Блогот на Богдан. Нено Богдан!

мој мејл: blogatash@yahoo.com

♦ КАЛЕНДАРЧЕ

with one comment

Во чест на новата година која ни е пред врата, еве едно интересно календарче. Во него се разделени деновите во годината според нивната припадност на разните месеци, кои во денешниот пост ќе ги прикажам како партии, секоја со своја посебна идеологија соодветна на карактерот на месецот.

* текстов е првично објавен на 24ти декември 2009 на http://blogatash.blog.com.mk/node/261226

1. Јануарска партија: нејзиниот лидер (Први Ј. Ануари) е човек што многу ветува, и особено е познат по непоколебливите тврдења дека „отсега ќе биде сѐ поинаку“. Но, владеењето на оваа партија секогаш започнува со силен мамурлук, прејаденост и поспаност, предизвикани од лудата забава што ја прават по симнувањето од власт на претходната гарнитура, злогласната Декемвриска Партија.

Инаку Јануарците се и покрај својата почетна пијаност и поспаност, сепак длабоко конзервативни и религиозни, а како најпосветени во тој правец се пратеникот Б. Ожиќ и пратеничката Старанова Година.

Пратеникот Б. Адник инсистира на зачувување на семејните вредности (неговиот предизборен слоган беше „Кај и да си, за Б. Адник дома да си“, а како лого на кампањата имаше дабови гранки).

Пратеникот познат меѓу народот по прекарот Водици (вистинско име му е Светијов Анден) е многу популарен популист кој редовно собира многубројна публика на Камениот Мост кога таму држи митинг, а близок е и со раководството ан црквата.

2. Февруарска партија: можеби најлибералната партија, некои конзервативци ја обвинуваат и за подржување на хомосекуалната агенда (пратеникот Вторифев Руари го сметаат за неформален лидер на геј лобито во партијата), но тие самите тврдат дека нивните интереси се пред сѐ во промовирањето на слободната љубов (во што предничи пратеникот Светивал Ентин).

Овој пратеник воедно е шеф и на бизнис лобито на Февруарците, оти под негов наговор огромни пари се трошат во продавниците за подароци, па се зборува дека партијата тајно се финансира од донации на индустријата за парфеми, чоколадни срца, па и мобилните оператори од пред неколку години се споменуваат како спонзори.

Симбол на партијата е мачка, а контроверза поврзана со Февруарците е таканаречениот „фантомски гласач“ кој се појавува еднаш во четири години и потоа го снемува. За него се зборува дека порано бил кодош на Службата и дека е заведен во нивните досиеја под псевдонимот „29 – Февруар“.

3. Мартовска партија: слободно можеме да ги наречеме најнестабилниот политички елемент. Поради непредвидливото однесување на практично сите нивни пратеници (а ги има 31 на број) никогаш не може да се утврди дали се дел од пролетната или од зимската коалиција. Понекогаш еден пратеник наутро знае да гласа зимски (подржувајќи некој закон за снег или ратификувајќи некаков меѓународен договор за магла) а попладне да го разведри својот карактер и да гласа сончево или со доумерно облачни ставови, небаре е дел од пролетните.

Вистински радикали се, но и приврзаници на феминизмот, од најкласичниот (пратеничката Осмима Р.Т) до ултра-феминистички (за пратеничката Третима Р.Т кружи трач дека е лезбејка!).

Освен тоа, тие се и едни тешки демагози кои постојано тврдат дека со нивното појавување во Годината т.е во Парламентот започнува Нова Пролет, па дури и главниот идеолог на пролетта (Дваесетип Р. Вимарт) е дел од нивната пратеничка група, ама ретко кој би се согласил дека нивните зборови се поклопуваат со реалноста на нивното нестабилно и непредвидливо однесување.

4. Априлска партија: без сомнение нивниот лидер (Првиап Рил) е познат меѓу повеќето гласачи за најголем демагог, лажго и манипулатор на кого му нема рамен на целата политичка – календарска сцена. Сепак и покрај неговата општопозната склоност кон лажење, се чини дека поради неговата смисла за хумор неговата партија успева да ја одржи популарноста и практично во секој состав на собранието влегува со по не помалку од 30 пратенички мандати.

Анализите за рејтингот на партија покажуваат дека главни приврзаници на Априлците се младите луѓе, а има некои обвинувања од сериозни извори дека тие со својата идеологија започнуваат и децата да ги заведуваат. Познати се големите митинзи на градските плоштади што секоја година ги организира Првиап Рил на кои илјадници деца со нивните родители присуствуваат, ама маскирани.

5. Мајска партија: вистински левичари, особено нивниот лидер П. Р. Вимај кој себеси се нарекува работнички лидер и има тесни врски со Синдикатите. Потпретседателот на Мајската партија, В. Торимај, пак се чини дека е еден типичен левичарски демагог оти работничката класа ја води на излет во природа и ја чести го скара и пиво.

Како вистински приврзаници на левицата, Мајците имаат во своите редови еден борец од Втората Светска Војна, народниот херој Деве Тимај, за кого историјата тврди дека во 1944та токму пред него капитулирале фашистите. Еден од најзакоравените левичари во партијата им е Дваес Етипети – Мај, познат меѓу постарите граѓани како најголем почитувач на ликот и делото на другарот Тито.

6. Јунската партија: ова се практично сите вжештени глави од првиот до последниот при што како што напредува пратеничката листа стануваат се пожешки нивните секојдневни дискусии.

Се залагаат за укинување на образовниот систем, а особено како промотор на таа „реформа“ е контроверзниот пратеник Десислав т.е. Десе Тијуни, кој да е по негово, не би дозволил после неговиот настап да остане и едно дете во школа. „Сите за распуст, распуст за сите!“ е слоганот со кој овој политичар се прослави.

7. Јулската партија: овие се уште поекстремна партија од Јунците, каде што не се знае кој од кого е повжештена глава. Но воедно, овие се и познати како про-американска партија, оти кога и да се слави денот на независноста на САД во американската амбасада, еден од водачите на партијата, Чет „В’рти“ Јули (Chatt „Worthy“ Yoollie) е редовен гостин на тој коктел. Таму го канат затоа што тој всушност е Македонец (право име му е Четислав Јулески) роден во САД и таму се има школувано.

8. Августовците: овие се чудна политичка дружина, оти кај нив поради преголемата контроверзност на вистинскиот им лидер (В.Т Ориавгуст) секогаш како носител на листата се јавува еден релативно непознат политичар (Првиав Густ), иако нормално, сите знаат дека вториот на листата е најзначен меѓу нив.

За него се знае дека е голем патриот, оти потекнува од комитска и партизанска фамилија (познати под прекарот Илинден) при што дедо му (го викале прв Илинден) бил вклучен во создавањето на Крушевската република, а татко му на господинот В.Т. Ориавгуст (таканаречениот втор Илинден) бил учесник и на заседанието на АСНОМ.

Од каде доаѓа контроверзноста? Е па, некои луѓе тврдат дека сегашниот Илинден, ако сака да ја задржи автентичната определба на дедо му, би требало да е член на Јулската партија (на ова особено инсистира пратеникот Дваестиј Ули). Августовците енергично ги отфрлаат ваквите тврдења како чисто процедурални, при што главен аргумент што го користат во одбрана на својот партиски шеф е фактот дека целата мешница е настаната при промената на изборниот модел, од Јулијански во Грегоријански, а денот е истиот.

9. Септемвриска партија: на овие луѓе човек не може да им противречи никако на тврдењата дека токму тие се „државотворната партија“ во Македонија, оти името на нивниот почесен претседател Осмис Ептември нераскинливо е врзано со референдумот за независност од 1991та, и секогаш кога се зборува за тие настани секогаш мора да се спомене и тој.

Како главен елемент на нивната идеологија сепак не е толку патриотизмот, колку што е образовната политика оти тие се залагаат сите деца да одат на школо. Главен креатор на оваа идеолошка определба е пратеникот Првисеп Тември.

Инаку, оваа партија ја следат и контроверзи, оти многу родители тврдат дека поради стилот на работење на Септемвријците, кога тие се на власт трошоците на секое семејство што има дете на школска возраст драматично се зголемуваат. И едвај да може да се сврзе крај со крај. Септемвријците ги отфрлаат ваквите обвинувања со фразата: „во образованието никогаш нема трошоци, секогаш има само инвестиции“.

10. Октомвриска партија: покрај Септемвријците и овие се нарекуваат себеси државотворни, или барем револуционери, бидејќи единаесетиот пратеник од нивната листа и дваесет и третиот пратеник од таа листа се нарекуваат Пратеници на Револуцијата.

Иако интересно, за првиот пратеник има тврдење дека она за што тој си припишува заслуги (наводно, ги испукал баш првите куршуми против окупаторите во НОВ) е вистинска заслуга на еден малку познат пратеник од Јунците (Дваес Е. Тисед – Мијуни), но во времето на комунизмот неговите заслуги биле заташкани, па сѐ до ден денешен со закон се признати само делата на пратеникот на Октомвријците.

За Дваес Етитре – Тиоктомври пак се зборува дека некогаш бил петти човек од листата на Ноемвријците, ама кога се сменил изборниот модел од Јулијански во Грегоријански, за него била применета посебна процедура, па и тој всушност нема допирна точка со основањето на Македонската револуционерна организација, и дека за тоа треба да се слави ликот и делото на Петтин Оември.

Но, и двајцава пратеници се заштитени со посебни закони, и што е тука е. Поради нив двајца, целата партија може да се нарекува револуционерна, а всушност во најголема мера тоа се користи како изговор да им се доделат на нивните гласачи два неработни дена, а на разни јавни личности почесни награди.

11. Ноемвриска партија: ова е многу чудна партија, практично со неразбирлива и матна идеологија, тмурна програма, со ладен и најчесто дождлив настап практично на секој нејзин пратеник кога и да имаат тие шанса за јавно обраќање .

Кај нив може да се издвои популарната меѓу Скопјани пратеничка Катерина или кратко „Трина“ Естин – Оември (сопруга на Петтин Оември) чие семејство со децении веќе живее на стара слава од нејзините предци кои го ослободиле Скопје од фашистичката окупација.

12. Декемвријци: конечно, овие мрачни политиканти се меѓу народот едни од најомразените пратеници во Годината (Парламентот) оти се чини дека поради нивната склоност кон трошоци и неплатени сметки сите како едвај да чекаат да им помине мандатот.

Но, не се тие виновни, оти мораат да одговараат за ветувањата што ги дале не само Јануарците, но и сите претходни партии, а кои ништо не исполниле од тоа што ветиле.

Не може цела година некој да ветува дека нешто ќе направи, а кога нема да се исполни ништо, и кога на власт ќе дојдат Декемвријците, вината за секое неисполнето ветување на падне на нив. Сепак, за да ја заташкаат и својата сомнителна улога во валканите политички игри и комбинации, Декемвријците редовно организираат украсување на градот, им купуваат подароци на своите гласачи и за крајот на мандатот организираат спектакуларна забава, со која сакаат гласачите да бидат убедени да заборават на сѐ што било и да влезат во новиот изборен циклус, во Новата Година, со нови надежи.

Не знаат ли луѓето дека и во новиот состав на годината 2010, истите овие 12 лажливи Месеци од 2009та пак сите ќе се изнаредат на власт, со истите ветувања и истите лаги, и дека на крајот пак ќе останеме тапкајќи во место ако очекуваме од нив, или од било кој друг, да ги решат нашите проблеми.

Затоа, почитувани читатели на мојот блог, со овој пост последен за оваа година ви ја честитам новата 2010та година што ни е пред врата со следнава оптимистичка и истовремено реалистична порака:

Ако одлучите да го промените животот и да ги правите нештата поинаку, не  морате да чекате до први јануари. Почнете веднаш. Секој ден е нов ден. Секој нов ден е нова можност да направите нешто добро.

Written by nenobogdan

08/01/2010 at 22:08

One Response

Subscribe to comments with RSS.

  1. Ај да те посетам на новата платформа и да ти честитам празниците – Нова година и Божик!
    Колку што гледам доста убаво изгледа новиот блог.
    Само да сконтам како да отворам овде блог?!
    Поздрав!

    alexandro

    10/01/2010 at 16:03


Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Промени )

Connecting to %s

%d bloggers like this: