Блогот на Богдан. Нено Богдан!

мој мејл: blogatash@yahoo.com

♦ ШТО КОРИСТ БИ ИМАЛ НЕКОЈ ОД ТЕХНИЧКО ОБРАЗОВАНИЕ?

leave a comment »

Монетарен колаж со висока интелигенција

Идејата на текстот што следува во продолжение не е да се намали значењето на факултетите за општествени науки и знаењето што го стекнале луѓето кои дипломирале на тие факултети, туку само да се наведат некои од предностите кои еден млад човек може да ги стекне при изучувањето на природните и техничките дисциплини. Што не значи дека ако некој ги изучува тие науки по автоматизам ќе ги стекне наведените предности, ниту пак дека ако изучува општествени науки нема да ги стекне на друг начин и по друг пат тие бенефити.

* текстов е првично објавен на 16ти јули 2009 на http://blogatash.blog.com.mk/node/238520

1. Ако си дипломиран инжинер, не значи дека си сезнајко (и тоа ти е јасно): секој човек кој што завршил некој од инжинерските факултети совршено е свесен дека со дипломата за која учел четири или пет години има добиено само теоретско знаење и дека за да стане вистински инжинер ќе мора да помине уште барем толку години во практична работа.

Идејата е дека не треба само да знаеш што треба да правиш туку и треба да знаеш и како да го правиш тоа. Не е доволно само да знаеш дека ти требаат 10 километри кабли за да електрифицираш некое село, ами треба да имаш и практично искуство како да ги поставиш и каде да ги поставиш тие кабли и уште поважно, како да ги поврзеш во функционална целина.

Кога ќе рече некој министер во владата дека „ќе инвестираме 100 милиони евра во развој на образованието“ сите сме среќни оти знаеме дека тоа се многу пари. Сепак, погрешно инвестирани тие пари ќе бидат сосема без ефект, во споредба со само десетина милиони евра правилно и паметно инвестирани.

Човек кој што мисли дека знае сѐ следствено мисли и дека нема потреба ништо ново да научи. Тоа е екстремно погрешен став, попогрешен начин на размислување од тој не може да постои.

Како што велеше еден мој професор на времето „наједноставно и најефтино знаење е да знаеш што треба да се прави. Посложено и повредно знаење е да знаеш како тоа се прави, а најсложено и воедно најскапоцено знаење е да сфатиш зошто нешто треба да се прави“

2. Ќе научиш дека ништо не е безгранично освен способноста на човековиот ум и волја да ги поместува постојано границите на возможното: ако ви се дадени на располагање еден резервоар во кој има 100 тони отпадна вода и една пумпа која за еден час може да испумпа еден тон вода, тогаш за да ја испумпате сета нечиста вода од резервоарот ќе ви требаат минимум сто часа пумпање без прекин. Значи за дадените услови и со дадената технологија на располагање – тоа е максималниот ефект што можете да го постигнете.

Доколку сакате побрзо да оди работата имате два пристапа – или да донесете повеќе пумпи со таа моќност или да најдете една пумпа со поголема моќност.

Но, не заборавајте го вториот дел од реченицата во насловот на оваа подточка: да земеме пример со возило кое има мотор со малку коњски сили. Јасно е дека со такво возило не можете да поминете преку некоја каллива река оти за да минете низ тињата ќе ви треба многу посилно возило, џип-теренец со одлични перформанси. Од друга страна, ако не можете да најдете теренец, ќе треба да или да барате друго поплитко место за поминување на реката или – да изградите мост преку реката и со тоа трајно да го решите проблемот, па во иднина да можете и со уште послабо возило од оригиналното да ја минувате реката кога и да ви се посака.

Заклучокот е јасен: ако технологијата што ти е достапна не може да ги задоволи твоите потреби во зададени услови тогаш или ќе мораш да ја смениш технологијата или да ги смениш условите во кои ќе функционира технологијата. Ако ни едното ни другото не се во опција тогаш ќе мораш да ги смениш твоите потреби.

Е ама тоа за многу луѓе во македонската политика е невозможно да се сфати. Левите ни политички сили тврдат дека Македонија може да го промени името и да влезе во ЕУ и НАТО без да го загуби со тоа својот идентитет. Десните сили пак тврдат дека Македонија и без промена на името и без губење на идентитетот кој произлегува од тој чин, ќе успее да влезе во евро-атлантските организации.

Очигледно некој има проблем со логиката. Ако си многу гладен и имаш парче леб во раката, по десет минути или сеуште ќе имаш парче леб во раката и сеуште ќе бидеш гладен, или ќе бидеш сит ама парчето леб нема да постои. Не може и да ја задоволиш гладта и да ти остане лебот во рацете.

3. Македонскиот правник е правник во Македонија, но македонскиот инжинер е инжинер од Македонија: иако карпите, челичните плочи или електричните мотори се секаде исти низ целиот свет и знаењето за нивното менаџирање стекнато во Македонија ќе ви послужи и за нивното менаџирање во Зимбабве, Уругвај и Канада, сепак истото не важи и за таканаречените „општествени“ науки.

Иако и луѓето со нивните потреби, можности, склоности, нивната глупавост или снаодливост, нивните предрасуди и незнаење се практично исти насекаде ширум светот. Зошто тогаш институциите со кои се менаџира со таквите особини се различни во различни земји? Затоа што институциите во најголема мера не се создадени да ги решаваат проблемите меѓу луѓето и на луѓето туку за да ги „замрзнат“, да ги одржуваат постојано нерешени, за да имаат полтроните и партиските паразити работа во некоја канцеларија пополнувајќи извештаи, документи во три примероци, архиви… затоа, правникот од Македонија не може да биде правник и во САД или во Италија. Иако геологот или електро-инжинерот школуван во Македонија може да биде геолог или електро-инжинер секаде.

Должноста на бирократите не е да им помогнат на луѓето да ги решат своите административни проблеми, туку да овозможат луѓето постојано да имаат административни проблеми за да може вечно да им бидат неопходни бирократите.

Кога геологот е повикан на една парцела да види дали има под земјата вредни руди или пак подземна вода, тој врши истрага и утврдува: или има или нема тоа што е повикан да види. Но кога бирократот е повикан да се вработи во институција за надзор на работата на геолозите тој има потреба да ги оптовари работните луѓе со еден тон прописи и процедури за да има работа за него – со години.

Затоа правникот од Македонија не може да биде правник во Италија. Не затоа што не може да научи како функционира тамошниот систем (колку е тоа комплицирано?) туку затоа што правник на Италијанците не им треба, тие ги создале своите процедури за да имаат нивните многубројни правници работа.

За програмерите на софтвер или дури и за лекарите секаде има работа оти тие создаваат нешто ново во светот, тие додаваат во богатството на општеството. Но бирократите ништо не создаваат и затоа нема потреба ниедна држава нив да ги „увезува“.

Едно општество ги школува своите инжинери за да ги решаваат практичните проблеми. Но, едно општество создава бирократски процедури за да имаат нејзините школувани бирократи доволно работа.

4. Конечно, ќе сфатиш дека „бруталната логика“ е како „жежок оган“ и „мокра вода“. Ако не е брутална – тогаш не е логика: „правдата е на наша страна и затоа ние сигурно ќе победиме“ е веројатно најбесмилената фраза што може да се каже во практичниот живот. Не за друго туку затоа што нема допирна точка со логиката.

Замислете да сте задолжен да конструирате мотор кој кога ќе се монтира на камион тежок 10 тони ќе може со употреба на само 1 литар обично дизел-гориво да му овозможи на тој камион да помине пат од 1000 километри! Кога соочени со ваквата апсурдна задача ќе му распостелете еден куп бројки и пресметки точни до последната децимала на човекот кој бара да му проектирате ваков мотор, и кога со силата на тие бројки и факти ќе се обидете да му објасните дека не е можно да се направи таков мотор, тој доколку нема никакво инжинерско знаење ќе ги отфрли вашите аргументи со фразата „кога нешто доволно силно сакаш, тогаш можеш да го оствариш без оглед на препреките кои логиката и реалноста ќе ги постават пред тебе“.

И што да му кажете на таков човек, кој евидентно смета дека ако само нешто помислиш доволно е тоа да биде и остварено. Дека не мора да биде реално, само мора да биде доволно силно посакувано?

Доколку се развие некој тип на пченица што посеана во сува пустина без наводнување и без дожд ќе може годишно да даде по три жетви годишно, секоја со принос од по 10 тони по хектар – тоа би било решение за сите проблеми со гладот во светот, тоа би било навистина револуционерно откритие кое мора да биде откриено оти светот тоа го бара и на човештвото тоа му треба.

Фино, ама тоа не е можно, по ниту еден логички и научен закон и затоа не вреди да се инвестираат огромни ресурси во истражувањата за создавање на таква сорта на пченица.

Дали нешто е убаво, праведно, фер или вистинито е сосема ирелевантно за одредување на неговиот потенцијал за реализација. Можете да ја кажувате вистината до последен збор и пак вашиот став да остане неприфатен. Можете на луѓето да им понудите најправедно решение за нивните проблеми и тие пак нема да ве послушаат ако не употребите некои од техниките на маркетингот и пропагандата за да ги убедите.

Бидејќи бруталната логика (а каква друга може да има?) делува како непреминлива граница за сите фантазери и сонувачи, таа е длабоко омразена од нив и тие никогаш не ја вкалкулираат при своите мечтаења. Но, мечтите кои не се засновани врз логика засекогаш ќе си останат мечти и никогаш нема да го видат светлото на реалноста.

Идејата дека пратениците во Собранието мораат да бидат чесни оти народот ги избрал нив како негови преставници да работат за доброто на Македонија е бесмислена во очите на секој следбеник на логиката, оти е јасно дека секој човек го прави само она што му е во личен интерес. Затоа, ако сакате да бидат ангажирани пратениците за доброто на државата, организирајте го системот така што во нивен личен интерес ќе биде да се залагаат за доброто на Македонија. За да видите како тоа би изгледало, ѕирнете ја таа логика употребена во текстот „Шест предлози за подобар парламент“.

Ова нешто не им доаѓа лесно на оние кои немаат техничко образование. Ако проблемот е ниската заинтересираност на учениците за учење во школо, за овие луѓе решението е да се реновираат школите, да се варосаат училниците, да се најдат нови клупи и столови, книги со убави слики во нив, телевизори и компјутери во секоја училница и повисоки плати за наставниците. И потоа се чудат зошто и покрај сето ова инвестирање не се подобрува успехот на учениците. И кога некој ќе им рече дека со сите тие мерки не ја подобриле мотивацијата на децата за да учат повеќе – тие негодуваат, тврдејќи дека децата треба да учат оти тоа е добро за нив на долг рок. А кога јас ќе речам дека мотивацијата се решава најдобро преку една ваква контроверзна идеја, тие ме нарекуваат глупчо.

Човек може да ја мрази и отфрла логиката, но тоа нема да ја направи логиката помалку логична или помалку неопходна за остварување на некоја идеја. Разликата помеѓу визијата и фантазијата е што визијата мора да биде логична, а фантазијата е доволно да биде само убава. Убавината е минлива работа, додека логиката е вечна.

П.С: На сликата која ја компонирав за да го илустрира денешниот текст, се ликовите на девет научници кои народите од кои потекнуваат ги овековечиле на своите банкноти. Тие се 1) во горниот ред од лево кон десно: Бор, Гаус, Ајнштајн; 2) во средниот ред од лево кон десно: Хајгенс, Тесла, Маркони и 3) во долниот ред, од лево кон десно: Ојлер, Фарадеј и Кири. Погледнете ги нивните биографии. Интересни се и нивните придонеси кон напредокот на цивилизацијата, но уште поважно и тие како исклучително оригинални личности.

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Промени )

Connecting to %s

%d bloggers like this: