Блогот на Богдан. Нено Богдан!

мој мејл: blogatash@yahoo.com

♦ ТЕМЕЛНИ РАЗЛИКИ (И СЛИЧНОСТИ)

leave a comment »

Пред некое време, водачот на водечката десна партија во Македонија беше запрашан од новинарите како ги објаснува „левичарските“ потези што неговата влада ги влече. Тој одговори дека во светот веќе неколку години бил во тренд таканаречениот „солидарен конзервативизам“ при тоа веројатно алудирајќи на compassionate conservatism што Џорџ Буш го промовираше во периодот 2000 – 2008. Знаеме сите како заврши бушовиот „солидарен конзервативизам“ особено на економски план за САД, а ако следниве сличности меѓу нашата левичарска и десничарска пракса се показател – кон таква иднина одиме и ние.

* текстов е првично објавен на 19ти  септември 2009 на http://blogatash.blog.com.mk/node/246870

Солидарен бирократизам: првото нешто што можете да го забележите како левичарска тенденција кај десничарскава ни влада е дека вработувањето во државните органи и понатаму е главен елемент на борбата против невработеноста. Оваа влада, исто како сите претходни, се чини дека е цврсто убедена дека колку повеќе вработени ќе има во јавната администрација, толку помалку невработени ќе има во државата.

Отворете било кој весник, и ќе налетате сигурно на конкурс од некое министерство, некоја подрачна единица, некој фонд, некој сектор или некоја агенција за едно или за друго како бара нови кадри, нови луѓе за нови задачи. Нема ден без оглас за вработување во државна служба.

А јас мислев дека само левицата е склона да верува дека државата мора и треба да ги контролира сите гранки на општествениот живот и дека за да ја врши таа контрола ѝ треба армија од бирократи. Мислев дека десницата т.е. конзервативците сакаат да ја ослободат економијата и да му дозволат на секој работен човек да работи слободно и да создава нова вредност во општеството.

Ама не било така. Во услови на најголемата економска криза – државата не знае да престане да вработува во своите редови нови луѓе. Да бидеме реални сепак, многу малку луѓе работат во јавните служби. Најголемиот дел само земаат плата и ништо не работат.

Што мислат солидарниве конзервативци кои ја промовираат државната служба како спас за невработеноста – каде ќе заврши тој процес? Кога ќе имаме повеќе бирократи во непродуктивна државна служба од работници во продуктивниот приватен сектор, кој ќе им ги дава платите на десетиците илјади партиски паразити кои тие ќе ги закачат за буџетот?

Солидарен популизам: десничарската влада која владее со земјава ни, од неодамна одлучи да гради социјални станови и претпоставувам дека и тоа го ставаат на товар на својот „солидарен конзервативизам“. Солидарни нели, оти градат станчиња и ќе им ги дадат на оние на кои најмногу им требаат.

Прво, ниту еден социјален стан од оние што се изградени до сега не му бил даден на вистински социјален случај. Ниту еден. Сите се поделени на партиски војници или нивни блиски, со цел да ја осигураат нивната лојалност кон ликот и делото на лидерот на партијата. Исто ќе се случува и со социјалните станови што ќе се изградат во иднина.

Тоа и не е толку страшно, ниту пак нешто ново, и можеме да го припишеме на демагошките пориви кои секоја партија си ги има. Она што е неразбирливо е најавата дека државата ќе гради и „нормални“ станови кои ќе ги нуди во слободна продажба.

Ако овој модел е толку паметен, мене баш ме интересира зошто државата не земе да произведува и леб, па да го продава во продавниците како што својот леб го продаваат приватните пекари. Зошто да не произведува и пантолони, зелки, зошто да не ја земе под своја капа челичарницата, зошто да не произведува државата столови за на плажа и чадори за сонце, густи сокови, кондоми и волнени џемпери?

Кога приватни фирми градат станови со свои пари инвестирани, трошоците главно доаѓаат од работна рака, градежни материјали, земјиште и комуналии. Кога државата гради станови ги имате сите тие трошци плус провизија за оној политички моќник што го наместил тендерот за одредена градежна фирма што ќе го врши градењето и плус плати за еден куп бирократи кои ќе треба да го „организираат“ целиот процес.

Основниот елемент на десничарската идеологија е дека државата не може да произведува производи толку ефикасно (со толку мали трошоци) како приватните фирми. Затоа и капитализмот каде што целото производство е во приватни раце е подобар – создава повеќе богатство – од социјализмот  каде што сето производство е во рацете на државата.

Зошто десницата се обидува да ги копира лошите идеи на левицата, докажани во пракса дека се неефикасни? Што има солидарно во тоа да фрлате народни буџетски пари во рацете на корупмираните министри?

Солидарен опортунизам: а можеби сите глупи и нелогични „левичарски“ потези што ги прави оваа десничарска солидарна конзервативна власт доаѓаат од фактот што до ден денешен не знаеме ние, широките народни маси, кои беа финансиерите на нивните изборни кампањи?

Можеби сета таа трка да се добирократизира државата и да се носат бесмислени одлуки за фрлање на милиони евра во непродуктивни проекти од инфраструктурата е токму инспирирана од потребата да им се вратат на донаторите парите што партијата ги зела за време на изборите?

Каде исчезна регулаторната гилотина? Се заврши ли во целост како што беше ветено и ако е завршена, чуствувате ли дека редиците пред шалтерите се пократки? Јас не.

Напротив, се чини дека сите промени се козметички. Едношалтерски систем, молчењето е одобрување, бла бла бла…

Три години како солидарниве конзервативци се на власт и не најдоа за сходно да организираат еден единствен тендер за изградба на било што продуктивно во земјава. Само томови на книги што никој не ги чита, само театри во кои никој нема да оди на престава, само реклами кои никого не го убедуваат во ништо.

Колку само тендери за инфраструктурни проекти распиша па потоа самата ги поништи владата преку своите министерства. Можеби, не се јавиле на тие тендери „подобните“ фирми? Што има солидарно во тоа да се запоставува развојот на државата за да се задоволат ненаситните апетити на партиските финансиери?

Солидарен полтронизам: како што гледате на сликата која го илустрира денешниот пост, има две девојки облечени во фустани со иста кројка но во различна боја. Дури и позата им е идентична.

Колку само експерти, новинари и медиумски газди го сменија својот дрес, соблекувајќи го оној со сина боја и ставија на себе портокалова?

Девојките на сликата ги симболизираат токму нив. Изгледаат вака облечени различно, ама ако ги соблечете нема да можете да познаете која е која. Ако ја тргнете реториката од она што левите и десните го збораат и се концентрирате на реалноста – верувам дека резултатот ќе биде ист. Нема да можете според нивните дела да познаете кој е кој.

Солидарен идиотизам: а конечно, односот кон странските преставници и нивните раководители во Брисел е она по што левите и солидарните десни најмногу се разликуваат. Или можеби не?

Ме потсетува ова на вицот за двете кокошки и новиот петел во кокошарникот. Едната кокошка веднаш му се предала на петелот да ја оплоди, а другата рекла дека ќе трча неколку круга па тогаш ќе му се даде на петелот, за да не помисли тој дека таа е „лесна женска“.

Најголемиот број гласачи на деснава ни партија која сега владее со земјава воопшто не сакаме Македонија да го смени името. Ни по цена да бидеме запрени засекогаш во нашите евроатлански аспирации.

Што има солидарно и конзервативно во тоа да ги изневерите очекувањата на вашите гласачи за зачувување на државното име? Со кого се солидарни тие – со народот што ги гласал, или со грст стерилни евро-бирократи кои не сакаат ни името на државата да ни го изговорат?

Се чини дека сегашниот премиер на Македонија сѐ поцврсто гази по патот по кој на времето тргнаа неговите претходници Љубчо, Бранко и Бучко. Патот не само кон губење на власта, туку и кон вечна опозиција. Ако суштината на солидарниот конзервативизам се оние работи што ги набројав погоре во текстов, тогаш треба на сите да ни биде јасно дека од владеењето на моменталната власт нема да има економско фајде Македонија.

Некој ќе рече дека претерувам. Дека објективни причини го стопираат движењето на Македонија по вистинскиот пат. Дека „не е крив чоекот, не му дават другите да работи слободно“. Дека „он е добар, а тие околу него не чинат“. Можеби е тоа вистина.

Немам лоша намера. Имам само лошо искуство.

П.С: Денешниот текст беше вонреден, непланиран, главно инспириран од изјавата на премиерот дека тој од  сега ќе практикува солидарен конзервативизам. Но, ако сакавме левицата да владее во Македонија, немаше да гласаме за десницата. Толку ли е тешко да се сфати тоа? Во четврток, во редовниот термин, најавената колумна „Што е, а што не е капитализам“

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Промени )

Connecting to %s

%d bloggers like this: