Блогот на Богдан. Нено Богдан!

мој мејл: blogatash@yahoo.com

♦ ПЕРЦЕПЦИЈА, ПОГРЕШНА ПЕРЦЕПЦИЈА

with 14 comments

Перцепцијата што сите ја имаме за поимот „лавиринт“ е дека штом ќе влезете во него ептен тешко ќе го најдете излезот. Како што се гледа од сликата, за некои лавиринти тоа може да биде сосема погрешна перцепција.

Каква е поврзаноста помеѓу зборот „брат“ во терминот „Брат Љубе“ и зборот „молотов“ во терминот „Молотов Коктел“? Што споделуваат шекспировата драма „Ричард Трети“ и чашулевата драма „Црнила“? Што ја спојува нашата прва химна со музиката на Бах која се користи често во многу хорор филмови? И конечно, ако Али Баба се откаже од неговите 40 разбојници, дали тогаш Александар Велики ќе треба да почнеме да викаме Александар Големиот?

1. Братот и коктелот: Љубе Бошкоски често се фали дека е толку многу омилен меѓу народот што луѓето наместо го „господине Бошкоски“ повеќе сакаат да му се обраќаат со „брате Љубе“. Имено, неговата перцепција која во меѓувреме сите ја имаме прифатено е дека терминот „брат“ е позитивен атрибут. А не е!

Љубе не беше отсекогаш Брат. Стана Брат откако ја наследи „Сестра Доста“ на функцијата Министер за внатрешни работи. А таа пак стана „Сестра“ (т.е. го доби тој атрибут) откако беше обелоденета големата афера со прислушнување во раните денови на 2001та, при што поради големиот обем на целиот скандал, со стотици јавни лица како жртви на прислушнувањето, беше создаден впечаток во јавноста дека во Македонија владее тајната полиција која сите ги прислушнува.

Баш како во книгата на Џорџ Орвел „1984“ во која нели станува збор за една тоталитарна држава во која сите граѓани се под постојан надзор на тајната полиција која пак му одговара лично на владетелот на тоа тоталитарно општество, лик наречен Големиот Брат.

Бидејќи кај нас тогаш шеф на сите прислушуватели беше Доста Димовска, таа иако прилично беше „голема“ сепак не можеше да биде брат па стана Големата Сестра. А Љубе, нејзината десна рака во МВР веќе од тогаш почнаа да го ословуваат како помалиот брат на Големата Сестра, а откако тој стана министер веднаш го доби епитетот Голем Брат.

Толку често го користеа опозиционерите тоа „брат“ за него секогаш кога сакаа да потсетат на неговата вмешаност во аферата со прислушнувањето што јавноста се навикна да го вика Брат Љубе. По војната, кога Љубе ги впрегна сите сили во глорифицирање на својот лик и дело, по навика терминот „брат“ си остана закачен за името на Љубе, иако аферата со прислушнувањето набрзо речиси сосема се заборави.

Нешто слично имаме и со терминот „Молотов коктел“. Повеќето луѓе знаат доста добро што е тоа (стаклено шише полно со бензин или друга запалива течност кое што шише е затворено со крпа и самата натопена со запалива течност), но повеќето луѓе имаат сосема погрешна перцепција – поради името најверојатно – за потеклото на таа направа.

Имено, сите сметаат дека првите молотови коктели ги измислиле и така ги нарекле Русите во текот на Втората светска војна. Малкумина знаат дека Молотовиот коктел за прв пат е создаден и наречен така, баш од страна на непријателите на Русите во војна која ја воделе баш против Русите!

Имено, во 1940та година, помеѓу Советскиот Сојуз и Финска почнала војна. Армијата на Сталин се надевала дека со помош на своите многубројни војници, авиони и тенкови лесно ќе ги победи малубројните Финци, ама тоа некако многу тешко им одело. Дури, поради темелната неспособност на советските генерали и нивната меѓусебна тотална некоординираност, советската офанзива била запрена и Црвената Армија трпела страотни загуби.

Налутен поради тврдоглавиот отпор на Финците кои ја бранеле херојски својата земја, Сталин наредил руските авиони да ги бомбардираат цивилните цели во финските градови, надевајќи се така дека ќе ги натера да се предадат. Кога вестите за тоа дивјаштво ја шокирале меѓународната јавност, тогашниот советски министер за надворешни работи, Вјачеслав Молотов се „прославил“ со својата идиотска изјава дека руските авиони не фрлаат бомби врз финските градови, туку кошници со леб!

Финските бранители на фронтот некако во тоа време откриле дека со руските тенкови многу лесно можат да се справат ако само им фрлат на задниот дел шише полно со бензин затнато претходно со запалена крпа, и како одговор на изјавата на Молотов ги нарекле тие огнени бомби „Молотови коктели“ оти колку што Молотовите кошници со леб биле за јадење, толку и Молотовите коктели биле за пиење.

Подоцна кога Германците го нападнале СССР, Црвената Армија почнала да ги употребува овие направи во својата борба со германските тенкови (ова особено било ефикасно во Битката за Сталинград) користејќи го дури и истото име за нив што Финците го дале, па така се проширил митот дека станува збор за руски пронајдок чие што име има позитивна врска со Вјачеслав Молотов.

Баш колку што Љубе е брат, толку и коктелите се молотови! Ама перцепцијата си останала и се вкоренила па никој не ја гледа (ниту пак ја знае) иронијата во тие називи.

2. Позитивниот негативец или негативниот позитивец: претпоставувам дека на повеќето читатели им е познато дејствието на драмата „Ричард III од Вилијам Шекспир, а за оние на кои тоа не им е познато, да резимираме накусо: еден англиски аристократ по име Ричард имал брат по име Едвард кој се борел во една граѓанска војна за да стане крал. Во војната победил Едвард и тој бил крунисан за крал, поставувајќи го својот брат Ричард за негова десна рака во раководењето со државата.

Но Ричард сметал дека неговите заслуги за победата не биле доволно наградени, па покренал цела серија убиства и атентати, труења и масакри на политичките му противници со цел да се докопа до тронот. А штом станал и тој крал, продолжил со убиствата за да остане на таа позиција.

Но за среќа на Англија еден вистински патриот, Хенри Тјудор, кој бил и војвода од Ричмонд, ќе побегне во Франција каде што со помош на тамошните власти ќе собере голема војска со која ќе ја нападне Англија и во една крвава битка со силите на Ричард, негативецот ќе биде убиен и со Англија повторно ќе завладе праведен и законит владетел.

Ова е во во кратки црти сижето на шекспировата драма каде што не само што Ричард III е преставен како исклучително брутален тиранин, ами и луѓето што го победиле и по неговата смрт ја презеле власта (и чии наследници биле владеачката елита на Англија во времето кога Шекспир ги пишувал своите драми) биле едни напредни, модерни, разумни, хумани, праведни, прекрасни луѓе.

Тоа го вели драмата и тоа за Ричард III сите го знаат. Ама историјата зборува нешто сосема друго. Дека баш Ричард бил еден од најголемите реформатори во историјата на Англија и дека токму тој бил вистински патриот кој владеел праведно и во интерес на својата татковина и обичниот народ, а сите оние моќници кои поради неговите реформи останале без привилегии, со помош на францускиот крал (кој имал интерес Англија постојано да ја држи слаба) организирале војска составена претежно од странски платеници (Шкоти и Французи) да ја урне неговата легална и легитимна власт.

Иако народот живеел многу подобро во ерата на Ричард III одошто на неговиот наследник (поранешниот војвода од Ричмонд) кралот Хенри VII (кој кон крајот на своето владеење ја довел Англија до работ на банкрот), сепак споменот за него бил во голема мера избришан оти сите историчари и особено писатели и поети во текот на владеењето на династијата Тјудор постојано пишувале за наводните „ужасни злосторства“ што тој ги правел додека владеел.

А автентичните историски извори не само што ги отфрлаат тие обвиненија како апсурдни, туку и докажуваат дека многу од луѓето за кои во драмата на Шекспир се тврди дека биле убиени од страна на Ричард, всушност биле убиени подоцна, во времето на владеењето на Хенри!

И ние си имаме наш Ричард III, а тоа е кој друг ако не Тодор Александров. Како што Ричард бил вистински англиски патриот, кој додека ја имал моќта направил сѐ за да неговата земја и народот напредуваат и живеат подобро, така и Тодор Александров направил сѐ додека бил жив и имал моќ, за интересот на македонската револуционерна борба и крајната цел – создавање на независна македонска држава.

Арно ама, поради неговото учество (заедно со целокупната тогашна „армија“ на ВМРО) во задушувањето на комунистичкиот бунт од 1923та во Бугарија, тој станал омразен лик кај сите комунисти и непријатели на македонската слобода, па во Југославија по доаѓањето на власт на Тито, еден слуга на режимот ќе биде ангажиран да ја напише драмата „Црнила“ во која преку бесрамно фабрикување на околностите поврзани со атентатот врз Ѓорче Петров, ликот на Александров (имплицитно) ќе биде преставен во едно сосема негативно светло.

Интересна работа со авторот на „Црнила“ е што истиот тој човек, Коле Чашуле, инаку подоцна прилично истакнат драматург и автор на разновидна литература, својата кариера на слуга на југословенскиот комунистички режим ја почнал како обвинител на судењето на Методија Андонов Ченто. Да, ако не сте знаеле, авторот на „Црнила“ е истиот тип што Ченто го пратил на Голи Оток!

Во денешната Англија ликот и делото на Ричард III сѐ повеќе се ослободува од перцепцијата што за него ја има создадено драмата на Шекспир и многубројните филмски адаптации базирани врз неа. Но, во Македонија процесот на ослободување од негативната перцепција создадена околу ликот и делото на Тодор Александров сеуште трае.

3. Врховисти и вампири: ова ќе биде кратко парче, оти главната идеја тука е во слушањето а не во читањето. Првин за вампирскиот дел:

Нема човек што не слушнал за композиторот Јохан Себастијан Бах, или барем ако не слушнал за него, слушнал сигурно некоја негова композиција. Не мора да слуша човек класична музика, доволно е да изгледал барем еден хорор филм со вампири или куќи опседнати со духови, за да ја има слушнато оваа мелодија, која се вика официјално „Токата и фуга во Де минор“ (и која што можете да ја слушнете со кликање на линкот). Толку е позната што ја има како рингтони на мобилните, па и во некои видео игри, ама сепак сите ја знаат како „… онаа страшната музика од вампирските филмови“.

А Бах кога ја создал воопшто немал намера таа кај луѓето што ќе ја слушаат да предизвикува страв од вампири. Бидејќи е предвидено да се свири со оргули, и е толку добро направена што нема свирач на оргули што ја нема во својот репертоар, таа оригинално требало да се изведува во црквите за време на богослужбите!

Значи, стотици години, оваа мелодија била поврзувана со религиозни церемонии и немала ама баш ништо заедничко со Силите на Злото (вампири, сеништа). Но, во XXиот век, поради глупотијата на холивудските режисери и сценаристи, оваа мелодија ќе почне да се користи како звучен ефект во сите нивни хорор филмови, па кај публиката е создадена перцепцијата дека музиката е страшна. А не е, оти Бах ја напишал да се свири во црквите!

И кај нас во Македонија имаме сличен случај, тоа е песната „Изгреј зора на свободата“. Своевремено за слушање на оваа песна се одело во затвор, а денеска за нејзиното слушање се оди на интернет. Бидејќи ова е блог и го читате од вашиот компјутерски екран, еве ви еден линк до клип на јутјуб од таа убава борбена песна.

Која што била толку убава и толку борбена што на Првото заседание на АСНОМ, баш она заседание на кое водачите на македонското партизанско движење се состанале во манастирот „Св. Прохор Пчињски“ и ја прогласиле Македонија за независна држава, била изведена.

Пред да го направат историскиот државотворен чин, сите присутни делегати станале од столовите и во став мирно (некои и со раката врз срцето поставена) ја испеале првата химна на Македонија, песната со наслов „Изгреј зора на свободата“. (за оние што мислат дека „свобода“ е бугарски збор нека отидат во музејот во Берово каде на знамето на востанието кое самите востаници го нарекувале „македонско востание“ може да го прочитаат тој збор како дел од паролата „станете да ве освобода“)

Во текот на војната Кочо Рацин (да, баш тој Кочо Рацин со „Белите мугри“) ја препеал на велешки дијалект (оригинално била напишана на дијалектот на Македонците од Пиринскиот крај) но и двете македонски верзии се „исчезнати“ и денеска е останата само верзијата на бугарски јазик.

Како и да е, на АСНОМ делегатите (меѓу нив Ченто и Брашнарев) ја пееле оваа песна како химна на македонската држава, а во текот на војната нели, ја препеал Кочо Рацин во форма за која може да претпоставиме дека била доста блиска до денешниот македонски литературен јазик.

До ден денешен, во нашава држава, има голем број на бесконечно глупави луѓе со измиени мозоци и – да, да, погрешна перцепција – кои ја сметаат оваа песна за врховистичка химна и бугарашка творевина. Небаре Ченто, Брашнарев и Рацин биле сите бугараши!

Патем, авторот на сегашната химна на Македонија, Владо Малески е татко на Денко Малески, човекот што во 1993та беше директно вклучен како министер за надворешни работи во формулирањето на референцата Бивша Југословенска Република Македонија, која до ден денешен е навреда за секој Македонец.

Лазо Колишевски пак, човекот што владееше со Македонија по падот на Ченто, своевремено им ја отстапи територијата на која се наоѓа манастирот во кој е одржано првото заседание на  АСНОМ на Србите, и до ден денешен таа зграда се наоѓа на територијата на Република Србија.

А токму по наредба на Колишевски е и извршена смената на првата химна со втората химна, онаа чија мелодија и делумен текст и денеска е официјалната химна на нашата држава.

4. Отвори се Сезаме и гледај велик сеир: и така дојдовме до Али Баба, оти неговото име е неразделно поврзано со разбојници и тоа ни помалку ни повеќе, туку четириесет на број.

Повеќето луѓе денеска кога ќе ја чујат фразата „Али Баба“ веднаш помислуваат на „40 разбојници“ и по таа основа во нивниот ум се создава слика на голема банда на криминалци кои на црни коњи јаваат низ пустината и на чие чело стои нивниот главен разбојник, фамозниот и злогласниот Али Баба.

А кога само би се потрудиле тие луѓе да ја прочитаат приказната од „1001 ноќ“ во која се споменува тој човек, разбојниците и пештерата чија порта се отварала со барањето „Отвори се Сезаме“ и во која биле сокривани сите скапоцености што бандитите ги краделе! (всушност не „сезам“ ами „симсим“ стои во арапскиот оригинал – што пак е арапски збор за растението од кое се добиваат семките на сусамот, кои нели на кифлите и ѓевреците се посипуваат, ама и тука погрешната перцепција е вкоренета, па и ние ја знаеме фразата како „Отвори се Сезаме“)

Кога би ја прочитале таа приказна значи, би сфатиле дека Али Баба е позитивниот лик во неа и дека не само што тој не ги предводи разбојниците, туку е и нивниот главен непријател, кој со помош на неколку свои роднини и пријатели ќе им стави крај на овие криминалци и нивното богатство ќе го земе за себе и ќе почне добри дела да прави со тие пари.

Значи Али Баба не бил разбојник ами чесен човек и борец против разбојниците! Исто како што Александар Велики не бил педер, туку човек што исклучително многу ги сакал жените, и ги презирал хомосексуалците, како што тоа толку елоквентно и поткрепено со историски факти го објаснив јас своевремено во една моја колумна.

Ама Ацика наш, големиот маж, е Велики, оти „велики“ не е српски збор, како што многу луѓе сметаат погрешно! Оти да беше тоа српски збор, ќе требаше Бугарите да се откажат од својот град Велико Търново, Украинците да не ја користат титулата Великий князь, Белорусите титулата Вялíкі князь, Чесите титулата Velkokníže и Полјаците титулата Wielki książę. Во сите овие јазици зборот „велики“ или негова незначителна варијација има исто значење.

А ако се има во предвид дека главните луѓе во Античка Македонија, политичката елита така да се каже, биле нарекувани (според грчката транскрипција) „Пелиганес“ тоа ни дава за право да сметаме дека зборот „велики“ (кој е корен на нашиот денешен збор „великан“) е со автентично македонско потекло!

Транскрипцијата на зборот е од грчкиот јазик, оти од антиката сите историски записи се на грчки пишувани. Старите Грци често знаеле „п“ со “ф“ да ја мешаат (фараонот Кеопс имал титула во оригинал „пер аа“ и името му било на египетски Куфу), и на секој збор додавале наставка „ос“ или „ис“ или „ес“ па така зборот „пелиганес“ комотно може да сметаме дека можеби старите Македонци го изговарале како „феликан“. Од „феликан“ до „великан“ колку има разлика? 2300 години можеби?

Впрочем, од мисирковото прашање „Шчо направифме“ до неговиот превод на стандарден литературен македонски јазик „Што направивме“ колку години се поминати?

Да резимираме: Александар е Велики баш затоа што е човекот е Македонски а зборот е македонски, ама перцепцијата која со децении ни е наметнувана нам преку образовниот систем ја има создадено одбојноста кон тој атрибут кај повеќето Македонци. Како впрочем и за другите работи споменати во текстов. А и за други работи кои не ги имам споменато до сега, но ги оставам за некои наредни колумни.

Очигледно, пред човек да почне да донесува одлуки за сериозни прашања врз основа на информациите што ги има и перцепцијата што ја стекнал за тие информации, треба убаво да проучи како дошол баш до тие информации и баш до таа перцепција, оти од половични информации често се добива сосема обратна перцепција од реалната.

На пример, дали сте знаеле дека нашата кирилична азбука има 32 букви (а не 31 како што нѐ лажеа во школо)? Ако помисливте дека сум кажал тешка глупост во претходната реченица, ѕирнете ја мојата колумна од пред две години „Треска, Вардар, ние и Грците“. Ако ви допадна денешната колумна, таа уште повеќе ќе ја бендисате.

.

П.С: Во недела попладне, во знак на извинување за каснењето на колумната од претходниот четврток, ќе објавам една бонус колумничка, кратка и убава со наслов „Контекст“. А со редовно темпо продолжува блогот од наредниот четврток, повторно на тема за неразмислувањето, во колумна насловена „Фатализмот е фатален

14 Responses

Subscribe to comments with RSS.

  1. Ах бе нено, кај те боли бе нено?
    Голема мака си имаш!
    Колку за информација, постои свет и отаде Бугарија и отаде Грција. Прилично е голем!🙂

    peronakov

    26/02/2010 at 08:42

    • Да бе Перо, навистина постои свет отаде Грција и Бугарија.

      А ете јас за србинот Ричард Трети и за Советско-Финската војна која се водела во Пелагонија и за музиката на гркот Бах и за бугаринот Али Баба зборам во текстов.

      Ах, тој пусти свет голем.

      Кога некој како тебе Перо, го гледа од жабја перспектива, уште поголем делува.

      • Брат Љубе -> Сестра Доста -> Бугарија
        Шекспир -> Рикардо -> Александров -> Бугарија
        АСНОМ -> „Изгреј зора на свободата“-> Рацин -> бугараш -> Бугарија
        Црнила -> Чашуле -> Ченто -> бугараш -> Бугарија
        Ти викам ја таму некаде ти запира хоризонтот!🙂

        peronakov

        26/02/2010 at 15:00

        • Ах, Перо, сега видов од твојот блог имаат дојдено 20 посетители.

          Мислејќи дека ме брукаш, ти само бесплатна реклама ми правиш.

          Абе Перо, ти и Роберто Беличанец сте ми најдобри публицисти.

  2. Нено, можеш да го додадеш и случајот со Борис Елцин и историската фотографија на која се гледа како качен на тенк држи говор пред насобраните протестанти. Цел свет беше уверен во „храброста“ на Елцин иако тенковите всушност дошле во негова поддршка! Но, перцепцијата остана до денес…

    alexandro

    26/02/2010 at 11:02

    • Фала за примерот, а не е само тој таков.

      На пример, пред некоја година кога беше убиена новинарката Ана Политковскаја во Русија, имаше луѓе што тврдеа дека тоа е направено по наредба на Путин, за да се сокрие неговата улога во геноцидот во Чеченија.

      А токму благодарние на Путин во Чеченија колку толку се воздржуваат Русите од масовен геноцид. Да беше некој друг на власт, досега Чеченците ќе беа истребени.

  3. Овој Пеци изгледа алудира на Татарстан, тој е “отаде” Болварија. Ти си интересен феномен, пријателче. Еве ти наградно прашање, размисли малку логички – што ќе кажеме за човек кој секојдневно дреме на блогерај пропагирајќи бесмислени тези и дружејќи се со платеници на соседната ни држава кои се толку интелигентни што сметаат дека ќе ја просветлат изгубената нација во ФИРОМ која конечно ќе ја сфати вистината за своето бугарско потекло?

    robertmacedonia

    26/02/2010 at 13:00

    • Ма остај го Перо, болен е човекот, ова му е како терапија🙂

      А не помалку мрднати се и авторите на оваа „бугарска“ песна:

      Абе болни, болни, болни луѓе!

      Хајлајт: „ако некој рече Блгарија е мала / има уште ОСУМ дела / за да биде цела“

      Уште осум!?????

      Чеда сме на Аспаруха, гордост најблгарска😆

  4. Врз какви ли (несигурни) темели ги градиме нашите цврсти верувања, убедувања и судбини…
    А, колку малку всушност знаеме, и плус пола и повеќе не е ни точно :))

    Многу интересен напис, благодарам!

    Мартинка

    02/03/2010 at 14:45

    • Фразата „историски факти“ е еднаква по вредност како фразите „ладен оган“ или „темна светлина“ или „громогласна тишина“…

  5. Нено, твоите текстови ме одушевуваат. Не оставам коментар затоа што од твоите колумни учам, а и за да не развивам дијалог со злонамерни глуперди од категоријата на Перонаков, барем не под твоиве текстови.

    Kiril Drangov

    03/03/2010 at 21:49

    • Фала, фала🙂

      А и за презимето „Дрангов“ имаат многу Македонци погрешна перцепција.

      Очигледно перачите на умови своевремено темелно си ја завршиле работата.

  6. Нено, ако е за мене линкот, нема потреба. Ти си ми понеделничко колаченце. За да ми тргне неделата убаво, доаѓам на класен час (од оваа страна на кетедрата), вклучувам компјутерот, и право ѕиркам што ново напишал Нено. Фала што и ти ѕиркаш кај мене, а се радувам што имаме слични размислувања.
    Поздрав

    Билјана

    04/03/2010 at 21:42


Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Промени )

Connecting to %s

%d bloggers like this: