Блогот на Богдан. Нено Богдан!

мој мејл: blogatash@yahoo.com

♦ СТО МИЛИОНИ ЕВРА ЗА УЧЕНИЦИТЕ

with 5 comments

Пари на рака, знаење без мака!

Ако е оправдано да се издвојуваат од буџетот по 100 милиони евра годишно за субвенционирање на земјоделците кои потоа своите вишоци на млеко ќе ги иструраат пред Владата при протестите, на јаболки кои ќе скапуваат во ладилниците и на жито од кое ќе скапува во силосите – зарем не е пооправдано да се субвенционираат и учениците? Вишокот инжинери сигурно нема своите дипломи да ги палат пред Владата, оти ќе им требаат (ако за нив нема пласман тука) – да заминат во странство и да најдат таму работа со нив.

* текстов е првично објавен на 11ти јуни 2009 на http://blogatash.blog.com.mk/node/233695

Идејата е многу едноставна и се состои во копирање на моделот за субвенционирање во земјоделието – во образованието. За оние ученици (зборуваме за децата од прво одделение до завршната година во средно) кои ќе постигнат успех верификуван со стандардизиран процес на тестирање да се обезбедат соодветни парични награди.

На пример, знаејќи дека просечно во секоја возрасна година од образовниот процес има по околу 25.000 ученици, а вкупно се 12 години (4 средно + 8 основно) простата математика вели дека од прво до четврто се 100.000 ученици, од четврто до осмо се уште 100.000 и во средните училишта има исто околу 100.000 ученици.

Да претпоставиме дека во најскап случај, сите тие би учеле вредно и сите би ги задоволиле критериумите е за добивање на субвенции. Учениците од првата група (прво до четврто) би добиле по 150 евра на крајот на годината за успешно научени и преку тестирање верификувани сите клучни предмети, при што би можело да се оди тука и на варијанта за евентуално дозволен послаб резултат на еден, два или повеќе предмети.

Оние постарите од втората група би добивале по 250 евра субвенција за четири или пат предмети по нивен избор за кои ќе постигнат задоволителни резултати, а за средношколците кои ќе успеат да научат два или три класични предмети (по нивен избор) да се одреди сума од 350 евра субвенција по ученик.

Ако се оди со бројките на ученици погоре споменати и предложените суми за субвенционирање на нивните солидни резултати, доколу сите ученици ги задоволат критериумите за добивање на субвенција, вкупната сума би била околу 75 милиони евра.

Додајте уште 5 милиони за административни трошоци, и уште 20ина милиони за посебни субвенции за стратегиските предмети (математика, информатика, англиски јазик и сл.) кои ќе им се распределат на особено талентираните ученици, и вкупната сума на целиот проект би дошла до некои 100 милиони евра.

Ова може да се чини како ептен многу пари, но да не заборавиме дека тоа е само 4% од сегашниот буџет, а воедно, тие пари оваа земја, оваа златна држава наша, ќе им ги даде на своите деца, на својата иднина, на своите идни градители, и тоа не за џабе, ами за да го стимулира нивното учење и залагање во стекнувањето на нови знаења и способности, корисни за нив лично и за државата вкупно.

„Клучни предмети“: концептот на клучни предмети е многу важен во оваа идеја, бидејќи и тука се тргнува од реалноста која има своја аналогија во земјоделието. Имено, секоја фарма не е способна да произведува идентични производи, туку некои фарми се специјализирани за земјоделие а некои за сточарство, па и тие се суб-специјализирани, било за житарици, било за овошје, тутун, или пак за овци, крави, живина… и така се распределени и субвенциите.

Сличен концепт предлагам и во школувањето, оти не сите деца се подеднакво талентирани за секој предмет. На некои им оди повеќе математика и слични (природно-научни) предмети, на некои им се лесни јазиците, на други предмети поврзани со општествените науки, па затоа така треба да се менаџира и распределбата на субвенциите за учениците.

За групата ученици од прво до четврто одделение, не треба да важи овој концепт, оти кај нив училиштето има повеќе воспитна одошто образовна функција. Основните работи кои се учат во тоа време се сите клучни: и азбуката и правилното користење на литературниот јазик, како и бројките и операциите со нив се подеднакво клучни и потребни за секого и за сите. За оваа возраст – сите предмети се клучни предмети.

Ова не е исто во погорните години на образованието, оти таму веќе се диференцираат способностите на децата. Освен тоа, веќе во средно се оформуваат и желбите за понатамошно студирање и е глупаво и непродуктивно да се бара од некој кој нема план да биде еден ден инжинер да си ја лупа глава со учење на сложена математика, или некој кој нема намера да биде лекар да мора детално да знае за хемијата или биологијата.

Од тука, се воведуваат клучните предмети кои по свој избор ќе може да ги „кешира“ секој ученик при тестирањето. Како што одгледувачите на овци немаат потреба да одгледуваат и тутун за да добијат субвенции од државата, така и учениците кои не се талентирани за математика не мораат да го учат и тој комплекс знаења за да добијат субвенции.

Системот на тестирање: се разбира дека системот за верификација на знаењата мора да биде добро осмислен за да не се претвори во клати врата – земај плата. Ова значи дека не треба наставниците кои им предавале на учениците потоа да ги тестираат и оценуваат истите деца на кои им предавале. Како што не е логично кадија да те тужи и истиот кадија да те суди, така и не логично ист човек да те подучува и потоа да те тестира.

Ова се решава многу практично или со воведување на принципот „кога има тестирање, наставниците од Охрид ќе ги тестираат учениците во Кочани и слични рокади низ целата држава“, или пак со воведување на посебен кадар кој ќе го врши тестирањето. Втората идеја захтева многу покомплексно организирање (што ќе прават тие луѓе кога не е сезона на тестирање?) па затоа првата варијанта ми се чини најреална.

Постои опција да се вршат тестирањата на секои два или три месеци, со одмор за учениците од две недели на секој од овие интервали, со што би се намалил и обемот на материјал што треба да го учат децата за секој поединечен тест, а и би се добило во континуитет на залагањата (нема да „спијат“ цела година, а на крај само за запнат да учат).

Се разбира, кога ќе се одвои верификацијата на знаењето од процесот на стекнување на знаењето, комплетно ќе се изгуби и потребата од тестирање на учениците во текот на годината од страна на нивните наставници. Значи, нема потреба од писмени, тестови, контролни задачи и слични инструменти со кои децата се малтретираат да бубаат за да добијат една оценка во дневникот која ништо не им вреди, туку тие се исфрлаат сосема (може да има опција за неформално тестирање при што децата ќе можат самите да си видат колку знаат и каде треба самите да се поправат) и само тестирањето за чиј добар резултат ќе му биде платено на ученикот да остане.

Конечно, мора да се има и можност за втора шанса за оние деца кои поради објективни причини постигнале послаб резултат на првото тестирање. За нив мора да има можност да го поправат впечатокот.

Практична имплементација: не мора да се почне одеднаш за сите ученици и за сите предмети примената на овој систем, туку може прво една генерација да се тестира за само два или три предмети, а потоа како што ќе се стекнуваат искуства и исправаат грешките во системот тој да се шири хоризонтално (по предмети) и вертикално (по години).

Но, субвенциите уште од самиот почеток мора да бидат сериозни, во назначените суми, оти само така ќе го имаат потребниот мотивационен ефект.

Се разбира, како што државата економски ќе напредува, ако постигнеме повисок GDP ќе треба да се зголемат и субвенциите. Замислете, петтооделенец да добие 250 евра, ќе си купи велосипед. А ако Македонија постигне ист стандард како Швајцарија, наместо 250 евра ќе добиве по 2-3 илјади евра. До крајот на основното образование, ако штеди, ќе може во средно на првиот ден да оди со скутер, а ако продолжи да учи вредно и да штеди на матурската ќе може да пристигне со свој, сопствен, не подарен од родителите туку заработен – нов автомобил.

Останува уште да се објасни и зошто е избран распоредот на сумите 150-250-350 за разните возрасни групи на учениците. Тука има две главни причини: прво, многу е потешко да се научи солидно посложена материја (во погорните класови) одошто поедноствна (во подолните одделенија). Затоа, за повеќе труд, повеќе и треба да се плати.

Втора причина е што како што децата се постари, толку и се нивните потреби и можности за трошење на парите поголеми. Ајде да збориме реално, кога умно и вредно првооделенче ќе добие 150 евра затоа што научило убаво да пишува и да оперира со бројките, тие пари за што ќе ги потроши?

И ако ги троши, неговите родители ќе решат како и за што. Од друга страна, кога еден средношколец кој вредно учел и успеал да обезбеди 350 евра за себе на крајот на годината, тој може да отиде на убав и долг летен одмор. Ако со своето друштво ги комбинира парите, може да помине и цело лето покрај некое од нашите езера.

Забелешки против предлогот: основна забелешка која противниците на овој мој предлог би ја дале е дека „децата треба да учат од љубов, а не за пари“. Ова е комуњарско – марксистичка логика која не соодветствува на духот на времето. Слична на онаа дека работниците треба да работат од љубов кон колективот, а не за профитен мотив. Знаеме дека од љубов никој не работи, туку за плата.

Македонија конечно ќе излезе суштински од комунизмот и ќе почне да чекори кон капитализмот и економскиот напредок што тој го носи, само откако ќе почне да им плаќа на сопствените деца да учат вредно. Главната поука што ќе ја стекнат е – ако работиш, ќе бидеш платен. Ако учиш – ќе заработиш. Тоа е основната капиталистичка лекција која нашите деца, нашата иднина, оние што ќе ја наследат оваа држава – мораат да ја научат уште од најраната возраст.

Втора забелешка е дека децата со ваков систем на субвенции ќе се концентрираат само на оние предмети кои ќе им бидат профитабилни („клучните предмети“), а не на сите. И така, ќе добиме деца кои ќе знаат супер математика, но нема да знаат кој ги напишал „Бели мугри“.

Демек, сега на сите предмети се концентрирани, нели? Ако некој не планира да биде инжинер, не мора да учи математика, а ако некој не планира да биде лекар, чуму да се потресува премногу за биологија и хемија?

Ако некој ученик нема талент за некоја тема, тој нема да има и љубов кон предметот од таа тема, и следствено само му го губиме времето на детето со тормозење дека мора да учи нешто што ниту го интересира, ниту пак ќе има потреба од тоа.

По мое мислење, најсилната причина поради која во Македонија толку малку се читаат книги  е што во школите ги тераат децата присилно да ги читаат лектирите. Така, уште од рана возраст (делумно и поради погрешниот и несоодветен избор на конкретните книги за лектира) им всадуваме омраза на луѓето кон книгите. Подобар систем би бил – „прочитај книга, напиши свое размислување за неа и на конкурс ќе имаш можност да добиеш награда“. Така, многу повеќе децата би читале.

Стравот од казна не ги мотивира луѓето да работат повеќе. Ветувањето за убава награда за убаво завршената работа – ги мотивира. Тоа е принципот врз кој функционира капитализмот, најуспешниот економски систем до сега во историјата на човештвото. Тоа е принципот на кој треба да се постави и образовниот систем за да се дојде до негова поголема продуктивност и ефикасност.

Written by nenobogdan

08/01/2010 at 00:13

5 Responses

Subscribe to comments with RSS.

  1. Супер, супер, супер!

    Билјана

    14/03/2010 at 18:27

  2. -Колумнава ти е топ,додека школството во сите свери ни е потоп,катаклизма.Од несоодветен стручен кадар,партиски вработен до несоодветни учебници кој се менуваат со промена на власта.Од пропаганди за бесплатни школства а од позадина се наплакаат пари за се и сешто (разни ситници или крупници од 100,200-500 ден) до разно разни наставници и професори кои на почеток на секоја школска година се такмичат кој ке земе повеке дечиња на повлијателни родители во својот клас.Од распаднати и руинирани школски згради,до уништени и дотраени студенски домови.Од неносењето на работна униформа во школо до носење на мобилни телефони и оружје.Од несоодветно и неправилно третирани млади дечиња(се школуваат со врски) до неми,безгласни студенти…мн бре има црно за пишување…батали.
    -Со некои мали измени или доработки идејава ти е супер проект,само за жал ке си остане само идеја и ништо повеке.

    DeJaN

    26/10/2011 at 00:52

    • Ееех, денеска е идеја, утре кој знае, можеби ќе се оствари.

      Прв чекор кон неуспехот е да не веруваш во својата идеја. Прв чекор кон успехот е да веруваш во својата идеја.

      Вербата не е доволна, ама е потребна.

  3. форсирањето памет на ваков начин не е баш најкорисна работа, бидејќи може да предизвика трајни душевни болести штом некого распалиш со пари дефинитивно очекувај создавање навика, а ако нешто има пострашно од сладострастието тоа е среброљубието, гледано схоластички, па така и ова предлогов во ваква форма ако не предизвика среброљубива навика сигурно ќе биде како таква во иднина скала до неа.

    единствен според мене коректен однос кон посветло образование, со оглед дека доаѓаат времиња на духовна и морална темнина(веќе сме во криза) е практичната настава! мора да се изнајдат средства да се преструктуира образовниот систем, без опит нема ни вистинско спознание на нештата, па затоа и денес имаме ваков амбиент каде децата се заинтересирани штоколо да го завршат колку да му помине редот.

    впрочем и јас така учев и во средно и на факултет бидејќи реално немаше ни што да ме врзе за науката освен сувопарни материјали за чие џвакање потребно е само пред тест или испит да се насекираш…
    ова со дигитализацијата и на училиштата и на библиотеките ветува дека сме фатиле попрактичен правец, но воедно ова може да биде и мач со две оштрици, како и секоја технолгија. сепак интерактивната настава денес многу значи, а во иднина сигурно уште повеќе, еве неколку клипа кои и сликовито го доловуваат тоа http://www.build.com.mk/forum/forum_posts.asp?TID=312&PID=28965#28965

    но на мисла сум дека мора да постои и темелна практична настава, нешто што за жал дури и на природните или на техничките факултети изостанува, а не па во основното или средното образование да постои во некаква форма, (освен тоа оскудните предмети во рана школска возраст како ЗО или ЗПО(запознавање на природата и општеството)). позитивен исклучок во случајов се медициниски и хемиски факултет, за кои сепак имам чуено дека имаат добра практична настава, незнам како е сега по ова приватните универзитети, но штом државните немаат висок критериум по ова прашање што би се замарале па тие да бркаат некаква конкуренција, нешто го фалат европскиот на бојо, но немам чуено ништо официјално во овој контекст.

    ~

    едно прашање Нено, кој треба да добие реална субвенција сунѓерот кој впива знаење а нема каде да го исцеди или сунѓерот со кој ќе се измие некој прозор!? наградата како форма се сложувам мора да постои, па бар и како што е тоа денес преку пофалници или симболична стипендија, но да наградиш некого без да се евалуира неговото знаење е премногу непродуктивно, односно немотивирачки.

    сепак идејава не е на одмет да се пушти како провокација за да се развие дебата од секој можен аспект, па следствено и да се изведе еден одржлив нзс за начинот на финансирање на образованието во иднина. сепак останувам на мојот став дека само практична настава му е мајката на штанцање мозоци!

    којекој :)

    11/09/2014 at 13:41


Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Промени )

Connecting to %s

%d bloggers like this: