Блогот на Богдан. Нено Богдан!

мој мејл: blogatash@yahoo.com

♦ ТРН ВО ЗДРАВА НОГА

leave a comment »

Бирократија во боја, ама економијата во црно!

Психичкото малтретирање на работното место т.е. „мобинг“ е тема која неодамна толку многу ја преокупираше македонската јавност, што дури направивме и закон против тоа. Се разбира, тој закон кај нас нема никогаш да се спроведува оти таква ни е културата на живеење и работење, но што и ако се спроведува доследно? Идејата на текстот што следува е дека тој закон е контра-продуктивен и дека од него најмногу ќе настрадаат токму работниците за чие добро (наводно) беше донесен.

* текстов е првично објавен на 6ти октомври 2009 на http://blogatash.blog.com.mk/node/249870

1. Како ќе се докаже мобингот? Дали некој работник (било во фабрика, било во канцеларија) бил подложен за време на работењето на психичко малтретирање, навреди и омаловажување од својот шеф или од колегите е – да збориме реално – недокажливо.

Не може да се земат отпечатоци од прсти, ниту да се направи анализа на крв и урина, или пак да се споредат фотографии на осомничените со оние на криминалците од полициската картотека. Што би дознале со такви стандардни методи?

Единствен начин да се докаже пред суд дека некој работник бил психички малтретиран е да се најдат други работници кои биле сведоци на тоа и тие пред судот да потврдат дека такви работи навистина се случиле.

Тука имаме два можни случаи: прво, ако работникот бил малтретиран од своите колеги – зарем тие самите ќе се јават како сведоци во негова полза за да сведочат против себе? Сигурно не. Второ, можеби работникот (и не само тој, туку и колегите негови) бил малтретиран од својот шеф. Дали колегите ќе се јават да сведочат против раководителот кога со тоа ги загрозуваат своите позиции во фирмата, и дури и ризикуваат да бидат отпуштени?

Ова покажува дека единствено во државните институции е спроведлив законот, оти само тамошните вработени не мораат да стравуваат дека ќе бидат отпуштени – ги штитат колективните договори. Јасно е дека ова ќе биде злоупотребено пред сѐ за партиски пресметки.

Вработените се од една партија, шефот е од друга партија и во интерес на некоја предизборна кампања ќе почнат да фрчат тужби и контра-тужби, партиските војници вработени од опозицијата ќе сведочат против директорот поставен од владата, а партиските војници вработени од позицијата ќе сведочат во негова корист.

Конечно, тие меѓу себе ќе се замразат не само на партиско, туку и на човечко ниво, а евентуалната оштета која ќе ја добие жртвата на мобингот ќе биде платена од буџетски пари.

2. Дури и да се докаже мобингот, што потоа? Да претпоставиме дека во приватна фирма некој работник го тужи својот претпоставен дека овој му вршел психолошка тортура, и да претпоставиме дека на овој или оној начин ќе го добие спорот. Работодавецот ќе му исплати оштета за претрпените трауми, и…? Што потоа?

Дали тој работник ќе може да остане во фирмата вработен? Какви ќе бидат односите меѓу него и шефот? Сигурно нема да се пријателски, оти на секој начин шефот ќе гледа да го исфрли од фирмата. Ако поради спецификите на судското решение газдата не смее да го отпушти, ако мора да му дава плата, ако мора да му дозволува да доаѓа на работа, тогаш ќе го претвори во паразит, оти никогаш нема да му довери било каква задача, ниту пак ќе има можност да напредува во фирмата таквиот работник.

Ќе нема после некое време друг излез освен самиот да си даде отказ. Но што потоа? Кој ќе го вработи? Кој друг ќе ризикува да прими во својата приватна фирма човек обележан како тужител на својот работодавец? Никој, никој паметен нема да ризикува со таков човек.

Може ако бројот на такви луѓе многу се зголеми, да се стави амандман во законот за мобинг дека луѓето кои тужеле и останале потоа без работа ќе имаат право државата да ги вработи во своите служби. Ако таков амандман се донесе, тоа ќе биде најсигурниот пат за многубројни злоупотреби на луѓе кои ќе сакаат преку „наместен“ мобинг да се пикнат во државната администрација.

3. Што ако тужителот за мобинг остане вработен во фирмата? Да речеме дека законот се амандманира така да оној кој го тужел својот газда за психичко малтретирање и го добил спорот, биде заштитен во наредните пет или повеќе години и да не смее газдата да го отпушти? Тоа би се направило со цел да биде заштитен работникот и да не се плаши за својата иднина.

Но, ако еден работник може да го тужи својот газда за мобинг и после добиената тужба да си седи на работа, не морајќи ништо да работи, а имајќи судски загарантирано право на плата, како ќе влијае тоа врз останатите работници?

Секој од нив ќе знае дека може и тој да не работи ништо, а да зема плата и да нема страв од отказ, оти ако работодавецот се обиде да го казни, ќе може да му стегне тужба за мобинг. Со тоа, практично целата фирма набрзо ќе стане легло на паразити кои навистина ќе бидат „заштитени мечки“ – сѐ додека газдата не реши да ја ликвидира фирмата, и да почне од ново, со други работници.

4. Кое е вистинското решение против мобингот? Вистинското решение за спречување на малтретирањето на работно место не е преку идиотски закон да се регулира тоа, туку преку договори за работен однос.

Работникот и газдата ќе потпишат договор во кој детално ќе бидат наведени условите за работа. И тој договор ќе се обновува секој месец. Така, ако работникот не е задоволен од третманот што го добива во фирмата – нема да го продолжи договорот и ќе си замине.

Некој ќе рече дека со ова работниците се оставаат незаштитени. Но, со сегашното решение, со законот против мобинг, работниците се само лажно заштитени. Тие се излажани дека можат да тужат и дека од тужбата можат да имаат ќар. Но, како што објаснив погоре, тоа е лажна можност, оти или ќе останат потоа без работа, или ако останат на работа, наскоро сите работници во фирмата ќе го следат нивниот пат и потоа фирмата ќе пропадне. И сите ќе останат без работа.

Трудот на работникот е неговата стока со која може да излезе на пазарот на труд и да ја понуди на оној работодавец кој е спремен најдобро да плати. Колку повеќе вреди тој капитал, толку повеќе ќе може да биде профитабилен за работникот. Затоа, ако некој сака да има стабилно работно место, треба да има што е можно поголем обем на знаење и вештини за тоа работно место.

Законот за заштита на работниците од мобинг е глупава бирократска небулоза. Од него корист ќе имаат само вработените по партиска линија во јавните претпријатија и во државната администрација. Сите други – ќе имаме загуба, оти од наши пари ќе се плаќаат оштетите за таквите „работници“ што ќе го тужат свој работодавец т.е. државата во нивниот случај.

Борбата меѓу трудот и капиталот е најголемата заблуда во која веруваат луѓето во нашата земја. Не постои борба меѓу трудот и капиталот. Затоа што – трудот е најголем капитал!

П.С: Овој текст не планирав воопшто да го постирам, но инспирацијата за него дојде од еден мејл што една моја читателка ми го упати прашувајќи ме што мислам за законот за мобинг. Наместо да ѝ одговорам директно само нејзе, решив одговорот да го објавам на блогов, за сите да имаат увид во него. Во врска со ограничените можности што еден закон може да ги има во решавањето на општествените проблеми, погледнете го и постот „Да се забрани… ама џабе“.

П.П.С: Денешниот текст не го нарушува распоредот на постови кои се најавени на блогот, така да во четврток, во редовниот термин, тука ќе биде објавен најавениот пост „Анатомија на неспособноста“.

Напишете коментар