Блогот на Богдан. Нено Богдан!

мој мејл: blogatash@yahoo.com

♦ ШТО ВСУШНОСТ НИ КАЖУВА КОЕФИЦИЕНТОТ НА ИНТЕЛИГЕНЦИЈА?

with 5 comments

Ова е најдобриот автомобил во својата класа, но дали таа класа е најдобрата класа за сите можни потреби во животот и работата?

Ништо. А доколку не верувате дека тестовите за утврдување на коефициентот на интелигенција (IQ) се навистина бесмислени и ама баш никаква информација не ни даваат за интелектуалните способности на оние кои се тестираат – прочитајте го објаснувањето кое следува во продолжение:

* текстов е првично објавен на 30ти јули 2009 на http://blogatash.blog.com.mk/node/240100

Која кола е најдобра? Дали е тоа џип-теренец кој може планини да искачува без мака, или брзиот спортски автомобил кој може да развие брзина од „триста на саат“, или можеби штедливиот хибрид на кој неколку (се бројат на прсти!) литри гориво му се доволни за да ве одведе од Скопје до Охрид и назад, и тоа движејќи се по заобиколни патишта?

Да можете да бирате што би избрале вие? Лендроверот, Поршето или Тојотата? Се разбира, би ја избрале најдобрата кола, нели? За да утврдите која е најдобра, морате да ги споредите нивните перформанси. А најважни перформанси кај автомобилите се моќноста на моторот изразена во коњски сили, потоа максималната брзина што може да ја развие автомобилот по рамен пат и се разбира, потрошувачката на гориво.

Кога се во прашање коњските сили јасно е како бел ден дека Лендровериштето ги „тепа“ и Тојотката и Поршенцето, оти токму за тоа и е дизајниран и изработен тој теренски автомобил – да вози најдобро во споредба со другите автомобили по нерамни површини, удолнини и угорнини, па и низ релативно плитки потоци и реки да минува без мака. Тоа му е работа, тоа е смислата на неговото постоење. Иако тој може да вози и по градскиот рамен асфалт, сепак тој ниту може да развие голема брзина, ниту пак ефтино ќе биде патувањето оти горивото го троши како влада буџет.

Но, ако не сте мераклии по возење низ планини, брда и долини, ама сте вљубеник во „летање“ по автопат тогаш за вас идеално возило е Поршето, Ферарито или Ламборгинито, марки на автомобили кои меѓу себе водат мртва трка во однос на тоа која ќе понуди поголема максимална брзина. Е арно ама, има причина поради која Шумската и Граничната полиција не употребуваат спортски автомобили за патролирање по планинските предели. Не е тоа цената, оти кога е во прашање јавна набавка – за провизија и корупција оди многу поголема сума од вистинската цена на било каква кола. Во прашање е комплетната неспособност на лесните спротски автомобили да совладуваат терен кој за теренците (како што кажува и нивното име) е рутинска задача.

Но, доколку имате ограничен буџет и вашето возење е во најголем дел на релацијата дома – канцеларија, тогаш немате подобар избор од тоа да земете мало (практично за паркирање) и ефтино (за купување и возење) количе, кое со најдобар однос цена – квалитет ќе го добиете од јапонските или корејските производители. Е да, со просечната Тојота е срамота да паркирате покрај моќен џип или бесна спортска кола, но – тоа е сепак домаќински автомобил совршен за практични луѓе кои немаат пари за фрлање.

И, знаејќи ги горенаведените работи, како гласи одговорот на прашањето: „која кола е најдобра“?

Одговорот гласи: „зависи!

Истиот одговор е и за прашањето „кој човек е поинтелигентен?: Доколку сте раководител на фондација која треба да стипендира матуранти за да студираат машинско или електро инжинерство на елитен универзитет во САД или западна Европа, сигурно нема од матурантите кои ќе аплицираат за добивање на стипендија да барате да покажат колку добро знаат да играат и пејат, или дали пишуваат убави есеи за пролетта, љубовта или татковината, туку ќе ве интересира првенствено колку им „сече ак’лот“ за математика и физика.

Од друга страна, доколку сте раководител на фондација за развој на музичките способности кај младите луѓе, и треба да доделите десетина стипендии за млади матуранти да студираат во странство, ич нема да ве интересира способноста на апликантите за решање на двоен интеграл или дали прават разлика меѓу 220 киловолти и 220 киловати. Ќе ве интересира само дали имаат слух за музика и дали ги разбираат мелодијата, ритамот, темпото.

Значи, повторно, кој е поинтелигентен зависи во голема мера од тоа за што треба да му служи таа интелигенција. Јас лично познавам човек кој умее да зборува шест јазици ама за жал ништо паметно не сум го слушнал да каже на ниту еден од тие јазици. Нашата актуелна влада е жив пример за тоа како инаку паметни и способни луѓе во една област (економија на пример) се однесуваат како комплетни идиоти кога ќе се соочат со задачи кои бараат висок степен на таканаречената „емотивна интелигенција“ (поранешниот министер за образование беше најеклатантен пример за тоа).

А тестовите за утврдување на IQ? Зарем тие не се добар начин да се открие колку некого го бива за некоја работа? Ако има неколку типови на интелигенција (техничка, музичка, емотивна…) тогаш за секој таков тип треба само да се развие соодветен тест и – готово, веднаш ќе се види секој за сѐ колку има памет?

Ама не е така едноставно. Еве пак аналогија со автомобилите:

Како да се направи тест за утврдување кој автомобил е најбрз? Многу едноставно, на прв поглед. Ќе се избере патека долга еден километар и секој од автомобилите што се тестираат ќе вози најбрзо што може од почетокот до крајот на патеката и оној автомобил што за најмалку време ќе ја помине патека – тој е најбрз. Попросто од ова не може, нели?

Е, ама дали еден автомобил е најбрз на патека долга еден километар и дали тој ќе биде најбрз во конкуренција со истите автомобили на патека долга 1000 километри не баш исто, нели? Како што не сите тркачи што се најбрзи на 100 метри спринт се најбрзи и на 42 километри маратон, така и за колите важи во однос на нивната брзина. Има специјални автомобили што можат да развија огромна брзина и да ја одржуваат на кратки растојанија, но на подолги патеки моторот или гумите едноставно ќе им колабираат. Освен тоа, оној автомобил кој на рамен, прав пат е најбрз, не е баш веројатно дека ќе биде најбрз и на патека полна со дупки, нерамнини и свијоци.

Кој автомобил е најбрз? Повторно, зависи од тоа на какви патеки планирате да го возите брзо. Болидите во Формула 1 се побрзи од било кој спортски автомобил, ама со нив не се препорачува да возите по автопат каде што има околу вас еден куп други возила од најразлични типови.

Истите овие работи може да се разгледуваат и во сферата на тестирање на интелигенција и тоа тестирање за најразличните типови интелигенција. На пример математика: некои ги бива за аритметика и теорија на броеви, а други се силни за геометрија и просторни анализи. Освен тоа, на некои луѓе математиката добро им оди сѐ додека не претераат со умствен напор, па потоа почнуваат постојно да прават основни грешки во пресметките и имаат потреба од долг одмор. На други луѓе, анализирањето и совладувањето на математичките предизвици им оди полека, но сигурно. Способни се да р’мбаат со часови и денови чекор по чекор разложувајќи го проблемот сѐ додека да дојдат до решението.

Што е подобро? Да се трча брзо, ама далеку да не може да се стигне, или да се оди полека, ама далеку да може да се отиде? Повторно, одговорот е „зависи“.

Конечно, што значи IQ? Тоа е сосема неуспешен обид со една бројка да се направи споредба на една исклучително комплексна појава каква што се човековите психички способности. А да одговорите кој човек е попаметен во однос на други луѓе е сосема бесмислено, исто како да се обидете да одговорите која кола е најдобра.

Човек може да има одличен спортски автомобил во својата гаража паркиран, но ако во него нема гориво – тогаш ќе му служи само за да се слика покрај него. Дури и да има гориво за својот автомобил, доколку нема пат по кој може да го вози – ќе го искрши по само километар возење по камењарите и дупките во близина на неговота куќа.

Но дури и да има одличен спортски автомобил и гориво колку што сака и одличен пат – доколку не знае да вози, ќе се забие во првата бандера. Дури и да знае да вози, што ако се опие пред да тргне на пат? Или ако треба да патува уморен и поспан, и тоа ноќе додека надвор беснее снежна бура?

Конечно, човек може да го има најбрзиот Ферари, може да има гориво цела цистерна зад него да оди каде и да патува, може да има одлични автопатишта низ целата држава, може да има и знаење за возење и да тргне па пат трезен и одморен, но, ако не знае каде треба да оди – никаде нема да стигне!

Затоа инаку паметни луѓе во одлично организирани општества каде што ги имаат сите услови за да ги искористат своите потенцијали до максимум ништо посебно не постигнуваат во животот оти – немаат визија, немаат идеи, немаат свои ставови за клучните животни прашања.

А и да ги имаат, некој да им каже каде треба да возат и ако тргнат по одличниот автопат, со својата нова спортска кола полна со гориво – и по пат качат некоја згодна авто-стоперка со бујни гради, медени усни и „тело ремек-дело“ која потполно ќе им го одземе вниманието и од патот, и од колата и од целта кон која тргнале? Колку само големи планови изготвени од големи луѓе завршиле сосема поинаку од очекуваното оти големиот маж заборавил на време да ја праша својата жена за мислење?

И конечно, што ако човек има совршен автомобил, беспрекорни патишта, трезен е и потполно концентриран во автомобилот со полн резервоар и одлично знае каде треба да оди и брза ли брза по автопатот – кога во еден миг некој пијан возач од никаде ќе се појави и ќе се тресне во неговиот автомобил, исфрлајќи го од патот, во најблискиот ендек?

Тоа се вика немање среќа. Човек може сѐ да подготви совршено, но ако некоја непредвидена работа му се испречи на патот, џабе сите планови и сите подготовки. Половина од успехот зависи од способноста да се планира добро, а другата половина доаѓа од способноста да се импровизира кога нешто неочекувано ќе се случи.

В животот среќаваме постојано обиди комплексните појави да се дефинираат преку само еден единствен број, индекс, ранг или коефициент. Ова не е случај само при одредувањето колку некој човек е интелигентен или колку некоја кола е брза. Зарем има смисла економскиот успех на една земја да се мери преку само една бројка (колку GDP има)? Или да се мери воената сила на некоја армија според тоа колку војници или колку авиони или колку воени бродови има? Или да се мери животот според тоа колку години живеел некој човек, а не како ги проживеал тие години?

Згодно е да се има една бројка која ќе каже сѐ ама прашање е дали е тоа можно, дали е реално. Јас мислам дека не е. И дека сложените прашања секогаш барат сложени одговори.

5 Responses

Subscribe to comments with RSS.

  1. Сосема се согласувам, уште од мала кога слушав муабети за разно-разни луѓе, колку биле паметни-интелигентни, супер успешни во школувањето, а после пропаднале во животот, сфатив дека за среќен и успешен живот е потребно многу повеќе.

    Дури, некогаш си мислам дека на понеинтелигентните можеби им е поубав и поедноставен животот…

    Поздрав🙂

    Мартинка

    09/04/2010 at 13:39

    • Снаодливоста не е синоним за интелигенцијата.

      Но истовремено,

      и интелигенцијата не е синоним за снаодливост!
      🙂

  2. Од моето животно искуство само ова е важно за успехот:

    Евангелие според Лука Глава 14
    11 Зашто, секој што се издига, ќе биде понизен; а тој што се понизува, ќе биде издигнат.

    Евангелие според Матеј Глава 23
    12 зашто, кој се воздига, ќе биде понизен; а кој се понизува, ќе биде воздигнат.

    Мудри Соломонови Изреки Глава 29
    23 Гордоста на човека го понизува, а смирениот по дух ќе се здобие со чест.

  3. Коефициентот на интелигенција покажува колку човекот е способен да реши одредени комплексни задачи на неговата возраст во однос на просечните резултати.Меѓутоа IQ не никаква мерка за духовниот растеж и разум на човекот.

    Горан

    27/07/2010 at 15:56


Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Промени )

Connecting to %s

%d bloggers like this: