Блогот на Богдан. Нено Богдан!

мој мејл: blogatash@yahoo.com

♦ ЖЕЛНИ ДА ВЕРУВААТ

leave a comment »

Лажи, лажи ѕвере

Некои информации се точни, други се лажни. Некои идеи се нереални, други пак се реалистични. Некои анализи се бесмислени, други пак се полни со мудрост. Некои луѓе се спремни во сѐ што им се сервира да поверуваат, други пак на сѐ живо пристапуваат со скепса. Во денешната колумна, ќе стане збор за четири типови на луѓе кои не само што се спремни да поверуваат во секоја убава лага, туку и се желни да веруваат.

* текстов е првично објавен на 16ти декември 2009 на http://blogatash.blog.com.mk/node/260302

1 тип: Зависен од лажгото: покрај сите глупости и небулози што Карл Маркс ги смислил и кажал, сепак една работа ми се чини сосема точно ја погодил. А тоа е тврдењето дека економската состојба во која се наоѓа некој влијае врз начинот на размислување кај тој некој.

Маркс зборувал за класна свест, а јас би сакал да го избегнам тој термин и да го користам наместо него називот „зависност“, при што не се мисли само на економска зависност, туку и на зависност на светогледот, на начинот на разбирање на околината и појавите во општеството.

Не станува збор овдека за луѓето кои се вработени во некоја фабрика како обични работници и кога газдата на фабриката ќе држи митинг во својство на кандидат за некоја јавна функција (пратеник, градоначалник) па да мораат сите работници да дојдат на митингот (или ќе бидат казнети од плата). Не, не, тоа е вештачка поддршка, ака така и може да се нарече тој театар.

Станува збор за луѓе кои искрено веруваат во лагите на својот финансиски покровител, при што најјасен пример кај нас се водачите на многубројните невладини организации и интелектуалците – стипендисти на разните програми финансирани од странски донатори.

Овие луѓе се совршено свесни дека ниту денар нема да им остане во џебот ако го изнервираат со макар и најневин непромислен гест својот спонзор и затоа во нивните умови има перманентен напор за инсталирање на автоцензурата. Не дај боже некој професор доктор на кого последните шест студиски патувања во западна Европа му ги финансирала некоја фондација финансирана од ЕУ, да каже нешто против евроинтеграциите или односот на Унијата кон Македонија. Не дај боже, оти седмо студиско патување или стипендија за неговата ќерка/син/маж/жена/швалер(ка) за пост-дипломски студии во Германија нема да има!

Е затоа тие навистина се желни да веруваат во лагите на своите плаќачи. Оти најлесно се прифаќа една лага ако искрено веруваш во неа.

Чаре: препорачан лек за овие луѓе е да станат (или да бидат приморани да станат) економски независни. Ова особено се однесува на нашата бирократија, таа армија од скоро сто илјади трутови кои земаат плата од буџетот, и кои во зависност од тоа која партија ги вработила, се верни следбеници на „идеите“ на лидерот на соодветната партија. Во една претходна колумна реков јас дека симбол на слободата би требало да е оградата, оти она што е заградено со неа е нечија (приватна) сопственост. Само оној што има нешто свое, само тој е слободен и не мора да се согласи со ставовите на некој друг кој можеби има повеќе.

2 тип: Наивен и добродушен: ваквите луѓе ги среќаваме по блог–дискусиите и форумите кога постојано се обидуваат да повикаат на национално единство за некои клучни прашања, за социјална правда во социјална држава, на одговорно однесување на моќните фактори, на покажување на морал и чест од оние кои прават проблеми во општеството, никогаш не сфаќајќи ја фундаменталната вистина дека: „ако човек нема интерес да биде добар и чесен, тој нема да биде добар и чесен“.

Очекувајќи позитивна енергија од другите, овие луѓе веруваат дека другите навистина ја имаат длабоко во себе таа позитивна енергија и дека ако само им се пристапи со вистинските молби и барања, тие и ќе ја покажат позитивноста, хуманоста, патриотизмот, добрината…

Со други зборови, бидејќи овие луѓе се самите длабоко наивни и добродушни, не можат да сфатат дека во светот постојат и луѓе кои ниту се наивни, ниту пак се добродушни. Дека моќните и влијателни луѓе не станале моќни и влијателни со културно и цивилизирано однесување, ами со дрски измами, со непрекинати интриги, со нечиста игра и со строго водење сметка за своите интереси.

Секогаш кога јас ќе напишам дека „социјалната држава е лоша работа“ или дека „воведување на минимална плата е штетно за самите работници“ или дека „Македонија нема потреба да бара влез во ЕУ“ ваквите наивни луѓе ме напаѓаат со прашања од типот: „ама како можеш да кажеш такво нешто“ или „ама ЕУ е збир на демократски вредности“ или „потребна е силна социјална држава за да ги заштити работниците од алчноста на капиталистите“ и слични изјави со кои покажуваат дека веруваат во она што го слушаат од демагошките политичари, а не размислуваат за она што навистина е реалност.

Не е правилно да се верува дека сите луѓе се лоши, оти постојат многу луѓе кои се навистина добри. Но уште понеправилно е да се верува дека сите луѓе се добри, чесни и искрени. Оти има луѓе кои се далеку од тој идеал на наивните и добродушните.

Чаре: нема друго чаре и лек за ваквата состојба на духот освен на своја кожа да ги почуствуваат ваквите луѓе „благодетите“ на својата наивност. Редовна појава пред секои избори на времето беше кај нас луѓето да бидат убедени дека политичарите ќе ги исполнат своите прекрасни ветувања. Откако ќе изберевме една група политичари и ќе сфатевме дека нѐ излажале, ги отфрлавме, па ќе изберевме друга група со подеднакво блескави ветувања. Па откако и тие ќе не излажеа, ќе изберевме друга група. Па и од нив се разочаравме, и мислам дека повеќето луѓе конечно ја сфатија суштината на политичката борба.

За жал, иако се разочаравме од идеолозите, сеуште има многу идеологии кои уште наоѓаат наивни верници. Само затоа што звучат убаво. Упорно веруваат дека идеите се добри, ама луѓето што ги спроведуваа се лоши. Само да најдеме прави, чесни, искрени луѓе, тие ќе ја спроведат идејата доследно. Наивност, наивност без чаре е тоа…

3 тип: Во потрага по својот фанатизам: фанатиците секогаш се уплашени луѓе. Уплашени од реaлнoста, од иднината, од вистината во нејзината полна форма. Накусо, дефиницијата за фанатик е „човек што е преплашен од несигурноста“.

Никогаш не можеме да ја знаеме полната и целосна вистина за реалноста, ниту пак да ја предвидиме иднината со целосна сигурност, уште помалку пак да ги сфатиме појавите околу нас во нивната тотална комплексност.

Повеќето од нас претпоставуваат дека може едното, а може и другото да се случи, па тераме затоа некој среден пат, далеку и од едната и од другата крајност, функционирајќи по принципот „не ги ставај сите јајца во една кошничка“.

Но не и фанатиците. Оти тие се преплашени од несигурноста.

Затоа фанатикот е секогаш отворен кон догмите, како и врв и основа на верувањето. Некој демагог ќе му каже на фанатикот некоја догма, некоја „апсолутна вистина“ и фанатикот ја прима како светиња, по што се затвора за други можности. Неговата потреба од сигурност е задоволена и тој не бара повеќе.

Фанатик е оној кому на школо му кажале дека ние сме Словени, само Словени и ништо друго освен Словени, и од тогаш тој упорно одбива да согледа дека можеби тоа и не точно, и дека можеби има некои „непријатни“ историски факти кои ја рушат таа теорија. Таа догма. Таа лага.

Фанатик е оној кој некогаш заклучил дека капитализмот е зло и затоа одбива упорно да се информира за безбројните форми, сенки и нијанси на слободниот пазар, оти е преплашен дека неговата догма, неговата удобна „апсолутна вистина“ ќе биде скршена.

Фанатикот е безопасен, па дури и симпатичен по малку, сѐ додека самиот си верува во своите догми и сѐ додека самиот одлучува да не се информира за пошироките опции кои постојат. Но фанатикот станува навистина опасен кога ќе се добере до моќ и ќе почне да им забранува и на другите, кои не се фанатици, да истражуваат самите и да ја бараат и најдат вистината.

Чаре: историјата покажува дека токму фанатиците, кои се во првите борбени редови на секоја револуција, било насилна, било мирна но темелна промена на општествените односи, се токму првите што ќе го „окркаат стапот“ од новата структура на моќ која што самите ја помогнале да се добере до моќта.

Револуцијата ги јаде своите деца, не заради друго, туку затоа што „децата“ се борат за да „возрасните“ дојдат на власт, а потоа тие прагматични водачи, соочени со реалноста, редовно ги разочаруваат своите фанатични приврзаници. И за да се избегне нова револуција која ќе ја поправи грешката, фанатиците мора да биде први исчистени.

Чаре за секој фанатик желен да верува во догмите на својата „револуција“ е да ја има секогаш на ум фундаменталната вистина од претходните два пасуса. Фанатиците се корисни додека трае револуцијата, а после тоа се опасни. Или како што тоа неодамна премудро го срочи еден политичар кај нас: „војуваа лавовите и орлите, ама се чини дека само лисиците излегоа како победници“.

4 тип: Контракултурен отпадник: за зборовите „контракултурен“ и „отпадник“ може да си помисли некој дека се синоними и затоа нивното ставање заедно нема логика (мокра вода, ладен мраз, тивка тишина) ама сепак има логика во конкретниов случај.

Контракултурата е појава на свесно одбивање на постојните вредности што едно општество ги смета за позитивни и прифатливи, и намерно и свесно практикување на вредности кои се обратни од нив. По таа логика, во нашето сегашно време, во нашите конкретни македонски услови, контракултурни се оние продадени души кои работат за грчките интереси и пропагираат промена на македонското име  и откажување од нашиот идентитет, сето тоа обилно зачинето со барања за задолжителен атеизам, подршка за апсурдните барања на хомосексуалните групи и идиотските бладања за некаква социјална правда, анти-глобализам и анти-капитализам.

Овие луѓе обединети околу неколкуте невладини организации на сороспиите, опозициски партии, медиуми во сопственост на олигарсите, самонаречени интелектуалци од скопскиот универзитет, офуцани политичари од левиот и десниот дел на спектарот, и друг олош од тој тип, тие се нашите контракултурни.

Но не се и отпадници, оти за да биде човек отпадник, мора да биде андерграунд, надвор од мејнстримот, ренегат, аутсајдер. Тешко дека помијата опишана во претходниот пасус која дваесет години е во центарот на вниманието на јавноста може да ја наречеме андреграунд или аутсајдерска.

Контракултурни отпадници се токму луѓето кои себеси се опишуваат како екстремно леви, или пак екстремно десни. Кафеанските патриоти, верувачите во светскиот заговор против Македонија и православието, обожавателите на повторното враќање на Русија на сцената, фановите на Ахмадинеџад и Хезболах, мразачите на Израел, ЦИА и капитализмот, подржувачите на сѐ што е анти-македонско, плукачите по сѐ што е успешно, напредно, нормално.

Ваквите луѓе се желни да веруваат дека во вакцините против грипот има микро-чипови (?!), дека Албанците имаат мастер-план за освојување на Балканот, дека удбашите имаат сега повеќе моќ отколку во ерата на комунизмот, дека сите што мислат поинаку до нив се партиски полтрони кои работат за ќебапи и пиво и дека се дел од широка конспирација за уништување на душата на искрените и чесни христијани, и слични небулози кои на секој здрав и нормален човек му делуваат смешно и сосема апсурдно.

На секој нормален човек, но не и на контракултурните отпадници. Оти, тие се желни да веруваат дека нивниот личен неуспех, нивната ништожност, нивната промашеност не се нивна вина, не се производ на нивната мрза, глупавост или недостаток на талент и волја, ами на „мрачните, зли сили“.

Во мојата колумна „Заговор или изговор“ има четири лика, четири типови на психологија и менталитет, од кои првите два, наречени Ѓоре и Боре, се токму од овој вид на отпадници. Тие искрено веруваат дека има заговор, посакуваат да има заговор (ако немаше заговор, тој ќе требаше да се измисли) оти секој заговор е добар изговор за нивниот животен неуспех.

Чаре: практично нема чаре за овој најдегенериран тип на „желен да верува“. Оти тој не ги одбива лагите за да дојде до вистината, туку ги одбива лагите оти не соодветствуваат на неговиот мизерен ум. Тој ја одбива и вистината и лагата од иста причина. Соочен со апсурдноста на теориите во кои е убеден, тој одбива логично да размислува за нив. Оти лагите се убави, лагите велат „не си ти крив, други се криви, ти си жртва, ти си невин“.

Нема чаре. Кога човек еднаш ќе потоне во само-сожалување, тој губи контакт со реалноста. Нема чаре.

П.С: Мои колумни со сродни теми како денешнава имам многу на блогов, но во оваа пригода ми текнуваа за „Култ на личноста“, па за „Стадоумие“, па за „Аргументум ад хоминем“ па и зошто не и за „Западниот менталитет против источниот“. Ако ви се виде интересна колумната денешна, а овие не сте ги прочитале до сега, слободно ѕирнете ги. Верувам дека ќе ви се видат интересни и тие. Во четврток, на 24ти декември, на блогов ќе биде објавена пригодна предновогодишна колумна со наслов „Календарче“, во која пак ќе стане збор за политика и општество, ама на еден многу порелаксиран начин. За што станува збор, ќе видите во четврток.

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Промени )

Connecting to %s

%d bloggers like this: