Блогот на Богдан. Нено Богдан!

мој мејл: blogatash@yahoo.com

♦ СТРАШНИ РАБОТИ

leave a comment »

На мислење сум дека целата врева околу енциклопедијата на МАНУ беше само диверзија за да се тргне вниманието на јавноста од суштинските прашања. Затоа и немам намера да зборувам воопшто на таа тема, и би сакал оваа колумна да ја посветам на тие, суштински, страшни нешта кои ѝ се закануваат на Македонија. А бидејќи се страшни, логично е да се поврзат со страшните работи од страшните филмови

* текстов е првично објавен на 1ви октомври 2009 на http://blogatash.blog.com.mk/node/248997

Вампир: вампирите, како што сите знаеме од гледање хорор-филмови, се едни такви зли суштества кои ноќе скитаат наоколу барајќи жртви на кои ќе им ја исцицаат крвта, најчесто до последна капка.

Вампирите го одржуваат својот број на константно ниво, па дури и го зголемуваат со тоа што ги каснуваат луѓето на специфичен начин, по што во телотото на каснатиот се случуваат разни натприродни биохемиски процеси кои од човек го претвораат во нов вампир. Интересно, обратниот процес, кога човек ќе касне вампир вампирот да се претвори во човек – наводно, не функционира.

Општествен вампир е бирократијата, која функционира на ист начин како вампирите гореопишани. Имено, речиси редовно бирократијата може сосем да го исцрпи некого со своите бескрајни барања за мито или бесконечна низа на документи, печати, потписи и заверки, така да ако човек имал идеја да отвори своја фирма и да почне нов бизнис – нема да му успее од што многу време и пари ќе потроши на задоволување на овие крвопии.

Како што вампирите создаваат нови вампири со специјален начин на каснување на своите жртви, така и бирократите го продолжуваат својот вид преку индоктринирање на обичните млади луѓе да копнеат по сигурна работа во државната служба. И по сигурна плата, и сигурна пензија, само ако се лојални на партијата која е на власт.

Крвта на секое општество, па и на нашето се парите. Од 150.000 вработени во државните институции, околу 70ина илјади се учители, полицајци, лекари и слични корисни професии, ама останатите (околу 80ина илјади) се стерилни бирократи, партиски војници, политички вампири кои годишно ја чинат македонската држава на име плати и придонеси околу 500 милиони евра. Настрана и индиректната штета што преку вршењето на своите бирократски активности го гушат развојот на економијата во Македонија. Настрана фактот што доколку би работеле нешто корисно (во приватниот сектор) би придонесувале за оваа земја, наместо само да цицаат од нејзината крв.

Волкодлак: и овој страшен лик од страшните филмови верувам дека е познат на сите. Имено, станува збор за суштество кое дење има форма на човек, а штом падне мрак се претвора во волк. Има и варијанта на овој режим на волкодлаците, па кај одредени волкодлаци, трансформацијата од човек во волк се случува не секоја ноќ, туку само во онаа ноќ кога има полна Месечина.

Како и да е, начинот на кој човек станува волкодлак е (според хорор-митологијата) практично идентичен на оној со вампиризацијата. Ако волк (или специјално проколнат волк) или друг волкодлак гризне обичен човек, по некое време во телото на гризнатиот се случуваат натприродни биохемиски процеси и – од човек станува волкодлак.

Политички волкодлак е секој политичар кој „дење“ (т.е. во јавноста) глуми чесен, вреден, посветен на развојот на својата земја, а „ноќе“ (т.е тајно) е постојано во потрага по свежа „крв“ – пари. Парите ги добива од своите партиски спонзори кои во замена добиваат привилегии од власта, или пак преку барање на мито од чесните бизнисмени за да не им пречи неговата власт во вршењето на бизнисот.

Од обичен политичар во политички волкодлак се преминува на ист начин како кај регуларните волкодлаци. Треба само некој спонзор за некоја изборна кампања да даде милионски суми и после изборите, кога ќе дојде на власт поткупениот политичар да не го објави името на спонзорот. Дали полтичарот – волкодлак ќе биде постојано во потрага по црни фондови (т.е. секоја „ноќ“) или само пред нови избори (само за „полна месечина“) зависи од случај до случај.

Ако една изборна кампања чини милиони, па дури и десетици милиони евра, како што редовно е случај со големите партии кај нас, тогаш тие пари некој мора да ѝ ги даде на партијата. Зошто никогаш не се прашуваме кој (и „зошто“ уште поважно) ги дава тие пари? И што очекува тој мистериозен спонзор за возврат, штом неговата инвестиција ќе дојде на власт? Се знае што – поврат на инвестираните пари и уште и дополнителен профит. На грбот на народот.

Вештерка: според средновековните легенди и суеверија, вештерките (и машката верзија „вештери“) биле луѓе кои поради тоа што му ја продале својата душа на ѓаволот, добиле за возврат одредни мистични вештини (од таму и името) со кои што вештини можеле да прават разно-разни маѓии.

На пример, ако некој човек сакал да натера некоја жена да се заљуби во него, а не можел по природен пат да го постигне тоа, пробувал по натприроден – одејќи кај локалниот вештер(ка) и плаќајќи пари, добивал волшебна течност со која можел да стане или тој попривлечен, или пак со прскање на течноста врз девојката можел да ја натера да се вљуби во него. Слично, ако некој некого мразел многу, одел кај вештерката и за пари ја ангажирал да фрли клетва врз несаканиот човек.

Општествени вештерки се експертите, поточно експертутките, луѓе кои можат да бидат скоро сѐ, од универзитетски професори, водачи на невладини организации, популарни јавни личности па сѐ до новинари. Овие луѓе својата способност, вештина да шират лаги или да ја манипулираат јавноста со своите изјави ја стекнале пред сѐ преку продавање на својата „душа“ своевремено на УДБа а денеска на разните странски фактори кои им помагаат да имаат пристап до средствата за масовно информирање.

Во денешната Македонија, се чини дека одредени странски сили и домашни моќници фрлаат оргомни пари за нашите експертско – медиумски вештерки да фрлаат клетви и да го држат овој народ во постојана урочена состојба. Жално е што ние веруваме дека со лов на вештерки ќе ја средиме работата (ќе си најде „ѓаволот“ нови). Бајачки сака, бајачки, т.е. „анти-вештерки“. Против црната маѓија со бела маѓија. Значи, против лагите на експертутките, со вистината на патриотите.

Демон: и овој термин е доста познат, иако често пати го користиме во сосема погрешен контекст. Особено кога зборуваме за некаква „демонизација“ на некого или нешто. А оригинално, според митологијата за страшните работи, демони се зли духови кои влегуваат во умот на еден човек и го тераат да го промени своето однесување драматично и да прави работи кои во нормална состојба не би ги правел.

По таа основа, ако некој чесен човек стане опседнат со демон, тој може да стане крадец. Ако некој вистинољубив човек биде опседант со зли духови, станува лажго. Ако некој мирен човек биде демонизиран, тој станува насилник.

Политички демони се глупавите идеологии во кои веруваат луѓето и кои ги тераат не само да веруваат во тие глупави идеи, туку и да се однесуваат глупаво. На пример, да мразат погрешни луѓе. Или да сакаат погрешни луѓе.

Зошто работниците би ги мразеле газдите на фирмите во кои работат не е јасно, не е логично. Оти не се криви газдите за малите им плати, туку е крива државата со големите даноци што ги бара од тие плати. Зошто земјоделците би ги мразеле откупувачите не е јасно, оти не се откупните цени ниски, туку трошоците на земјоделско производство се високи, главно поради високите даноци. На пример, две третини од цената на секој литар гориво се должи на збирните даноци од акциза, царина и ДДВ, а да не ги споменуваме и индиректните даноци за компанијата што го увезува и продава горивото.

Многу е лошо кога човек е опседнат со зли духови, со демонски идеологии. Тие му го поматуваат умот и го тераат на многу погрешни постапки.

Сениште: ако демоните беа опседнувачи на умовите на луѓето, сеништата се опседнувачи на нивните домови. Куќите во кои има некое сениште се викаат „куќи на духови“ и карактеристично за нив е што постојно можат да се слушнат чудни звуци, предметите самите се поместуваат, вратите и прозорците трескаат гласно среде ноќ, а кога и да се снима таква куќа за филм, редовно времето е многу тмурно и грмат страшни громови. Обично до полн потенцијал сеништата доаѓаат ноќно време, не давајќи им на жителите на куќата мирен сон.

Општествени сеништа се странските преставници во Македонија, оти тие ја имаат запоседнато нашата државна куќа како што злите духови ги запоседнуваат куќите во филмовите. Па иако нашите сеништа дојдоа кога беше уште „ноќ“ (првите години на независноста и особено кога беше војната) тие не планираат да си заминат наскоро. Постојано поради нив немаме мирен сон, па слушаме чудни звуци, барања за ова или она, идеи за бесмислени реформи, и редовно кога има извештај за нас во европските институции ние сме опишани како куќите од хорор-филмовите околу кои грмат громови – т.е. Македонија не исполнувала некакви услови, не била спремна за влез во ЕУ, ќе сме се распаднеле за година две, нестабилни сме биле…

Во куќа за која се верува дека е опседната со духови, никој не сака да живее. Зарем треба да чуди што нашата куќа Македонија, која навистина е опседната со евро-атлантски сеништа, е место од кое скоро сите сонуваме да се иселиме?

Зомби: сите сме го слушнале овој термин ама не верувам дека повеќето знаеме што точно значи. Имено, зомби настанува кога некој обичен човек ќе изеде или испие или вдише некоја магична храна/напивка/чад која ја подготвил некој врач/волшебник/вештерка и потоа, благодарение на ефектите на таа супстанција човекот ја губи способноста да размислува со своја глава и станува вистински роб на оној што го претворил во зомби.

Јасно е дека кај нас политички зомби се верните гласачи на демагозите во македонската политика, кои гласачи своевремено биле нормални, обични луѓе, но примиле некаков дар од својот „врач“ во облик на вработување/услуга/стипендија и од тогаш па наваму заборавиле дека имаат свој ум и дека треба да го користат, туку постојано ги слушаат своите лидери.

Вакви страшни „створенија“ какви што опишав во денешната колумна за среќа постојат само во страшните приказни и хорор-филмовите. Ама за жал, нивните аналогии во реалниот свет постојат токму во реалниот свет, и тоа баш во нашиот дел од тој свет.

Кој ќе биде истерувач на духови? Кој ќе дојде со лук, глогов колец, крстена вода и сребрен куршум да ги истера вампирите, демоните и волкодлаците? Да ги разобличи вештерките и да му пробае на овој урочен народ кажувајќи му ја вистината? Кој ќе се јунак пронајде чумата да ја пропади од жална Македонија?

Е кој де, кој?

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Промени )

Connecting to %s

%d bloggers like this: