Блогот на Богдан. Нено Богдан!

мој мејл: blogatash@yahoo.com

♦ ШТО Е ПОЛОШО, ШТО Е ПОДОБРО?

with 4 comments

Дилемата на паунот: дали пауниците повеќе се палат на поразнобојна опашка одошто на подебел клун и поостри канџи?

Не знам колку сте запознаени со ликот и делото на значајниот англиски економист од XIXиот век Дејвид Рикардо, но ако не сте, се надевам дека по прочитувањето на денешната колумна во која неговото најголемо откритие е применето за мудрување на неколку теми, ќе се заинтересирате да дознаете нешто повеќе за него.

1. Порнографија или пропаганда: кај многу луѓе постои мислење дека на телевизија не би смеело да се пуштаат порно-филмови. Исто така, не би требало водителите или гостите во нивните емисии да употребуваат безобразни термини. Пцовките кои случајно ќе им се испуштат на оние што ги прикажуваат на телевизија се редовно покриени со пискав надзвук, а доколку некој покаже дел од телото или гест што не е пристоен, тој се покрива со темна дамка или снимката се заматува баш врз тој дел.

Оти како што рековме, многу луѓе сметаат дека порнографијата, безобразните зборови и гестови се – лоша работа. И затоа не треба да ги има на телевизија.

Е арно ама, кога некој експерт ќе се појави во некоја емисија и ќе дрнда цел саат убедувајќи ја јавноста дека е добро да се смени името, да се легализираат геј бракови и лесни дроги, или најстрашно од сѐ, да се врати ес-де-ес на власт, тогаш тоа не се покрива со пискав надзвук ниту пак ликот на говорникот се покрива ниту снимката се заматува.

Оти никој не гледа нешто лошо во тоа да се кажуваат такви безобразни нешта јавно и на телевизија дури. Повици за предавство на татковината, толеранција на перверзии, јасни моронштини, очигледни глупости – тоа не смее да се крие од гледачите оти е во прашање правото на слободен говор!

А порнографите немаат ли право на слободен говор? По кој основ, според која логика, кога еден чичко и една (или две или повеќе) тетки се „растураат“ пред камера тоа е понегативно од тоа кога еден чичко или неколку чичковци и тетки (уважени експерти и независни интелектуалци) јавно вршат, метафорично кажано, голема нужда врз македонските национални интереси?

Ете, дури и во претходната реченица е тоа присутно. Да пишев дека експертите серат врз интересите на нацијата тоа ќе го сметавте за некултурно, ама кога независните интелектуалци и уважените експерти ќе кажат дека македонскиот идентитет е фантомска конструкција која припаѓа на минатото и која им е својствена само на нискоинтелигентни провинцијалци – е тоа е културно говорење на високообразовани луѓе и нема зошто да го сметаме за срамно нешто.

Конечно, ако во Македонија се формира партија која за свој идол го смета човекот одговорен за прогонувањето и смртта на илјадници Македонци, Јосип Броз, и која ќе се вика Сојуз на Титови Леви Сили, никој за тоа нема да се буни премногу. Ама ако се обиде некој да формира партија чиј идол би бил човекот одговорен за прогонувањето и за смртта на илјадници Македонци, Ванчо Михајлов, и која би се викала Сојуз на Радкови Десни Сили, е тоа веќе би предизвикало сеопшта згрозеност и осуда од сите.

Кој повеќе му штети на јавниот морал: проститутките или експертутките?

2. Народни платеници или неродни пратеници: своевремено имав објавено една многу убава колумна со наслов „250 000 евра плата за секој пратеник годишно“ во која главната идеја ми беше дека на пратениците во нашето Собрание треба да им даваме огромни плати, некаде околу 20.000 евра месечно и плус К-15 од 10.000 евра годишно.

Идејава на прв поглед делува сосема шлакнато, особено во земја како нашава во која се шокираме секогаш кога пратениците во нашиот парламент ќе донесат закон со кој своите „и онака претерано високи плати кои не ги заслужиле со ништо“ дополнително ќе си ги зголемат.

Па сите пцуеме по политичарите и ги колнеме до трето колено, со фрази како „абе народ нема леб да јаде, а они ем привилегии ем плата ем сѐ, срам да им е значи“ или нешто слично на тоа.

Воедно, колективно ни излегува пена на уста кога ќе дознаеме дека некој министер или директор на јавно претпријатие ќе вработи свој/а роднина или швалер/ка во својот тим, небаре непотизмот е најголемото зло кое ѝ се заканува на Македонија.

Да, непотизмот е зло, и давањето на плати на луѓе кои ништо не работат е лошо, ама дали е тоа најлошото нешто?

Што е понегативно за Македонија: ако 61 пратеник со плати од по илјада евра месечно гласаат за некоја програма што буџетот ќе го оштети за стотици милиони евра а од која нема да има никаков ефект за развој на економијата или за подобрување на животниот стандард на граѓаните (монополот на ОКТА и Телекомот, продажбата на ЕСМ), или кога истите тие 61 пратеник со плата од двасет илјади евра месечно ќе го отфрлат секој таков предлог како апсолутно непотребен и штетен дури за благосостојбата на државата (и за нивниот реизбор)?

Слично нешто има и во бизнисот, каде што многу луѓе се фрапирани од фактот што директорите на големите фирми земаат масивни плати од по неколку милиони  (на Запад) или стотици илјади евра (кај нас) додека обичните работници во истите тие фирми работат за бедни плати.

Но, прашањето и тука треба да се постави во стилот што е подобро, а што е полошо? Дали ако на директорот на фирмата му даваат акционерите (т.е. газдите на фирмата) мала платичка, а на вработените големи, таа фирма ќе создава поголем профит, или ако директорот добива голема плата, а вработените мали?

Во секоја организација улогата на раководителот е клучна за успехот. Тргнувајќи од најпознатиот пример од историјата, кога малата македонска армија под водство на својот генијален и бестрашен лидер Александар ја збришала во сите битки големата персиска армија раководена од неспособни и страшливи команданти, па сѐ до разликата во деловните резултати меѓу разните кафулиња во ГТЦ, поуката е јасна: главниот човек е токму тоа – Главен Човек.

Војската составена од лавови а командувана од зајак секогаш ќе биде поразена кога и да се соочи со војска составена од зајаци а предводена од лав. А за лавот лавовски дел од пленот следува. Оти без неговото мудро водство, никаков плен немало да има.

3. Штедење или загуба: да не си помислите дека принципот на Рикардо има примена само во големи историски и политички теми, еве еден сосема бениген пример, од областа на секојдневниот живот.

Некој градежен инжинер кој работи во успешна фирма и заработува 800 евра месечно (за 20 дена работа) т.е. има дневница од 40 евра, одлучува дека на неговиот убав дом му треба варосување на внатрешните ѕидови, или како што тоа се нарекува на кумановски „решија човек куќу да си гу искречи“.

Овој градежен инжинер е многу способен за проекрирање, изведба и надзор на градежни активности (затоа и зема толкава плата) а релативно е способен и да си ја искречи куќата своја. Оти има голема куќа, пресметал дека ќе му требаат четири дена.

Кога на својот шеф на работа ќе му побара два слободни дена (за да ги спои со викендот во четири дена за кречење) и кога ќе рече дека така сака да заштеди оти нема да мора да најми некој молер и да му дава нему пари, шефот му го дава следниот совет инспириран од принципот на Дејвид Рикардо:

„Човек бе, ај размисли: ти ако земеш два дена слободни ќе изгубиш две дневници или 80 евра се тоа, а и плус прашање е дали ќе ја искречиш куќата толку добро и квалитетно како што тоа ќе го направи некој професионален молер, кој до сега има искречено илјадници куќи и ги знае сите финти од тој занает. Освен тоа, јас можам да ти препорачам молер што не за два дена, ами за еден ден ќе ја вароса цела куќа, и тоа за само 50ина евра, и тоа со негов поликолор“ – вели шефот и додава заклучок:

„Така да, ако штедењето ти е главен мотив, јас мислам дека повеќе ќе заштедиш ако тие два дена одиш на работа, заработиш две дневници, па од тие 80 евра му платиш на оној молер да ти ја искречи куќата само 50 евра. Така ќе имаш и 30 евра останати во џебот и искречена куќа и сѐ ќе биде готово за еден ден, а ако сам ја кречиш не само што нема да заработиш 80 евра за двете дневници, туку и нема да ја искречиш куќата баш најсаглам оти сепак не си ти професионален молер. И плус четири дена ќе се качуваш по мердевени, ќе миеш валјаци, ќе покриваш подови и сл.“

Своевремено еден многу богат човек во САД го прашале зошто користи личен шофер иако и самиот знае да вози автомобил. Тој одговорил дека во денот губи по еден час во возење до разни места, а додека вози не може да се концентрира на размислување за попрофитабилни работи. Така, давајќи му плата на еден личен шофер тој не мора да вози, туку го возат и така може да ги потроши тие 60ина минути дневно за бизнис од кој ќе заработи многу повеќе отколку што го чини да му плаќа плата на шоферот.

4. Бранител или хранител: еден млад 18годишен човек е голем патриот и воедно голем талент за математика и логика. И кога ќе заврши средно школо се најдува себеси пред голема и важна дилема: дали да се пријави во професионалниот состав на армијата и таму во наредните седум до десет години да ѝ служи на татковината, или пак да оди на факултет за информатика, да научи сѐ што треба да знае за програмирањето и потоа да се вработи во некоја програмерска куќа и да заработува многу пари.

Доколку на овој млад човек не му е познат принципот на Рикардо веројатно ќе му звучи како потполна глупост тврдењето дека доколку студира и работи како програмер тој ќе направи многу повеќе корист за Македонија отколку ако замине како професионален војник во армијата.

Ама, ако го знае принципот на Рикардо, следнава логика и математика ќе мора да ја направи пред да донесе конечен заклучок за својата дилема:

Доколку тој реши да студира и да стане програмер, и ако заработува утре доволно голема плата за да даноците што ќе ги плаќа бидат околу 300 евра (тука се и директните даноци како персоналец и пензиско-здравствените придонеси, и индиректните даноци како ДДВ или акциза), Македонија како целина ќе има и еден програмер кој ќе произведува софтвер, и со даноците собрани од неговата работа ќе може да му дава плата на некој човек што не го бива за програмирање и заработување на многу пари, ама сепак е доволно способен да биде војник во професионалниот состав на АРМ.

Но, ако младиот човек со талент за програмирање одлучи да стане самиот војник, Македонија нема да добие еден програмер, туку само еден професионален војник за кој ќе треба да дава плата од 300 евра. Плус, оној млад човек што не го бива за математика и логика и кој во првиот случај би бил вработен како војник, сега не би можел да се вработи оти некој веќе му го зел местото.

А финтата е во тоа што иако момчето што го бива за програмер може да му ја земе работата на оној што може да биде само војник, оној што може да работи само како војник не може да му ја земе работата на оној што може и да програмира.

И сега, од што Македонија ќе има повеќе корист: ако има и еден програмер и еден војник кој би бил невработен инаку, или ако има само еден војник, а еден програмер помалку и плус еден невработен млад човек повеќе.

Погрешно е да се мисли дека државата ја бранат само луѓето кои се со оружје во рака и со униформа на себе, со панцир и шлем за заштита, и со муниција за напад. Тие се директните бранители, и за тоа тие ја заслужуваат секоја наша подршка и пофалба. Но, освен бранителите битни се и хранителите. Ако нема луѓе што работат вредно во приватниот сектор и создаваат нова вредност, ако тие не заработуваат и не плаќаат даноци, од каде ќе има државата пари за да им купи униформи, шлемови, муниција, панцири и оружје на своите војници и полицајци?

Нешто слично на оваа логика, само не на тема патриотизам, туку на тема хуманизам, бев употребил и во колумната „Споредбена предност и вредност“. Таму преку користење на принципот за прв пат во историјата на економијата дефиниран од страна на Дејвид Рикардо објаснив дека понекогаш луѓето кои изгледаат крајно себични всушност се многу похумани од оние луѓе кои на прв поглед делуваат како крајно несебични.

Принципот за споредбена предност формулиран од Рикардо пред повеќе од 150 години е употреблив за многу прашања во речиси сите сфери од животот и работата.

На пример, дали се навистина поеколошки биогоривата кои кога се користат во автомобилите не ја загадуваат околината, меѓутоа за чие производство се троши многу повеќе нафта и струја (која се добива од согорување на јаглен) со што многу повеќе се загадува околината, отколку кога би се користело обично гориво во автомобилите?

Или на пример, дали треба да се трошат милиони евра за програми и кампањи за одвикнување на луѓето од пушење цигари, кога од прекумерна тежина предизвикана од јадење на нездрава храна и недоволна физичка активност умираат десет пати повеќе луѓе секоја година?

Или дали треба да се кубат коси и вреска на сет глас ако владата троши 20ина милиони евра секоја година за изградба на споменици во центарот на Скопје и обнова на фасадите на некои згради околу плоштадот и изградба на нови згради, или можеби треба да се викне 25 пати погласно против трошењето на страотни 500 милиони евра секоја година за одржување на комплетно бескорисната бирократија?

Или дека македонските граѓани за секоја една недела трошат повеќе пари за купување на цигари, алкохол и за коцкање, отколку што сегашната влада на Македонија троши за цела година на рекламни кампањи. Во кој од овие случаи расфрлањето со пари во време на криза е поголемо?

Обновата на стариот театар кој ќе се користи со децении чини помалку од парите што 25.000 матуранти секоја година ги трошат за купување на свечена облека и организирање на матрурски вечери. Ако е криза и нема пари за фрлање, која од овие две работи треба да се одложи за некои подобри времиња?

Заклучокот што ќе се добие на прв поглед не е секогаш точниот заклучок. Понекогаш треба пред да се донесе крајната одлука да се фрли уште еден поглед.

А доколку сакате принципот на Рикардо да го видите објаснет крајно едноставно во својата економска суштина, фрлете еден поглед на долново клипче. Многу убаво е објаснето, за мерак, а трае само неколку минути. За жал, клипот е на англиски и нема превод на нашиот јазик, но што е подобро: некој да потроши цел ден за да го преведе за нас тој само еден клип, или секој од нас да потроши една година за да научи доволно добро англиски па да не му треба преведувач никогаш за илјадници други клипови кои би биле интересни и поучни?

.

П.С: Наредниот четврток очекувајте го на овој блог постот со наслов „Партијолатрија“. Што значи овој термин и каква врска има тој со идеите изнесени во колумните „Култ на личноста: карактеристики и последици “ и „Желни да веруваат“ и „Бирократија“, ќе видите во четврток.

До тогаш, поздрав😆

4 Responses

Subscribe to comments with RSS.

  1. За првото прашање – дефинитивно полоши се таканарачените експерти/интелектуалци кои тресат глупости по телевизии и го перат мозокот на народот, малку им е тоа па уште печатат дневни весници и неделници… Но, штом сите се согласуваме дека порнографијата треба да се ограничи, цензурира, зошто тогаш не можеме да се согласиме дека пропагандата треба да се цензурира? Можеби затоа што пропагандата од тој тип веќе завладеа на медиумите и има толкаво влијание кај луѓето што едвај чекаат да купат некој од мизерните весници? Јас не разбирам како може да се купува неделник кој е посветен 90% на оцрнувањето на една личност? Демек, објективен и непристрасен е? А од друга страна, пак, не може да им забраниме на тие дегенерици да лупаат глупости по телевизии и емисии, зашто сепак ова е демократија, секој има право да го искаже своето мислење. Јас мислам дека за паметен народ ова е уште подобро – ќе ги гледаме како се резилат по емисии и ќе знаеме дека од нив ништо не бидува, па кај паметен народ кога-тогаш би се создала антипатија кон овие лузери. Значи – оставени сме сами на себе – ако сме паметни ќе сфатиме кој е губитник овде, ако сме глупави да поверуваме – сами сме го барале🙂 Не може да не спаси никој од самите себе, ако сами не се спасиме.

    А за младото момче од четвртата точка – се надевам дека ќе го прочита ова и дека ќе му помогне да сфати што е правилно. Добро е за младите луѓе да имаат некој мудар да ги посоветува.

    robertmacedonia

    12/02/2010 at 12:23

    • Тоа ти е аикидо пристап, нели?

      Наместо да го забрануваш, да го прогонуваш заради неговите ставови, пушти го јавно нека ги искаже, нека каже се што мисли, па нека народот сфати сам колкав кретен е!

      Љубе Бошкоски на претседателските избори доби 150.000 гласови не заради тоа што народот го подржуваше неговиот став околу името, туку баш заради тоа што ВМРО-ДПМНЕ му стави медиумска блокада па народот не успеа на време да чуе што мисли Љубе за името.

      • Па нели е подобро така? Ако го потиснуваш, народот ќе мисли дека којзнае колку вреди па ти му се плашиш. Подобро нека се изглупира, па народот ако еднаш сам сфати кој е во право а кој не, потоа нема да има потреба да трошиш време во објаснување. Само, дали ќе сфати народот?

        robertmacedonia

        12/02/2010 at 15:33

  2. Сега го гледав видеото – браво за Рикардо! Не се работите секогаш какви што изгледаат на прв поглед🙂 Поздрав

    robertmacedonia

    12/02/2010 at 12:31


Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Промени )

Connecting to %s

%d bloggers like this: