Блогот на Богдан. Нено Богдан!

мој мејл: blogatash@yahoo.com

♦ НАРОДНИ ТРИБУНИ

with 2 comments

Без радикални реформатори нема радикални реформи

Должност на секој Уставен суд во секоја правна држава е да го брани Уставот, т.е. да им суди на донесените закони и да утврдува дали тие се во согласност со најзначајниот правен акт на државата. Уставните судии значи се бранителите кои ја бранат државата од лоши закони. Но, кој ја брани државата од лошите бранители?

1. Кои биле првите уставни судии во историјата: може да звучи чудно и парадоксално, но историјата на светот познава еден случај кога имало официјални лица што ја чувале државата од лошите закони дури и кога таа држава немала воопшто устав.

Тоа бил случајот со Народните Трибуни, јавни функционери во стариот Рим (во периодот кога тој бил сеуште република) кои што биле избирани од народот и имале една главна задача и една главна привилегија: можеле на секој закон што Сенатот ќе го донесел да му изречат вето. А изрекувале вето не за оние закони што не биле во склад со уставот (оти стариот Рим немал Устав) туку за оние за кои сметале дека се против интересите на државата.

Во денешно време, таа функција претежно ја имаат претседателите на државите, кои исто така се избрани најчесто од народот и имаат прво и привилегија да изрекуваат вето на било кој закон што законодавната власт ќе го донесе и со тоа да го спречат тој закон да стапи во сила. При што законот не мора да е противуставен, доволно е да смета претседателот дека е против интересите на државата.

Многу интересно нешто кај старите Римјани било што кај нив законодавната власт (Сенатот) не била избирана од народот туку за тоа кој ќе биде нов член на Сенатот одлучувале веќе постојните сенатори, а пак римскиот „уставен суд“ (Народните Трибуни) биле избирани од народот со гласање на избори.

Во денешново време пак, нешто како обратно да е направено: судиите (не уставните туку обичните) ги избира и поставува Судски совет кој пак во најголем дел е избран од веќе постојните судии (како римските сенатори), а пак законодавната власт се избира од народот на избори (како римските трибуни).

Бидејќи на тој начин судската власт е комплетно ослободена од притисокот на јавноста (оти за изборот и реизборот на судиите не одлучува народот туку оние што веќе се судии) ништо чудно што кај нас правосудството е една од најмалку почитуваните гранки на власта.

Од друга страна, што и да мислите за пратениците во законодавната власт, факт е дека за нив збирно имаат гласано над 900.000 граѓани, па затоа ништо чудно не е што тие колку-толку се трудат да не забегуваат претерано, па од време на време донесуваат закони кои се навистина во интерес на граѓаните.

(би работеле тие цело време за граѓаните, а не за своите партиски лидери, само прво треба да се реформира системот според идеите изнесени во мојата колумна „Шест предлози за поквалитетен парламент“).

Значи: пратениците донесуваат закони во интерес на народот, затоа што нив во парламентот ги пратил народот. И уставните судии по истата логика донесуваат одлуки во интерес на оној што таму ги поставил: некој собраниски состав од некое минато време, составен од политичари кои денеска ја немаат подршката од граѓаните!

2. Трите гранки на власта не се поделени: слично на заблудата дека во нашата азбука имаме 31 буква (а всушност се 32 букви) и дека реката Треска се влева во Вардар (а всушност реката Вардар се влева во Треска) за што детално имам објаснувано во една друга колумна, така и кај нас не постои навистина поделба на власта на три гранки: судска, извршна и законодавна.

Оти извршната власт (ако се исклучи претседателот, кој и онака има премали овластувања) е директно избирана и поставувана од страна на законодавната, а пак судската власт своевремено беше екипирана по желба на пратениците во Собранието, а од пред некоја година од редовите на тие така поставени судии се формираше судски совет кој одлучува по свој ќеф за тоа кои нови судии ќе ги заменуваат оние што одат во пензија.

Уставниот суд пак сеуште не е одвоен од законодавната власт, т.е. поточно кажано тој е одвоен од неа само временски (оти е избран во најголем дел од членовите од еден претходен собраниски состав) но не и функционално, оти ако денеска има потреба да се именува нов уставен судија тој ќе биде избран од сегашниот состав на парламентот со двотретинско мнозинство. А тој судија за година или две или повеќе, ќе им суди на законите донесени од наредниот собраниски состав!

Условот за двотретинско мнозинство во пракса значи дека двете најголеми партии од македонскиот и албанскиот блок можат ако им се потрефи, таман сите уставни судии да ги постават по свој ќеф и ако на наредните избори го загубат тоа двотретинско мнозинство, новиот парламент нема да може да стори ништо за да смени и еден единствен судија од уставниот суд.

3. Затоа, наместо уставни судии да имаме народни трибуни: главна предност на имањето на „уставни судии“ т.е. луѓе кои ќе имаат моќ да ги поништат законите што ги донела законодавната власт а кои луѓе ќе бидат избрани од народот, е што еден ден и тие луѓе ќе мораат да одат пак на избори пред народот и ако не работеле правилно нема пак да бидат избрани.

Тој принцип ние во сингуларен случај го имаме веќе во Македонија, со тоа што човекот кој го избрал народот да биде претседател на државата има моќ да стави вето врз било кој закон што пратениците ќе го изгласаат во собранието.

Проблемот тука е што можно е теоретски од 41% излезени гласачи само половината да гласаат за претседетелскиот кандидат што ќе биде избран и тој еден човек потоа цели пет години ќе ја има сам таа огромна моќ.

Затоа, за да не се злоупотребува моќта, како што тоа Б.Ц го правеше на времето, мора да се разбие оној еден Народен Трибун што фактички сега го имаме во функцијата на претседателот на повеќе народни трибуни и тие да бидат избирани не одеднаш ами на рати.

Што значи тоа?

Па да речеме дека во народниот трибунал кој ќе го замени сегашниот уставен суд ќе има 18 членови чиј мандат ќе трае шест години и кои ќе бидат поделени на три групи по 6 „судии“, (да ги наречеме „трибунски шесторки“) при што секоја група ќе биде избирана на општи пропорционални избори со целата држава како една изборна единица.

Секоја група која смета дека може да ги освои симпатиите на граѓаните, ќе може да си предложи листа од 6 кандидати и сите такви листи што ќе бидат подржани од пет или десет илјади потписи на граѓани да бидат поставени на гласачкото ливче.

Ако на изборите излезат 900 илјади гласачи (како што кај нас во просек по толку излегуваат на сите избори за било што) и ако една листа добие околу 150.000 гласа, колку што според примерот на Љубе и Имер Селмани (но и Андов и Тупурковски пред десет години) можат да добијат кандидатите кои не се подржани од големите партии, од таа листа еден кандидат ќе биде избран за еден Народен Трибун во таа група. Ако добие листата околу 300.000 гласа, двајца од таа група ќе бидат избрани за Трибуни, и по тој пропорционален модел ќе се поделат сите шест места меѓу сите предложени листи.

Тоа му доаѓа како да имаме избори за собрание кое ќе има само една надлежност – да става вето на законите за кои смета дека не се во согласност со Уставот и интересите на државата – при што тоа ќе има само 6 пратеници, но со таа специфичност што ќе има по едно такво собрание изберено на секои две години, и сите три собранија заедно ќе прават едно поголемо собрание кое ќе може да решава за уставноста на било кој закон.

Зошто волку комплициран систем?

Па, ако ги ставиме сите 18 трибуни да бидат избирани одеднаш па после тоа шест години да немаат никаков фидбек од народот, тие може да „заспијат“ или да почнат да тргуваат со своите вета со големите партии. Затоа, нова тура народни трибуни се испраќа во Трибуналот на секои две години, ама не за да се изврши комплетна замена, туку да се освежи малку тоа тело и да се испрати сигнал дека народот не спие.

Се разбира, ситните технички детали во стилот „што ако некој трибун ненадејно почине или се пензионира или замине на друга функција“ се решаваат со веќе познатите методи од принципите на пропорционалните листи. Во конкретниот пример, наредниот од неговата листа го заменува, или ако се исцрпи листата празното место се пополнува со посебни процедури…

4. Завршни напомени: овој принцип на делумно освежување на избраниците функционира во американскиот сенат, така што од стоте сенатори со мандат од по 6 години, на секои две години околу една третина одат на избори па така постојано има „свежо ветре“ во сенатот кое помага да се одржи неговата виталност и посветеност на интересите на народот.

Од друга страна, практиката да се избираат директно од народот оние што на законите ќе им судат била со голем успех применувана во Стариот Рим (трибуните) а од неа остаток има и во денешното време (Претседателот и неговото право на вето).

Она што мора да се направи со Народните Трибуни, ако некогаш ги воведеме кај нас, е да им се даде на секој од нив огромна плата (предлагам, слично на една друга моја идеја, и за нив околу 250.000 евра годишно) за да може да бидат отпорни на поткупи од политичките моќници.

Воедно, не треба никој да стравува дека политичките партии ќе доминираат и со ова тело како што сега доминираат со Парламентот, оти како што имаат покажано изборите претседателски кај нас, често граѓаните знаат да подржат релативно масовно токму кандидати кои големите партии не ги подржуваат.

Лично сметам дека на парламентот би требало во потполност да му се одземе било каква ингеренција во секторот на правосудството освен се разбира правото да донесува закони (оти тој е законодавната власт) а сите други решенија, за именување и разрешување на судии во сите нивоа, обвинители, јавни правобранители, нотари, извршители и слични позиции, како и за помилувања и аболиции (одобрени со поголемо мнозинство) да бидат во рацете на посебен „парламент“ чија надлежност нема да биде донесување на закони туку стриктно кадровската политика во правниот систем.

Овој парламент би можел да се изгради на начин сличен на горе предложениот за Народниот Трибунал или дури и да се изгради интегрално врз него, при што веројатно избори за „трибунските шесторки“ би имале секоја година, а мандатот на секоја шесторка би траел шест години, па така во рацете на 36 луѓе добро платени и со легитимитет од народот добиен директно, мислам дека нашето судство многу побрзо и поефикасно би било реформирано и доведено до степен да ја има довербата на граѓаните.

.

П.С: Знам дека денешнава колумна некако делува премногу апстрактно и можеби на моменти и конфузно дури, но такво ни е и судството наше, а и образложенијата на одлуките на Уставниот суд кои редовно немаат никаква смисла. Верувам дека со мојот предлог работите би биле многу подобри ако се примени тој целосно или барем делумно, но и онака поентата на моето блогирање не е да убедам некого во моите ставови, туку да покажам дека има и други опции различни од официјалните и општоприфатените за кои вреди да се размисли.

Наредниот четврток, токму во насока на разгледување на опциите за кои вреди да се размисли ќе ја објавам колумната „Што е полошо, што е подобро“. Напишана е во сличен дух со „Споредбена предност и вредност?“ само што овде истиот принцип е применет не само во хуманизмот, ами и во патриотизмот, политиката штедењето, бизнисот, културното изразување, екологијата и сл. Ако ве интересира како тоа е направено, повелете тука на овој блог во четврток.

До тогаш, поздрав😆

2 Responses

Subscribe to comments with RSS.

  1. Добри идеи за размислување и разгледување. Генерално би поддржал ваква идеја која води кон вистинска поделба на власта на законодавна, судска и извршна како клуч за надминување на состојбите во кои се наоѓаме. Без тоа тешко дека ќе воспоставиме правна и демократска држава.
    Во колумната ти се поткраднаа неколку непрецизности во однос на изорот на судиите на Уставниот суд (двајца од нив предлага Претседателот на државата) и останатите судии кои и денес се бираат во Парламентот.
    Поздрав!

    alexandro

    09/02/2010 at 14:05

    • Знаеш што е чудно, што кај нас Уставот е фетиш.

      Смислата на Уставот е да даде рамка од која ќе се прават добри закони. Добри закони значи закони во интерес на развојот на државата.

      А кај нас токму поради одредни чудни толкувања на уставот, се спречува воведување на закони кои се попозитивни решенија од оние закони што сега ги имаме.

      Сакам да кажам, се заборава која е смислата на Уставот.

      Затоа сметам дека треба да има тело како предложениот Народен Трибунал кој што на законите ќе им суди не според тоа дали се уставни, иако тоа ќе биде појдовна точка, туку според тоа дали се во интерес на државата.

      Баш како што сега Претседаталот има право да стави вето на сосема во согласнсот со уставот закон за кој ќе реши тој дека е контра интересите на државата, и како што правеле римските трибуни.

      Финтата е што кога на еден човек му даваш толкава моќ, тој редовно ја злоупотребува и затоа сметам дека треба да се расцепи таа моќ на 18 или дури и 36 трибуни.

      Тоа ми е идејата, која морам да признам уште не сум ја кристализирал (од таму и колумнава испадна толку конфузна).

      Дека постењето на Уставен суд нема смисла, оти идејата на Уставот е да не чува од лоши закони. Затоа, место да се фетишизира Уставот, нека се гледа само дали некој закон е добар или не.

      Кај нас Уставот е светиња, а знаеме дека светииот апостол и великомаченик Фрчко го има барем половина напишано.

      Каков „светец“ таква и „светињата“!


Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Промени )

Connecting to %s

%d bloggers like this: