Блогот на Богдан. Нено Богдан!

мој мејл: blogatash@yahoo.com

♦ И ПРЕДАВНИЦИТЕ ГИ ПРЕДАВААТ, НЕЛИ?

with 23 comments

„Од сега снаоѓај се сам, јас си одам“ му рече лисицата на кучето-предавник и побегна назад во шумата

Претпоставувам дека повеќето читатели немаат слушнато за „Руската Ослободителна Армија“ која се борела на страната на Германците во Втората светска војна, или пак за „Апачите – скаути“ кои биле во служба на американската армија кога таа војувала против племето Апачи, или пак за алжирските „Харки“ кои биле Алжирци што се бореле на страната на Французите во војната за ослободување на Алжир од француско ропство, а знам дека уште помалку Македонци слушнале за „Охрана“ иако таа армија во која служеле Македонци војувала токму на овие наши простори пред шеесетина години – против интересите на Македонија. Предавници отсекогаш имало секаде, ама овие четири наведени предавнички групи се специјални по тоа што доживеале и самите да бидат предадени.

1. Руската ослободителна армија: уште пред нацистичка Германија да го нападне Советскиот Сојуз, многу руски политички емигранти во Западна Европа биле ангажирани во војската на Хитлер, за кога ќе почне нападот да бидат дел од пропагандната војна со која требало да бидат убедувани обичните Руси дека Германците не ги освојуваат за да ги поробат под уште пострашно ропство од она на Сталин и комунистите, туку дека ги ослободуваат.

Овие доброволци сепак не биле праќани во борбени акции, туку нивната улога била пред сѐ пропагандна, или ако веќе имале контакт со непријателот (Русите) тие служеле првенствено како преведувачи, извидници или при испитувањето на заробениците.

Сепак, откако еден генерал од Црвената Армија кој бил многу незадоволен од третманот што Сталин го имал кон него, Андреј Власов, бил заробен од страна на Германците, тој се зафатил со сериозен обид да ги убеди Германците да му дозволат да создаде вистинска војска која навистина ќе се бори на страната на нацистите против Црвената Армија, која што војска требало да биде составена исклучиво од Руси, главно заробеници, но и доброволци од окупираните области.

Водството на германската армија било крајно сомничаво кон оваа идеја на поранешниот генерал на сталиновата војска, но сепак му дозволиле да врши прелиминарни истражувања за расположението на Русите во заробеничките кампови за таков еден проект.

Кога веќе Германците почнале да трпат масивни загуби на Источниот фронт, тие решиле конечно на Власов да му дадат шанса и му дозволиле да формира мала војска од доброволци кои требало да се борат против Црвената Армија, како и против партизанските единици кои особено голема штета им правеле на Германците во заднината уништувајќи ги од заседи нивните конвои за снабдување.

На само еден месец пред официјалниот крај на војната, во една мала битка на реката Одра војските на Руската Ослободителна армија (така била наречена оваа предавничка формација) успеале да издржат неколку напади на Црвената Армија, но наоѓајќи се под силен притисок и гледајќи дека и самите Германци бегаат кон Германија, и тие решиле да се повлечат пред да бидат опколени.

Во тој миг, Власов сфатил дека неговите ментори, Германците, не ги интересира неговата судбина и судбината на неговата војска. Едноставно, Германците ниту го снабдувале со муниција, ниту нови регрути од логорите заробенички му праќале, ниту пак информации за движењето на Црвената Армија сакале да му дадат на својот „сојузник“. Со еден збор, сфаќајќи дека крајот се ближи, нацистите го откачиле Власов и неговите доброволци.

Не гледајќи друг излез, при повлекувањето кон запад, Власов со својата армија ги нападнал Германците кои биле околу градот Прага и успеал со помош на чешките партизани да ги протера, надевајќи се дека со овој подвиг ќе ја стекне милоста на западните непријатели на Хитлер, Американците и Англичаните чии војски веќе ја газеле германската почва.

Иако војската на Власов била најзаслужна што Прага не била срамнета со земја од Германците при нивното повлекување, самите Чеси не сакајќи да си имаат работа со нив, им дале ултиматум да ја напуштат земјата. Одејќи кон позициите на американската војска во Германија Власов се надевал дека ќе може да им се предаде на Американците и дека ќе го примат тие во служба, оти претпоставувал дека по крајот на војната, можеби пак ќе се врати непријателството помеѓу капиталистите од Запад и комунистите од Исток.

Ама и Американците не сакале да соработуваат со него, па решиле затоа да ја одбијат неговата понуда за предавање, и тој бил принуден да се врати кон исток заедно со голем дел од својата војска. Каде што паднале во рацете на Црвената Армија и набрзо потоа сите биле осудени на смрт и или стрелани веднаш или својот живот го завршиле во логорите во Сибир.

2. Апачите – скаути: слични на армијата на Власов биле некои припадници на племето Апачи кои во ерата на Дивиот Запад кога индијанските племиња имале судири со силите на САД кои ја консолидирале својата контрола врз тој дел од континентот, се ставиле на страната на белиот непријател на нивниот домороден народ.

Имено, поттикнати од ветувањата за парични награди кои би им овозможиле да си купат фарми и добиток и да се „цивилизираат“, некои млади Апачи им свртеле грб на своите сонародници и се пријавиле во служба на армијата на САД, при тоа служејќи им на освојувачите на најдобриот начин што можеле: како извидници и преведувачи, помагајќи им верно и бесприговорно на белците да го уништат нивниот народ.

После неколку децении на жестоки борби во прериите на Дивиот Запад, Апачите како и повеќето други индијански народи биле потиснати во крајно негостољубивите планински региони на границата со Мексико каде што биле постојана мета на редовни експедиции на армијата на САД со цел да бидат заробени или убиени.

Конечно, кога и последните Апачи биле фатени и кога веќе немало потреба за армијата да има Апачи-скаути во своите редови, Американците донеле една чудна и крајно безобразна одлука: во резерватите каде што требало да бидат прогонети Апачите да бидат пратени со нив и нивните довчерашни војници, Апачите-скаути.

При тоа, не биле тие пратени со оружје и чинови и плата од владата како еден вид власт врз заробениот народ свој во малите и бедни резервати (што до некаде и би имало смисла), ами им биле одземени униформите, чиновите, коњите и оружјето. Едноставно без било каква причина, и покрај сѐ што сториле за армијата, тие луѓе биле деградирани на ниво на обичните Апачи што како заробеници требало да заминат во резерватите.

Можеме само да претпоставиме како го поминале остатокот од својот живот во резерватите тие поранешни слуги на белците, живеејќи покрај Апачите против чии интереси со години работеле.

Инаку, армијата на САД сепак после еден век се сетила на оваа неправда и ја „исправила“ со тоа што еден од своите најдобри модели на борбени хеликоптери го нарекла „Апачи“. Јас лично не гледам причина некој ден во Грција да не се појави некој хај-тек модел на полски нужник кој би се викал Гериз, Милцинис, Фрцкис, или нешто така.

3. Харките во Алжир: уште од средината на XIXти век, од кога започнало владеењето на Франција со нејзината колонија Алжир, таму биле регрутирани војници за француската армија кои имале домородно, алжирско потекло.

Се разбира, на овие војници никогаш не им било дозволено да напредуваат до повисоки чинови, и воопшто кон нив се вршела најсурова и најбесрамна дискриминација. Биле испраќани редовно во првите борбени редови да гинат, а ако некој од нив бил ранет, најчесто бил оставан на бојното поле без да му се укаже навремена лекарска помош.

Конечно, под изговор дека на повеќето француски воени медали има стилизирани мотиви на крстови, на овие војници (кои биле муслимани) не им биле доделувани никакви одликувања, дури и кога ќе покажеле изразита храброст.

Во ’50ите години на XXиот век, во Алжир созреала политичката клима меѓу домородното население до тој степен што била побарана независност на колонијата, на што од Париз реагирале остро испраќајќи силна војска составена од Французи од самата Франција, со задача да го спречат можниот бунт.

Како резултат на игнорирањето на нивните оправдани барања за слобода и независност, Алжирците кренале бунт против Французите, која што војна уште од самиот почеток окупаторите почнале да ја губат, главно поради вештата употреба на герилски тактики од страна на борците за слобода, кои се разбира ја имале широката подршка на локалното население.

За да стави крај на бунтот кој сѐ повеќе се ширел, француските сили се одлучиле за нова стратегија: создале посебна армија составена од Алжирци кои биле нарекувани Харки (зборот „харка“ на алжирски значел „дружина“), збор кој многу брзо станал синоним за „предавници“ за повеќето Алжирци.

Овие луѓе кои се бореле против својот народ биле мотивирнаи пред сѐ од мотиви на омраза кон „примитивната“ култура на своите сонародници, надевајќи се дека на тој начин ќе им се додворат на „цивилизираните“ Французи и овие ќе ги примат во нивното префинето друштво, или пак доста често од чист лукративен мотив – за одредена сума на пари со која нивните семејства ќе можеле да купат поголема фарма или повеќе добиток и опрема за земјоделие, синовите од една фамилија се приклучувале во редовите на локалната Харка.

Иако со помош на ваквите предавници Французите успеале да извојуваат многубројни мали победи против герилците, сепак текот на историјата на можел да биде спречен и по неколку години војување, Французите одлучиле да се повлечат од Алжир и да му дозволат на алжирскиот народ да создаде своја слободна и независна држава.

Харките пак биле заборавени од страна на владата од Париз иако нивниот број бил огромен (над 180.000 војници имало во сите воени дружини т.е. „харки“) и ним им било забрането да се повлечат со француската армија во Франција. Едноставно, не само што ја изгубиле војната од која требало да имаат најголем ќар токму припадниците на Харките, туку и по поразот Французите ги оставиле на цедило своите сојузници.

Многу членови на Харките биле масакрирани по победата на борците за независност на Алжир, а ако тие успеале да побегнат и да стигнат некако до Франција по илегални канали, нивните пошироки фамилии ги сноселе последиците. Нивните фарми биле одземани, нивните куќи уривани, на нивните деца им бил забранет пристап до училиштата…

Со тек на време, голем дел од Харките и нивните семејства успеале некако да се населат во Франција, но нив француското општество никогаш не ги прифатило. И до ден денешен, огромното мнозинство на француски граѓани со потекло од Алжир, иако главно се потомци на Харките, се презирани и запоставени од страна на сите француски влади.

Тоа е наградата што за нивниот придонес кон Франција, а против сопствениот народ им ја дале окупаторите и поробувачите на нивната земја.

4. Охрана во Македонија: или на литературен македонски јазик името би било нешто како „Чувари“ (како што зборот „телохранители“ е синоним со „телесни чувари“). Ова била група на етнички Македонци кои во времето на Втората светска војна биле организирани од структурите лојални на Ванчо Михајлов како армија која што требало да се бори против грчките партизани но и против партизаните што биле и самите етнички Македонци, сѐ со крајна декларирана цел: создавање на „Независна Држава Македонија“ која би била протекторат на нацистичка Германија. Она што во Хрватска биле Усташите, тоа во Македонија требало да бидат Охранителите.

Според одредени извори оваа армија броела на врвот на својата моќ околу 80.000 војници и помагачи, при што треба да се има во предвид дека бројот на помагачи бил далеку поголем од бројот на војници.

Војската била создадена од страна на офицери на бугарската армија кои биле порано членови нa ВМРО на Михајлов и кои по таа логика, имале потекло од Македонија. Обичните борци на армијата биле локалните Македонци кои биле пресреќни што ќе можат конечно да земат оружје в рака и да им се одмаздат на грчките колонисти кои во текот на претходните две децении нив ги угнетувале.

Во првите години од постоењето, оваа армија им служела на Бугарите како дополнителна војска за справување со отпорот на Грците кои живееле на територијата окупирана од Бугарија, а истото важело и за секторот од Егејска Македонија окупиран од Италија, каде што Италијанците направиле дил со силите на Охрана да им дозволат да оперираат на таа територија но за возврат да се борат против грчките партизани (кои и така и така не биле кој знае колку бројни во тој регион, главно населен и до ден денешен со Македонци).

Откако Бугарија бил исфрлена од војната, во Скопје пристигнал Ванчо Михајлов со задача да формира една независна македонска држава која би била во служба на хитлеровата Германија, но во Вардарскиот дел од земјата партизаните во меѓувреме се покажале како многу поуспешни во привлекувањето на симпатиите на локалното население, па Михајлов сфаќајќи ја ситуацијата како безнадежна се откажал од таа идеја и си заминал назад во Загреб, за по војната да се насели трајно во Италија.

Во Егејска Македонија сепак Охрана останала како доминантна вооружена сила и откако Бугарите престанале да ги снабдуваат со оружје и муниција, тие почнале директно да соработуваат со Германците. Токму благодарение на борците на Охрана, германската војска се повлекла на време од Јужниот Балкан без да има некои позначителни загуби во луѓе и воена техника, што само кажува какви слабаци биле грчките партизани штом не успеале скоро никакви загуби да им нанесат на окупаторите.

Како и да е, штом Германците се извлекле од територијата на денешна Република Грција, и штом сфатиле дека нивниот проект за марионетска држава околу Скопје нема да го биде, ги оставиле на цедило и своите сојузници од Охрана во Егејска Македонија и сојузниците им од владата на Независима Република Македония (квази-држава која постоела од прогласувањето на 8ми септември до влегувањето на партизаните во Скопје на 13ти ноември 1944та година).

Голем дел од офицерите на Охрана кои порано биле офицери во бугарската армија побегнале назад во Бугарија каде што голем дел од нив биле испоапсени од новите власти под влијание на комунистите и испратени по логори или веднаш биле стрелани. Обичните борци на Охрана биле оставени на цедило по кој знае кој пат (прво од Бугарите, па од Германците, па од Ванчо Михајлов, па од своите офицери) па поголемиот дел од нив им се приклучиле на партизанските одреди кои во тоа време веќе се подготвувале да ја започнат граѓанската војна со грчките монархо-фашисти. Се разбира, оти биле про-комунистички сили, Тито ги снабдувал сѐ до 1949та година овие партизани со оружје и муниција, а потоа и тој им го свртел грбот.

Слично на Харките во Франција, и во Југославија партизаните – бегалци од Егејска Македонија (меѓу нив и многу партизани кои биле порано припадници на Охрана) беа ставени на маргините на општеството, а повеќето од нив и се срамеа да кажат дека некогаш биле членови на Охрана.

А факт е ако се има во предвид практично непостоењето на комунистички партизани во Егејска Македонија и огромниот број на борци на Охрана во тој регион сѐ до самиот крај на Втората светска војна, дека повеќето Македонци таму биле или подржувачи или војници на оваа армија.

Не дека сите тие биле Бугараши, напротив, си имале тие македонска национална свест, ама друг реален избор во тоа време немале, па се бореле во редовите на Охрана надевајќи се дека некој ден тоа некако ќе се среди и ќе дојде некако до можност да се создаде независна македонска држава. За обичните борци на таа војска треба да имаме разбирање, оти повеќето од нив биле само едвај писмени селанчиња кои подалеку од својата нива не виделе дотогаш ништо друго, па биле лесно подложни на манипулација.

Но, за офицерите на Охрана е друг муабетот. Сите тие биле Македонци кои биле офицери пред да влезат во Охрана во бугарската армија и по капитулација на Бугарија биле оставени на цедило. Потоа и Германците ги оставиле на цедило. Кога побегнале во Бугарија и таму наместо да бидат вратени на служба во армијата или барем чесно пензионирани како луѓе што сепак се бореле за бугарските интереси, тие биле уапсени сите и пратени на долги робии од кои повеќето не се вратиле.

Очигледно, нeкогаш не се исплатува да бидеш предавник.

Се надевам дека предавниците во Македонија што сега работат за интересот на странските душмани, а против својот народ, ќе ја прочитаат колумнава и ќе се запознаат со судбината на другите предавници слични ним, кои постоеле порано во историјата во други делови од светот. Интересно кај нив не е што биле уништени од своите сопствени сонародници, туку биле предадени и оставени на цедило токму од своите поранешни работодавци и „сојузници“.

Тоа е многу јака поука за секој оној што планира да биде предавник на својот народ и својата земја.

.

П.С: Наредниот четврток, ќе постирам нова колумна посветена на образложувањето на една моја идеја за реформирање на Уставниот суд кој толку многу во последно време се ангажираше на стопирање на реформите и развојот на нашата држава. Главната идеја во колумната е да се оди до самиот историски почеток на концептот за имање на уставен суд, како тело кое ќе им суди на законите, и од тој прапочеток на тој концепт да се дојде до еден нов, подобар модел, кој би сакал во таа колумна да ви го изложам, почитувани читатели. Се надевам дека ќе ви биде интересно, а ако сте решени да ја прочитате колумната, повелете пак на овој блог идниот четврток.

До тогаш, останете поздравени😆

23 Responses

Subscribe to comments with RSS.

  1. Прво, за темата, а и идејата, на текстот – јасно нека им биде на сите кои планираат та прават вакви гадости во иднина дека на крај ќе завршат исто вака. Јасно нека им биде дека оној кому му се потрчковци воопшто не ги става на ум нив и нивните цели, само ги искористува за да ја спроведе својата цел. Кога веќе нема да му требаат – со здравје да си одат. Потоа, сакам да истакнам дека отидов на линкот на Википедија кон Охрана и “за чудо” никаде не стои таму дека биле Македонци, или барем нешто слично на тоа. Имаше дебата помеѓу информатичарите пред некое време на тема – “Википедија наместо МАНУпедија”, која можеби имаше поента(со оглед на неколку очигледни грешки во енциклопедијата на МАНУ – притоа не мислам на грешки за Албанците или слични глупости, на пример Леб и Сол мислам дека не беа споменати и слични важни фигури, исто не сум струлен за историјата толку да кажам дали беа точни историските факти или не, знам дека беа контроверзни), но сепак таа енциклопедија за разлика од Википедија не е фашистичка. На Википедија отворете за Крсте Мисирков, на пример, јас се згазив од смеење. Нема шанси да се толку неписмени, а има шанси да се е баш вакви како овие од текстов – примиле некое доларче и напишале за Мисирков и Александар Трети тоа што им било шепнато. На крај, би сакал да прашам – дали има некои така позвучни имиња(да не речам попознати) во оваа Охрана, освен Михајлов. Исто мислам дека е срамота да се прави восочна фигура на Михајлов – ова досега не го знаев а сепак знаев дека е клошар – го гледав тоа интервјуто, кратко пред да умре кога вели нешто слично на тоа дека не постојат Македонци – тоа се измислици на Белград.

    robertmacedonia

    29/01/2010 at 11:27

    • Да, вели баш вака „composed of Slavophone pro-Bulgarian oriented part of the population“

      Славофоно пробугарски ориентиран дел од населението?

      Е ај де де, Славофони, ама не Бугари ами демек пробугари.

      Кои ли си тие славофони?

      Ах, да, тоа мора да се припадниците на Чешкото национално малцинство во околината на Солун, Кукуш, Костур, Лерин. Нема други, мора да се Чеси (и тек тук таму некои Полјаци и Украинци)

      Го ставив тој линк оти има генерално повеќе информации таму одошто што можев тука да ставам.

      А за Охрана знам уште од 1999та дека постоела и била силна структура во тој регион во тоа време. Ми кажа тогаш за неа еден пробугарски ориентиран славофон🙂

      А за Ванчо дали заслужува восочна статуа, зошто да не?

      Добар или лош, тој е дел од македонската историја. Исто како што Сталин е дел од руската и Хитлер дел од германската.

      Ако го споменуваме во книги, треба и статуа да има негова. Историјата не е приказна за убави нешта и ако човек сака да извлече поуки од неа мора да ја знае целосно, и добрите и лошите работи.

      Ако ги затвориш очите пред вистината не значи дека таа ќе исчезне, значи само дека нема да ја видиш.

      Патем, Јосип Броз Тито е одговорен за смртта на многу повеќе Македонци одошто Ванчо што е.

      Луѓето на Михајов убиле не повеќе од две три илјади Македонци, оти нивнaта тактика била главно со атентати.

      Меѓу жртвите на ВМРО имало и многу непријатели на Македонија, кака Прелиќ (Мара Бунева го убила) или Александар III Караџорџевиќ (жртва на Владо Черноземски).

      Тито од друга страна, не само што испратил во смрт десетина илјади македонски партизани на Сремскиот фронт, не само што наредил пет илјади Македонци (практично целата тогашна интелигенција) да бидат пратени на Голи Оток, туку е одговорен и за колективизацијата и уништувањето на македонското село.

      А сепак има сеуште плоштади и улици и школи во земјава што се викаат Тито.

      А ти се буниш за една восочна статуа во еден музеј.

      Никој не се буни што има партија што се вика Сојуз на Титови Леви Сили, ама ако утре некој посака да формира партија Сојуз на Радкови Десни Сили сите ќе бидат згрозени, шокирани, лути.

      А зошто?

      Тито им направил многу повеќе зло на Македонците одошто Ванчо.

      Ама после 60 години перење на умот, Македонците не можат да го видат тоа јасно.

      Не го бранам Ванчо, само сакам да кажам дека работите треба да се гледаат реално. И Тито и Ванчо се злосторници. Нема разлика меѓу нив освен во тоа што Тито имал повеќе време и ресурси да прави зло на Македонците.

      • Не го поддржувам репресирањето на тој дел од историјата од страна на комунистите во СФРЈ, но лично не се гордеам што тој човек е дел од нашата историја, па зошто би му правел споменик? Не велам дека не е дел од неа, но зарем на сите им правиме споменици, па мора и нему? Германците не му прават на хитлер споменици, иако не го отфрлаат од својата историја, туку како што велиш учат од неговите грешки. Јас кога би правел споменици би сакал да направам на некој кој е заслужен за ова што денес сме независна држава, признат македонски народ, а не на некој кој го оспорува сето тоа. нема некоја логика. Треба, т.е. мора да се учи за него во учебниците зашто каков таков тој е, дел е од историјата, но правење споменик е величање и значи дека кој што му прави споменик се гордее со неговите дела.Јас не се гордеам сигурно, а ниту ти, како и никој кој ја сака Македонија. Јас не би му правел ниту на Тито споменик ако ме прашаш мене. Колку луѓе има кои сега се анонимуси а се позаслужни од овие двајца – ним треба да им се изгради споменик. Велиш и двајцата се злосторници – па тогаш јас не ги би ставил во музеј ни под разно… Поздрав

        robertmacedonia

        29/01/2010 at 20:00

  2. Сепак восочна статуа во музеј не е исто како бронзена статуа на плоштад.

    Нели?

    Што мислиш ти за идејата да се постави бронзена статуа на скопскиот плоштад на човек што повел војска против некој друг крал, за по победата во една битка да му ја земе жената и по неколку години и со ќерката му да спие и да створи дете?

    Човек кој бил толкав мегаломан што себеси се сметал за син на бог?

    Човек што при освојувањето на градови наредувал да бидат убивани сите мажи, а жените и децата продавани како робови?

    Човек што изградил град и го нарекол по својот коњ?
    ….

    Јасно ти е за кој човек зборам, нели?

    Ама тоа е поентата. Секој историски лик треба да се гледа во неговиот (а не нашиот) историски контекст.

    А за да го согледаме историскиот контекст, треба да не ги затвораме очите пред историјата.

    Ако музејот се вика „Музеј на ВМРО“ или веќе поформално „Музеј на македонската револуционерна борба“, треба да има и статуа на Ванчо во него.

    Каква е тој музеј на борба ако не ги ставиш сите учесници во борбата?

    Факт е дека чин полезен за македонската револуционерна борба била ликвидацијата на Прелиќ и Караџорџевиќ.

    Кој ги испратил/вооружил/финансирал/организирал луѓето што го сториле тоа? Ванчо Михајлов.

    Зошто и со какви лични/лукративни мотиви тој тоа го направил не е битно, битно е дека тој наредил тие двајца крвници на Македонија да бидат ликвидирани.

    Така да, Ванчо е дел до македонската револуционерна борба, вака или онака.

    • За Александар – важно тој никогаш не направил нешто против интересите на својата нација, за разлика од Ванчо кој не ја признавал својата нација🙂 И убиствата на тие двајца сигурно не биле од љубов кон населението и желба да го заштити, туку си имал интереси човекот. Признавам дека имаш поента, но ајде тогаш да правиме споменик и на некои туѓинци што го победиле Хитлер, зашто од тоа имаме корист и ние… Сакам да кажам, во еден таков музеј треба да бидат најзаслужните(а Ванчо не е меѓу нив сигурно), зашто ќе бидат изоставени многу позаслужни луѓе од него. А што е со таа новинарката Билјана Секулоска – кога го праша тој претставникот на музејот(не знам кој е точно човекот) – зошто нема да има Албанци, зарем тие не се бореле? Демек сега рамковен музеј ќе правиме… Катастрофа. Поздрав, интересна дискусија на темава удривме🙂

      robertmacedonia

      30/01/2010 at 14:45

      • Колку Македонци загинале во битките на Александар?

        А за што гинеле?

        За да може нивниот лидер да ги легне жената и ќерките на Дариј?

        Парменион бил заслужен херој, заедно со неговиот син Филота и немало никакви докази дека навистина ковале заговор против Александар, а сепак тој од чиста параноја ги погубил.

        Исто, атентатот на Филип сеуште не расчистен🙂

        Можеби треба комисија во Собранието да се формира да го расчисити тоа😆

        И дали штитовите и копјата за фалангата биле набавени преку тендер или со директна спогодба🙂

        Дали во армијата чинови се делеле по заслуга или по непотистичка линија (Парменион му бил татко на Филота!)

        Пред секоја битка Македонците имале ритуали да жртвуваат животни. Најчесто куче пресечено на два дела. Зарем тоа не е суровост кон животните?
        ……

        Сериозно: Каков државен интерес имала Макадонија да ја освојува Индија?

        Поентата е дека тие прашања се дадени со контекст на денешното време. А не во контестот на антиката, кога било апсолутно нормално да се освојува, урива…

        И да, во Охридското востание против Србите во 1912 година имало меѓу учесниците многу Албанци, како и во собранието и владата на Крушевската Република… па ти види сега.

        • Па да, во тоа време било поинаку и сосема е точно дека не можеме да судиме од денешна преспектива. Готово, се откажувам од дебата🙂 Не, сериозно за Александар пак имам забелешки🙂 – јасно е дека бил различен од сите други нормални луѓе тогаш, ја читал Илијадата секоја вечер пред спиење и верувал дека неговата судбина е да стане најпознатиот владетел во историјата, да го освои сиот тогаш познат свет и да продолжува понатаму без да запре, без разлика на се. Значи човекот имал ненормално големо его и волја. Но, Артур Вајгал мислам дека најпаметно кажал – (нешто слично на ова беше) – “Некои го сместуваат Александар во редот на лудаци, некои во редот на генијалци, јас сметам дека тој спаѓа во категоријата луѓе кои не можат да бидат категоризирани, затоа што не им поминало младешкото лудило.” Навистина, доколку доживеел зрелост(да речеме 40-50 години), можеби ќе се сменел, можеби не. Сепак, за Филота постоеле многу укажувања(не се можеби докази, но кралот не може да ризикува, тоа е тоа), а Парменион “го јадел” зашто веќе му умреле синовите други(ако не се лажам), па се плашел Александар од неговата реакција за смртта на Филота. Зашто во тој период мислам дека Парменион се наоѓал физички прилично далеку од Александар, а со себе ја имал половината од армијата, така што би можел да направи гоолеми проблеми. За непотизмот – знаеме дека тоа било начин да се зачува мирот назад во Македонија – да се држат благородниците во власта. А за атентатот, лично мислам(ова се мислења засновани на ништо, зашто немаме литература или докази), дека Александар немал никаква врска со тоа. Можеби мајка му, но Александар не верувам. И најважно од се – сите велат(што донекаде е точно, како што споменав погоре со изјавата на Вајгал) – “што мајка барал Александар во Индија, нека си седел во Македонија”. Прва и најголема причина е неговиот карактер и желбата која ја споменав – да го освои светот. Прикзните дека сакал да се одмазди за персиските освојувања во Грција и да ги одмазди жртвите јасно е дека се само маска за да ја добие наклонетоста и приврзаноста/поддршката на Грците. Но, сум размислувал за следново неколкупати – некаде сум прочитал(не можам да го наведам изворот, немам појма дали беше книга или Интернет, па не знам ни колку е точен), дека кога Александар бил отприлика… околу 12-13 години стар, во Пела дошла делегација на Персијците, наводно за преговори некакви но на крај како и секогаш завршило без никакво постигнување, односно финтата била да се испита, “намириса” силата на другата страна, успехот во развивањето на војската и слично, односно до каде стигнале во напредокот. Така што, од каде знаеме дека доколку Александар не отидел на исток, немало тие да дојдат овде? Исто,ако останело само на (неверојатно добро изведеното од страна на Филип) зацврстување на положбите на нашиве простори, зошто Грците не би ги повикале Персијците да ги “ослободат” од тиранинот и варварин Филип? Секакви сојузи имало тогаш, најпосле и многу повеќе Грци се бореле на страната на Персија отколку на страната на Македонија. Како и да е – за Албанците – на несакање се сложивме во поентата – дека не може сите да се вклучат во музејот и не може ние да одлучуваме кој ќе е а кој нема да е. За тоа си има тела, за кои јас немам компетентност да ги критикувам. Сепак ова не значи дека отстапувам од ставот дека не би сакал никаква фигура на Михајлов. Подоцна ќе прочитам за востанието охридско, обавезно. Поздрав

          robertmacedonia

          30/01/2010 at 16:15

      • Читај за Охридското востание од пардон, 1913та година (згрешив горе не е во 1912та)

        http://forum.kajgana.com/showthread.php?t=16606

  3. Тој што е способен да работи против интересите на „своите“…. за што ли пак е способен кога станува збор за „туѓите“?!
    Така размислува „корисникот“ на нивните услуги, па затоа и историјата на предавниците е таква каква што е. Вредат само додека се има корист од нив за постигнување на целта т.е. освојувањето (или креирањето пропаганда). Потоа никој не ги сака покрај себе. Ги отфрлаат со презир зашто го назправиле она што тој кој ги ангажирал не би го направил никогаш за „неговите“.
    Тажното во ситуацијава е тоа што голем дел од т.н. предавници дејствуваат силно убедени дека ја прават „вистинската“ работа, идеолошки заведени од страна на грст профитери чиј единствен мотив се парите и привилегиите.

    oksimoron

    29/01/2010 at 22:36

  4. Шест пати употребен зборот цедило у текстот за Охрана.
    Нешто многу си се возбудил бе Нено!
    Шо е работава?🙂

    peronakov

    30/01/2010 at 19:47

  5. Ја има ли Охрана во Енциклопедијата на МАНУ?

    peronakov

    30/01/2010 at 20:07

  6. Судбината на сите предавници од секогаш била таква – гинеле од оние на кои им служеле. Сите знаат дека ако еднаш ги предале своите тогаш еден ден и нив ќе ги предадат.
    Поучен пост иако има и други примери кои можат да се додадат.
    Ме буни само онаа бројка за припадниците на Охрана колку е веродостојна. Ми изгледа дека е преувеличена.
    Поздрав!

    alexandro

    31/01/2010 at 11:59

    • Можно е бројката да е преувеличена, ама имај во предвид дека се кажува вкупна бројка на активни и пасивни Охранители, што ќе рече и војници и подржувачи (јатаци).

      А инаку за време на војната во Виетнам, армијата на Јужен Виетнам (овие биле со Американците заедно) имала глупава метода за делење на платите на војниците.

      Имено, парите му се давале на командантот на единицата, и во зависност од тоа колку луѓе имал (живи) под неговата команда.

      Секој офицер имал така интерес да пријавува дека има максимален број на војници. За да му дадат повеќе пари, тој ќе им дели плата на живите,а платата за оние загинатите ќе си ја ставел во џеб.

      Ова било „добро“ се додека не добиел наредба тој офицер да со својата единица нападне некој непријател

      Цело време кажувал дека има 300 војници под себе, и верувајќи дека има толку луѓе неговите претпоставени го праќале во битка, а тој навистина имал едвај стотина.

      Ништо чудно што Јужновиетнамците ја загубиле војната со Северновиетнамците и покрај тоа што имале силна подршка од САД.

      Ова треба да се поврзе со анкетите што денеска ги прават партиите. Имаме 20% имаме 30% рејтинг, целиот народ е луд по нас, сите ќе гласаат за нашата партија, ќе владееме 100 години и кога ќе дојдат избори – оп! сме се излажале.

  7. Текстот за предавниците е одличен и поучен. Особено ми се допадна она за полското хај-тек WC. Тоа Јас го замислувам како WC со звучниче кое на секои 10 секунди повторува „Европа“.
    Од муабетите, интересен момент е она со Ванчо Михаилов – и секако дека треба да постои восочна фигура на Ванчо. Под нема треба да стои и текст – е содржината на текстот е битна. Многу комунистички ми е она „да не стои“. Треба да стои и да се кажат неговите црнила (па и на Тито). Треба да стои и на Тодор Александров и неговиот придонес (лично сметам дека најнеоправдано анатемисан е Тој).
    Инаку сум размислувал и за Охрана, чие делување Грција го користи како опис на целата Македонска нација (демек еве, овие биле со Хитлер), и понекогаш се ставам во положба на тогашниот поробен македонец. Грците им ги палеле селата, во присуство на свештеник кој се молел да не заврне (замислете!!). Па на кој било начин да можам да се одмаздам на такви крвници – веројатно би се одмаздувал (како човек), не размислувајќи за тоа дали ќе бидам жигосан како борец за каузата на Бугарија. Ќе ме води мисла и надеж дека во подобро време ќе ја остварам и својата национална цел.

    ArchAngelkoski

    31/01/2010 at 13:34

    • Да, Мето, нужникот и јас така го замислувам, со звучни опции во зависност од тоа дали посетителот има запек.

      Ако има мал запек му се пушта на секои десет секунди „Европа“, и тој добива пролив.

      А ако има голем запек му се пушта микс – од говорите на Бранко, Фрчко, Геро, Милчин, Коља, и нема шанси да не го фати пролив.
      …..

      А што се однесува до жигосувањето на некои контроверзни ликови од историјата наша, не заборавај дека авторото на драмата „Црнила“ во која е оцрнет токму Александров е никој друг туку Коле Чашуле – обвинителот на судењето на Ченто!

      Тоа е исто како Карла Дел Понте да напише книга во која Тарчуловски ќе биде опишан како монструм.

      Или Глигорие Гоговски да напише книга во која ќе го даде својот став против Вевчанците од „вевчанскиот случај“.

      Треба ли да веруваме во тоа?

      • Добра реплика, само нели мислиш дека е претерано говори на споменативе. Па јас само од еден (по случаен избор (може и Дувњак, Ѕвездан, Ерол …) добивам дијареа, да не е прејака таа комбинација. Мислам може човек да настрада од минерален дисбаланс🙂

        ArchAngelkoski

        31/01/2010 at 16:37

        • Абе за голем запек, голем пролив си треба!

          Поголем пролив од овие нема во моментов.

          Впрочем, како и со Апачите-скаути и хеликоптерите Апачи, мора бре да им се оддаде почит на овие заслужни борци против Македоинија.

          У нужник, у нужник со сите нив! И тоа хај тек, со вграден џи пи ес, и ес ед ес🙂

          Инаку тоалетната хартија ќе биде „делукс“: правена од рачно кроени парчиња од Шпиц, Глобус, Кутрински и Време.

  8. Мошне креативен и интересен приод кон(тешко изводливо)нечие превоспитување!🙂 Поздрав!

    Мартинка

    31/01/2010 at 17:27

  9. Брејнсторминг, Мартинка, брејнсторминг😆

  10. “Луѓето на Михајов убиле не повеќе од две три илјади Македонци, оти нивнaта тактика била главно со атентати”….И 200-300 да напишеш – пак са много! Реалната цифра е 70-80…🙂

    тото

    27/12/2010 at 13:57


Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Промени )

Connecting to %s

%d bloggers like this: