Блогот на Богдан. Нено Богдан!

мој мејл: blogatash@yahoo.com

♦ КУЧЕТО НА АЛЕКСАНДАР ВЕЛИКИ БИЛО ШАРПЛАНИНЕЦ?

with 6 comments

Пронајди ја разликата, ако можеш!

Верувам дека сите знаете кој бил Букефал. Но, дали некогаш сте слушнале било што за Перитас? За разлика од коњот на Александар, неговиот верен пес практично е неопеан и заборавен херој на епохата во која Македонците ја проширија својата империја до работ на тогаш познатиот свет. Во денешниот текст, би сакал да ве запознаам со кучето на Александар Македонски и неговата врска со денешните наши Шарпланинци.

* текстов е првично објавен на 4ти јуни 2009 на http://blogatash.blog.com.mk/node/232454

Кој е Перитас? Античкиот историчар Plutarch во неговата биографија за Александар Велики во еден пасус нѐ информира дека по големата битка во Индија со непријателските сили кои користеле и слонови во борбата, коњот на Александар, познатиот Букефал бил смртно ранет и набрзо починал, по што во знак на благодарност за неговите заслуги, Александар подигнал град во близина на местото на одржување на битката кој што град го нарекол Букефалиа. Веќе во наредната реченица, Plutarch дополнува со податокот дека и на кучето на Александар, кое се викало Peritas и кое исто така било загинато во една друга битка, му била укажана благодарност со подигање на град со неговото име.

Во други антички историски извори дознаваме и дека Перитас загинал бранејќи го својот господар во текот на една страшна борба на македонските војски против некое племе чие име на англиски се пишува Mallians (бидејќи за ова племе знаеме само од грчки антички историчари, а тие имале обичај да ги деформираат имињата на народите и географските поими, не знаеме како навистина се викале овие луѓе. За илустрација, индиските имиња Паурава и Аварана станале по грчки Порос и Аорнос).

Како и да е, во текот на битката со ова племе, Александар бил ранет и соборен на земја и кон него тргнале многумина непријатели за да го убијат. Александар бил спасен со ненадејната интервенција на неговото верно куче кое откако убило неколку од напаѓачите, паднало смртно рането во скутот на господарот и испраќајќи му последен тажен поглед – починало. Сепак, со својата жртва кучето им обезбедило доволно време на телохранителите на Александар да се пробијат до него и да го извлечат на посигурно место. И во чест на тој херојски подвиг, Перитас подоцна добил град по неговото име наречен.

Дали треба да го викаме кучево Перитас, Перита, или Перит? По мое мислење, бидејќи ама баш сите историски записи од тоа време кои преживеале до денеска се напишани на грчки јазик или се преведени од грчки на латински, никогаш нема да дознаеме како навистина се викало кучето. Старите Грци имале многу лоша навика сите странски имиња (од негрчко потекло) да ги преведуваат или деформираат така за да звучат грчки. За ова нешто имам пишувано нашироко во воведниот дел од мојата книга посветена на Александар, така да кого го интересира повеќе за тоа, нека погледне таму. За потребите на овој текст, кучето на Александар ќе го викаме Перитас.

Дали Перитас бил Шарпланинец? Ако се погледне по интернет за античката раса на кучиња „молосијци“ ќе се види дека за научниците е непознато како точно изгледале тие кучиња, но се претпоставува дека се изумрена раса и дека од нив потекнуваат неколку денешни раси на кучиња (види за расата mastiff).

Мое мислење е дека оваа сорта на кучиња воопшто не се викале Молосијци, оти сѐ што знаеме за нив од историјата го знаеме од записи напишани на грчки јазик. А Грците не можеле да знаат дали некои кучиња се одгледуваат и во други, посеверни делови од Балканот, оти првите северни соседи до кои допреле биле жителите на Епир (каде што се наоѓа областа Молосија), каде што овие кучиња биле користени за чување на овци, и од таму, оваа сорта на кучиња за старитие Грци станала и останала „молосијска“ сорта. Нешто слично е со турското кафе кај нас, кое всушност е арапско, ама бидејќи прв пат нашите предци го пробале кога Турците го донеле при своето освојување на Балканот, станало и останало „турско“.

Значи, постои голема можност Молосиските кучиња да биле всушност распространети низ целиот северен балкански полуостров. Па и во Македонија, каде што денешните Шарпланинци се многу, многу слични со некогашните Молосијци. Ако кучето на Александар било навистина Шарпланинец, тогаш ние во изминативе 16 години несвесно сме го чествувале со поставување на неговиот лик на монетите од еден денар. Мислејќи дека го имаме обичниот Шарко наш, ние храбриот Перитас на Ацета Великиот сме го имале на монетите ни. Ако дознаат Грците за ова, тоа може да се претвори во нов услов за нашите евроатлантски интеграции во стилот: „или тргнете го Перитас од монетите… или нема датум за преговори!“.

Кучето на Џенингс: но, во Британскиот Музеј постои една статуа на куче (главата на таа статуа е прикажана на горната слика) за која се тврди дека е направена во времето на стариот Рим и која што била копија на оригиналната бронзена статуа која што се наоѓала во Епир и кон која локалните (епирски) жители имале посебен пиетет. Оваа статуа денеска се нарекува „Jennings dog“ оти кон крајот на XVIIIиот век еден англиски турист во Рим по име Хенри Џенингс ја купил од некој италијански скулптор и собирач на антички скулптури (му служеле за инспирација). Со тек на време, скулптурата на кучето која во Англија ја донел самиот Џенингс поминала низ повеќе сопственици за да конечно во 2001та година биде сместена трајно во Британскиот Музеј. Таму е позната под името „кучето на Џенингс“ но и под името кое самиот Џенингс ѝ ја дал „Кучето на Алкибијадес“.

Џенингс ја нарекол така скулптурата не затоа што имал било какви докази дека навистина скулптурата го преставувала кучето на Alcibiades туку затоа што опашката на мермерното куче била скршена, а во една приказна за Алкибиадес се вели дека тој му ја исекол опашката на своето куче, и така, поврзувајќи ги овие две коинциденции, Џенингс си ја нарекол скулптурата по името на славниот државник и војсководач од античка Атина.

Фотографии од целата скулптура можете да видите тука, и ќе забележите дека телото на кучето е извајано без густо крзно (кое го имаат Шарпланинците) туку дека е мазно, како кучето небаре е без влакна. Ова може да натера некого да помисли дека Молосијците биле сосема различни од Шарпланинците, но по мое мислење античкиот скулптор намерно преставил куче со мазна кожа за да може да ги прикаже неговите мускули. Ако го направел баш оригинално како што изгледало Молосиското куче во реалноста (со крзно со долги влакна), голем дел од уметничкиот талент на скулпторот немало да се види (од иста причина во антиката практично сите машки скулптури се преставени разголени, за да се видат мускулите, иако како и во денешно време и тогаш мажите носеле облека).

Сепак, по муцката го препознаваме Шарко во кучето на Џенингс. Бидејќи скулптурата оригинална е од Епир каде што била дел од некој споменик, можеме да претпоставиме слободно дека таа е споменик на најславното и најважното куче во историјата на Епир. Мајката на Александар Велики била принцеза од Епир, а Перитас бил подарок за малиот принц Александар од неговиот вујко, братот на мајка му и воедно кралот на Епир, па подоцна, кога дознале Епирците дека нивното куче му го спасило животот на големиот освојувач, решиле да му подигнат споменик  на Перитас.

Оваа оригинална бронзена статуа е изгубена (можеби лежи во некое неоткриено идно археолошко наоѓалиште во Јужна Албанија, а можеби бронзата е стопена векови подоцна за да се направи нешто друго од металот), но за среќа, уште во антиката била направена мермена копија од статуата и таа била поставена во Рим. Петнаесетина векови подоцна, таа мермерна копија се нашла во сопственост на еден локален скулптор кој му ја продал на англискиот турист Џенингс кој ја однел во Англија каде што е и денеска.


Шарпланинецот потекнува од Молосијците или пак Шарпланинецот е Молосиец? На вакво прашање е тешко да се одговори со сигурност, првенствено бидејќи ние денеска не знаеме апсолутно докажано и потврдено научно како точно изгледале Молосијците. Но, философот Аристотел во една своја книга вели дека тие биле крупни, силни, паметни, верни до смрт на господарот, одлични чувари на стадата од волци и на куќата од разбојници. Сосема истото би ви го кажал секој кој што ги познава нашите Шарпланинци и за нив.

Се вели дека Шарпланинците настанале од Молосите, меѓутоа, мене не ми е јасно ако Молосите биле толку квалитетни кучиња, зошто некој би ги угасил нив како сорта а би ги трансформирал преку вештачка селекција до денешните Шарпланинци кои по ништо не се разликуваат по своите особини, големина и изглед (ако се споредат со кучето на Џенингс) од древните Молосијци.

Веројатно приказната дека древните Молосијци исчезнале, а во Шарпланинците има делумно „молосијска крв“ е како тврдењето дека античките Македонци исчезнале, а во денешните Македонци има само малку нивна крв.

Погледнете ги само кучињата на Хунзите, нашите далечни братучеди кои за себе тврдат дека се потомци на војниците на Александар кои останале во централна Азија (денешен Пакистан и Афганистан). Нивните овчарски кучиња се практично идентични со нашите Шарпланинци. Ако античките Молосијци навистина исчезнале, како е можно во два сосема одвоени предели на светот (земјата на Хунзите и овдешните предели) да имате денеска две сорти на кучиња меѓусебно идентични кои се развивале одвоено едни од други и дошле до ист конечен резултат? Јас мислам дека Молосијците никогаш не исчезнале, туку дека продолжиле да постојат во својата оригинална, совршена форма во нашите Шарпланинци, и во овчарските кучиња на Хунзите.

Впрочем, сигурно не бил само Перитас единственото куче кое патувало со македонската војска во Азија, сигурно и другите офицери покрај Александар си имале свои кучиња со нив да ги помагаат во битките. Како што Хунзите се потомци на војниците на македонската војска пред 23 векови, така и нивните кучиња се потомци на кучињата на македонските офицери од истата таа војска.

Заклучок: погледнете ги фотографиите на скулптурата наречена „кучето на Џенингс“. Ви објаснив дека поради потребата да се прикажат мускулите на кучето не се прикажани влакната по целото негово тело, туку само оние околу вратот. Какви што впрочем имаат денешните Шарпланинци. Во формата на главата се идентични нашиот Шарко и кучето кое го преставувало на оригиналната бронзена статуа во Епир кучето на Александар, Перитас. Молосијците според она што го знаеме за нив од античките извори биле практично совршени овчарски и стражарски кучиња. Истото важи и за шарпланинците. Хунзите, кои гарантирано немале контакт со нашите предели веќе 2000 години имаат кучиња кои се исти како Шарпланинците, и кои по таа логика се исти со Молосијците. Совршени.

Заклучокот, чинам е јасен, иако за да биде конечно и неоспорно докажан ќе треба уште многу истражување: како што античките Македонци не исчезнале, така и античките Молосијски кучиња не исчезнале. Тие биле храбри, силни, паметни. И денешните Шарпланинци се храбри, силни, паметни.

Ако античките Македонци кои за чување на своите стада ги користеле овие кучиња исчезнале (изгинале или се иселиле на југ) со нив сигурно исчезнале и нивните овчарски кучиња. Како е можно, ако два века подоцна тука во празна земја се доселиле некои си Словени, да имаат потомците на тие Словени денеска кучиња сосема идентични со оние на претходните жители на овие простори? Да не ги купиле на пазар од Цариград (во замена веројатно за оние сламките со кои го препливале Дунав)?

Ова се прашања кои заслужуваат одговори, а се надевам дека мојот денешен текст, кој не беше наменет за ваша едукација туку за ваша провокација, ќе ве натера да истражувате и самите.

Ако е факт дека обичаите (т.н. „пагански“ обичаи), симбологијата, многу имиња, народната архитектура, и еве сега – и кучињата – не се промениле воопшто од антиката до денеска на овие простори, зарем е реално да се тврди дека само народот се променил? И дека денешните Македонци немаат врска со античките Македонци?  Сѐ е исто, само нив ги нема?

И ако народот не се променил, ако ние сме исто со древните Македонци, зарем не е време да се ослободиме од комплексот на пониска вредност и да почнеме да ја осознаваме нашата вистинска вредност? Древните Македонци од своите кучиња и од своите лидери очекувале исти особини – лојалност, храброст и интелигенција. Денешните Македонци од повеќето свои денешни лидери најмногу можат да очекуваат однесување кое би го очекувале од најобични љангури („рани куче да те лае“). Зошто е тоа така?


П.С: За сликата на која се споредени Шарпланинците и овчарските кучиња на Хунзите, голема благодарност му должам на авторот на блогот www.makedoncki.blog.com.mk. На тој блог има и богата збирка на фотографии од регионот во Пакистан во кој што живеат нашите „братучеди“, а и некои други интересни работи во врска со Македонија. Оние кои сметаат дека ние немаме ама баш никаква врска со тие луѓе, нека ја погледаат фотосесијата на посочениот блог. А за Шарпланинците, нешто повеќе имате на следниов сајт каде што се тврди дека Шарпланинците ги донеле војниците на Александар на враќање од Азија, а не обратно, како што јас тврдам, дека оваа сорта кучиња се оригинално овдешни, и однесени во азиските предели во текот на македонскиот поход на исток.

http://www.sharplaninec.com

6 Responses

Subscribe to comments with RSS.

  1. МАКЕДОНСКО ОВЧАРСКО КУЧЕ
    По пагањето на комунизмот на балканот, а посебно по распадот на СФРЈ на републики се засилија националните чуства на сите балкански народи, а народите својот етно-идентитет и геогравско-временски континуитет го поврзуваат со локалните раси на домашни животни, а посебно болна тема за мене како македонец е расата Шарпланинец која со гордост ја ставивме на основната монета од еден денар, а официјално во меќународната кинолошка организација Шарпланинецот има две матични држави Македонија и Србија кои го пишуваат стандардот на расата.
    Иако сите српски автори пред деведесетите пишуваа дека шарпланинецот е автохтон на македонските планини, а за нашите предци бил познат само како овчарско куче, додека постоеше СФРЈ македонските власти се гордееја наивно бидејки успеале токму на нивната раса да и го додадат името ЈУГОСЛОВЕНСКИ а официјално име да стане ЈУГОСЛОВЕНСКИ ОВЧАРСКИ ПАС ШАРПЛАНИНАЦ под ова име шарпланинецот беше пререгистриран во 1957 година во FCI (МЕГУНАРОДНА КИНОЛОШКА ОРГАНИЗАЦИЈА).
    Македонското овчарско куче за првпат е признато како посебна раса во 1939 година под името ИЛИРСКИ ОВЧАР под реден број 41 во FCI, името расата го добила под влијание на ПАНСЛОВЕНСКОТО ИЛИРСКО ДВИЖЕЊЕ под чие влијание бил Фрањо Булц кој бил словенец и во 1927-1929 година ги зел првите примероци од планините во западна Македонија, која во тој период била окупирана од србите и била дел од Краљевина Срба Хрвата и Словенаца СХС.
    Фрањо Булц ги извршил првите официјални мерења и го изработил првиот стандард на расата, а тогаш ВТОРПАТ направил грешка (ПРВПАТ e името) кога селекцијата е насочил ви правец пожелна боја да биде железно-сивата затоа што му се допаднала, а не затоа што била единствена кај кучињата кои тогаш, а и сега изворно ги има во повеке бои. Со овој чин расата изгубила дел од генетската разновидност бидејќи нашите предци сточари имале повеќе расни вариетети кои се разликувале по бојата и должината на влакното, а кои се прогласени за нетипични за расата и се исфрлени од официјалниот приплод како нетипични со што е намален генофондот на расата.
    Според раскажувањата на старите сточари кои одгледувале изворни овчарски кучиња селекцијата на кучињата ја вршеле според употребните карактеристики за стадото и стопанот и недоверба и агресивност кон непознати лица и диви животни. Овие древни селекционери ги ценеле карактерните особини на прво место, а БОЈАТА не била од значење на употребната вредност на кучето.
    МЕРЏАН е вариетет со светла боја на влакното која оди од жолта до боја на слонова коска, но сите видливи слузокожи се темно обоени. Според официјалниот стандард оваа боја не се цени ама се толерира.
    МУРЏ е железн-осивиот вариетет кој по 1939 година е прифатен за стандардна боја, а бојата доминира и во денешните одгледувачки трендови.
    КАРАБАШ е со доминантна темна боја на влакното која е најизразена на главата со црна маска околу очите муцката и ушите. Црната боја го губи пигментот и осветлува кон нозете и опашот.
    КАРАМАН е потполноцрниот вариетет за мене е најубав вариетет ретко се сретнува и официјалниот стандард не го признава, а на изложба ги дисквалификуваат.
    САРИ е најредок, сточарите ги сметаат за најубави. Се карактеризира со црна боја и темна маска, вариететот постои но не е влезен во стандардот и на изложба го дисквалификуваат.
    РУД e кратковлакнест вариетет во некоја од претходните бои кој се јавува во потоплите краеви. Пример за овој вариетет е Овчеполското овчарско куче кое отстапува од стандардот за шарпланинец само по должината на влакното кое е пократко за кучето да функционира и на 40+ степени целзиусови во лето во низините, на изложба ги дисквалификуваат.
    Србија по распадот на СФРЈ и СРЈ на своите матични раси гоничи им ги промени официјалните имиња:
    БАЛКАНСКИ ГОНИЧ – стана – СРПСКИ ГОНИЧ
    ЈУГОСЛОВЕНСКИ ТРОБОЕН ГОНИЧ-стана-СРПСКИ ТРОБОЕН ГОНИЧ
    Само шарпланинецот од сите бивши ЈУГО-раси не припадна на матичната држава, туку под српски притисок доби две матични држави Србија и Македонија.
    Самото име Шарпланинец за мене е неадекватно бидејки расата не е афтохтона само на Шарпланина (која е две третини на македонска територија, а една третина на некогашна српска територија или денес косовска територија поточно областа Гора).
    Ако денес решиме да го смениме стандардот на расата и повторно да ги вметнеме разните колоритни вариетети во стандардот за да го сочуваме генетскиот фонд на расата треба да седнеме со србите на иста маса и да ги договориме промените во стандардот, но тие во својата свест веќе си имаат зацртано дека единствено сивиот вариетет е Шарпланинец, а за нив тоа е вистина бидејќи нивниот автохтон Српски овчарски пас е шарена раса и на нивните планини еднобојните овчарски кучиња не се срекаваат како автохтони па не ѓи боли дали нешто ќе опстане кај нас за идните генерации затоа што и реално не е нивно туку им е освоено.

    Лично

    12/03/2011 at 21:45

    • Ова не е лично, ова е ОДЛИЧНО!

      Благодарам многу на овие прекрасни и исцрпни информации🙂

  2. Добро ти тачен си????

    Кољо Дијамант

    13/03/2011 at 02:22

    • Не сум „тачен“.

      А и зошто би бил? И самиот знаеш дека „јебе луд збуњенога“, па подоборо да сум луд отколку збунет🙂

  3. Не ти знам дека не си тачен, мислев на овој Лично🙂

    Кољо Дијамант

    13/03/2011 at 22:10

    • Ма добар си е он, што го пипаш чоекот.

      Гледаш колкави постови турам јас, та проблем било што он пишал голем коментар. Барем неговиот е информативен, полн со работи кои ни јас не сум ги знаел до сега.

      А не ко некои коментатори кои само пишуваат глупости.

      Реков јас, не е тоа лично, тоа е одлично!


Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Промени )

Connecting to %s

%d bloggers like this: