ти јули ќе следува „Што корист би имал некој од техничко образование?“, па на 23ти јули една анализа на контроверзна тема „Аце педерот или Аце швалерот“ во која ќе се обидам преку историски факти да ви докажам дека Александар Велики (најверојатно) не бил хомосексуалец, и конечно ќе завршам со „Што всушност ни кажува коефициентот на интелигенција?“ која ќе биде објавена на 30ти јули.

Во текот на август, делумно бидејќи сакам јас да се одморам, а делумно и бидејќи посетеноста на блогерајот е многу, многу, многу ниска, ќе направам пауза, од барем еден месец. А во септември – овој блог продолжува со полна пареа, со колумната „Западен менталитет против Источен менталитет: каде сме ние, каде бевме некогаш и каде повторно треба да бидеме“.

Се надевам дека мојот блог во изминатава година ви причинуваше големо задоволство и дека читајќи го, почнавте барем малку поинаку да размислувате. Пред нас е долг пат, и како што Блогатството беше тука до сега, ќе биде тука и отсега.

Written by nenobogdan

08/01/2010 at 00:59

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Промени )

Connecting to %s

%d bloggers like this: