Блогот на Богдан. Нено Богдан!

мој мејл: blogatash@yahoo.com

♦ УШТЕ ДЕСЕТ ВИДОВИ МАКЕДОНСКА ГЛУПАВОСТ

with 11 comments

Арсенал на глупоста: пословичниот кубур што Македонецот го чува за последниот миг, заедно со три кисело-весели бомби

На самиот врв на планината Мрза, од каде што се пружа прекрасен поглед на Лузерско Поле, се наоѓа селото Горно Глупомакедонче, во кое што живеат следниве десет фамилии:

* патем, ако не сте го прочитале постот за глупаците од селото Долно Глупомакедонче, ѕирнете го постотДесет видови македонска глупавост

1. Фамилија Стереотипчевски: како што кажува самото презиме, во ова семејство владеат стереотипите, и токму тоа робување на стереотипите ги прави членовите на фамилијава глупави.

Тие се способни да престанат да размислуваат за нешто само ако чујат еден збор кој е програмиран како стереотип во нивните глупави глави. На пример, такви зборови се „америка“ или „албанците“ или „сдсм“ или “вмро“ или „тито“ или „капитализам“ или „комунизам“ и во тој стил слични термини.

На некои луѓе споменете им „америка“ и тие веднаш знаат дека Америка е зла сила, дека се тоа едни глупави луѓе, дека по цел свет бомбардираат, дека ЦИА плаќа да се пука насекаде, дека ќе им дојде и ним крајот како на Рим што му дошол… џабе е било каков муабет со овие луѓе, џабе се аргументи, џабе се факти, џабе е логика, стереотипот си е врежан во нивните глави и нема спас.

Слично, на некои луѓе споменете им „капитализам“ и тие веднаш знаат дека капиталистите се едни гнасни алчни луѓе, дека тие секаде прават експлотација, дека криви се банкарите од Калифорнија за невработеноста во Молдавија, дека глобализацијата мора да биде запрена или ќе му дојде крај на светот… и пак, џабе се сите аргументи, сета логика и сите факти, невозможно е да ги убедите браќата и сестрите од фамилијата Стереотипчевски во поинаквата слика за тој поим.

Со ваквите луѓе „Сите дебати се потполно бескорисни“. А зошто е тоа така, кликнете на линкот во претходната реченица и ќе видите што сум сакал на таа тема во една некогашна колумна да кажам.

Но, не е глупав оној што не знае и знае дека не знае, туку оној што не знае, а мисли дека знае и затоа не сака да научи.

Хералдика: грбот на ова многубројно и прочуено семејство е класичен (триаголен) грб, со следниов симбол нацртан на него: човечко лице со затворени очи и со затки во ушите, но со широко отворена уста. Ова треба да ја означи нивната затапеност и неподготвеност да ја согледаат и слушнат целата приказна, а широко отворената уста ја означува нивната посветеност на искажување на цврсти ставови и уверувања. Кои бидејќи произлегуваат од половични информации, секогаш се погрешни.

2. Фамилија Нарцисовски: своето презиме ова семејство го добило по митолошкиот Нарцис кој како што знаеме толку многу бил заљубен во самиот себе што еднаш гледајќи го својот лик во одразот од површината на водата на едно езеро, тргнал со глава надолу да го бакне преубавиот лик во одразот, но пропаднал во водата и се удавил.

Нарцис е метафора (сите митови се метафори) на некој кој премногу се става себеси на прво место и кого претераното самољубие го води во пропаст.

Кај нас, членовите на фамилијата Нарцисовски ги има во повеќето партии (во самите врвови на политичката елита сѐ толку многу застапени што не е ни чудно што повеќето политички „бракови од интерес“ имаат резултати како од инцест), во многу фирми, во многу медиуми и образовни институции. Во сите овие структури има многу браќа, сестри, братучеди и братучетки од фамилијата на самозаљубени луѓе кои своите лик и дело ги сметаат за врв на човековата еволуција и се убедени дека без нив светот не може да функционира.

Оние Нарцисовци од постарата генерација сметаат дека младите ништо не знаат и дека светот ќе пропадне со нивното заминување од сцената. Оние пак од младата генерација сметаат дека светот започнал со нивното појавување на сцената и дека затоа нема потреба да учат од грешките на своите предци, некогашните Нарцисовци.

Хералдика: грбот на ова семејство на себичници е многу необичен бидејќи кај него не е толку битна формата на штитот, туку неговата површинска обработка. Имено, понекогаш тој може да е овален, понекогаш триаголен, понекогаш и квадратен, ама тоа е ирелевантно. Битно е што на него нема нацртано слика туку е перфектно исполиран и измазнет, до тој степен што служи како огледало за оној што го носи. За да се погледне себеси во него и да си рече „огледалце, огледалце, дали има некој позначаен на светов од мене?“

3. Фамилија Ситеселошевски: за овие луѓе сите се лоши. Сите партии се корумпирани, сите политичари се неспособни, сите совети се злонамерни, сите телевизии лажат, сите бизнисмени експлотираат…

Бидејќи се убедени дека нема светлина во темината, тие не се ни обидуваат нешто да сменат во својот мизерен и промашен живот. Дајте им пари и тие наместо да ги инвестираат паметно, ќе ги потрошат на алкохол и коцкање за една ноќ. Оти, нема ќар од инвестирање, во оваа земја не вреди да се трудиш.

Запознајте ги со убава девојка и тие наместо да се обидат да ја стекнат нејзината доверба и да го освојат нејзиното срце, ќе ја прашаат со колку мажи спиела, кој од нив ѝ оставил најголем впечаток, колкав му бил… и ако на овие прашања добијат одговори за девојката веднаш заклучуваат дека е ороспија, а ако не добијат одговори веднаш заклучуваат дека е таа уште поголема ороспија, оти не сака да им каже.

Овие луѓе се оправдуваат себеси со тврдењето дека бараат перфекција. Дека затоа било каква грешка, било каква дамка, било каква несовршеност е доволен знак за нив да се тргнат настрана. Не сакаат да си го губат времето со нешто што не е совршено, што не е перфектно.

Светот не е совршен, никогаш не бил и никогаш нема да биде. Зрелите и возрасни луѓе го знаат тоа и го прифаќаат тој факт и се обидуваат сепак да извадат барем некој ќар од тој несовршен свет. Ама Ситеселошевци не се зрели луѓе. Оти, перфекционистите се баш такви, незрели, деца во тела на возрасни луѓе. Тие бараат перфекција не за да ја најдат, туку за да не ја најдат. За да имаат вечно оправдување за својот неуспех.

Хералдика: овален штит, со еден збор напишан на него: „сите“. Слично на знакот за забрането пушење, со голема темна црта е прекриен тој збор. Пораката е проста, дека сите се лоши, сите се забранети. Освен оној што го носи тој штит. Кој секогаш е во право, само нема кој да го сфати.

4. Фамилија Башмегајлески: како што може да се заклучи од нивното презиме, овие луѓе за секоја битна тема велат „баш ме гајле“. Не ги интересира нив ништо суштинско, ништо темелно, ништо значајно.

Дури и кога во ретки моменти ќе покажат интерес за некоја клучна тема, тие ѝ пристапуваат стриктно од ефемерните агли, барајќи го сензационалното, шокантното, скандалозното, необичното.

За нив, политиката не е начин да се канализираат ресурсите во една држава за проекти кои овозможуваат прогрес на државата и повисок стандард за сите граѓани, туку нив ги палат приказните за задкулисните игри и кој полтрон успеал да му се додвори на соодветниот лидер.

За нив, економскиот развој е небитен или ако велат дека е битен, тоа не го дефинираат како раст на GDP, или повеќе вработувања, или пониски цени, или повеќе инвестиции, туку во тотално бесмислени категории.

На пример, на прашањето дали социјализмот или капитализмот обезбедуваат повисок стандард за граѓаните на едно општество, тие ќе речат дека социјализмот е подобар, оти во социјализмот сите имаат бесплатно школство и бесплатно здравство. Настрана фактот што тие „бесплатни“ работи беа со многу низок квалитет, настрана што не се бесплатни воопшто оти мора од некаде да се најдат пари за нив (главно со задолжување или со инфлација, како другарот Тито што тоа го правеше) туку за да се обезбедат тие сѐ друго се жртвуваше и луѓето за да купат кондури, јогурт или тоалетна хартија мораат да чекаат во редици со часови пред продавниците.

Ми вели мене еднаш еден Башмегајлевски: „што ми збориш бре за долгот на СФРЈ од скоро 30 милијарди долари, каква врска има тоа со распадот на Југославија. Знаеш ли ти дека во тоа со тогашните пасоши можевме било каде да патуваме? Јас немав пари да патувам подалеку од Грција, ама да имав пари ќе можев низ цел свет да одам“

Хералдика: правоаголен штит, на кој има нацртано постела од рози и на неа како лежи Заспаната Убавица која сонува саде розови соништа. Се разбира, околу неа летаат пеперутки. На горниот дел од штитот е нацртано небо полно со темни облаци. Бура се спрема, ама Убавицата е премногу заспана и премногу потоната во своите розови сни за да го знае тоа.

5. Фамилија Верувџиеви: ова семејство порано се презивало Наивчеви, а го смениле презимето оти некој им кажал, а тие од наивност му поверувале, дека поградски (т.е помалку селски) ќе звучи новото презиме. И од тогаш се Верувџиеви, ама во суштина си останале наивни Наивчевци.

Главна карактеристика на овие луѓе е дека тие не ја познаваат човечката природа. Имено, никако не можат да сфатат дека има луѓе по белиов свет кои се спремни да излажат за да можат да ќарат нешто. И дека таквите луѓе ќе кажат секому тоа што секој сака да слушне, само за да ја стекнат довербата им и да ги ограбат потоа.

Во Македонија ова семејство има доста свои деца меѓу младите лево ориентирани студенти. Овие луѓе се убедени дека социјализмот бил добра идеја, ама за жал на погрешни луѓе им бил даден да го спроведуваат. Или пак дека социјализмот е убава теорија, ама за жал не одговара на човековата природа. При тоа, не сфаќаат дека тоа тврдење е идентично на тоа да речете дека некој брод е многу добар брод, ама за жал не го бива за во вода. Па која е смислата на таквиот брод тогаш?

За овие луѓе Грција не е лоша, таа не ни мисли зло, туку има и таа свои аргументи и ние треба да се потрудиме да ги сфатиме, па ако треба и да ги прифатиме делумно. За наше добро.

За овие луѓе политичарите од нашата левица не се лажговци и злонамерни луѓе, оти како може да се злонамерни кога ете ветуваат социјална правда, по еден вработен во секое семејство, нова пролет за Македонија, нов почеток… како може да се лоши значи, кога сѐ убави работи  ветуваат?

Хералдика: триаголен штит со зелена основа (која симболизира ливада) и на ливадата едно јагне слуша еден волк како го убедува дека му е пријател. Јагнето очигледно восхитено од убавите зборови на волкот има безгрижен израз на лицето, не знаејќи што го чека.

6. Фамилија Залетувачевски: на Фејсбук своевремено имав можност да видам група за подршка на едно болно дете на кое итно му требаа многу пари за операција во странство. Тие пари можеа да се донираат преку јавување на мобилен телефон на специјален број за донации, со тоа што за секое едно јавување оној што се јавил донираше по 100 денари за фондот за операција на детето.

Зачленети во таа група на Фејсбук за подршка на дететото имаше околу 25 илјади луѓе. Импресивна бројка, нема што. Меѓутоа, вкупно собрани пари на бројот за донации беа нешто помалку до 250 илјади денари. Што значи дека само 2.500 повици биле направени.

И сега, што му е повредно на тоа дете болно: подршката од 25 илјади Залетувачевци кои кликнале на едно мало иконче на Фејсбук и така станале членови на групата за подршка, или оние 2.500 вистински хумани луѓе кои можеби и не се членови на групата за подршка, ама сепак се јавиле на бројот за донации и донирале од своите пари по 100 денари?

Залетувачевци на интернет се луѓето кои постојано повикуваат на протести против ова или она, едно или друго, ама кога ќе се организира протест – никаде ги нема. Залетувачевци се луѓето кои постојано повикуваат на бојкот на грчки, албански, косовски, бугарски или американски производи, ама кога ќе отидат во продавница, редовно ги преферираат токму тие производи.

Залетувачевци се оние кафеански патриоти кои на стадионите постојано скандираат „за Шиптари гасни комори“ а кога беше војната во 2001та се криеја од повиците за мобилизација.

Залетувачевци се оние левичари кои повикуваат на социјална правда и пофер прераспределба на приходите, додека носат патики од 300 евра и фармерки од 500 евра (и неизбежната маица со ликот на Че) купени со парите што нивните родители ги заработуваат од своите фирми каде во неподносливи услови работат бедни работници по 10 часа на ден за 5.000 денари месечно.

Како што гледате, Залетувачевци ги има секаде и секогаш, само не таму каде што се потребни и не тогаш кога е „густо“.

Хералдика: квадратен штит а на него е нацртан еден млад бик врз чиј грб е јавнат еден млад мајмун. Пред бикот еден стар итар лисец исправен на задните нозе држи црвено платно. Бикот под водството на мајмунот е спремен да јурне кон платното без да знае што го чека зад црвената крпа. А го чека стапица од која штом ќе влезе, нема лесно да излезе.

7. Фамилија Неодлучкови: сликата која го илустрира денешниот пост во голема мера е инспирирана од овие луѓе. Имено, пословичниот кубур што Македончето го носи во џебот и го чува сѐ до последниот миг, кога веќе сѐ ќе му земат и веќе времето за отпор поминало, е преставен како пиштол во форма на банана.

Бананата како што знаеме е често симбол на мајмуните, а пак мајмуните се за многу луѓе симбол за глупоста (иако во природата, токму мајмуните се меѓу најинтелигентните животни!). Во комбинација со кубур, асоцира бананата на карактерот на Неодлучкови.

За нив, кога се распаѓаше Југославија, сеуште не беше дојдено вистинското време за Македонија да се осамостои. За нив, кога требаше да се премине од социјализам во пазарно стопанство сеуште не беше вистинското време да се промени системот на кој „толку добро“ се навикнавме.

За нив, кога требаше да се смени работното време од седум наутро да почнува во девет наутро, сеуште не беше време да се тргне во таква модернизација, оти тоа демек ќе ги нарушеше традициите.

За нив, сега не е време да се преименуваат аеродроми или да се копа во археолошките наоѓалишта. За нив, никогаш не е вистинско време да се преземе нешто.

За нив, секогаш е вистинското време да се седи со прстот во уста и да се чека, да се чека, да се чека… можеби нешто ќе падне од небо.

Ама, среќата ги следи храбрите, а несреќата неодлучните. Такви се нашите Неодлучкови, кои за жал доминираа со нашата политичка елита во изминативе две децении.

Хералдика: еден совршено кружен штит. Кружната форма како што знаеме нема ниту еден агол, па тоа го симболизира немањето на стабилна гледна точка на припадниците на фамилијата Неодлучкови, а воедно го симболизира и нивното постојано вртење во круг кога всушност треба да се оди напред. Во кругот има нацртано еден огромен прашалник (во златна боја, како симбол на трајна вредност) а по периферијата на кругот е изгравирано мотото на семејството: „Нешто, ама мора ли баш тоа? Некогаш, ама мора ли баш сега? Некој, ама мора ли баш ние? “

8. Фамилија Нисамодавдевиќи: овие луѓе се однесуваат кон секоја тема во стилот на песната „ја нисам одавде“ и вечно сонуваат за пиење кафе во Рим, шопинг во Париз, одмор во Амстердам, работа во Копенхаген, а од својот валкан сокак каде што контејнерите се вечно полни со смрдливо ѓубре никогаш не излегле и не знаат ни како мириса чистиот воздух во вистинската цивилизација.

За нив европските вредности, модерните времиња, кул и тренди и ин случувањата се животен приоритет, иако никогаш ниту ги почуствувале во реалноста, ниту пак да се најдат во таква ситуација ќе знаат што да прават со неа.

Овие луѓе не се либерални, овие се ултра-либерални. Спремни се да се откажат од националниот идентитет, од име и презиме, од број на кондури бре спремни се да се откажат, само да ја допрат Европата.

Каква археологија, каква историја, какво достоинство, каков суверенитет, какви бакрачи. За нив, сето тоа е гола вода, не за друго, туку затоа што никогаш поради својата внатрешна слабост, мрзливост и глупост нема да можат самите да се покажат достојни наследници на она што е Македонија и Македонштина.

Затоа, „нека оди Македонаја и сѐ што е македонско по ѓаволите“ е вечното мото на овие глуперди. Или пак „што ќе ми е татковина, кога сакам готовина“ или најпарадоксалното „јас сум атеист, и затоа не-дај-боже да има Господ“

Хералдика: на кружниот син штит по чија периферија има нацртано 12 избледени жолти ѕвезди, има насликано една вага која не е во рамнотежа, оти на едниот тас стојат буквите м, а, к, е, д, о, н, и, ј, а, и токму тој тас е кренат високо, додека целата тежина е концентрирана на другиот тас во кој има еден билет во еден правец за Брисел. Очигледно за припадниците на ова глупаво семејство тој билет има поголема тежина од сѐ што е македонско. Под тој билет има и едно писмо од некој тамошен работодавец, во кое тој пишува: „почитуван г-дине Нисамодавдевиќ, ве информирам дека сте примени на работното место чистач на ќенефи. Можете да почнете со работа штом ќе стигнете тука. Ве очекувам скоро“. И се разбира писмото е потпишано со „еврокомесар за трошење пари за бескорисни цели, Јоргос Педеракис“.

9.  Фамилија Полтронџиеви: овие луѓе се вечни послушници со слугански менталитет инсталиран во ср’жта на нивниот ропски карактер. За нив, не само што слугувањето на некој авторитет, лидер, газда, спонзор е нормално, туку и пожелно. А секој оној кој не размислува како нив е глупав, оти не знае како да се снајде во животот.

Нивното семејно мото: „зошто сам да мислам кога има кој да мисли место мене?“ ги прави совршени следбеници на сите демагози, лажговци, муватори, снобови, вообразени надуенковци, лажни пророци и месии со продадена душа, или со други зборови, совршено гласачко тело за партиите од нашата сегашна опозиција.

Хералдика: овие немаат свој грб, ама тоа не значи дека се без симболи. Напротив, имаат знаме, огромно бело знаме од едната страна (како симбол на предавањето без борба), а од другата страна на платното има нацртано еден огромен гол задник. Се разбира, кога се колнат на верност, како и сите патриоти ширум светот, и овие го бакнуваат знамето, ама редовно се трудат да ја бакнат токму онаа страна од платното на која е насликан задникот. Имаат и химна семејна чија прва строфа гласи вака некако:

Ако негде бој се бие, на колена сме тука ние!

За да некој нас нѐ ќари, само нека даде пари!

Тие што нѐ мразат, може мирно да нѐ газат!

Порти ширум ќе отвориме, и нема да се бориме!

А рефренот:

Ајде да повториме,

нема да се бориме,

нема да се бориме,

нееееема да се бо-ри-ме!

10. Фамилија Случајнотукевски: овие луѓе слободно можеме да ги наречеме и Изгубенковци, оти навистина се изгубени и во времето и во просторот, барем кога станува збор за одредување на причините за нивниот успех или неуспех.

Ги има особено нив во пониските ешалони на двете најмоќни политички партии во Македонија, и заедничко за нив е што не разбираат дека во голема мера, за разлика од нивните лидери кои сепак се потрудиле да дојдат на власт, тие се само „случајно тука“ т.е. таму каде што се, на позицијата во некое министерство или јавно претпријатие.

Мислат тие дека самите се нешто посебно специјални па дека нема шанси да паднат од власт еден ден и дека токму затоа сите глупости што можат да ги направат од повластената позиција, и треба да ги направат без грижа за иднината и последиците од таквите глупости и дека тоа нема еден ден од глава да им се очука и ним и на нивната партија.

Налик на оној човек од кинеската приказна за случајниот минувач кој одејќи низ шумата налетал на грне полно со пари и сметајќи дека е добро да ги сокрие за некои подобри времиња ископал дупка но случајно паднал во неа и си го скршил вратот. Така, мислејќи дека копа дупка за своето богатство, тој гробот свој си го ископал. А некој друг патник подоцна поминал токму низ тој дел од шумата и налетал на истото грне покрај гробот, и тој тргнал на друго место да копа дупка за неговото азно. Во која дупка и тој паднал и си скршил нога. И кога конечно поминал трет патник тој го извадил вториот од дупката ама за возврат ги побарал и ги добил парите од грнето, ги донел во својата трошна куќарка полна со гладни деца и со тоа богатство не само што си изградил нов убав дом, туку и децата ги израснал и одгледал до возрасни луѓе.

Поуката од приказната е дека човек кога ќе налета на „богатство“ (т.е. добра прилика) никогаш не може да знае дали е првиот, вториот или третиот патник, и затоа шансите што му ги пружа животот треба да ги искористи паметно.

Хералдика: кружен штит на кој е нацртано тркалото од рулет и под него има една лента на која е испишано мотото на ова семејство: „ние ќе владееме сто години!“. Баш така, во тоа цврсто веруваат овие добитници на последниот изборен рулет. И така постапуваат, и така работат, без да знаат дека утре тркалото од рулетот пак ќе треба да се заврти. Кој може да гарантира дека тогаш топчето пак ќе падне на портокалово, а не на пример, на сино поле?

.

П.С: Ова како што пишав на самиот почеток, беше своевидно продолжение на постот „Десет видови македонска глупавост“, а најверојатно за неколку месеци ќе има уште еден пост, најверојатно со наслов „Трета тура македонски глупаци“ или нешто така. Ама сега засега уште ги збирам и класифицирам…

Како и да е, за тој пост кога ќе биде готов, ќе има најава. А за идниот четврток, го најавувам тука постот „И предавниците ги предаваат, нели?“. Не пропуштајте.

До идниот четврток, останете ми поздравени😆

11 Responses

Subscribe to comments with RSS.

  1. Тажно… Ама проблемот е што е баеги вистинито…

    archangelkoski

    22/01/2010 at 13:42

  2. 🙂 дали да се смееш или да плачеш… а, малку и да се препознаеш…

    туку, има ли некои нормални (што и да е нормално..) и што мислиш, бидејќи убаво си ги проучил, колку се застапени приближно горенаведениве?
    Поздрав!

    Мартинка

    22/01/2010 at 16:11

    • Е Мартинка, нормалните не живеат во селата Горно и Долно Глупомакедонче🙂

      Тие живеат во Успешиново, Знајница, Потрудевци, Долно и Горно Едуцираниште, Мислиево, Паметница…

      Ај кога ќе поминам низ некое од тие села ќе објавам и патепис😆

      • Немам чуено за Успешиново, тоа да не е во општина Тајкунманци?

        archangelkoski

        22/01/2010 at 22:33

        • Не бе Мето, кога возиш низ Транзициска Долина, имаш еден крстопат (кај Изборна Чешма) и лево оди патот кон Тајкунманци т.е. покривите од селото Олигархиево се гледаат од зад Кампањска шума, а десно патот оди кон општина Сагламница, каде што поминуваш прво низ Напорноработевско и после километар-два влегуваш во Успешиново.

          Нема шанси да се загубиш, само гледај на крстопатот ДЕСНО да свртиш, никако лево!

  3. Е, ногу глупаци се насобраа. И тоа – македонски!
    Национален бренд ќе ни стане🙂
    Дај, белки има и понекој паметен у државава, де… пиши и за нив, бар префиксот „македонски“ да го личе пред именката😉

    оксиморон

    22/01/2010 at 16:15

    • Не е проблем за префиксот дали ќе го личе пред именката, туку проблемот е дали именката ќе ја личи после префиксот „македонски“.

      Ме сфаќаш?

      Од чесен човек полесно можеш да направиш политичар, одошто од политичар да направиш чесен човек.

  4. Нено, како да направам коментарите да не мора да ги одобрувам? Вака како што е сега, треба да дремам пред комјутер и да одобрувам коментари. Не може да се развие дискусија…

    archangelkoski

    22/01/2010 at 22:39

  5. Zaboravi edna poznata familija NEJADIGOMNEVDKI da ne e toa tvojata familija , najverojatno.

    patrijarh

    08/02/2010 at 07:00

    • Да бе ставарно, Патријарх, гледаш сум ја заборавил твојата фамилија да ја споменам.

      Ај друг пат.


Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Промени )

Connecting to %s

%d bloggers like this: