Блогот на Богдан. Нено Богдан!

мој мејл: blogatash@yahoo.com

♦ СИТЕ ДЕБАТИ СЕ ПОТПОЛНО БЕСКОРИСНИ

with 6 comments

Во одредени дебати овие аргументи се сметаат за единствено релевантни

Долго време тој веруваше дека таа е девица. Тоа негово верување траеше сѐ до првата брачна ноќ. Кога таа конечно му ја кажа вистината. Самата му призна дека едноставно не е девица. Туку дека отсекогаш била – водолија.

* текстов е првично објавен на 22ри октомври 2009 на http://blogatash.blog.com.mk/node/252537

1. Дебатата е стерилна кога соговорниците зборуваат на сосема различни јазици: може да звучи чудно за некого ова, како двајца луѓе можат да зборуваат во дебата и едниот да збори на кинески јазик, а другиот на француски, а сепак да се кажува дека водат дебата.

Ова е затоа што повеќето од нас имаат сосема погрешно сфаќање за поимот „јазик“. Јазик не е само збир на зборови, туку и збир на општоприфатени значења што секој збор го има. Нешто слично како погоре кажаното со девицата која не била девица ами водолија. Со други зборови, можеме да зборуваме различни јазици или кога користиме различни зборови, или кога користиме исти зборови, но со различно значење.

Зборот „девица“ има две можни значења во нашиот јазик. Првото е зодијачкото, и означува личност родена во последната третина од месецот август и првите две третини на месецот септември (точните дати варираат, во зависност од тој од кој дневен весник го читате хороскопот). Второто значење на зборот „девица“ е девојка која сеуште немала сексуални односи со маж. Очигледно, иако се користи сосема истиот збор, тој има сосема различно значење во двата случаи.

Сличен збор е зборот „сирена“ што може да означува или митолошко суштество кое е пола риба – пола девојка, или онаа направа за давање на звучен сигнал која ја има во секој автомобил.

Но, не се само таквите зборови двосмислени. Погледнете ги зборовите како „капитализам“, „демократија“, „фашизам“, „социјализам“ или фразите од типот на „во интерес на Македонија“, „социјална правда“ и „светски тренд“ и сличните ним, кои се редовно предмет на дебатирање или се употребуваат обилно во дебатите за да се докаже исправноста на својата гледна точка.

Во некоја дебата едната страна ќе рече дека „ние мораме да го смениме името оти тоа е единствен начин да влеземе во ЕУ и НАТО, значи дека во интерес на Македонија е да го смениме името“. А другата страна ќе рече „во интерес на Македонија е да биде сочуван националниот идентитет и човечкото достоинство на Македонците како народ, и затоа не смее да дојде до промена на името, оти тоа е против интересите на Македонија“.

Очигледно, за едната страна „предавник“ е оној политичар што ќе го жртвува нашето интегрирање во евроатлантските институции, (иако ќе го зачува името и идентитетот), а за другата страна „предавник“ е оној политичар кој што ќе го смени името (иако ќе ја внесе државата во НАТО).

Која е смислата тогаш да се дебатира дали некој е предавник или дали работи за или против националниот интерес, кога уште не сме го дефинирале точното и недвосмислено значење на термините „предавник“ и „национален интерес“?

Има ли смисла дебатата дали некоја девојка е девица, ако оној кој вели дека е девица докажува дека таа е родена на петти септември, а другиот кој вели дека не е девица покажува снимка од нејзиното водење љубов со некој маж?

Кога при дебатите користиме сосема исти фрази и зборови, но ги разбираме сосема различно, па дури и со сосема спротивно значење, тоа значи дека практично зборуваме на два сосема различни јазици. Има ли смисла дебатата тогаш?

2. Невозможно е да се дефинира некој сложен термин во неколку минути: ајде, за зборови како „сирена“ или „девица“ знаеме дека имаат различни значења и нивните различни значења ние сите можеме да ги согледаме во правилен контекст кога ќе ги слушнеме во некоја реченица.

Во реченицата „тој е лав, а таа девица“ знаеме дека тука зборот „девица“ го има зодијачкото значење. Но во реченицата „нема дечко, таа е сеуште девица“ знаеме дека истиот збор „девица“ го има второто значење кое е поврзано со сексуалното (не)искуство.

Тврдењето „ако човек нема коса, тогаш тој не може да ја коси тревата во ливадата, па следствено, ќелавите луѓе, кои немаат коса, не можат да ја косат тревата во ливадата“ е смешно тврдење, оти сите знаеме дека зборот „коса“ е употребен во две сосема поинакви значења.

Ама, тврдењето „правдено ли е лекар во државна болница да зема три пати помала плата од лекар во приватна клиника иако и двајцата ја вршат истата работа со ист број на пациенти?“ кај многу луѓе внесува непријатност, оти за зборот „праведност“ не сме свесни дека имаме две дефиниции, кои доаѓаат од различните идеологии.

За десницата, праведно е кога човек „го жнее она што го посеал“, додека за левицата праведно е „од секого да се зема според можностите, а за секого да се дава според потребите“. Од левичарска гледна точка, се разбира дека не е праведно двајца лекари што работат сосема иста работа со сосема ист број пациенти да земаат сосема различни плати, но од десничарска гледна точка е праведно тоа, оти оној во државната болница зема плата од државата, а оној во приватната болница зема плата од приватната фирма која е сопственик на болницата.

Сѐ додека и двете страни вклучени во дебатата за „социјалната правда“ не се договорат што точно ќе подразбираат под терминот „правда“ сѐ до тогаш ќе нема смисла да се дебатира за тоа дали некоја конкретна законска мерка од областа на економијата е праведна или не.

А во текот на секоја дебата, било директна или на телевизија, на секоја од страните им се даваат по неколку минути за да ги кажат своите гледишта и во тоа кратко време нема шанси да се постигне договор меѓу нив за општоприфатено значење на сите термини кои ќе бидат употребени во дебатата.

3. Со дебатите не може да се убедат гледачите во спротивниот став: реално да збориме, кои се луѓето кои на телевизија би гледале дебата на преставници на две спротиставени политички опции?

Нивните симпатизери, а кој друг? Луѓето што се заинтересирани за политика во земјава веќе имаат цврсто изградени ставови за сите прашања и е беспредметно за нив да се организира дебата, оти колку и да се трудат, да се пенават, да се расправаат со аргументи и контра-аргументи, дебатерите нема да можат никого да разубедат во ставот што веќе го има создадено по тоа прашање.

Колку тоа подржувачи на есдеес гледајќи дебата во која вмровскиот преставник ќе го „растури“ со аргументи „комуњарот“ ќе бидат убедени во исправноста на ставовите на десницата? Ниту еден, ете колку, оти тие само ќе си речат дека преставникот на левицата во дебатата не бил на потребното ниво, и дека ставовите на левицата се добри, само оној што го пратиле во дебатата да ги брани тие добри ставови бил слаб дебатер.

Истото важи и за оние гледачи на дебатата кои се со десничарки ставови. Колку сака нека е способен мислител и говорник левичарот, колку сака аргументи полни со мудрост и логика да фрла на сцената, а оној од десницата да биде прост како труба, оние десничари што ќе ја гледаат дебатата ќе признаат дека победил левиот, но не затоа што имал правилни ставови, туку затоа што десниот говорник бил мутав и не знаел да се изрази.

Тоа е како фудбалски натпревар во кој ќе се соочат првотимците на Барселона и некој селски тим од третата лига во Англија. Кој тоа, откако Шпанците ќе ги збришат Англичаните ќе биде убеден дека во Англија не знаат да играат фудбал? Секој ќе рече дека Англичаните имаат јаки фудбалери, ама не ги пратиле тие фудбалери на тој натпревар.

Се разбира, гледачите на тој стадион ќе си навиваат за својот тим и за својата земја како и да е. Исто е и во политичките дебати.

4. Во дебатите нема корист од логика, туку емоциите и харизмата се клучни: и ова е последната причина поради која сите дебати се бескорисни и потполно непотребни. И најважната причина, која воедно е илустрирана со сликата која го краси денешниот мој пост.

Горе ги имате една спроти друга руската стандардна пушка АК-47 и американската стандардна пушка М-16. Која од нив е подобра?

Руската пушка користи поголем калибар од американската, ама американската е многу попрецизна, особено на подолги растојанија. Куршумот од руската пушка ако удри во нечие тело, може и да помине низ телото, да направи дупка и да излезе. Но, американскиот куршум, иако помал, кога ќе влезе во човечко месо, моментално се деформира во форма на диск и се движи низ ткивото создавајќи далеку поголема штета од рускиот куршум.

Куршумите на АК-47 се поголеми и потешки од оние за М-16 но тоа значи дека еден ист војник, може да носи на себе повеќе муниција за М-16 одошто за АК-47. Доколку битката треба да биде кратка и жестока, во предност е оној со АК-47 оти нема да има потреба од многу муниција но таа што ќе му треба ќе мора да биде најстрашната и најразорната.

Затоа, овие пушки се омилени кај герилците чија основна тактика е да напаѓаат ненадејно, кратко и да бегаат пред да им стигне засилување на непријателите. Од друга страна, за армии кои се многубројни и кои на бојното поле настапуваат со цел да држат територија, подобри се М-16 пушките оти за одбрана на некој пункт потребно е да се има многу муниција за да се пука по рафал – два од време на време.

Од тука и заклучокот за дебатите: гласачкото тело за едната и за другата опција во политиката секогаш е различно. Постојат луѓе на кои харизмата и говорничките вештини на политичарот ништо не им значат. Но, има и луѓе кои ако не чујат инспиративен говор од кандидатот никогаш не би ни помислиле да гласаат за него.

Некои луѓе купуваат автомобил кој малку ќе троши, и ќе биде ефтин. Други луѓе се спремни и повеќе пари да дадат за да го купат својот автомобил, знаејќи дека кога ќе го возат, сите ќе се вртат кон нив восхитувајќи им се на колата.

Кога ќе влезе купувач во салон за автомобили беспредметно е продавачот да го убедува да купи штедлив, ефтин автомобил. Подеднакво беспредметно е и да му покажува скап луксузен теренец во кој кога ќе се вози ќе се чуствува како крал.

Прво треба да го поздрави и да го праша дали може некако да му помогне. Ако купувачот одговори со „само разгледувам“ тогаш треба да му понуди да му ги покаже прекрасните теренци и спортски автомобили. Оти оној кој разгледува, е заинтересиран првенствено за изгледот. Ако купувачот каже „да, барам нешто такво и такво, со тие и тие перформаси“ тогаш треба да го поведе продавачот кон делот каде што се ефтините и штедливи автомобили, оти оној кој со бројки и факти знае да опише што сака, тој е најмногу заинтересиран за суштината, а не за формата.

Е затоа политичките дебати во Македонија се бескорисни и непродуктивни. Затоа немаат никакво влијание врз изборите и врз рејтингот на партиите и на лидерите на тие партии. Слично, и на нашиот блогерај и на разните он-лајн форуми, сите дискусии, кавги и расправии по најразлични историски, идеолошки и политички теми се беспредметни. Никој нема никого да го убеди, никој нема никого да го разубеди. Само може луѓето дополнително да се замразат.

А можеби токму тоа е и целта на подбуцнувањето на постојани дискусии и дебати?

Ама, тоа е друга приказна, која заслужува посебен пост. Засега толку.

6 Responses

Subscribe to comments with RSS.

  1. Анекс мисла на текстов:

    „Кога дебатираш со глуп човек, истовремено истото го прави и тој“.

  2. 1. Debata ne e samo toa sto se prikazuva na televiziskite talk shows. Ima golem broj na dobro formulirani debati koi se razlikuvaat spored formatot, broj na govornici, vremenska ramka itn.
    No bez razlika na vidot, vo sekoja debata prvo zadolzitelno pravilo e da se definiraat klucnite zborovi koi se del od temata na koja se debatira i site govornici treba da se soglasat na tie definicii. So taa cel se izbegnuva celata taa zabuna i igra na zborovi koja ja imas opisano vo ovoj post.

    2. Televiziskite politicki “debati” kaj nas ne ni mozat da se definiraat kako takvi. Tie najcesto se koristat za gledacite da odlucat za koj da NE glasaat, a ne za koj da glasaat.
    Ovie “debati” poveke postojat za da se vidat oratorskite i prezentaciskite vestini na govornicite. Tie sekako ne go napisale govorot koj go imaat tamu, bitno e barem da se vidi kako ke uspeat da go prezentiraat i dali imaat sposobnost da se izrazat soodvetno.

    Jas sepak veruvam deka vredi da se debatira i da se sledi debatata, bez razlika dali stanuva zbor za kvalitetna dobro formulirana debata na tema od sustinsko znacenje, ili samo obicna televiziska izvedba koja ke te nasmee.

    Sanja

    01/07/2010 at 13:35

    • Да, ама што ако токму за дефиницијата на основните поими се развие дебата?

      • Togas nastanuva debata na definicii. Ne e mnogu konstruktivna, no ne se debatira podaleku dokolku prvo ne se zlozat site na dadenite definicii.

        Sanja

        01/07/2010 at 19:05

        • Океј, дебата за дефиниции, но како таа би се водела?

          На пример, јас велам „правда е што си посеал тоа да жнееш“ а ти велиш „правда е од секого според можностите, а секому според потребите“ и сега?

          Кој е во право, чија дефиниција е точната?

          Ајде да погледнеме во речник или лексикон.

          Но, кој ни гарантира дека оној што го составил тој лексикон е доволно стручен да даде конечна дефиниција?

          Имал тој титула доктор или некаков друг експерт е.

          Океј, кој му ја дал титулата?

          И кој му дал право на тој што му дал титула на составувачот на лексиконот да дава титули?

          Еве тука пошироко образложение на тој принцип „кој му дал авторитет на давачот на авторитети“ https://blogatash.wordpress.com/2010/04/11/%e2%99%a6-%d1%82%d0%b8-%d0%bce%d0%bde-%e2%80%9e%d0%b2oj%d0%b2o%d0%b4o%e2%80%9c-%d1%98ac-%d1%82e%d0%b1e-%e2%80%9ecep%d0%b4ape%e2%80%9c/

          • Gledam deka vlagas od edno prasanje vo drugo… So ovoj intenzitet ke stignes samo do prasanjeto “sto e postaro jajceto ili kokoskata” i ke se vrtis vo krug.

            Vo debata prvo nesto sto postoi kako pricina za samata debata e temata, ili kako sto debaterski e poprecizno da se kaze – tezata. Toa e odgovorot na tvoite prasanja koi gi imas napisano. Tezata go dava kontekstot na koj treba da se nasocis.
            Pokraj toa, na sekoja kompetitivna debata zadolzitelen del od debatata se sudiite. Na kraj tie odlucuvaat cii argumenti se pokvalitetni i povrzani so tezata i koj tim e pobednik vo debatata.

            Sanja

            05/07/2010 at 14:49


Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Промени )

Connecting to %s

%d bloggers like this: