Блогот на Богдан. Нено Богдан!

мој мејл: blogatash@yahoo.com

♦ КАКО ДА СЕ ЗБОГАТИ МАКЕДОНИЈА?

leave a comment »

Би сакале ли да живеете во ваква куќа?

Првин, треба да расчистиме дека парите не се богатство. Ако беа парите богатство – ќе беше доволно да испечатиме банкноти во неограничени количини и ќе се ослободевме од нискиот стандард веднаш. Некои држави низ историјата тоа и го пробале и завршиле уште посиромашни отколку што биле пред тоа. Е па, ако парите, кои за сите нас се асоцијација на богатство, не се богатство – што е богатство тогаш? И уште поважно, како ние, како општество да дојдеме до него?

* текстов е првично објавен на 18ти јуни 2009 на http://blogatash.blog.com.mk/node/234673

Има три причини основни поради кои луѓето се обидуваат да се збогатат: прво – за да живеат удобен живот, второ – за да не стравуваат за иднината дека ќе бидат тие или нивните потомци сиромашни, и трето – за да можат да се фалат пред другите луѓе со својот успех. Од таму, секоја работа која ни обезбедува да живееме поудобен живот, која што ја осигурува нашата благосостојба на долг рок и која нѐ прави да се чуствуваме горди и достоинствени – е дел од нашето богатство. Но, од каде доаѓа богатството во едно општество?

Искористувањето на природните (пред сѐ минерални) ресурси носи богатство и токму затоа држави како Саудиска Арабија, Иран и Русија се богати, иако фактот што државата без позначајни рудни наоѓалишта Јапонија е побогата од сите нив заедно треба да ги натера водачите во наведените три земји да размислат дали нивното сегашно богатство е максимумот што можат да го имаат?

Проблемот со природните ресурси е во тоа што повеќето од нив се потрошливи. Кога тогаш, нафтата ќе биде исцрпена, рудите ќе бидат извадени од сите наоѓалишта, ураниумот ќе се ископа до последен грам… и што потоа?

Јагленот е најзначаен енергенс во нашата земја. Без него практично 90% од нашите потреби за струја ќе мораме да ги увезуваме, што значи дека ќе мораме да плаќаме целосно за нив во девизи (сега копањето на јаглен во Пелагонија го плаќаме во денари, а девизи само малку трошиме за купување на резервните делови за машините). А кај ќе ги најдеме тие дополнителни милијарда евра за увоз на струја, ако сега веќе не извезуваме доволно за да ги покриеме сите трошоци од сегашниот увоз?

Еден од начините да се намали зависноста од енергијата е да се смали нејзината употреба преку зголемена енергетска ефикасност, а друг начин е преку инвестирање во развој на обновливи извори на енергија. Доколку се исклучи сосема тешката индустрија во нашата земја, и се работи на развој на лесна т.е. ниско енергетска индустрија, и доколку се искористат сите извори на обновлива енергија што ги поседуваме (водена енергија и ветер, па и соларна енергија во наредните децении) кога после 30 години ќе го изгориме и последното парче јаглен што го имаме во нашите резерви – нема да мораме да стравуваме за милијардите евра за увоз на струја. Оти самите ќе си произведуваме доволно.

По таа основа: паметно ли е да се потпираме на фаворизирање на тешката индустрија во нашата земја? Да, точно е дека таа, од макроекономска гледна точка, сега е основен извор на девизни приходи. Ама сега. А кога ќе го потрошиме јагленот и кога сета енергија ќе треба да ја увезуваме? Со толкав удар на девизната сметка, нашите денари ќе изгубат многукратно од својата вредност, а со нив и нашиот стандард, мал каков што е, ќе стане уште помал.

Очигледно, искористувањето на природните ресурси има свој лимит при збогатувањето на едно општество во целина. Затоа Русија никогаш нема да има GDP од 13 трилиони долари колку што имаат САД. Па ниту од 5 трилиони долари колку што има Јапонија – земјата без рудни и енергетски природни ресурси. А и ние нема далеку да стигнеме ако не почнеме да планираме за времето после исцрпувањето на нашите скромни природни богатства.

Добрата инфраструктура создава богатство или поточно кажано, помага да се искористат максимално ефикасно сите други елементи кои во една држава можат да генерираат економски развој.

Со други зборови, можете во вашата земја да имате огромна река и на нејзе да подигнете масивна брана која ќе биде снабдена со електрични агрегати кои ќе произведуваат колосални количества струја, доволни за целата ваша држава – ама ако не успеете да изградите далноводи кои ќе ја транспортираат таа енергија до каде што е потребна, тогаш џабе ви се и реката и браната и струјата.

Овој проблем е доста реален во централна Азија, и една од причините поради која државите богати со земен гас (природен ресурс) како Казахстан, Узбекистан и Туркменистан се во целина сиромашни е што најголем дел од приходите од продажбата на нивниот гас лапнува Русија низ чија територија поминуваат гасоводите кои ја транспортираат таа скапоцена енергија до пазарите во западна Европа. Проблемот со рускиот транзитен монопол досега ќе беше решен ако се изградеа конкурентски гасоводи низ Афганистан и Пакистан до пристаништата на Индискиот Океан каде што во танкери втечнат гасот ќе се пакуваше и испраќаше за продажба, ама баш кога требаше да се почне со изгардбата на гасоводот, поради познатите причини Афганистан западна во војна. И кога веќе почна да се наѕира дека војната можеби ќе се смири и ќе се почне со изградба на гасоводите, Пакистан западна во безбедносна криза. Ако и Пакистан се смири – претпоставувам дека сосема „случајно“ ќе почне граѓанска војна во Казахстан. Човек да помислил дека некој има интерес Русија да го задржи монополот на транзит на гас низ нејзината територија. И постојано преку тајни канали креира нестабилност на Средниот Исток?

Очигледно, оној кој го има изворот на природните ресурси е на милост на оној кој ја контролира инфраструктурата за транспорт на тие ресурси. Што пак нѐ доведе до нашата ситуација и пристаништето во Солун кое Грција го користи за да ја уценува Македонија, зависна од неговата инфраструктура за извоз на производите на нашата тешка индустрија.

Чаре: или ние самите да инвестираме во развој на алтернативни патишта кон пристаништето во Драч (и Бар) или – да ја баталиме тешката индустрија и да се фрлиме на развој на лесна индустрија, која ќе произведува мали по тежина, но скапи по вредност производи (електроника, делови за автомобили…) врз кои транспортните трошоци по заобиколни патишта или дури и авионски немаат големо влијание врз конечната цена.

Во кој тип на инфраструктура треба да се инвестира и како тоа ѝ се враќа на државата во вид на зголемување на вкупното богатство на нејзините граѓани, пишував своевремено во оваа колумна. Ѕирнете ја.

Индустриската опрема создава богатство и од таму потребата за странски директни инвестиции. Баш така – странски. Не домашни, како што многумина наши неупатени во економијата граѓани веруваат дека „државата треба да гради фабрики“.

Бидејќи во нашата земја немаме сега некоја развиена домашна високо-технолошка индустрија (секоја чест на фирмите како „Алкалоид“ и „Микросам“ и сличните ним кои имаат свои истражувачки центри) останува дека доколку Владата или некој домашен инвеститор почне да гради фабрика за да ја снабди со потребната врвна технологија ќе треба да издвои свои пари за да ја купи и донесе тука не само технологијата туку и луѓето кои ќе знаат да управуваат со неа.

Тука на сцена стапуваат странските инвеститори и потребата од нив. Најчесто, големите компании самите ја развиваат својата врвна технологија и своите машини кои вредат милиони за нив самите, а ако сакате да ги купите машините од нив ќе треба двојно или тројно да платите. Плус, кога странскиот инвеститор носи своја опрема во нашата држава тогаш нето богатство влегува во земјава, но кога нашите инвеститори купуваат опрема од странство, практично со излегувањето на парите и со влегувањето на опремата купена со тие пари воопшто не се зголемило богатството во државата. Колку излегло за плаќање, толку влегло како технологија со таа вредност.

Настрана фактот што со врвната технологија треба да оперираат и врвни технолози. А и нивната обука чини пари, кои пак треба да излезат од нашата држава во странство каде што ќе бидат обучени нашите експерти кои потоа ќе работат во фабриките во нашата земја. Се разбира, потрошените пари ќе се повратат еден ден, ама тој ден е далеку. Особено што фирмите кои ја развиле таа технологија додека ние да се научиме на неа и да ги извадиме парите што сме ги вложиле – ќе си развијат нова унапредена верзија на технологијата и пак ќе нѐ направат неконкурентни.

Е затоа треба да има странски инвестиции. Оти со нив влегуваат и нова технологија и нови знаења за употребата на таа технологија. Освен тоа, тие веќе имаат обезбедено пласман за сопствените производи кои ќе ги произведуваат во фабриките во нашата земја.

Нашата држава (т.е. Влада), која што не е способна една пруга кон Бугарија да изгради или гасификација да заврши – не треба да сметаме дека е способна да изгради и опреми фабрики, и да најде кадри и менаџери кои ќе ги произведуваат по конкурентна цена врвните производи и ќе најдат пласман за нив.

Аналогија сликовита: ако имате ливада, но немате овци, ниту пак знаете било што за овчарството, тогаш имате два начина да заработувате од ливадата: или едно од вашите деца да го натерате да научи како се чуваат овци и да купите овци со свои пари и да чекате десетина години за да ви се поврати инвестицијата цело време стравувајќи гром или волци да не ви го сотрат стадото, или – да најдете некој кој е веќе овчар со долго искуство и кој има свои овци и кој бара нови пасишта за да го прошири својот бизнис и својата ливада да му ја изнајмите. Ниту ќе потрошите свои пари, ниту ќе имате ризик дали ќе ви се исплати инвестицијата, ниту ќе стравувате дека вашето дете нема да биде соодветно обучено и мотивирано за чување овци. Така е и со странските инвестиции.

Правната држава и солидните институции создаваат богатство или поправилно кажано помагаат тоа богатство што го создале приватните компании и лица да остане заштитено, да не го украде некој со сила од законските сопственици. Со тоа што богатството е заштитено, луѓето имаат мотив да го создаваат и понатаму, да го инвестираат и тоа да се зголемува.

Ова нешто, иако делува како очигледно само по себе – не е така. Оти во многу држави низ историјата најголема пречка за зголемување на стандардот на граѓаните била токму Власта преку своето неодговорно однесување.

Прво, Владата може да ја уништи најлесно економијата во својата држава преку отворање на инфлаторната спирала, т.е. печатење на неограничено количество пари со кои сака да ги плати своите прекумерни трошоци. Се разбира, колку повеќе пари ставате во оптек, толку нивната вредност опаѓа, па на крајот, сите се губитници оти куповите пари ништо не вредат, само хартија во разни бои.

Втор начин за Владата да ја уништи економијата и да го намали драматично стандардот на граѓаните е – високите даноци. Интересна работа во нашата земја е што барем до сега, во политичките дебати и кампањи даноците и нивната висина речиси никогаш не биле тема, а и кога биле споменати (во 2006та и во 2008та) беа само на ниво на третокласна изјава, без да некој посериозно им обрне внимание. Во САД и Британија, за даночната политика се губат или добиваат избори, а кај нас обично се менува каналот кога ќе се збори за тоа на телевизија. Зошто?

Трет начин за Владата да ја упропасти својата економија и практично најделотворен, е создавањето на култура на корупција и самоволие кај државните службеници. Велам најделотворен, оти практично е невозможно или многу тешко да се поправи ситуацијата кога еднаш ќе настане. Можете да престанете да печатите пари со притискање на едно копче, можете да ги намалите даноците преку ноќ со менување на законите кои ги регулираат даночните стапки, но за да ја сотрете корупцијата и злоупотребите кај државните функционери – практично единствен лек е сите да ги отпуштите!

Друг начин е да ги минимизирате можностите тие да прават зло. Што пак значи да се намали на драстично нивната улога во економскиот систем. Тоа значи дека треба да се укинат еден куп закони, процедури, бироа, директорати, секретаријати и слични бескорисни институции кои имаат само една суштинска намена – вработување на партиски војници.

Во Македонија имаме моментално некаде околу 150.000 луѓе кои земаат плата од народните пари. Најголем дел од државниот буџет, а помал дел од општинските буцети. Половината од нив се учители, пожарникари, лекари, судии, полицајци и слично, т.е. луѓе кои нешто работат и од кои има корист државата. Тоа значи дека 70ина илјади (другата половина) се паразити кои не само што ништо не работот а лапаат околу 350 милиони евра за нивните плати и придонеси, туку и го спречуваат развојот на економијата оти им се дадени права и привилегии да ги контролираат деловните субјекти.

Доколу 70те илјади партиски паразити заседнати во јавната администрација кои ништо корисно не придонесуваат за Македонија бидат отпуштени, не само што ќе заштедиме во буџетот 350 милиони евра, туку и деловните субјекти ќе заштедат барем уште толку, затоа што нема да мораат да ги корумпираат службениците или да средуваат секојдневно купови документи за да им функционира бизнисот. Ако тие заштедени стотици милиони се инвестираат во економски развој – ќе расне нашата економија и нашиот стандард со двоцифрена стапка.

Заклучок за оваа точка: кога Македонија би била зрела држава, задачата на Владата би се состоела во обезбедување на стабилна валута, ниски даноци и – ефикасна и ефтина администрација која што ќе гарантира правна сигурност за имотот на граѓаните (тука спаѓа и полицијата оти таа е директен гарант за одржувањето на редот и правната сигурност).

Така би било во зрела држава. Ама, бидејќи сега засега нашата држава не е зрела, па горенаведеното иако е потребно, не е доволно.

Здрави луѓе градат богата држава што објаснува зошто Владата е оправдано да гради спортски сали и игралишта, да инвестира во екологијата и заштитата на околината и да најде начин преку фискални мерки да го намали користењето на штетни супстанции од страна на граѓаните. Значи, не е толку поентата да се грижи Владата од љубов и идеализам за здравјето на своите граѓани, ами од чисто прагматичен економски интерес.

Колку поздраво население, толку повеќе е државата побогата, толку поголем е буџетот, толку повеќе пари има за политичарите (оние на власт што се) да стават во своите длабоки џебови. Настрана фактот што во држава каде што повеќето луѓе имаат нездрав начин на живот, трошоците за здравствената заштита се гигантски – најдрастичен пример се САД, ама и ние не сме многу подобри – со што уште помалку пари може да останат во јавните фондови за продуктивни инвестиции.

Затоа, најдобрата здравствена политика е превентивната. Која кај нас е „тера инкогнита“, не само порано, туку и сега. Како поинаку да се објасни тоа што ниту една Влада досега не успеа да ја натера Окта да инсталира технологија за намалување на загадувањето, или што во целата држава нема ниту една единствена санитарна депонија по европски стандарди (Дризла е чиста импровизација!), или што некои улави луѓе во сегашната Влада сметаат дека ќе биде добро за економскиот напредок на Велес ако се рестартира Топлиницата!?

Да не споменувам дека загадувањето од автомобилите кои чекаат зелено светло на семафор во Скопје е поголемо од загадувањето кое го испуштаат за време на целото нивно возење (нешто што може драстично да се намали со изградба на фамозното метро, како и со реконструкција и надградба на неколку тесни грла во скопската улична мрежа). Да не споменувам дека со еднократно инвестирање во енергетска ефикасност може за следниве неколку децении да се преполови потрошувачката на струја која оди за затоплување на домовите, како и на нафта (и гас) за оние кои се грејат на парно од Топлификација. Со тоа не само што директно ќе се заштеди од трошоците за струја и увозот на нафтата (и гасот), туку и ќе се намали загадувањето кое го предизвикува производството на таа струја и согорувањето на фосилните горива.

Зошто никому не му текнува да инвестира во проекти за подршка на екологијата и со тоа на здравјето на граѓаните? Јас не знам, но тоа е прашање за Владата која не успеа за три години владеење еден, единствен тендер успешен да распише за изградба на брани и хидроцентрали. Ако успеете да дојдете до нив, прашајте ги и дали на Скопје му се попотребни 300 двокатни автобуси што вредат 50 милиони евра или пак атмосферска канализација, и дали се свесни тие колку само стотици километри од канализацијата можеа да се изградат со толку пари?

Конечно: паметни, вредни и образовани луѓе создаваат богатство: и јас би рекол уште на почеток дека ако нема во едно општество такви луѓе – џабе се сите други извори на богатство.

Ова е огромна тема за која би било несоодветно да се смести во кратки црти во сегашнава колумна. Затоа, таа ќе биде обработена дополнително во некои идни колумни, пошироко и подлабоко.

Сега засега, ако сте ја пропуштиле мојата претходна колумна на таа тема, погледнете ја, и прочитајте ја без предрасуди, оти во неа предлагам еден крајно практичен, прагматичен и ефикасен начин да се обезбеди дека нашиот образовен систем ќе продуцира вредни и навистина образовани млади луѓе кои ќе бидат продуктивни граѓани на нашата земја и ќе придонесуваат таа да стане побогата и сите ние да имаме повисок стандард. Колумната се вика „Сто милиони евра за учениците“.

Ако не сте ја прочитале досега, ви гарантирам дека ќе ве изненади, можеби и шокира. Ако сте ја прочитале но имате негативен став кон контроверзната идеја образложена во неа – ве молам прочитајте ја пак. Овој пат, без предрасуди и со отворен ум. Оти само отворениот ум може да прими нови идеи, а само со нови идеи – можеме да одиме напред, како нација и како држава.

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Промени )

Connecting to %s

%d bloggers like this: