Блогот на Богдан. Нено Богдан!

мој мејл: blogatash@yahoo.com

♦ КРИВО ПРАВО

with 5 comments

Оган да го гори тоа капитализмот, лош и „неправеден“

Верувам дека сте имале прилика да видите на телевизија или прочитате во весник изјава на некои незадоволни баратели на нешто како тврдат дека тоа нешто што го бараат мора да им биде обезбедено оти имаат „право“ на тоа нешто. И бидејќи во една правна држава оној кој има право е секогаш во право – своето право најчесто го штитат преку протести, блокирање на улици и патишта и други радикални мерки. Но, понекогаш нивното право всушност е криво, и тоа многу криво

* текстов е првично објавен на 10ти  септември 2009 на http://blogatash.blog.com.mk/node/245616

1. Ситуација: замислете си дека некој сопственик на фабрика во која работат сто работници еден ден е соочен со барањето на работниците за поголема плата. Барањето е апсолутно оправдано – сите цени во продавниците од кои купуваат работниците се зголемиле, сметките за парно, струја, вода им се сѐ повисоки, но за среќа фабриката добро работи, извезува во странство и има голем профит, па работниците сметаат дека на газдата нема да му биде проблем да им додели покачување т.е. поголема плата.

Е арно ама, сопственикот со профитот веќе планирал да инвестира во нови капацитети во фабриката, нови машини и нова погонска хала, во која ќе вработи уште 100 работници. Па тој им вели на работниците кои учтиво дошле во неговата канцеларија со петиција потпишана од сите вработени – за поголема плата – дека парите што од неодамна почнале во поголема мера да се слеваат во фирмата не се предвидени за зголемување на платите на постојните работници, туку за нови инвестиции, нови вработувања на нови дополнителни работници кои ќе земаат исти плати како досегашните работници.

И избива штрајк! Логиката на штрајкувачите е многу едноставна: „што ни е нам грижа ако се примаат нови работници, кога ние пак исти плати ќе земаме? Фирмата не заработува сега пари од тие што ќе дојдат, туку од нас што веќе работиме. Затоа, ние заслужуваме поголеми плати! А ако не ги добиеме заслужените пари – ќе штрајкуваме!“

Изнервиран (и дури и навреден) од ваквиот однос, газдата на фабриката вели дека оние што ќе стапат во штрајк ќе ги отпушти. И откако сфаќа дека сите 100 работници решаваат да стапат во штрајк, сите ги отпушта. Веднаш распишува оглас за вработување на нови 100 работници што треба да ги заменат отпуштените.

Но, дента кога новопримените работници треба да дојдат на работа, се собираат старите работници, оние отпуштените, пред капијата на фабриката и со стапови во рацете и камења во џебовите им се закануваат на новите работници велејќи им дека нема да ги пуштат да влезат во фабриката.

Поради вжештување на страстите доаѓа до физичка пресметка меѓу отпуштените и новопримените работници и доаѓа полиција да ги раздели двете групи, а секако и новинарски екипи од телевизиите и весниците за да ја откријат и пренесат вистината за немилиот настан до своите гледачи и читатели.

Водачот на отпуштените работници објаснува: „ние моравме да го направиме ова, ние бевме принудени на овакви мерки, оти ние имаме право на работа! Ја тука работам неколку години у оваа фабрика, па не може некој мене да ме отпушта од моја фабрика. Ние имаме право на работа и ние тоа право ако треба и со сила ќе го одбраниме, оти правдата е на наша страна!“

Водачот на новопримените работници пак дава ваква изјава: „ние моравме да го направиме ова, ние бевме принудени на вакви мерки, оти ние имаме право на работа! Ја барам работа веќе неколку години, и сега кога ја добив, и не може некој да ме спречува да влезам во фабриката во која сум добил работа. Ние имаме право на работа и ние тоа право ако треба и со сила ќе го одбраниме, оти правдата е на наша страна!“

Вие почитувани читатели, што мислите, на чија страна е правдата?

2. Ситуација: замислете си дека некој човек е сопственик на стан кој поради тоа што не го користи решава да го издава под кирија. Дава оглас во весник, и по неколку дена некој човек се јавува на огласот, го разгледува станот, прашува за висината на киријата – му се кажува дека киријата е 150 евра месечно – и тој прифаќа!

После десет години негово живеење во станот и редовно плаќање на киријата, сопственикот решава да му ја зголеми киријата. Договорот си бил таков, еднаш годишно да се договараат за висината на киријата и потоа цела година да ја плаќа секој месец таа сума. Поминале десет години со десет пати договорени исти кирии, и сега за новата, единаесета година на домување во станот, тој треба да му плаќа на газдата по 200 евра месечно.

Потстанарот му вели на газдата: „види, јас работам во фирма во која навистина добро ме плаќаат, ама парите што ги земам не планирам за кирија да ги давам, оти си купив некои работи на кредит и сега треба да го отплаќам. Како второ, и да ме истераш од станот, кај ќе најдеш друг кираџија да ти плаќа по 200 евра. Никој нема пари толку. Знаеш, криза е“

Газдата одговара: „знам дека е криза, знам, оти и јас сум во криза и затоа ти барам 200 евра сега наместо 150 како досега што беше. И јас имам разни мои трошоци, и во крајна линија, станот е мој!“

Сеедно, потстанарот вели дека никаде нема да може да најде нов стан за 150 евра месечно ако се исели од постојниот стан, и дека тој после десет години живеење, има право на тој стан. Сите негови другари му доаѓаат на гости на таа адреса, стекнал многу пријатели меѓу соседите и едноставно станот е дел од неговиот живот.

Газдата му вели да се пакува и наредниот месец да си замине од станот. Тој распишува оглас во весник за издавање на станот за 200 евра и се јавува некој човек што е спремен да живее во тој стан за таа кирија. Денот кога треба газдата да му го покаже станот, го затекнува стариот потстанар кој вели дека не си оди, и му дава на газдата 150 евра како кирија за наредниот месец. И уште додава дека е спремен да продолжи да дава по 150 евра кирија месечно.

Газдата налутено му се развикуа: „Море копук, мој стан е ова! Да не ти го купил тебе татко ти, бре мајмуне! Ми е гајле за твоите 150 евра месечно кога најдов станар што по 200 ќе ми дава месечно.“

А тој одговара: „Твој стан? Јас овде десет години живеам, ти колку време си поминал во станот? За десет години 18.000 евра сум ти дал за кирија…“

Газдата го пресекува: „еј, па станов за 36.000 евра го купив пред десет години…“

А станарот враќа: „па јас мислам дека ако 18.000 е половина од 36.000 тогаш имам право барем на пола стан! Јас сум спремен да ти плаќам по 150 евра уште десет години и после овој стан си е мој, јас сум го платил и не само заради тоа, дваесет години ќе бидам во тој момент жител во него, па имам право на него!“

Но газдата одговара: „па јас не ти го продавав станот, туку ти го издавав. Ова е мој стан, па макар ти и сто години живеел во него и плаќал кирија. Јас имам право на мојот стан!“

Вие почитувани читатели, што мислите, на чија страна е правдата?

3. Ситуација: замислете си дека во некое село живее и работи на својата нива еден скромен, но чесен и трудољубив земјоделец. Тој на своите десет хектари плодна земја посеал пченица, како и практично сите негови соседи (живее во крај со извонредни услови за одгледување на житни култури).

Кога ја собрал жетвата, тој заклучил дека неговите приноси оваа година се далку над очекуваните и дека тоа не е уникатно кај него, туку и сите негови соседи, па и од другите блиски села, ма од целата држава практично добиле рекордни приноси на своите посеви. Плодна година!

Доаѓа време да се носи пченицата во некој откупен центар, и таму земјоделецот и неговите соседи ги пречекува следнава страшна вест: мелниците кои го откупуваат секоја година нивното жито по цена од 10 денари за килограм, поради преголемата понуда за оваа година (поради богатата жетва) сега ја смалуваат цената и нудат само 7 денари за килограм.

Оваа цена воопшто не им одговара на земјоделците, оти ни најосновните трошоци не може да им ги покрие. И тие бараат од откупувачот да им даде 10 денари за килограм, како и претходните години. Откупувачите велат дека тоа е невозможно, оти немаат толку пари, нема да им даде банката кредит, а и да им даде нема да можат догодина да го вратат кредитот. Ако лебот е поефтин поради поефтината пченица нема луѓето повеќе леб да јадат, туку заштедените пари ќе си ги трошат за други работи, па така мелничарите/пекарите нема да можат да ги извадат своите вложени средства за купување на пченицата.

Ама и земјоделците имаат свои трошоци и понудената цена едноставно не им одговара. И решаваат да ги блокираат сите приоди до откупните центри попречувајќи ги патиштата и улиците со своите трактори и камиони.

Откупувачите велат дека цената се дефинира од понудата и побарувачката и дека за толку многу пченица оваа година произведена тие можат да понудат само цена од седум денари килограм. Од друга страна, земјоделците велат дека под десет денари за килограм пченица – е за нив чиста загуба. И така, земјоделците ги блокираат патиштата и улиците, и дури и оние малку земјоделци на кои им се исплатува да ја продадат својата пченица за седум денари – не им се дозволува да дојдат во откупниот центар и да ја продадат на откупувачите.

Во мешаницата на една блокада избива и тепачка – меѓу неколку земјоделци кои не дозволуваат пристап до откупните центри и неколку земјоделци кои решиле да ја прифатат понудената цена од откупувачите.

Оние што се спремни да продадат тврдат: „ние сме подготвени да продадеме по таа цена. И за нас е многу ниска, ама сепак откупувачите нема да ја купат по десет денари сигурно, и ако не ја продадеме за седум – нема ич да ја продадеме“.

Оние што блокираат велат: „е не може некој да продава по седум а друг да не може ни за десет да ја продаде. Или за сите исто, или за никого нема да има откуп годинава

Вие почитувани читатели, што мислите, на чија страна е правдата во овој случај?

4. Ситуација: замислете си дека некоја девојка си има свој дечко со кого се во врска веќе десет години. Но, после десет години поминати заедно, еден ден таа решава да му раскине. Му наведува еден куп причини, меѓу нив и клучната – си нашла друг тип.

После настанатата кавга која трае околу еден час тие се разделуваат, и не се видуваат цел месец. Поминува месецот, кога во едно кафуле, сосема неочекувано, оставениот дечко ја сретнува својата бивша девојка со нејзиното ново момче.

И започнува кавга. Бившиот дечко на сегашниот дечко му вели дека му ја украл женската и дека тоа е многу нефер од негова страна. Овој сегашниот пак, му одговара дека таа не му припаѓа нему, туку е слободна да избере со кого сака да биде во врска и дека не може тој да тврди дека му ја украл, оти таа самата си избрала.

Вели сегашниот дечко: „па ти бе, десет години ја шеташ наоколу и не ти текна да ѝ предложиш брак? Ја еден месец сум со нејзе и веќе сакам да ја земам за жена“

На ова бившиот одговара налутено, веќе стегајќи ги тупаниците: „педер еден, па ја десет години бев со неа и не ѝ предложив брак, ти се’а за еден месец сакаш да ја ожениш? Се’а ќе видиш кого ќе жениш ти мајмуне…!“ и му задава тупаница на сегашниот дечко, кутнувајќи го на земја.

Овој откако ќе се крене повторно на нозе му враќа бокс, по што бившиот вади нож. Сегашниот немајќи нож зграбува големо стаклено шише во рацете (од оние дволитарските од „узо“) и го фрла кон главата на бившиот во истиот миг кога овој другиот скока врз него и го прободува во стомакот со ножот.

Кога доаѓаат „алфите“ да ја смираат состојбата, и двајцата се на подот, едниот со нож во стомакот, крвари, а другиот со раскрварена глава и големо парче скршено стакло забиено во лицето му вели на првиот полицаец што застанува пред него: „морав бе џандар, морав вака, он ми ја украде девојката, све да му ебам!“

Вие почитувани читатели, што мислите, на чија страна е правдата во овој крвав инцидент?

Иако сите наведени ситуации беа различни, сепак, логиката во сите нив беше иста. Во секоја имаше некој што мисли дека само поради тоа што има потреба од тоа нешто – има и право на тоа нешто. И дека некој друг треба да му го оствари неговото право. И е подготвен со сила да го брани своето право.

Никој нема право на работа, никој нема право на домување, никој нема право на продажба, никој нема право на купување, никој нема право на љубов. Секогаш станува збор само за желба.

За љубов се потребни две согласни страни. Ако една е согласна а другата страна не – тоа е силување.

За купување се потребни две согласни страни – ако една е согласна со понудената цена, а другата не, но сепак сака да си ја земе стоката без да ја плати понудената цена – тоа е кражба.

За продавање се потребни две согласни страни. Ако едната страна е согласна со понудената цена, а другата не, а сепак сака да ги земе тие пари со сила – тоа е рекет.

Многу работи кои во секојдневниот говор ги нарекуваме право на ова или право на она, всушност се само желба за ова или желба за она. Во бајките, практично сите желби секогаш ги исполнуваат духови од волшебни ламби, самовили од волшебни кладенци, или златни рипки фатени со волшебни јадици. Во реалноста, остварувањето на нашите желби зависи најчесто од другите луѓе. А и тие имаат свои желби, понекогаш спротивни на нашите. И кој е тогаш во право, а кој во криво?

5 Responses

Subscribe to comments with RSS.

  1. А Нено еден поинаков случај. Работниците немаат земено плата 6 месеци. Но сопственикот со профитот веќе планирал да си купи за себе БМВ М5,Порше Кајен или пак Бентли Континентал. Па тој им вели на работниците кои учтиво дошле во неговата канцеларија со петиција потпишана од сите вработени – за исплата на заостанатите 6 плати дека парите што од неодамна почнале во поголема мера да се слеваат во фирмата не се предвидени за давање на вашите заостанати плати туку за Автомобил над 100.000 евра.

    И дали Работниците треба да си ќутат или да му речат на сопственикот „Што ме боли к*рот ти каква кола си сакал да купиш ние си работавме.

    А Нено?

    Благоја

    28/12/2010 at 17:15

    • Ова каква врска има со текстов и со наведените примери?

      Тоа е случај на облигаторно право. Тој требало да им даде плата за секој месец работа, а ДРЖАВАТА требало да го натера да го исполни својот дел од договорот.

      Ако државата не сака да го натера преку своите институции да го почитува договорот, што е крив капитализмот како систем?

      Крива е државата и политичарите на власт.

      Врати се пак во колумната „Под фенерот“. Ти сакаш некој да биде крив? Е па крива е државата што не си ја врши работата која е основна – да обезбеди сите странки на пазарот да ги исполнуваат своите договорени обврски.

  2. Епа Нено проблемот е во државата што нема закон што ќе ги штити раборничките права. Кај кого да се жалат Работниците што со месеци газдата ги дупи за плата?

    А дали платите не треба да бидат покачени ако пораснат трошоците за живот?

    Како можеше тоа Словенија да го стори??

    Во Словенија ќе биде зголемена минималната плата за 22 отсто
    петок, 29 јануари 2010, 10:46
    Словенечката Влада усвои предлог минималната нето плата да се зголеми за 22 отсто, на 562 евра, со што би требало да се следи порастот на трошоците за живот.

    Владата донела таква одлука и покрај протестот на работодавачите кои сметаат дека тој чекор ќе ги зголеми трошоците за плата и ќе предизвика пораст на бројот на невработени.

    Невработеноста во Словенија во минатата година по економската криза е зголемена и во ноември беше 10,1 отсто односни 95.446 невработени. Зголемувањето треба да биде усвоено од парламентот во февруари.

    Според министерот за финасии на Словенија, Франц Крижанич се очекува економијата на државата во 2012 година да се зголеми 3,7, а во 2013 година за 3,5 отсто што би требало да придонесе за намалување на буџетскиот дефицит кој лани беше 5,9 отсто БДП. Буџетскиот дефицит во 2012 година може да се намали на 2,9 отсто БДП, а во 2013 година на 1,6 отсто БДП.

    Извор http://www.time.mk/read/c23aeb9e83/463f72a405/index.html

    Благоја

    28/12/2010 at 18:29

    • Има закон, но корумпираната багра која е цело време на власт, без разлика дали Курто или Мурто номинално владее, не го спроведува тој закон.

      Ако ми должиш нешто, треба да ми платиш, и должност (и смисла на постоење, впрочем) на правнииот систем (судови и извршители) е да те натера да го почитуваш договорот што си го потпишал.

      Само кај нас немаме власт која ги спроведува законите.

      А Словенија остај ја, глеј ја Грција со нејзината силна социјална држава. И кај нив имаа закон за минимална плата уште поголема од словенечката, па еве до кај стигнаа.

      Исто и Шпанија и Португалија и Италија до таму ќе стигнат, многу скоро. А и Словенија не е далеку, ако сега се чини се’ убаво дека е.

  3. Хе, хе , интересно, веќе половина година барам добар и солиден превод за англиското ‘entitlement’ . Мислам дека ова со ‘желба’ ти е мошне креативно, иако сепак не ги доловува сите аспекти од неговото значење. Си размислувал ли во меѓувреме за некој посоодветвен збор?

    Darko Gjorgjievski

    16/12/2013 at 10:19


Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Промени )

Connecting to %s

%d bloggers like this: