Блогот на Богдан. Нено Богдан!

мој мејл: blogatash@yahoo.com

♦ КОНТЕКСТ

with 4 comments

Само во Македонија, само во последниве четири години, само поради изборот на бои, овој часовник може да биде протолкуван во некаков политички контекст. Инаку, ширум светот, ова е само часовник и ништо повеќе.

Не знам колку ќе се согласите со мене, но јас мислам дека практично ништо што се прави или што постои нема значење само по себе, без да се стави и анализира во одреден контекст. Сакам да кажам, една иста работа во една ситуација може да биде протолкувана сосема спротивно од таа сосема иста работа ставена во сосема друга ситуација. Еве неколку ситуации кои ќе послужат за подобра илустрација на претходно кажаното:

1. Контекст: во еден музеј на современата уметност… всушност музеј на ептен современата и авангардна уметност, во главната сала се има собрано многубројна публика составена од еминентни познавачи и љубители на модерната и авангардната култура.

Пред нив, на простор што условно може да се нарече „сцена“ има поставено едно платнено вреќиче на кое е нацртан знакот на американскиот долар. Демек, тој предмет треба да го илустрира она што…

… еден човек преку чинот на уринирање врз него – пред очите на публиката – сака да го прикаже за зло, за непријателско, за нехумано. Да изрази протест значи уметникот кој преку актот на перформанс арт радикално сака да раскрсти со догмите на модерната цивилизација која во името на профитот дозволила да се отуѓи свесното од потсвесното и да предизвика рушење на вкоренетите моралните норми.

Значи, човекот застанува пред публиката на сцената и го вади органот и си уринира врз ќесето означено со знакот за долар. Откако три пати ќе го протресе органот, го враќа назад во пантолоните и го закопчува шлицот. И си заминува од сцената.

Публиката е вџашена но и фасцинирана од тој брилијантен уметнички чин кој има толку длабока порака па го поздравува со бурен аплауз. Тоа е перформанс арт. Утре за таа престава ќе пишуваат весниците, а снобовите кои не биле присутни со месеци ќе раскажуваат за неа и за своите впечатоци.

2. Контекст: зад зградите во Порта Буњаковец во Скопје, голема група на млади луѓе се има собрано пред влезот на грчката амбасада и огорчено протестира против најновата провокација на властите на таа држава кон македонскиот национален идентитет и достоинство.

Пред нив, на простор што условно може да се нарече „тротоар“ има поставено едно парче платно кое е всушност знамето на Република Грција. Демек, тој предмет треба да го илустрира она што…

… еден човек преку чинот на уринирање – пред очите на насобраните – сака да го прикаже за зло, за непријателско, за нехумано. Да изрази протест значи човекот кој преку чинот на уринирање врз државниот симбол на Грција радикално сака да протестира против односот што таа држава го има кон Македонците.

Значи, човекот застанува пред стотинате демонстранти на тротоарот и го вади органот и си уринира врз платното т.е. грчкото знаме. Откако три пати ќе го протресе органот, го враќа назад во панталоните и го закопчува шлицот. И си заминува без збор од местото на настанот.

Присутните во првиот миг се вџашени но истовремено и фасцинирани од неговата храброст и решителност и го поздравуваат дрскиот чин со бурен и долготраен аплауз. Тоа е патриотски чин. Утре за тој инцидент ќе пишуваат весниците, а аналитичарите и експертите кои не биле присутни со месеци ќе раскажуваат за него и за својата згрозеност и како тоа нешто сигурно ќе нѐ одалечи од европските интеграции.

3. Контекст: во еден верски објект по повод некој значаен верски празник од дотичната религија се присутни многубројни верници кои нестрпливо очекуваат да започне церемонијата.

Пред нив, на просторот што условно може да се нарече „олтар“ има поставено една дрвена плоча на кое е нацртан главниот симбол на нивната вера. Демек, тој предмет треба да го илустрира она што…

… еден човек преку чинот на уринирање – пред очите на верниците – сака да го прикаже за зло, за непријателско, за нехумано. Да изрази протест значи еретикот против нивната вера и против сѐ што таа вера преставува и симболизира.

Значи, човекот застанува пред верниците на олтарот и го вади органот и си уринира врз плочата означена со верскиот симбол. Откако три пати ќе го протресе органот, го враќа назад во панталоните и го закопчува шлицот. И си заминува надвор од видокругот на присутните.

А тие во првиот миг се вџашени но веднаш потоа побеснуваат до последен човек. Моќен крик на негодување се крева од сите грла и тргнуваат во потера по престапникот. Ако го фатат, не му бега јавен линч. А утре за тој настан ќе пишуваат весниците, а оние кои за настанот ќе се информираат од медиумите со месеци ќе раскажуваат за тоа и ќе советуваат како да се избегнат такви инциденти во иднина.

4. Контекст: во својот сопствен стан, во својот сопствен тоалет, еден човек влегува со желба да се ослободи од вишокот течности во неговиот организам. Го откопчува шлицот, го вади органот и уринира на соодветното место.

По завршувањето на тој чин, видно олеснет, човекот пушта вода, си ги мие и брише рацете и потоа излегува од тоалетот гасејќи го светлото.

И никому ништо.

Ниту весниците ќе пишуваат за тоа, ниту пак некој ќе го раскажува и прераскажува тој настан во месеците што идат. Тој чин нема да предизвика влошување на и онака кревката стабилност, нема да ја оддалечи земјава од евроатлантските интеграции и нема да биде протолкуван како длабок духовен крик на еден несфатен, а истовремено авангарден уметник.

*

Каква врска има сево ова претходно кажано во колумнава со било што од она што се случува во Македонија? Има многу врска, има.

Почнувајќи од проблемот за името што го имаме со Грците, преку бројот на невработените и висината на пензиите, содржината на ток-шоута на телевизија, законите што ги донесува парламентот, прашањето дали Александар Велики бил позитивен или негативен лик, песните што се пеат на фестивалите, па сѐ до проектот Скопје 2014та и дури и временската прогноза за идната недела.

Просечна температура од 20 степени е топло за зима, ама ладно за лето. Пензија од 300 евра месечно е солидна сума за сиромашна земја како Македонија, ама со тие пари е невозможно да се преживее во Германија. Да не беа Грците дел од ЕУ, а ние да бевме, немаше ние да имаме со нив проблем за нашето име, туку тие со нас за нивното, оти имаме село во близина на Скопје што се вика Грчец! Александар во однос на својата епоха бил исклучително прогресивен и позитивен лик. Оние што сега се бунат против предвидените градежни активности околу плоштадот не се бунат против зградите и скулптурите, туку против оној политичар што го наложил тој проект. Она што за нашата конзервативна публика е шокантно во некоја забавна емисија, за либералните гледачи во Западна Европа е дури и здодевно и банално.

Секоја работа треба да се гледа во контекст. Па дури и кога нема ниту една работа и кога баш ништо не се случува, и тоа треба да се гледа во контекст.

.

П.С: Како што најавив во претходната колумна, денешниот текст е само бонус и не е дел од редовната програма на мојот блог. Малку е философски (некој би рекол и тупаџиски), ама па и без такви колумни не се може. Во четврток, во редовниот термин, очекувајте ја редовната колумна со наслов „Фатализмот е фатален“.

До тогаш, поздрав😆

Written by nenobogdan

28/02/2010 at 15:40

Posted in Uncategorized

Tagged with

4 Responses

Subscribe to comments with RSS.

  1. Олеснителна околност во врска со „контекстуалноста“… што повеќе ги има, толку појасна станува сликата🙂

    oksimoron

    03/03/2010 at 14:30

  2. Па да, од колку повеќе агли го гледаш некој предмет, толку подобра слика добиваш за него. Пореална слика барем.

    Оти, не секогаш е „добра“ реалната слика.

    Понекогаш знае да биде и многу грда баш реалната слика.

  3. Сите мислат дека размислуваат со своја глава, ама всушност ретко кој го прави тоа..
    Што повеќе стареам и го осознавам светов, се повеќе сфаќам колку сме луѓето – практично навистина како „овци“.🙂
    Поздрав!

    Мартинка

    04/03/2010 at 12:19

    • Сигурно ја памтиш онаа легендарна сцена од „Монти Пајтон: Животот на Брајан“

      тој: You are all different!

      сите заедно: YES, WE ARE ALL DIFFERENT!!!!

      А само еден тип вели: „I am not”


      😆😆😆😆


Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Промени )

Connecting to %s

%d bloggers like this: