Блогот на Богдан. Нено Богдан!

мој мејл: blogatash@yahoo.com

♦ СПОРЕДБЕНА ПРЕДНОСТ И ВРЕДНОСТ

with 2 comments

Која од овие две мачки е подобар ловец на глувци?

Во насока на промовирање на мојата нова (втора) книга која во текот на идниот месец треба да излезе од печат, еве за читателите на мојот блог извадок од една од главите во таа книга. Во неа е поставено и одговорено едно многу битно прашање: како да се биде похуман? Не само хуман, туку и похуман.

* текстов е првично објавен на 29ти октомври 2009 на http://blogatash.blog.com.mk/node/253442

Замислете дека постојат двајца браќа близнаци, Аце и Ице. Овие двајца се исклучително интелигентни луѓе, млади, полетни, и амбициозни на еден крајно позитивен начин, и двајцата само сакаат во текот на својот живот да им бидат од корист на своите сограѓани. Со други зборови, сакаат да бидат хумани луѓе.

И двајцата учат за лекари и со совршени оценки го завршуваат медицинско образование. Но, двајцата тогаш прават сосема спротивни животни избори:

Аце одлучува да стане лекар во едно зафрлено село каде што на тамошните луѓе навистина им треба помош. Бидејќи државата е во исклучително тешка и сложена финансиска состојба и во буџетот нема пари за селски амбуланти, платата на селскиот лекар Аце му ја обезбедува една хуманитарна организација. Му даваат по 250 евра месечно за да го поминува своето време во зафрленото планинско село и да им помага на луѓето таму.

Ице од друга страна, одлучува да го продолжи своето образование со специјализација за пластична и естетска хирургија. За оние што не знаат што е тоа, Ице одлучува лебот да си го заработува во приватна клиника во големиот град каде што за 1.500 евра месечна плата ќе им вградува силикони на надежните турбо-фолк пејачки од помладата генерација и ќе им ги пегла брчките на лицето на оние од постарата генерација. Всушност, исправка: со толкава плата, Ице може да си ги заработи не само лебот, туку и ратата од кредитот за џипот и одморот секоја година на Ибица во хотел со пет ѕвезди!

И сега, големото прашање е: кој од овие двајца хуманисти, водени од желбата да прават само добри дела за својот народ, го направил подобриот, похуманиот избор?

Првичниот рефлекс на секого би бил дека Аце, селскиот лекар, го направил хуманиот избор, додека Ице, пластичниот хирург, човекот кој на многу млади, надежни спонзоруши ќе им ги зголеми градите а со тоа и потенцијалите во светот на турбо-фолкот е еден себичен, алчен, лицемерен тип кој не заслужува да биде нарекуван „хуман човек“.

Плус и џип вози! Срам да му е!

Со други зборови, Ице е капиталист, кој е опседнат со желбата за профит. Тој сиот свој талент за медицина го користи за заработување на што е можно повеќе пари, а Аце е оној кој истиот тој талент, несебично го става во хумана употреба за лекување на селаните од зафрленото село.

Првичниот рефлекс како и обично е погрешен. Оти, да не заборавиме, и двајцата се длабоко хумани луѓе и двајцата сакаат да им помагаат на сограѓаните.

Аце е селски лекар во зафрленото село и само таму лекува. И зема 250 евра плата. Ице, пластичниот хирург е градски лекар од „прва лига“, работи во елитна приватна клиника и зема 1.500 евра плата.

Аце со неговите 250 евра плата се издржува себеси и својата фамилија која живее со него во селото. Ице од друга страна од својата плата од 1.500 евра месечно одвојува по 600 евра месечно за донација за онаа иста хуманитарна организација која му ја дава платата на доктор Аце. Со тие пари, Аце не само што зема плата, туку и лековите и другите трошоци за неговата ординација се платени.

Ако и Ице одлучеше на времето да биде лекар во зафрлено село, тогаш ни Ице ни Аце немаа да имаат можност да работат како лекари оти ќе немаше кој да ги плаќа нивните плати и медицински трошоци. Благодарение на фактот што Ице е пластичен хирург кој за профит се занимава со медицина, Аце може да биде лекар во зафрлено село. Благодарение на капиталистот Ице, Аце може да биде хуманист. Ако Ице не беше капиталист, ниту Аце ќе можеше да биде хуманист.

Или, замислете го ова: и двајцата исклучително талентирани браќа Аце и Ице на времето да одлучеа да бидат лекари од елитата, при што едниот ќе беше врвен кардиохирург, а другиот врвен естетски хирург.

И двајцата ќе работеа во приватни клиники и ќе земаа по 1.500 евра плата месечно, и ако секој од нив одделеше по 600 евра од својата плата, ќе имаше доволно пари за хуманитарната организација да им ја плаќа платата и трошоците за ординациите за двајца лекари во две зафрлени села.

Или еве друг пример: Горан и Јана се програмери кои имаат силна желба да им помагаат на бездомниците и другите сиромаси. Горан и Јана заработуваат по 30 евра на ден со програмирање (по 600 евра месечна плата). По еден ден во неделата, и Горан и Јана одат во една народна кујна како волонтери и помагаат во готвењето на храната за бездомниците и сиромасите.

Бидејќи трошат заедно по 8 дневници месечно во волонтерска работа, тие вкупно земаат помала плата од 240 евра месечно.

Ако Горан и Јана навистина сакаат да им помогнат на сиромашните и гладните, најпаметно ќе им биде да одат на работа преку целата недела, да ги заработат тие 240 евра плус и да ги донираат како плата за еден човек кој што секој ден ќе биде на работа во народната кујна и ќе готви.

Доброто кое го чинат во текот на еден месец, овие двајца хумани програмери е 8 дена збирно помагање, а доброто кое би го направиле ако одат на работа во тие денови и заработените пари ги даваат за човек што ќе биде професионално вработен во кујната ќе биде минимум 20ина денови помагање. И плус еден човек ќе има помалку невработен во земјава.

Поуката е: ако некои исклучително паметни луѓе сакаат да бидат навистина хумани, треба својата интелигенција да ја вложат во заработување на пари, па потоа со дел од тие пари да финансираат други луѓе (кои не се толку надарени за да заработуваат многу пари како, на пример, врвни лекари или програмери) да бидат лекари во зафрлени села или готвачи во народни кујни.

Оној хуман човек што може да заработува многу пари треба да се посвети сосема на заработување на многу пари, а дел од тие пари потоа може да ги донира за хумани цели, при што многу повеќе добро ќе направи така, одошто ако самиот одвои дел од своето скапоцено време за да помага лично.

Оној што ќе потроши десет милиони евра за отворање на нова фабрика во некој град е далеку похуман од оној што ќе ги даде тие пари за отворање на нова болница во истиот тој град.

Од даноците што ќе се акумулираат собрани од работењето на фабриката ќе може потоа да се изградат и болницата, па подоцна и школо, па градинки, паркови… а од парите дадени за болницата никогаш нема да се соберат даноци за ништо ново да се изгради, па дури ќе треба дополнително пари да се наоѓаат и за одржување на болницата.

Некој ќе рече дека хуманоста не се мери во пари, туку во спасени животи. И тоа е апсолутно точно: да спасиш десет човечки животи е двојно похумано од тоа да спасиш пет човечки животи. Хуман ли е оној што можејќи да спаси десет, самиот ќе избере да спаси само пет?

П.С: Како што кажав на почетокот, ова е само извадок од една глава од мојата нова книга која наскоро ќе може да се купи во книжарите. Кога ќе излезе од печат, ќе бидете на овој блог благовремено информирани, а сега засега, се надевам дека овој мал фрагмент ви помогна да почуствувате со каков стил е напишана книгата и какви прашања разгледува. Наредниот четврток, ќе објавам уште еден фрагмент од една друга глава, со наслов „Две спротивни дефиниции за слободата“.

2 Responses

Subscribe to comments with RSS.

  1. Ок е кога во прашање математиката, но да не заборавиме – хуманоста е дел од емоционалниот и духовниот живот. Кога хумани дела ги правиме лично, со своите раце тоа ни помага да го зачуваме и да го развиеме талентот на заработување пари. А кога само заработуваме и даваме пари за хумани цели тоа на крајот раѓа фрустрација и депресија. Јас мислам дури дека пари дадени од способни луѓе на неспособни ќе донесат помалку корист оти и со добротворност треба да управуваат способни луѓе.
    Еден мој пријател – психолог секоја година дава бесплатни консултации на млади луѓе и темата е: која е областа на делување каде секој од консултираните ќе биде најдобар или кој е за што роден. Бев присатна еден ден на такви сеанси. Не секој му е речено дека целта на неговиот живот за која е дојден на овој свет е да им помага на луѓето, но начин или професија на секого му беше различна.
    Мислам дека тоа е одговор на прашање како да се биде „правилно„ хуман. Битна е желбата да им се помага на луѓето и ако тоа те прави среќен (исполнет, задоволен) тогаш прави го тоа на свој сопствен начин, а математиката треба да се гледа во глобала и да се мери не во пари него во среќата.

    svilicicm

    02/04/2010 at 11:58

    • Да, ама еве го проблемот со „желбите и идеалите“:

      На десет луѓе очајно им треба помош. Ти одлучуваш лично да се ангажираш и на петмина да им помогнеш.

      Другите петмина ќе умрат.

      Ако не се ангажирал директно, туку индиректно (како што е опишано во колумнава) сите десет ќе можеле да добијат помош од тебе и да преживеат.

      Е сега, кажи ми ти што им вреди на тие петмина што ќе умрат што ти си се ангажирал лично со идеализам за оние петмина што си ги спасил?

      Математиката може не звучи убаво ама сепак е јасна: ако можеш да спасиш десет луѓе, а си спасил само пет – тоа не е хуманост. Тоа е мрзливост и себичност.


Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Промени )

Connecting to %s

%d bloggers like this: