Блогот на Богдан. Нено Богдан!

мој мејл: blogatash@yahoo.com

♦ ШТО Е, А ШТО НЕ Е КАПИТАЛИЗАМ

with 3 comments

Капитална инвестиција во социјална држава

Луѓето на сликата имаат убав, здрав чамец со кој можат да пловат по езерото и да ловат риби со него или пак за пари да превезуваат стока или туристи од еден до друг брег. Со други зборови, имаат капитал. За жал, тој капитал не им вреди многу оти како што се гледа на фотографијата – немаат езеро т.е. економски систем во кој својот капитал ќе можат да го стават во продуктивна функција. Овие луѓе не се сиромашни оти имаат право да поседуваат сопствен чамец, туку затоа што некој им го исушил езерото!

* текстов е првично објавен на 24ти  септември 2009 на http://blogatash.blog.com.mk/node/247725

Замислете дека некој научник измислил генијална машина која функционира на следниот принцип: во еден од отворите на машината ставете десет чифта чевли, притиснете копче, чевлите влегуваат во внатрешноста на машината и по некое време од истиот отвор излегува нов велосипед. Или, ставите неколку вреќи цемент, притиснете на копето и оп – излегуваат пилешки батаци. Или ставете свинче, притиснете копче, свинчето го снемува а на негово место се појавува – буре бензин. Или машина за перење. Или авионски билет до Париз. Или било што кое има иста цена како свинчето.

Со други зборови, ставете што имате ваше (што сте произвеле) на машината, притиснете копче, изберете што сакате да добиете за возврат и – машината ви го зема тоа што сте го ставиле, и ви враќа тоа што сте побарале. Зарем не би било прекрасно навистина да има таква волшебна машина?

Би било прекрасно, а најпрекрасно е што таква машина веќе постои. Се вика „слободен пазар“, или во некои стручни кругови уште ја нарекуваат и „капитализам“.

Машината, иако прекрасна, има една голема маана. Невозможно е да добиете нешто со притискање на копчето, ако прво нешто ваше не ставите за да го размени машината за она што го барате. Многу луѓе не разбираат врз кој основен принцип работи машината наречена „слободен пазар“ па се обидуваат да ја „поправат“ за да може за малку или за ништо дури, да даде многу.

Потоа, со такви штимани машини се обидуваат да добијат нешто, ама често машината не функционира добро. Или ако работи, тоа е само краткорочно пред сосема да се расипе и да престане да дава нешто за ништо. Тоа се случува оти е штимана. Заборавајќи дека со обидот да ја поправат, да ја направат „социјално праведна“ машината, тие ја расипале. И се бунат тврдејќи дека „слободниот пазар“ едноставно е неупотреблива технологија. Со фабричка грешка.

А проблемот не е во машината, туку во мајсторите кои сакајќи да ја усовршат, всушност ја поквариле. Мајстори кои заборавиле на основните принципи на кои се заснова функционирањето на машината. Тие принципи се шест, и се поделени на три права што секој човек треба да ги има во услови на вистински слободен пазар, и три обврски кои секогаш треба да ги исполнува.

1. Право на стекнување и имање на приватен имот: ова право, да секој човек има свој приватен имот со кој ќе може да располага како што сака, да може да го продаде на други лица, да го подари на роднини или пријатели и да го уништи или фрли на буниште ако не му треба веќе, тоа право е основата на капитализмот.

Ако капитализмот е зло, како што велат неговите критичари, дали е зло кога имате ваша сопствена куќа? Дали сте злосторник ако имате ваша сопствена кола? Дали сте лош човек ако имате ваша сопствена облека? Дали сте криминалец ако со вашите сопствени пари купите леб и го однесете дома за потоа да го изедете за време на ручекот со вашето сопствено семејство?

Некои велат дека капитализмот е зло, оти кога имате некоја фирма која има монопол врз некоја услуга или производ, тогаш таа може да диктира цени далеку повисоки од реалните и со тоа да ги лишува граѓаните на конкретното општество од удобностите што таа услуга или производ ги дава.

На пример, приватна фирма има монопол врз телефонската мрежа и таа одржува цена од 10 денари по минута разговор, а не како што тоа реално би било од 1 денар или пола денар или десетина дени за минута. И со тоа ги пљачка граѓаните.

Но токму тоа, имањето на монопол е спротивно на капитализмот. Таа фирма има монопол само затоа што државата забранува некоја друга конкурентска фирма да се појави на пазарот и да создаде своја телефонска мрежа. Не е вина на капитализмот што државата им забранува на некои фирми да поседуваат имот – во случајов сопствени телефонски водови и базни станици – туку е вина на државата.

Не можете да го обвинувате слободниот пазар за високите цени на производите и услугите кога пазарот за тие производи и услуги не е слободен. Монополите никогаш не се природни, туку се последица на погрешното владеење на корумпираната влада која им забранува на претприемачите да воспостават конкуренција и со тоа да ја доведат цената на реално ниво. Далеку под цената која монополот ја диктира.

2. Право на инвестирање и зголемување на приватниот имот: меѓу поборниците за слободен пазар постои следниов виц за тоа како државата гледа на капитализмот: „ако мрдне – казни го, ако продолжи да се движи – оданочи го, а ако почне да застанува – субвенционирај го“.

Иако е оригинално замислено како духовита досетка, горнава игра на зборови е многу блиску до вистината. Впрочем, во нашата сопствена земја моментално имаме десетици илјади бирократи чија единствена задача е да водат сметка луѓето да не можат  да доградат било што на своите објекти кои се на нивните сопствени приватни имоти без прво да добијат градежна дозвола од соодветната институција.

Кога на постојниот објект му доградувате нешто, вие ја зголемувате неговата вредност. Станувате побогати. Капитализмот, велат луѓето што ништо не знаат за него, е зло оти предизвикува дури и во услови на конкуренција да има високи, нереално високи цени за многу производи и услуги.

Како на пример становите. Кои се изгор скапи, иако има еден куп градежни фирми и агенции за недвижности. Па затоа морало, оправдано било, државата да гради станови и да ги дава по цена пониска од пазарната.

Никој не сака да седне и да направи математика зошто се толку скапи градежните објекти. И дека процедурата за добивање на дозвола за градење или доградување е, барем во нашата земја најскапиот дел од процесот.

Во многу дејности во нашата сопствена држава, ако имате фирма за едно нешто и сакате да ја проширите дејноста во други сектори, морате да добиете дозвола првин од соодветната институција. И додека чекате да ви дадат дозвола, парите што можете да ги инвестирате во проширувањето дремат без врска на вашата сметка.

Кога конкуренцијата се ограничува преку одолжување на влегувањето на соодветниот пазар на нов играч, цените на тој пазар се одржуваат вештачки на повисоко ниво. Тоа не е капитализам, тоа е корумпирана и неспособна власт.

3. Право на профит: поради алчноста на капиталистите, велат оние што не знаат што е тоа „капитализам“ ние сме принудени да плаќаме високи камати за кредитите кои ги земаме од банките. Во земјава има 20ина банки, што значи широка конкуренција меѓу нив, а сепак каматите се високи, и на човек страв да му е да земе кредит. А никој не прашува зошто се каматите толку високи.

Кога централната банка сака да ја регулира економијата по свој мерак, или кога на владата ѝ фалат пари во буџетот поради неразумното трошење на даночните приходи за непродуктивни глупости, кој е лекот за централната банка или за владата?

Да позајми пари преку издавање на обврзници, се разбира!

Тоа значи дека ако јас, како приватен граѓанин, или јас како директор на банка, имам милион евра на располагање и сакам да ги позајмам на некој граѓанин или приватна фирма, и ако можам да најдам некој кој е спремен да ги земе тие пари и да плаќа камата од 5% годишно – државата за да ги земе тие мои пари, мора на своите обврзници да стави камата од 6% годишно.

Оти, ако стави 4% камата, не сум улав нејзе да ѝ ги позајмувам, кога ќе биде попрофитабилно да ги позајмам парите на некој што ќе ми даде 5% камата. Е сега, ако државата ми нуди 6% камата, тогаш оној граѓанин или фирма кои сакаат да позајмат пари од мене ќе мораат да ми понудат 7% камата. За да им позајмам нив, а не да купам обврзници од државата.

Што е последица на ова? Секогаш кога централната банка или владата издава обврзници, секогаш ја зголемува вештачки висината на каматата на комерцијалните банки. Значи, со тоа, власта ја ограничува дефакто можноста на приватните банки да располагаат со својот профит, со своите средства и да ги вложуваат во продуктивни намени.

Тие обврзници ќе бидат исплатени подоцна со пари од буџетот, со наши пари. Наместо профитот банките да го позајмуваат со ниски камати на приватни лица, тие се стимулирани да ѝ го позајмуваат на државата со високи камати, поради кои потоа директно се зголемуваат и каматите за кредитите за граѓаните и фирмите.

Значи, не се криви банкарите што каматите се високи. Крива е државата со својот притисок врз пазарот за кредити. Да не правиме муабет и за можноста на државата да ја девалвира својата валута или да печати пари и да прави инфлација. Со тој ризик банките секогаш мораат да оперираат и бидејќи тоа директно им го загрозува профитот, тие мораат да се заштитат со повисоки камати за своите кредити.

Не се криви капиталистите што каматите се високи. Крива е државата, оти не знае домаќински да раководи со својот буџет.

4. Должност да се почитуваат туѓите имотни (и интелектуални) права: оваа должност произлегува од првото право гореспоменато – правото на приватен имот. Едноставно, ако секој има право на свој приватен имот, тогаш за да може тоа право да функционира за сите, сите мораат да имаат и должност да го почитуваат тоа право кај другите луѓе.

Од тука доаѓа и екологијата како составен дел од вистинското капиталистичко размислување. Капитализмот го обвинуваат дека ставајќи ја алчноста за профит на капиталистите на прво место, е виновен за уништувањето на многубројни шуми, загадувањето на реките, деградацијата на почвите, исчезнувањето на цели видови на животни и растенија… што е легитимна поплака, ама која што поплака ни приближно нема врска со капитализмот.

Што значи загадување? Тоа значи дека некоја фабрика која постои во близина на мојот приватен имот испушта отпадни течности во почвата кои потоа се влеваат во системот на подземни води кои ја загадуваат почвата и под мојот приватен имот. Ова значи дека со исфрлањето на својот отпад на своја територија, фабриката ја загадува и мојата територија, поради делувањето на подземните води. И по кој основ е тоа капитализам? Ако фабриката го фрла своето ѓубре во мојот имот?

Реките се како патиштата и улиците – јавна сопственост. Ако некоја фабрика исфрла отпадни води директно во река, без да ги пречисти во посебни постројки за таа намена, тоа е исто како некој дуќанџија да го собере ѓубрето што го има во продавницата и да го фрли директно на улица. Тоа сигурно не е капитализам.

Иститот принцип важи и за загадувањето на воздухот. Воздухот што го дишам јас на мојот приватен имот е загаден со отровни гасови од некоја блиска фабрика која е на друг приватен имот. Значи, во мојот имот таа фабрика го фрла својот отпад. Тоа е директно непочитување на правото на приватен имот. Затоа, загадувањето е спротивно на основниот принцип на капитализмот, а грижата за еколошките норми и стандарди е составен дел од слободниот пазар.

Исто е и со уништувањето на животните и растенијата (пред сѐ масакрирањето на шумите). Во Британија и САД практично сите шуми се приватни, со ретки исклучоци на мали територии на кои се протегаат национални паркови. И таму никаде нема да видите масакрирани шуми! Но во Македонија, државните шуми се предмет на масовна дива сеча, при што „дива“ значи дека државните службеници кои треба да го спречат сечењето откако ќе примат поткуп се прават наудрени и не гледаат што се случува.

Кога шумите би биле приватна сопственост, со нив газдите ќе си работат исто како земјоделците што работат со своите приватни ниви. Сте виделе маскарирана нива? Не? Затоа што е приватна, таму газдата има личен интерес да не дозволи нејзино уништување, и чини сѐ за да ја одржи за неговите потомци на кои ќе ја остави или да ја сочува во добра состојба за да може да ако треба поскапо да ја продаде.

Капитализмот никогаш не треба да се обвинува за загадувањето и другите еколошки проблеми. Секогаш во срцето на тие работи е корумпираната и неспособна власт, која не сака да ги заштити правата за приватен имот на своите граѓани и која смета дека државното стопанисување со шумите е подобро од приватното стопанисување со шумите.

5. Должност да се плаќаат своите долгови и да се почитуваат потпишаните договори: често луѓето кога се жалат на капитализмот зборуваат за следниве видови проблеми: „газдата не му даде плата за три месеци и го избрка од работа“ или „ми кажа продавачот дека машинава е германска и дека ќе работи со години, ама за еден месец се расипа“ или „еј види, на кутијава пишува еден килограм дека има во неа, а ја измерив сега и покажа вагата дека се само 920 грама“. Вообичаено ваквите изјави се придружени и со пцовка од типот: „ебати капитализмот, ебати лажовите и лоповите!“

А не знаат луѓето дека горниве примери немаат врска со капитализмот. Во капитализмот ако потпишеш договор има да се држиш до него до последната точка и запирка или ќе бидеш казнет. Ако нешто ветиш да доставиш по одредена цена во одреден рок има да го доставиш во таа цена и тој рок или ќе бидеш казнет.

Така да, ако газдата го избрка работникот а не му дал плата за три месеци работа, тоа не е капитализам, тоа е последица на корумпираната и неспособна власт која не сака да го натера работодавачот да го исполни својот дел од договорот што го потпишал со работникот да му дава плата редовно.

Ако на кутијата пишува дека е „мејд ин џермани“ а всушност е „мејд ин буркина фасо“ тогаш тоа нема врска со капитализмот, оти тука продавачот лажел. И кога таа машина што сте ја купиле ќе се расипе по еден месец работа, наместо да трае со години како што било ветувањето на продавачот, тогаш тоа нема врска со капитализам, туку со корумпирана и неспособна влада која не сака да ги заштити правата на потрошувачите да ја добијат точно стоката за која што платиле.

Капитализмот не може да постои ако сите вклучени во пазарот не ги почитуваат договорите што самите ги потпишале. Ако тоа се случува, не треба да се обвинува капитализмот, туку власта која има должност да овозможи сите да ги почитуваат своите договори.

6. Должност да се плаќа данок за да опстане системот кој ги гарантира имотните права: конечно, откако во секоја од подточкиве во колумнава ја споменав корумпираната и неспособна држава (т.е. власт), време е да се каже нешто и за тоа како да се обезбеди државата да не биде корумпирана и неспособна и да ги штити своите граѓани подеднакво од измами (непочитување на договорите) и повредување на правата на приватен имот.

За да може државата да функционира правилно, треба да има свои извори на финансирање а тоа во најголем дел се даноците. Се разбира, краткорочно државата може да се финансира на четири различни начини: преку печатење пари, преку задолжување, преку продавање/издавање на државен имот и преку даноци, но само даноците се единствен долгорочен стабилен начин на одржување на финансиското здравје на државата.

Затоа, за да бидат заштитени имотните права и да се овозможи сите субјекти на пазарот да се држат до договорите мора да постојат институции на системот. Не постојат приватни судови, а и кога би посотеле, нивните одлуки за да бидат спроведувани ќе мора да постои и приватна полиција, која пак за да не се претвори во приватна мафија ќе треба да биде под некаква строга општествена контрола.

За да се избегне таа компликација, постојат државни судови и државна полиција и тие се под контрола (во едно слободно, капиталистичко општество) на граѓаните на државата, преку институциите на преставничката демократија.

Не е капитализам ако некои фирми плаќаат даноци, а некои не. Не е капитализам ако некои луѓе можат да плаќаат даноци со пониска стапка, а други со повисока. Не е капитализам ако судот суди пристрасно затоа што една од страните го поткупила судијата. Не е капитализам ако државата одбива во некои региони од својата територија да го спроведува законот и им дозволува на разни криминални банди да владеат во нејзино име и да делат своја „правда“. Не е капитализам кога за да ја натерате власта да си ја врши својата работа морате да плаќате мито.

Капитализам е кога плаќате даноци за да државата ги штити вашите имотни права и кога државата тоа го прави како што треба.

Заклучно: не треба да се обвинува капитализмот за неубавите работи во државата. Напротив, треба да се обвинува државата (власта) за неубавите работи во капитализмот.

П.С: Денешниот пост беше еден од оние мои текстови со кои се трудам да редефинирам некои погрешно сфатени термини во нашата култура. Еден таков погрешно сфатен термин е и зборот „национализам“ и со цел тој поим да биде правилно разбран го разјаснив во мојот пост „Национализмот е чиста спротивност на шовинизмот“. Воедно, погрешно сфаќање за една контроверзна историска тема имаат многу наши луѓе, па и неа ја објаснив во една колумна посветена на Александар Велики насловена „Аце педерот или Аце швалерот?“. Ако не сте ги прочитале, прочитајте ги. Се надевам дека ќе ве натераат поинаку да размислувате.

3 Responses

Subscribe to comments with RSS.

  1. машината „слободен пазар“ работи на тој принцип што една мала група треба да го собере цело богатство и да ги осиромаши сите други, за да мораат да бидат наемни работници кај првите. Кога ќе станат наемни работници, мора да ги плаќа што помалку за да го зголеми својот профит и за да ги држи во состојба на зависни робови.

    Zoki

    21/07/2012 at 11:30

    • Ако ги плаќа помалку тогаш кој ќе ги купува производите на ‘машината’

      Кољо Дијамант

      23/07/2012 at 00:51

      • Ма остај, не се расправај. Човекот очигледно не ја прочитал колумната.

        Кој сака да разбере, ќе разбере ако и само еднаш му се објасни. Кој не сака да разбере, нема да разбере таман сто пати му се објаснило.


Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Промени )

Connecting to %s

%d bloggers like this: