Блогот на Богдан. Нено Богдан!

мој мејл: blogatash@yahoo.com

♦ НАУРИЈЦИ

leave a comment »

И самостојна, и суверена, и држава.

Ова што го гледате на сликата сликана од авион е цела една суверена држава. Држава сместена на еден остров во Тихиот Океан која се вика Република Науру. Во која суверен народ е народот Науријци, кој има своја традиција и култура, свој идентитет. Народ кој има историја. И, кој што народ, поради темелно погрешната политика на своите водачи во изминатите децении – е народ кој практично нема иднина.

* текстов е првично објавен на 15ти октомври 2009 на http://blogatash.blog.com.mk/node/251468

Доколку приказната за Науријците немаше врска со приказната за Македонците, немаше да ве замарам воопшто со неа, почитувани читатели. Но, кога ќе ја прочитате, ќе сфатите дека има врска и тоа многу длабока.

Во самиот почеток на XXиот век, на малиот остров во Пацификот кој на локалниот јазик се викал Науру, некој дојденец – геолог открил богато наоѓалиште на фосфати. Се претпоставува дека овие фосфати се создале во текот на неколку милиони години од константното присуство на птици кои својот измет (пребогат со фосфор) го исфрлале во лагуната заградена од коралните гребени на чии врвови над нивото на водата биле сместени гнездата на птиците.

Откако било утврдено со понатамошни истражувања дека наоѓалиштето на фосфати е со колосални димензии, било започнато со негова експлотација. Во почетокот биле присилно „вработени“ локалните жители во копањето на рудата која потоа се товарела на бродови и се извезувала за Австралија, каде од неа се произведувало вештачко ѓубриво. Сите приходи од овој бизнис за себе ги задржувала рударската компанија, а за жителите на островот немало никаков профит.

Со тек на време, се менувале колонијалните владетели на островот (прво била Германија, па Британија, па Јапонија, па Австралија) и дошол денот кога во 1968та еден локален политичар ја прогласил независноста на островот. Науријците по неколку децении робување на секакви странци конечно можеле да владеат со својата мала земја како независна држава.

Се разбира, Науријците набрзо по прогласувањето на независноста под своја сопственост ги вратиле и наоѓалиштата на фосфати и решиле приходите од извозот на тој скапоцен ресурс да ги задржат за себе. Бидејќи, тоа било нивното национално богатство.

Во што имале полно право, само што после децении под туѓо ропство, не знаеле како да работат за себе, не знаеле како да мислат за себе, не знаеле како да водат своја држава. Па погрешно заклучиле дека ако тие сега ја замениле рударската компанија која владеела со нивните рудници толку долго, сега треба да почнат да се однесуваат токму како газдите на рударската компанија – да продолжат да ги ограбуваат рудниците за фосфати и приходите да ги трошат без да мислат за долгорочните потреби на островот.

Така, наместо локалните Науријци кои со сила биле проморувани до тогаш да копаат и товарат руда, биле најмени жителите од блиските острови (кои за мали плати дошле да работат во рудниците). Сите Науријци станале вработени во државна служба, додека сета физичка работа ја работеле аргатите од соседните острови.

Бидејќи на островот немало никаков друг бизнис освен рудниците за фосфати, логично било да се финансира државата исклучиво од приходите од рудата. Приходите биле огромни, а особено погодувало тоа што островот имал едвај неколку илјади жители, па иако сите биле вработени во државната служба, за сите имало убави плати. Во текот на цели неколку децении.

Толку убави биле платите за сите Науријци, што секој можел да си обезбеди да си купи автомобил (била изградена солидна патна мрежа на островот), да јаде увезена храна и да пие увезени пијалоци (никому на островот не му се исплатело да се занимава со земјоделие повеќе, кога имал секој готова плата од државата), дури и да патуваат на долги одмори и шопинзи во Нов Зеланд, Австралија или на Хаваите.

Државата својот просперитет и благосостојба ги имала изградено буквално врз еден огромен куп птичји измет. Но, она што милиони птици го дале за милиони години, неколку илјади Науријци го продале за само неколку децении. Одеднаш, рудникот пресушил, откако сите фосафтни наслаги биле ископани.

Бидејќи приходите пресушиле толку нагло, и платите за вработените во државната служба драматично опаднале. А бидејќи сите граѓани биле вработени во државната служба – сите граѓани добиле драстично намалени приходи. Многумина биле и отпуштени од работа, па денеска, во Науру има стапка на невработеност од фрапантни 90%, а од оние што се вработени, околу 95% работат сеуште се во државната служба, додека остатокот од вработените се вработени во неколкуте странски невладини и хуманитарни организации.

Останати без приходи, водачите на Науру решиле спасот право да го побараат во изнајмување на својата држава на меѓународните банкари за перење на пари. Банкарските закони биле екстремно либерализирани на островот, по што многу глобални финансиски хохштаплери отвориле свои банки таму каде ги „переле“ своите криминално заработени или сокриени од даноци приходи. Се разбира, на ова нешто многу брзо му бил ставен крај, откако големите и богати држави извршиле жесток притисок врз владата на Науру. Набрзо, по ставањето на ред во банкарскиот сектор, сите валкани банки биле затворени.

Потоа, властите на Науру решиле да го изнајмат својот отров (т.е. дел од него) за затвор во кој ќе бидат сместени најопасните криминалци од Австралија и Нов Зеланд. Се разбира, ваков затвор можеле да изградат Австралијците и во својата земја, бидејќи имаат огромни пустини и ненаселени подрачја, меѓутоа тие со ваков чин сакале некако да му помогнат на Науру.

Откако биле утврдено дека сите пари што Австралија така ги давала на Науријците не воделе кон продуктивни инвестиции, туку само за плати на вработените во државната служба, затворот бил затворен. Околу 10% од жителите на Науру зависеле од приходите од тој затвор, па по неговото ставање вон употреба, драматично се влошила економската состојба на Науру.

Голем број од граѓаните на Науру денеска се печалбари во Нов Зеланд и Австралија. Главно работат како келнери, чистачи, градинари, портири и градежни работници за полесните работи. Од малите платички што ги добиваат најголем дел испраќаат дома, за да можат од нив да преживеат нивните семејства, кои пак половина од тие испратени приходи ѝ даваат на владата во облик на даноци, со кои пак се плаќаат платите на оние малкумина што останале вработени во државната адинистрација.

На островот егзистираат неколку партии, кои меѓу себе водат остра борба за да дојдат на власт, за да обезбедат за своите лидери приходи од буџетот. На островот не егзистира практично никаква индустрија, оти нема кадар кој би работел во фабриките, а нема стручен кадар оти образовниот систем на островот никогаш не бил направен така да создава работници, туку само бирократи кои ќе работат за владата и ќе земаат плата од приходите од фосфатните рудници.

На островот нема ни многу туризам, оти островјаните никогаш не научиле да бидат културни спрема странците. Кога немале сопствена држава, странците за нив секогаш биле поробувачи и експлотатори, а кога имале држава благодарение на високиот стандард врз странците гледале „од високо“.

Единствено што функционира сега на островот се спортските кладилници каде што младите островјани се обложуваат на натпреварите од фудбалските првенства во Австралија и Нов Зеланд. Функционираат и политичките партии кои постојано ветуваат дека ако дојдат на власт ќе ја оправат економската состојба на народот. А штом дојдат на власт, прво нешто што прават е што ги отпуштаат вработените од претходната владеачка партија и во администрацијата ставаат свои членови кои потоа цел мандат не работат ништо корисно, а земаат плата од даноците што државата ги прибира од фамилиите на оние кои имаат свои браќа или татковци или синови како келнери, таксисти и чистачи на клозети во Австралија и Нов Зеланд.

Сите Науријци се свесни дека состојбата е тешка, но се надеваат на подобро. И со носталгија се сеќаваат на времето на големиот Хамер Деробурт, основачот на државата, татко на нивната независност, човекот кој кога со цврста рака владееше, имаше за сите доволно пари, имаше за секого работа и земјата беше почитувана во светот.

Но, другарот Хамер, љубичица бела, кого го сакаше нацијата цела, не се враќа оти е умрен оддамна. А и да се врати, што би можел да им помогне? Сиот просперитет што го имало за време на неговото владеење бил заснован на ископување на фосфатите. Фосфати за кои требало да знае секој дека еден ден ќе се истрошат. Нешто слично како кредитите што западните држави ѝ ги даваа на Југославија на Тито.

Бидејќи островот нема други можности за приходи, а бидејќи и фосфатните резерви биле конечни, требало на времето да се инвестира во образованието за Науријците, со цел сите тие да имаат солидна подготовка за времето кога нема да има веќе фосфати. Наместо во тоа, откако ќе биле потрошени најголемиот дел од приходите за плати за државните службеници, остатокот бил инвестиран во акции и недвижен имот во Австралија.

Управувањето со тој имот било доверено на државен инвестициски фонд кој поради лошото менаџирање од страна на според роднинско – партиска врска поставените директори изгубил многу од вредноста и сега е во загуба, наместо да носи приходи за државата.

Наурските граѓани од друга страна, никогаш не биле научени дека треба самите да работат и да заработуваат. Сета грижа за својата благосостојба им ја имале препуштено на државните органи. И до ден денешен, кога некој Науриец треба да одговори како да се излезе од економската агонија, тој ќе рече: „државата треба, државата мора, владата е должна, владата е крива…“.

И потоа ќе отиде право во банката да подигне пари пратени од неговиот татко кој аргатува од утро до мрак во Мелбурн или Канбера. Па ќе тркне до најблиската кладилница да фрли облог на некој натпревар од третата новозеландска лига. Па вечер, со другарите од партијата ќе разговара како да дојдат на власт и ако дојдат на власт, во која државна служба кој од партиските членови ќе биде вработен.

Тоа е состојбата во Република Науру, независна и суверена и самостојна држава среде Тихиот Океан. Со долга традиција, култура, и историја. Со народ со свое минато. Ама без своја иднина.

Ви звучи ли познато приказната?

П.С: Оваа приказна не ја изимислив. Напротив полна вистина е, и ако не верувате проверете сами на овој линк за Науру на википедија. А наредниот четврток, очекувајте ја колумната на овој блог што ќе се вика „Зошто сите дебати се потполно бескорисни“. Многу необичен текст, со многу неочекуван и донекаде шокантен заклучок. Не пропуштајте!

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Промени )

Connecting to %s

%d bloggers like this: