Блогот на Богдан. Нено Богдан!

мој мејл: blogatash@yahoo.com

♦ ПАРТИЈОЛАТРИЈА

with 5 comments

Лидерот е тој што го има во својата рака клучот. Но некој друг го има во својата рака лидерот.

Веројатно знаете дека зборот „идолатрија“ значи „обожавање на идоли“ при што под идоли се подразбираат статуи или слики или други мртви предмети на кои обожавачот им припишува натприродна моќ, иако тие се како и сите мртви предмети сосема немоќни сами по себе и резултатите од нивното користење зависат од оној што ги управува. Така е и со „партијолатријата“ која е форма на идолатрија при што партијата е предметот на кој обожавачите му припишуваат натприродна моќ.

1. Партијата сака да прави добро: она што мене своевремено многу ме чудеше беше појавата сите партии пред избори да ветуваат убави нешта ако бидат избрани, а откако ќе дојдеа на власт ќе заборавеа на сите ветувања и ќе фатеа како и нивните претходници да крадат и да ја доуништуваат државава.

Велам „своевремено“ оти повеќе тоа не ме чуди. Оти во меѓувреме го сфатив значењето на зборот „партија“. Ама луѓето кои се завлезени во партијолатријата не го имаат сфатено тоа.

Кога некој ќе ви каже дека „партијата има желба“ или „партијата ќе се бори за…“ или „партијата смета дека…“ тоа морате да знаете дека е бесмислена фраза. Никогаш не може партијата да има став (исто како што една статуа или слика не може да има став), став може да има или лидерот или членовите на партијата, но никогаш самата партија, оти таа не е човек, не е живо битие па да има став или мислење за било што.

Од тука, кога се размислува за тоа што една партија навистина сака да прави ако дојде на власт треба да се запрашaме „што точно е таа конкретна партија?“. Дали партијата ќе го прави она што го сакаат нејзините тајни спонзори, дали тоа што нејзиниот лидер сака да се прави, или она што сакаат нејзините членови или гласачите.

Не постои ниту една партија која што сака да прави добро за државата. Оти партијата не може да сака, и не може да прави ништо. Само луѓето кои управуваат со партијата можат да сакаат да работат во интерес на државата или лидерот да работи за доброто на земјата со која ќе управува ако биде избран на власт.

По таа основа, еве едно прашање: дали некогаш размислиле верните следбеници на нашата левица, но и на некои самонаречени десничарски партии – што точно сакаат да праваат лидерите на нивните партии ако некогаш дојдат на власт, а што членовите на тие партии, и дали желбите на членовите и на лидерите се поколопуваат?

2. Партијата знае како да прави добро: но добро, да претпоставиме дека лидерот на партијата сака да прави добри нешта за државата и за народот, и дека искрено е посветен на тоа и планира чесно да владее.

Овде партијолатријата ја отвора класичната замка за „добрите намери кои поради лоши идеи водат кон непредвидени последици“. А класичен пример за оваа класична замка е праксата во некои европски земји да донесуваат закони со кои се обезбедени одредени категории граѓани од отпуштање од работа.

На пример, во Франција, ако некој работодавец вработи млад човек (до 27 години возраст) тој потоа нема шанси да го отпушти, без да помине низ бескрајно долга и скапа судска процедура за докажување на оправданоста од терминирање на работниот договор со тој млад човек.

Е сега, бидејќи поради незнаењето на чесните и искрени политичари бил донесен еден таков на прв поглед добар и хуман закон, крајниот резултат е огромната стапка на невработеност меѓу младите граѓани на Франција.

Оти, ако некој работодавец не може да си ја поправи грешката при вработувањето евентуално на некој неспособен или недисциплиниран млад работник, тој нема ни да ризикува да вработи човек на таква возраст.

Законите што луѓето ги штитат од отпуштање многу почесто ги „штитат“ токму истите тие луѓе и од вработување.

Ако лидерот на партијата вели дека ќе има по еден вработен од секое семејство штом тој ќе дојде на власт, или ако тврди дека спорот за името ќе биде решен без да се посегне по националниот идентитет – дури и да искрено сака да го постигне тоа, и да нема никакви задни намери – прашањето е дали е тоа можно. И ако не е можно, што фајде од добрите и искрени намери на лидерот на партијата?

Јас имам чесна и искрена намера ако заработам милијарда долари да донирам стотина милиони за хуманитарни цели. Не лажам, искрено имам таква намера. Но, дали тоа значи дека само затоа што јас имам искрена намера некоја хуманитарна организација треба да се надева на мојот подарок во најскоро време? Ако имаат капка памет во главата, сигурно нема да се надеваат.

Е ама оние што практикуваат партијолатрија не можат тоа да го сфатат. Лидерот ветува по еден вработен во секое семејство, или милијарда долари инвестиции – иако тоа не можно – „ама сепак ветува бре, зарем тој не знае што збори, па лидер на голема партија е, веројатно не тропа глупости“. Така размислува партијолатарот.

3. Партијата смее да прави лошо за да биде добро: а ако народот и покрај сите искрени изјави и чесни намери на раководителите на партијата пак не им верува и не сака да им го даде својот глас, тогаш тоа е основен доказ – според умот на партијолатрите – дека народот е глуп и дека треба со сила да му се помогне да ја види светлината.

„Луѓето се овци и они не знаат за кого треба да гласаат“ – така вели секој фрустриран фанатичен приврзаник на партиите кои народот не сака да ги подржи на избори ниту пак да им изрази подршка во анкетите.

Од тука, логиката е многу јасна: партијата која сака да прави добро и која знае како да прави добро, е и партија која смее да прави лошо за да прави добро. Па оправдани се според таа логика сите фабрикувани афери, сите „спонатни“ нереди и протести, сите опструирања на секоја реформа која не дошла од умот на лидерот на партијата. Оти тоа е сѐ за добра цел.

За интересите на Македонија се работи против интересите на Македонија?!

За партијолатрите партијата е на прво место. Не сопствената држава. Оти народот е нели проста раја и тој треба да се изведе на прав пат. Ако треба и со сила.

Партијолатрите не ја знаат поговорката „со сила убавина не бидува“. Или пак, ја знаат ама мислат дека само затоа што е народна поговорката, слично на народот која ја смислил, и таа е проста и глупава?

4. Партијата мора да прави добро: ова е дефинитивно најлошиот аспект од партијолатријата и е во тесна врска со идентичниот аспект од идолатријата.

Еден фанатик клечи пред парче мермер обликувано во замислената форма на Зевс, друг фанатик се клања пред парче мермер обликувано според замислената форма на Амон Ра, и тоа е доволна причина овие двајца луѓе кои обожаваат парчиња мермер кои можеби се извадени од истиот каменолом да се мразат меѓу себе и да веруваат дека имаат света должност зададена од нивниот бог да ги преобратат неверниците, ако треба и со сила.

„Ако не размислуваш исто како мене, тогаш тоа значи дека ти си фашист, сељак, будала, ретарда, морон, мафијаш, неписмен, глупав, мутав, криминалец, лузер, кретен, болен човек…“ – ова е логиката на секој партијолатар кој коленичејќи пред своето парче мермер обликувано според замислената форма на неговата премудра и безгрешна партија, доаѓа до идејата дека треба неверниците да ги сотре оти „тие се џган на овој свет“.

„Ако вистината е една и ние ја кажуваме таа вистина, тогаш оние кои не се согласуваат  со нас се лажговци и затоа се зли луѓе против кои силите на доброто мораат да се борат беспоштедно. Оти, еден е изборот и друг избор не може да има“ – така размислуваат оние кои коленичат пред статуата на Зевс, на Јупитер, на Амон Ра…

А сѐ се тоа лажни идоли. Чиј што култ го прошириле лажните пророци.

.

П.С: Во четврток очекувајте ја колумната насловена „Перцепција“. До тогаш, поздрав😆

5 Responses

Subscribe to comments with RSS.

  1. Малку настрана од поентата на текстот – за едно нешто се во право овие лузериве кои се за промена на името – штета е младите во светот да уживаат во светските убавини, да шетаат и откриваат што се нема по светов, а ние овде да се зачленуваме во партии од мали и да се расправаме кој е подобар кој полош. Децата лепат постери на партии уште од основно и живеат за партијата, за победата на “нивната партија”. Еден живот имаме, а посебно една младост и штета е што штетници како сите досега ни оневозможиле нормален живот. Споредени нашите млади со они од ЕУ се како тие од Африка во сподредба со нас. Досега можеше државава да е понапредна од Словенија, но заради разни штетници неколку генерации го испуштија возот. Не држат како заложници овде, затворени и без пари. И не е работата до спорот со името, ако државава наша се развиеше економски до потребниот степен, не знам дали воопшто ќе постоеше спорот. Многу голем револт добивам вака… Поздрав

    robertmacedonia

    23/02/2010 at 12:12

    • Во Африка барем не мораат да плаќаат парно 😆

      Си имаат сонце преку целата година. А тука за трисобен стан 3000 денари месечно треба да платиш.

      А за лепачите на плакати, можеби треба партиите своите младинци да ги пратат на зелен пазар да продаваат зелки и моркови и тикви, па кој ќе продаде најмногу, тој значи знае како да се однесува со муштерии / гласачи и него да го унапредат во партиската хиерархија.

      Ако некој може да продаде моркови и сливи, сигурно ќе знае и програмата на партијата да им ја „продаде“ на гласачите. Морковите се портокалови, а сливите се сини 😆

      Жив пример за ова е Амди Бајрам. Не е воопшто чудно што тој е веќе трет мандат пратеник. Знае човекот како да ги привлече гласачите да го подржат.

      • Најдобро е да си толку вреден што сите партии ќе те молат да им се приклучиш, а тебе нема да ти е гајле ниту за едната, ниту за другата. А не обратно – ти да ги молиш, зашто без нив не можеш да успееш. Порано мислев дека членството во одредена партија има многу предности кои ги надминуваат недостатоците. Сега мислам обратно – дека недостатоците ги надминуваат предностите. Затоа велам – слободни сте, партии🙂

        robertmacedonia

        23/02/2010 at 21:38

  2. Партијата е се’ а поединецот ништо! Така било од КП ама сеуште останало…
    Одлично си ја скенирал состојбата!

    alexandro

    25/02/2010 at 11:53

  3. Се додека не си ја преземеме одговорноста, секој за својот сопствен живот, ќе ни бидат потребни разно-разни идоли и ќе веруваме на секој што делува така посамоуверено и убедливо…

    Поздрав🙂

    Мартинка

    02/03/2010 at 14:28


Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Промени )

Connecting to %s

%d bloggers like this: