Блогот на Богдан. Нено Богдан!

мој мејл: blogatash@yahoo.com

♦ МИТОВИ НА ГЕОПОЛИТИКАТА: ШТО ЈА ПРАВИ ЕДНА ЗЕМЈА БОГАТА?

with 3 comments

Судир на факти или судир на претпоставки?

Во денешнава кратка колумничка би сакал да „разбијам“ неколку геополитички митови, пред сѐ оние кои се обидуваат да дефинираат што една земја или територија или народ ги прави моќни, силни, значајни и богати. Геополитички митови има еден куп и би можел цела книга да напишам за нивно демаскирање, ама во денешнава колумна ќе се задржам само на оние поврзани со прашањето од насловот.

* текстов е првично објавен на 26ти јуни 2009 на http://blogatash.blog.com.mk/node/235913

Дали поволната географска положба ја прави земјата богата? Геополитиколозите тврдат дека доколку една држава има поволна географска позиција во некој регион, таа држава со самото тоа што има таква положба има и посебно значење и од таму – посебна важност која ако политичката елита која раководи со конкретната територијата може да ја согледа, тогаш може да оствари значајни придобивки за сегашните, но и за идните генерации.

Живи глупости се тоа, барем по мое мислење кое е засновано врз конкретни примери. Ајде да видиме прво што е тоа „поволна географска положба“. Најчесто ова значи дека низ територијата минува значен меѓународен трговски правец или уште подобро, неколку правци се вкрстуваат. Оној кој ја контролира територијата на крстопатите тој ги контролира и самите патишта и може да наплаќа за тоа, а ако инвестира во развој на сопствена индустрија и трговија може да станете и уште побогат и помоќен.

Со ова некои неуки луѓе се обидуваат да (си) објаснат зошто Швајцарија, земја на крстопат помеѓу Франција, Германија и Италија е толку богата земја. Воедно, горе-доле истото го кажуваат и за Истанбул, кој стои на спојот меѓу Азија и Европа. Ама… ако поволната географска позиција ја прави една земја богата тогаш зошто Египет (кој го поседува Суецкиот Канал), Панама (со нејзиниот Панамски Канал) и се разбира, Македонија, со сите нејзини историски значајни крстосници, не се богати земји?

Од друга страна, еден Нов Зеланд кој во комуникациска смисла е практично на „крај на светот“ е држава со ислучително висок животен стандард. На „крај на свет“ барем во поглед на поминувањето на значајни меѓународни трговски патишта се и Чиле, па и Јапонија. Да не им фали нешто во поглед на економскиот развој?

Неопходно ли е да се има море, за да се биде богат? Јас лично имам слушано во почетокот на ’90ите години од минатиот век дека со распадот на Југославија, Србија ќе мораше да почне војна за освојување на територии во Хрватска и Босна оти доколку нејзината елита дозволеше да се осамостојат тие држави, тогаш Србија ќе беше оставена без излез на Јадранското Море со што нејзините економски потенцијали засекогаш ќе беа хендикепирани и таа ќе беше осудена да ја моли за пристап кон пристаништата или малата Црна Гора или секогаш сомничавата Хрватска.

И затоа – така ме убедуваа некои луѓе тогаш – Србија имаше геополитичко право да ги почне војните кои ја одбележаа пропаста на бившата ни заедничка држава. Иста логика се користи за да се објасни дека Македонија во нејзините сегашни граници е осакатена оти Грците во Балканските војни ни го зеле морето. Воедно, пристапот до „наше море“ беше еден од основните аргументи против нашето осамостојување од Југославија.

И ова се живи глупости, а еве и зошто: пак со Швајцарија, и таа нема море па ете богата е, и не само поради банките кои ги има во неа и кои навистина привлекуваат многу финансии во нивните трезори, ами и со силната високо-технолошка индустрија која има потреба да ги извезува своите производи. За тоа ѝ треба (демек) море, со добри пристаништа кое што море Швајцарија – го нема. А море немаат ни Австрија, ни Чешка.

Ниту пак Луксембург, државата чии граѓани имаат највисок стандард во Европа. Унгарија исто така нема море. Па сепак, историски гледано, а и во денешното време, жителите на овие држави отсекогаш уживале и уживаат сеуште во висок стандард.

Државата Мадагаскар е огромен остров кој буквално има море колку што душа му сака. И државата Хаити која зафаќа половина од еден голем остров во Карибите има обилен пристап кон море. Куба исто така е опколена од сите страни со море. И Филипините се еден куп острови кои имаат море колку што душа им сака. Сепак, овие морски земји не ги слушаме во финансиските муабети споменувани како богати држави со висок стандард за нивните жители, нели?

Дали ако државата има непријателски настроени соседи таа е осудена на сиромаштија? Ова е еден од најсилните аргументи со кои многумина наши луѓе се обидуваат да си ја оправдаат нашата сиромаштија како нација и држава. Демек, сме имале комшии кои нѐ мразеле од памтивек, кои постојано ни ставале сопки, кои постојано нѐ блокирале во нашиот државотворен развој. И кога само не би ги имале ваквите лоши комшии – леле, леле, колкав само прогрес би постигнале!

Јас лично мислам дека доколку Македонија каква што е, ја искорнете сосе планините од Балканот и ја треснете во морето помеѓу Шведска, Норвешка, Данска и Холандија, народи познати по својата толеранција и мирољубивост, ние пак ќе си останеме копуци бедни какви што сме сега. Не ни се криви лошите комшии што сме сиромашни. Сами сме си криви.

Еве погледнете го Израел, за чие што опкружување се вели дека е пресликано во нивниот национален симбол („давидовата ѕвезда“) која стои на знамето им. Имено, шесте краци од ѕвездата насочени на сите страни се предупредување кон Израелците дека треба да се пазат од своите соседи од секоја страна.

Ова се разбира е само комична коинциденција, ама високиот стандард во кој уживаат лојалните граѓани на Израел воопшто не е коинциденција и воопшто не е комична, туку сосема сериозна работа. Израел има огромни трошоци за одржување на силна и секогаш подготвена за војна армија, трошоци доволни ама баш секоја земја да ја банкротираат. Се разбира, тука обилно помага стратегискиот сојузник на Израел, САД, но што станува со економијата?

И покрај тоа што не може да се надева на извоз или транзит на своите производи низ териториите на своите соседи, и покрај тоа што целокупната енергија е принуден самиот да ја произведува со скапо платени увозни суровини, па дури и водата за пиење да ја увезува од Европа, сепак Израел е богата држава.

Јужна Кореја веќе со децении ја има Северна Кореја за сосед и постојано живее во сенката на можниот напад од комунистичкиот сосед-намќор. Исто важи и за Тајван и неговите проблеми со Кина, а и Сингапур нема некои добронамерни комшии (во Индонезија и Малезија тамошните демагози рутински го обвинуваат Сингапур дека со своето богатство среде нивната сиромаштија е како петел среде поле со тиња, повикувајќи петелот да се заколе, за да не штрчи!). А Јужна Кореја, Тајван и Сингапур можат да се пофалат со комфорен живот за своите граѓани веќе со децении.

До бројот на жителите ли е? Ете, многумина наши геополитиколози воопшто не се изненадени од подемот на Кина и Индија како нови економски супер-сили кои ќе го одбележат векот на чиј почеток сме. Велат неразумно било да се очекува дека толку големи земји, со толкав човечки потенцијал може да бидат вечно сиромашни. Па уште и се предвидува дека за неколку децении, Кина, па и Индија, ќе ги претркаат САД и Западна Европа и Јапонија во својот економски успех и тие ќе доминираат со светот.

И ова се живи глупости, а еве и зошто: Кина моментално има GDP од околу 3,2 трилиони долари. И тоа е навистина многу, но ако се земе во предвид дека има околу 1,3 милијарди жители, испаѓа дека во просек, на еден просечен Кинез отпаѓаат бедни 2.370 долари GDP. По таа логика, просечниот македонски граѓанин има повисок стандард од оној на просечниот кинески граѓанин. Ако се земе дека просечниот Американец има GDP од околу 40ина илјади долари, испаѓа дека односот е речиси 17:1. Што значи ова?

Ова значи дека под услов економијата на Кина да продолжи да расне со сегашните феноменални 13% секоја година, а економијата на САД воопшто да не расне (што не е реална опција, но да речеме дека е можно), за да може просечниот Кинез да живее со стандард како просечниот Американец ќе треба да поминат 24 години. За толку години, со сегашната стапка на раст (која според многу експерти е неодржлива на долг рок) и под услов Америка да не мрдне во меѓувреме, ќе може да се издначат GDP по глава на жител во Кина и во САД.

Се разбира, откако ќе ја престигнат со ова сценарио водечката економија во светот во апсолутни бројки, ќе треба да се помачат Кинезите уште малку да ја стигнат Белгија (под услов и таа да не мрдне за тие 24 години) и Норвешка, држави со многу помалку жители и од Кина и од САД (но со повисок приход по глава на жител). Бангладеш кој што има над 100 милиони жители е безгласна буква во меѓународната политика и економија, а Сингапур со своите едвај пет милиони жители е светски економски џин. Јапонија со своите 130 милиони жители има двојно поголем GDP во апсолутна бројка од Кина со нејзините 1,3 милијарди жители.

Очигледно, не е до бројот на жителите. Значи аргументот „Македонија е мал пазар, ние сме мала земја, грст народ сме, што ние можеме“ е погрешен и безмислен. Тоа не е аргумент, тоа е само изговор.

Енергетската независност ли е лекот? Ако беше тоа лекот, ако имањето на доволно нафта, гас, јаглен, ураниум и хидро-енергетски потенцијал во големите реки беше услов за една држава да стане богата, тогаш досега Русија требаше да стане државата со 40 и кусур илјади долари GDP по глава на жител, а не Луксембург, на чија што територија ниту нафта, ниту гас, ниту јаглен, ниту ураниум, ниту пак реки големи има.

Сирија има големи резерви на природен гас, Саудиска Арабија има колосални резерви на нафта. Сепак, просечниот граѓанин на потполно лишениот од извори на нафта и гас Израел ужива во далеку повисок стандард на живеење од оној во кој „уживаат“ просечните граѓани на Сирија, на Саудиска Арабија, на Иран…

Некои луѓе кои себе си се сметаат за интелигентни пред некое време излегоа со план во Македонија да се изгради нуклеарна централа, оти само така демек ќе сме ја обезбеделе нашата енергетска независност за наредните неколку децении. Енергетската независност небаре е нешто без кое не се може. Ако морате да ја увезувате енергијата што ја користи вашата индустрија, тогаш за вас нема надеж дека ќе бидете богати, нели?

Гледам Сингапур кој што ама баш целата енергија што ја користи ја увезува, а и Јапонија која што увезува практично 99% од суровините (јаглен и ураниум) кои ги користи за производство на енергија, гледам тие две енергетски сосема зависни држави се многу сиромашни, нели?

Западна Европа е зависна од рускиот гас, а пак источна Европа уште повеќе. Сепак, според животниот стандард, просечниот граѓанин на било која држава од ЕУ е далеку над просечниот граѓанин на Русија.

Македонија увезува една третина од своите (сегашни) потреби на енергија, а ако се исклучат нашите термоцентрали, таа бројка би се искачила на четири петини. Половина од енергијата во Македонија моментално ја користи тешката индустрија. Половина ја трошат домаќинствата и лесната индустрија. Од друга страна, нешто помалку од една четвртина од енергетскиот потенцијал на нашите реки е искористен. Дури и онаа енергија што ја трошат домаќинствата се троши во голема мера нерационално оти на енергетска ефикасност никој досега не посветил ама баш никакво внимание.

Направете ја математиката сами и ќе видите дека на Македонија не и треба нуклеарна централа. Нит пак без довршување на гасификацијата и гасната мрежа нешто баш ќе бидеме во катастрофална ситуација. Ниту пак треба да го доживуваме како нерешлива трагедија тоа што за дваесет и пет години веќе нема да имаме јаглен.

Како катастрофална ситуација и како трагедија нешто друго треба да се доживува и кон справување со тоа нешто треба да се насочат напорите на оние луѓе кои добро ѝ мислат на Македонија.

Проблемот не е во тоа што сме мали, оти во светот има помали од нас па се богати, многу побогати од нас. Проблемот не во тоа што имаме лоши соседи, бидејќи какви „домаќини“ сме ние, самите на себе сме си најлоши можни соседи. Проблемот не е во тоа што немаме и никогаш нема да имаме енергетска независност. Проблемот е во тоа што во умовите, во главите, во начинот на гледање на светот, во менталниот ни склоп не сме уште независни.

3 Responses

Subscribe to comments with RSS.

  1. Bravo za tekstot.Vo potpolnost se slozuvam so sekoja konstatacija.Celo bogatstvo na svetov da ni go dadat,pari,zlato,nafta i sto li uste ne…so ovakov mentalen sklop dzabe e sve.Ne pomaga ni Aleksandar da voskresne i da ne priznae za negovi potomci.Sala na strana,mentalen sklop kaj eden narod ne se menuva lesno,potrebno e generacii i generacii da pominat.Pokraj toa sto sakame da crkne na komsijata kozata,si go imame sindromot na samounistuvanje,vecno nekoj drug ni e kriv.Gospod neka ni e napomos.

    DeJaN

    14/10/2011 at 01:03

    • Мило ми е што ти се допадна текстов. Сличен на него имам и во мојата книга „За капитализмот“.

      • Pred mesec dena ja pobarav vo Toper i Kultura i ne ja najdov,koga ke odam sledna prilika Sk so plan sum da ja kupam ako ja najdam.Poz

        DeJaN

        14/10/2011 at 21:33


Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Промени )

Connecting to %s

%d bloggers like this: