Блогот на Богдан. Нено Богдан!

мој мејл: blogatash@yahoo.com

♦ ЗАПАДЕН МЕНТАЛИТЕТ ПРОТИВ ИСТОЧЕН МЕНТАЛИТЕТ

with 8 comments

Во големата шема на судирот на цивилизациите, на конфликтот на културите, на спротиставените погледи на светот, каде сме ние сега, а каде сме биле некогаш? И уште поважно, каде треба повторно да бидеме за да дојдеме најблиску до својата македонска автентичност? Преку споредба на пет клучни „источни“ и „западни“ вредности – во овој текст ќе се обидам да одговорам на тие прашања

* текстов е првично објавен на 3ти  септември 2009 на http://blogatash.blog.com.mk/node/244629

1. Смислата на победата:

Ајде погледнете го односот кон ерата на социјализмот/комунизмот која во нашата земја траеше од 1946та до 1998та. Многу луѓе се лутат што ние малкумината вистински десничари тврдиме дека тој период било едно големо промашување и изгубено време за развојот на македонската нација и култура.

„Ама како изгубено време“ – возвраќаат шокирано југоносталгичарите кои сеуште се во огромно мнозинство меѓу сегашните Македонци – „кога токму во тој период добивме право на училишта на македонски јазик, добивме можност да пееме и снимаме песни на македонски јазик, добивме своја држава (колку толку независна), со свое име, грб, знаме, химна! Како може некој да тврди дека тоа време било изгубено за развојот на Македонија, кога бил постигнат толкав развој, кога сме ги стекнале тие придобивки?“

Погледнете ги Северна и Јужна Кореја. Пред шест децении тие беа една култура, една цивилизација и една држава, а во изминатиов половина век се две одделни држави, со две одделни идеологии на власт. На Северот има комунизам во неговата најстрога форма, додека на Југот иако тамошниот капитализам не е баш толку чист како во Сингапур, сепак е далеку од практиката на северниот сосед.

И во Северна Кореја има изградено фабрики, патишта, училишта, мостови, пруги, брани, и таму се зборува на корејски јазик, и таму се пејат корејски песни и се пишуваат книги на корејски и некој ќе рече дека тоа е јасен доказ дека комунизмот сепак ете функционира!

Но, и во Јужна Кореја исто така има изградено фабрики, училишта, мостови, пруги, се пишуваат книги на корејски, песни на корејски се пејат и филмови се снимаат на корејски јазик, па која е разликата? Разликата е во тоа што благодарение на западните вредности кои во Јужна Кореја се општоприфатени, нивните фабрики произведуваат сто пати повеќе од северните, па следствено имаат и сто пати повисок стандард јужните Корејци од нивните северни братучеди кои живеат во очајна сиромаштија.

Да се вратиме во Македонија. Да, во социјализмот десетици писатели имаа право да пишуваат и објавуваат книги на македонски јазик, но на колку стотици писатели им беше ускратена можноста да пишуваат за многу работи кои не беа политички подобни?

Да, во социјализмот конечно Македонците можеа да го слават и афирмираат својот идентитет, ама колкави делови од тој идентитет беа забранети и потиснати? Можевме да ја учиме нашата историја, ама целата ли ја учевме како што треба или само оние делови кои беа така преставени што требаше да произведат комплекс на пониска вредност и чуство дека сме неспособни да имаме своја сопствена држава и дека ни треба странско (белградско) туторство? Последиците од тој систем на искривено и превртено изучување на половична историја и до ден денешен се чуствуваат во нашата патолошка опседнатост со евроинтеграциите.

Да, во социјализмот имавме своја држава со свое име, знаме, грб и химна, но таа држава не беше на целата територија на која живеат Македонците (дури и Прохор Пчињски ни го зедоа „браќата“ српски Југословени), не беше тоа знаме знамето од златните времиња на македонската цивилизација, тој грб беше вештачка творба и без никаква историска автентичност, а химната… за оние што не знаат, песната која сега ја сметаме за наша химна и која ја наследивме од комунизмот не е истата онаа песна која ја пееле како национална химна делегатите на првото заседание на АСНОМ. Нашата сегашна химна ни ја наметна Колишевски, а химната која ја пееше Ченто ја заборавивме и дури и се срамиме од неа, ја сметаме за туѓа…

Дали треба да се радуваме за оние работи што сме ги имале, а сме можеле и да ги немаме, или треба да тагуваме за оние работи што сме можеле да ги имаме, а сме ги немале?

2. Смислата на борбата:

Последната реченица од источниот став е многу симптоматична и врз неа би сакал да ја изградам мојата теза. Значи, целта е – вели Истокот – да бидеш, а не да имаш. Се согласувате ли оваа лузерска логика, популаризирана од издрогираните хипи-мислители во ’60ите години и на Запад?

Ако се согласувате, тогаш сте како повеќето типични Македонци кои сметаат дека е побитно да бидеш вработен, но не е битно да имаш плата! Побитно е да бидеш вдомен, но не е битно да имаш своја куќа. Битно е да бидеш ослободен од обврската сам да донесуваш решенија, но не е толку битно да имаш слобода да мислиш со своја глава и да одлучуваш за сопствената иднина.

Дали е битно да бидеш добар возач, или е подеднакво битно да имаш своја кола? Дали е побитно да бидеш добар фармер, или е подеднакво битно да имаш своја фарма која ќе ја обработуваш?

Дали е побитно да бидеш учен, или е побитно да имаш знаење?

Ова не е само игра на зборови, туку суштинска разлика во начинот на гледање на работите на Запад и нашиот македонски типичен начин на гледање на работите.

За нас, смислата на образованието е да се дојде до диплома, со која потоа ќе може да се конкурира во некое државно претпријатие за стекнување на работно место – државен службеник.

За нас сеуште смислата на образованието не е да се стекне, да се има, знаење со кое потоа ќе може во туѓа, а подоцна и во сопствена фирма да се работи со домашни и странски клиенти и да се постигнуваат профити и развој.

Да бидеш дипломиран не е цел на образованието, туку да имаш знаење е целта. Кога ќе бидеш дипломиран тоа е само услов, за да добиеш шанса да го покажеш своето знаење. Ако го имаш.

Ако целта е да бидеш, а не да имаш, дали е целта да бидеш човек или е целта да имаш услови за достоинствен човечки живот?

3. Смислата на животот:

Оваа источност во нашиот менталитет се огледа во нашата опсесија за сочувувањето на социјалната држава во нашата земја и одбивањето на капиталистичките реформи на едно потсвесно, речиси патолошко ниво. Да, ние сме сите свесни дека социјализмот пропадна и дека нема да се врати, ама сите реформи ги правиме со цел (сликовито кажано) да изградиме нов социјалистички ѕид на кој само ќе залепиме капиталистички тапети. Да личи на нешто ново, ама да остане суштината иста.

Просто, на економскиот систем ние гледаме како на структура која треба да овозможи што е можно повеќе луѓе да бидат вработени (најчесто во државна фирма, но и за приватните инвестиции тоа нѐ интересира главно). А некој ќе дојде инвеститор да гради фабрика, ние веднаш за главна придобивка го сметаме тоа што толку и толку сега невработени лица ќе бидат вработени. Небаре зголемувањето на бројот на вработените е предуслов за економски раст?!

А всушност обратно треба да мислиме, т.е. „западно“. Економскиот раст е прв предуслов за повеќе вработувања. Од тука, смислата на економските односи не е да имаат луѓето што да работат, ами да се зголемува количеството на материјални предмети и услуги во општеството.

Затоа сите наши инфрструктурни проекти со кои политичарите сакаат да се фалат пред избори се вртат околу ветувања за изградба на патишта. Оти градење на пат е нешто кое вработува веднаш многу луѓе – за мали плати, но сепак вработува многу луѓе. А тоа првенствено ги интересира гласачите во регионот каде се гради патот. Не дали има економска оправданост од тој пат, или можеби поголем бенефит за побрз економски раст ќе биде изградбата на да речеме, брана и акумулација и систем за наводнување.

Или погледнете ги реформите во образованието, или пак во јавната администрација. Сите тие се конципирани (барем во изминативе 20 години) со една единствена фабричка грешка – не предвидуваат отпуштање на прекумерните и непотребните работници. Затоа децата ги малтретираме со школски програми според кои мораат да учат секакви бескорисни глупости, не дека ќе им требаат некогаш, туку дека така ќе има работа за наставниците и професорите.

Или во администрацијата: луѓето наши се склони да мислат дека план за реформи кој вклучува отпуштања е лош план за лоши реформи. Напротив, план за реформи во јавната администрација кој не вклучува отпуштање на неколку десетици илјади партиски паразити – воопшто не е план за никакви реформи. Тоа не е пат кон успех, туку круг на континуиран неуспех.

4. Смислата на мотивацијата:

Она што нашата „источњачка“ јавност најмногу ја нервира кај политичарите е кога ќе чујат дека пратениците направиле сметки за службените мобилни од над десет илјади денари месечно, или дека некој министер го користел службеното возило за приватни потреби и при тоа ја оштетил државата за 100 евра (за гориво), или пак кога премиерот ќе пие кафе и ќе јаде пица во некој ресторан на државна сметка, а при тоа си прави приватен муабет со приватни лица кој што муабет нема врска со раководењето на државата.

Се нервираме кога ќе дознаеме дека некој министер вработил свој-а братучед/братучетка во својот кабинет, ама не се секираме што стотина илјади партиски паразити се вработени во јавната администрација. За братучетката на министерот се прашуваме дали е способна, а за армијата мрзливи и арогантни бирократи никогаш не ни текнува да прашаме дали се потребни воопшто?

Накусо, ние им се лутиме на политичарите ако неправилно потрошат 100, 1.000 или 10.000 евра. Ја оштетиле така државата!

Ама кога некој министер поради глупавост, незнаење или најчесто лични лукративни мотиви ќе реализира некој проект што ќе ја чини државата десетина милиони евра и кој ќе биде сосема промашен – е тоа нас не нѐ лути. Кога некој ќе донесе идиотска одлука да потроши 50 милиони евра за набавка на 300 нови автобуси за Скопје, наместо тие пари да ги инвестира во изградбата на толку потребната атмосферска канализација – тоа никого не го лути, дури за чудо најмалку оние граѓани, стотина илјади Скопјани од периферните населби кои и оваа есен и идната пролет ќе имаат пак поплави во своите подруми.

Кога пратениците во Собранието ќе изгласаат кретенска програма за непродуктивни инвестиции во инфраструктурата, програма што земјава ќе ни ја задолжи со милијарди евра кои со децении нема да можеме да ги вратиме – никому ништо, јавноста не се потресува ич. Ама ако истите тие пратеници одлучат да си ја зголемат платата им за неколку стотици евра месечно, е тогаш сме шокирани, бесни, со индигнација реагираме дека тие наши пари земаат.

А парите кои ги трошат на глупав начин, оние милиони, милијарди кои ќе бидат фрлени во ветер а ни нашите деца нема да можат да ги вратат кредитите? Тие пари чии се што се одземени и што ќе бидат одземени од генерациите што доаѓаат?

Упорно веруваме во апсурдната заблуда дека луѓето на кои сме им ја довериле власта да управуваат со 2.5 милијарди евра годишно треба да работат за 700 евра месечно! Упорно веруваме дека луѓето кои за изборна кампања потрошиле 20 милиони евра кога ќе дојдат на власт ќе бидат чесни! А од каде им се тие 20 милиони евра не се прашуваме и уште поважно, не прашуваме и како планираат да ги вратат тие пари на оние што им ги донирале?

5. Смислата на водството:

Читајќи ги описите за битките помеѓу Александар Велики и неговиот главен непријател, кралот на Персија кај нас познат како Дариј III, човек сосема јасно може да ја забележи разликата помеѓу источниот и западниот менталитет. Александар, водачот на западната цивилизација, на чело на своите најхрабри и најелитни војници јуриша директно кон срцето на непријателскиот табор, каде што опкружен со десетина илјади телохранители, најлојалните негови слуги, во златна кочија стои и ја набљудува битката, господарот на сѐ што е источно – Дариј.

За источните народи ликот на владетелот отсекогаш бил недопирлив, мистичен, скриен. Магичен, на некој начин. Затоа за источните народи и ден денеска е сосема нормално синот на претседателот да биде нов претседател, како што тоа е случај во Сирија и Северна Кореја. Или детето на лидерот на партијата да биде нов лидер на неговата партија, како што тоа е случајот во Пакистан со семејството Буто веќе три генерации или во Индија со династијата со презиме Ганди (Индира, Раџив, Соња и еден куп други) основана од Нехру. Бидејќи човекот кој владее е волшебен, магичен, свет практично, неговата магија се пренесува „органски“ на неговите потомци и тие нема зошто да докажуваат дека се способни да владеат. Тоа им е во крвта – сметаат источњаците.

Кај нас, овој начин на гледање на нештата е присутен во нашиот нескриен восхит кон олигарсите, во нашето боготворење на оние лидери кои од сенка можат да ги влечат конците. И се разбира, во нашата омраза кон оние што се дрски, па се истрчуваат самите да творат и зборат.

Му се смеевме на Груевски кога обу чизми и замина на некоја селска ливада за да стави каубојски шешир на главата, ама воодушевени сме од напорите на Црвенковски конспиративно и своерачно, без никакви јавни консултации да ја освежи партијата му со сосема нови, лично избрани од него кадри, небаре се од трик-шешир извадни неизвалкани „бели зајачиња“.

Просечниот Македонец длабоко во себе ги презира луѓето како Жан Митрев, Благоја Самаковски или Милчо Манчевски, најмногу затоа што тие со својот труд постигнале нешто во својот живот. Зад нив никој не стои.

Ама просечниот Македонец ги обожува олигарсите баш затоа што зад нивниот материјален успех стои тајната полиција, странските разузнавачки служби, белосветските мафијашки организации, овдешните големи партии. Зад нив стои некој.

Всушност, за нас, зборот „лидер“ не означува водач, туку владетел… не оној кој е пред сите, туку оној кој е над сите.

Повеќето луѓе во денешна Македонија сметаат дека нашиот сегашен национален менталитет е благопријатна мешавина на источни и западни вредности, која на секојдневниот наш живот му дава посебен шарм. И демек затоа наводно, не сме смееле да се откажеме од нашиот менталитет и да ги прифатиме западните вредности, оти така ќе сме изгубеле голем дел од нашата автентичност. Тоа е според мое мислење, сосема погрешно гледање на нештата.

Автентичниот македонски менталитет, оној од златното доба на Македонија, времето на Александар Велики и Филип II, не преставувал никаква мешавина на западни и источни вредности, туку чист, рафиниран, западњачки поглед на светот. Во времето кога Македонците биле чисти западњаци, Македонија била богата и моќна, почитувана и силна. Денешниот типичен македонски менталитет е загаден со источни вредности. И затоа, во нашиот секојдневен живот (и животен стандард!) повеќе наликуваме на жителите на Бангладеш, Сирија, Египет и Пакистан, отколку на жителите на Канада, Швајцарија, Норвешка и САД.

Невозможно е да дојде до зголемување на животниот стандард на Македонците без да се промени нашиот менталитет, без да биде темелно исчистен од сите загадувачи и вратен во рафинираната состојба од својата автентичност. А дали е тоа можно?

П.С: Во врска со тоа што е навистина автентично, а што е копија, т.е. како понекогаш се збунуваме околу оригиналноста на некои битни работи, погледнете ја колумната „Треска, Вардар, ние и Грците“. Во врска пак со првата точка и нашата бесмислена носталгија кон добата на социјализмот, ѕирнете ја „Митот за благосостојбата во социјализмот“. Втората точка пак има заеднички елементи со колумната „Сто милиони евра за учениците“. Точката посветена на разликата меѓу животниот круг и животниот пат можете да ја проширите со читање на колумните „Како да се збогати Македонија“ и „Втор пристап: како да се збогати Македонија“. Идеите ставени во четвртата точка од денешната колумна се далеку подобро разработени во мојот предлог за „250.000 евра плата годишно за секој пратеник“, додека ништо подобро не ја објаснува смислата на петата точка, од мојата колумна „Култ на личноста: карактеристики и последици“. Читајте, читајте…

8 Responses

Subscribe to comments with RSS.

  1. Може ли да ми кажете која е таа песна која ја пееле делегатите на АСНОМ и која ја сметале за химна? Ова чисто информативно, прв пат го сретнувам ова како податок па ме zaинтересира, однапред благодарам🙂

    Teodora

    06/10/2010 at 23:34

    • Станува збор за следнава песна:

      И на википедиа има нешто за неа: http://mk.wikipedia.org/wiki/%D0%98%D0%B7%D0%B3%D1%80%D0%B5%D1%98_%D0%B7%D0%BE%D1%80%D0%B0_%D0%BD%D0%B0_%D1%81%D0%BB%D0%BE%D0%B1%D0%BE%D0%B4%D0%B0%D1%82%D0%B0

      Песната до ден денешен „експертите“ ја сметаат за бугарашка, но ако на АСНОМ ја пееле Ченто и Брашанрев (а и Киро Глигоров), зарем тие не знааеле што пејат?

      • За Киро незнам, ама во Ченто не би сакала ни најмалку да се сомневам, бидејќи премногу го почитувам…иако не ми е јасно зошто ако станува збор за песна своевремено сметана за македонска химна, таа да е напишана на бугарски јазик

        Teodora

        08/10/2010 at 01:05

        • Па не е напишана на бугарски јазик.

          Оти бугарски јазик не постои, тоа е дијалект на македонскиот. Еве како настанал бугарскиот јазик:

          „След Освобождението народните представители решават, че официалният български език ще бъде по североизточните наречия, както е и до днес“

          Се собрале делегати на конгрес во Трново и решиле – со гласање – еден дијалект да стане литературен јазик.

          Еве еден Бугарин што вели за тоа:

          „Поздрави за зачекнатата тема за приемането и гласаньето на литературниот бугарски jазик, коj бе принет през 1879 година во Трново.

          Тогаш имало народни представници од сите делови на Бугарското землиште – Североисточна Бугариja, Северозападна Бугариja, Шопско, Jужна Бугариja, Централна и Македониja…

          Биле представени три групи основни диалекти:

          Североисточниот, Трновскиот коj е значаjно близок со Североисточниот и Западниот бугарски диалект со основно “Охридско наречие. Западниот со охридското наречие се збори и сега во Шорскиот и Северозападниот дел на денешна Бугариja.

          При гласаньето Охридското наречие губи саму со два гласа помалку од Трновскиот диалект. За Охридското наречие гласале представниците од Македониja, предсавниците на Шопско и представниците на Северозападна Бугариja.

          За Трновското наречие, кое се превратило во официален бугарски jазик гласале предсавителите на повекето гулеми тогаш бугарски градови – Габрово, Трново, Загора, Пловдив, Русе, Варна, Сливен, Ямбол, Бургас, Силистра, Разград!“

          За два гласа, за двајца делегати и Трновскиот дијалект станал литературен бугарски. Да не биле тие двајца делегати – сега она што се нарекува бугарски литературен јазик ќе звучеше како охридскиот дијалект!

  2. Глупости…НЕ мешај комунизам со источнен менталитет…

    • Главна одлика на комунизмот е колективизмот и борбата против желбата на луѓето да бидат богати.

      Главна одлика на источните философии е „да се откажеш од себе и да станеш едно со апсолутноста“ (т.е колективизмот) и дека богатство не е потребно за да човек биде среќен.

      Не треба да чуди што комунистичките држави беа Русија и Кина, а на Запад комунизмот никогаш не успеа да се вгнезди.

      Менталитетот на луѓето одредува под каков систем ќе прифатат да живеат.

  3. Сите богати Американци кога ќе видат дека и покрај то ашто можат да купат се нешто им фали одат во Непал да го пронајдат тоа…

    • Сите?

      Кои се тие сите?

      Од 100 илјади и кусур милионери во САД дали илјада вкупно некогаш биле во Непал.


Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Промени )

Connecting to %s

%d bloggers like this: