Блогот на Богдан. Нено Богдан!

мој мејл: blogatash@yahoo.com

♦ ФАТАЛИЗМОТ Е ФАТАЛЕН

with 6 comments

Што е чиче, што те мачи? Слабо родила нивата? Е па, сигурно дека ќе роди слабо, кога не си ја изорал и наѓубрил како што треба, не си засадил саглам семе, и не си ја наводнувал во текот на летните месеци. Е сега нема род? Е па ќе нема.

Фатализмот не мора да биде само верба во тврдењето дека судбината е предоредена и ништо не може да се направи за да се подобри или влоши исходот на нашите активности. Фатализмот е повеќе од тоа. Тој е ирационална верба дека партиската или расната или националната или верската припадност или нивото на образование или степенот на богатство или било која една особина е единствениот релевантен фактор и дека личната посветеност и волјата за успех немаат никакво значење.

1. Фатализмот е главна пречка за соодветни подготовки: водачот на опозицијата застанува пред неколку илјади свои најверни приврзаници за да го одржи завршниот говор и да ја затвори предизборната конвенција на која неговата партија / коалиција ги промовирала своите кандидати за престојните избори.

Но, наместо да им кажува лаги и да им продава стерилна демагогија како сто пати до сега што правел, тој решава оваа вечер искрено да им каже што му лежи на срце и да им го изложи својот план за нивниот успех:

„Почитувани пријатели, сопартијци и сопартијки, знам дека некои од вас се загрижени што немаме напишано вистинска програма, немаме дефинирано како точно тоа што им го нудиме на избирачите ќе можеме да реализираме. Знам дека многумина од вас се уверени дека гласачите многу добро паметат како владеевме ние во претходнио мандат, и дека тие спомени не им се убави. Знам дека знаете оти анкетите – сите анкети! – велат дека нашиот рејтинг и покрај лошото владеење во изминативе неколку години на овој ненароден режим, сеуште е многу низок и дека ниту еден здрав во умот човек не верува дека ние имаме било каква шанса за победа. Но ние ќе победиме, без оглед на сѐ…“ – и тука громогласен аплауз и скандирање на неговото име го прекинува неговиот вдахновен говор, но тој веднаш продолжува:

„А знаете ли како знам дека ќе победиме? Оти меѓународната заедница е на наша страна. Знаете ли вие што значи да е меѓународната заедница на ваша страна? Не дозволувајте да ве замајуваат провладините медиуми дека народот ќе одлучувал на избориве, не, тоа се само лаги. На наша страна е Западот, и ние просто и да не добиеме доволно гласови, тој семоќен Запад ќе направи невиден притисок и ние ќе ја формираме новата влада!“ – со овие зборови лидерот ги уверува конечно своите приврзаници во неговиот премудар и безгрешен план.

А тие возљубени во неговиот светол лик и дело и темното му одело, бурно ракоплескаат и го скандираат цели десет минути неговото име.

Е тоа е фатализам кој спречува да се направат соодветни подготовки за да се постигне победата. Ист таков фатализам ги водел Германците во Втората светска војна кога ја нападнале Русија. Верувале дека сите други фактори што може да се испречат на патот на нивниот успех се небитни, оти тие сепак биле „чиста раса“ и „надлуѓе“ и дека Русите што и да направат нема да можат да ги победат. Затоа, во раните денови на есента 1941та Хитлер лично забранил да се достави зимска облека до неговите трупи на фронтот во Русија, оти не сакал некој да си помисли дека победата нема да биде извојувана до почетокот на зимата.

Слично на тоа размислувале и Американците кога испратиле војска составена главно од деца кои вчера излегле од средношколските клупи да водат војна во Виетнам со тамошните герилци кои веќе десет години воделе борби со разни непријатели во џунглите и имале насобрано огромно знаење и искуство за тој вид војување. Американците биле водени од фатализмот дека нема шанси некои си таму „косооки дивјаци“ и „сејачи и јадачи на ориз“ да ги победат нив, цивилизираните!

Луѓето кои се убедени дека имаат висок коефициент на интелигенција сметаат дека нема потреба да учат напорно за да положат некој испит. Луѓето кои се убедени дека имаат атлетско тело не трошат премногу време на физички подготовки и набивање кондиција пред значајните спортски натпревари. Луѓето кои се убедени дека се пребогати не влегуваат во ниту една работа со детален план, туку веруваат дека секоја препрека ќе може да ја решат со фрлање доволно пари врз проблемот.

Тоа е темелно погрешен начин на размислување.

2. Фатализмот ја спречува флексибилноста: лидерите на албанските партии во нашата земја се навикнати гласачите од својот етникум да ги ќаруваат врз основа на тоа кој ќе понуди пошовинистичка реторика и кој преку закани и уцени ќе успее повеќе да ги понижи Македонците.

Штом еден лидер на една албанска етничка партија ќе доживее дебакл на изборите, тој пристапува кон ескалација на својата „патриотска“ демагогија. Демек, тоа е оправдано, оти ако досега на такви финти се ќарувале гласови, зошто од сега би било поинаку.

Но тогаш, границите на државата прилично широко се отвораат и токму припадниците на неговата етничка заедница масовно ја напуштаат земјава, одејќи во Западна Европа водени не од желбата таму нивните деца во прво одделение да не мораат да го учат службениот јазик на државата во која живеат, туку – од чисто економски причини, за да видат и тие конечно бел ден, да заработат некоја паричка за себе и за своите фамилии.

А овде нивните „лидери“, изненадени и шокирани од тоа што нивниот народ буквално побегнал од нив, наместо да закочат нагло во своите глупости и да се фатат со економски прашања да се занимаваат, тие си продолжуваат со шовинизмот.

Е тоа е фатализмот кој ја спречува флексибилноста. Истиот фатализам што Персијците ги водел во три последователни порази во трите големи битки со Александар Велики. Три пати тие се обиделе на сосема ист начин да се справат со македонскиот војсководач, и три пати на сосема иста финта биле поразени.

Нив ги носела мислата дека толкава империја изградиле со тој начин на водење на борба, толку голема моќ и богатство акумулирале, што немало основа да ја менуваат стратегијата сега, само поради тоа што некое си детиште на чело на некоја си минијатурна армиичка дојдена од некоја си петпарачка државичка од нецивилизираниот Запад ги поразил еднаш или два пати.

Така размислуваат коцкарите кои после десетина добиени облози почнуваат да веруваат дека имаат среќен ден и дека штом среќата до сега ги следала, веројатно нема да ги напушти допрва. Па дури и да изгубат ненадејно некој ситен облог, не е тоа ништо страшно, тоа е само камен на патот кој е рамен и води право кон џек-потот. И ако и уште еден ситен облог загубат – нема врска, среќата до сега ги сакаше, зошто не би ги сакала и понатаму. И потоа ставаат уште еден ситен облог убедени во својата среќна рака, и уште еден ситен облог, и уште еден ситен облог –  и губат сѐ.

3. Фатализмот е кочничар за секоја рационална кадровска политика: „шо ќе ми се интелигентни луѓе у партија, коа нема на квиз да идам со нив“ – е фразата која му се припишува на еден многу значаен политичар во нашата држава.

Истиот тој многу значаен политичар својата кадровска политика во својата партија постојано ја водеше по принципот „не е битно шо знаеш, битно е кого знаеш“. И затоа основниот модел на напредување во хиерархијата не беа способноста да се објасни партиската програма пред гласачите или компетентноста за вршење на некои јавни функции штом ќе се дојдеше на власт, ами непотизмот, пријателските врски и препораките од олигарсите што ја спонзорираа партијата.

Тука фатализмот се гледа во фактот што не сметаше лидерот дека му треба силна партија за да тој дојде на власт, туку дека на партијата ѝ треба силен лидер, за таа да дојде на власт.

А силна партија не е исто што и партија на послушници и полтрони, оти сите полтрони по дефиниција се неспособни луѓе. И затоа логиката која конечно ја уништи секоја шанса тој да биде повторно релевантен политичар е: „не ми требаат паметни луѓе, ми требаат лојални луѓе околу мене“.

Тоа е фатализмот кој спречува рационална кадровска политика. Токму тој фатализам го водел Сталин во 1938та година да нареди апсење и стрелање на практично целокупниот офицерски кадар на советската армија и да ги замени тие луѓе со своите полтрони и верни приврзаници. Кога по три години од тие чистки Германците го нападнале царството на Сталин, за само неколку месеци половина од руската армија била збришана во битките, а непријателот стигнал до портите на Москва.

Имал среќа Сталин (а и неговите робови, граѓаните на СССР) што не биле баш сите способни офицери испоубиени во чистките. Оние малкумина што преживеале биле вратени од далечните источни фронтови од јужен Сибир каде ја чувале границата од јапонски напад, и токму под нивно водство ќе биде запрен напливот на нацистите и подоцна војната ќе биде добиена.

Но по цена на милиони жртви од руска страна, кои жртви можеле да бидат избегнати ако не бил воден Сталин до фаталистичкото верување дека Русија не може да биде освоена, па нема врска дали генералите на нејзината армија се способни или не.

Фатализмот навистина е фатален.

4. Фатализмот не дозволува правилно „славење“’ на победите и поразите: она што мене длабоко и искрено ме чуди е како може да има луѓе во земјава што веруваат сеуште дека комунизмот беше добра идеја но дека погрешни луѓе го спроведуваа и дека само затоа пропадна. И кога само би можело да се најдат вистинските луѓе што вистинскиот комунизам искрено ќе го спроведуваат, е дури тогаш и мед и млеко би протекле и рај на земјата би настанал.

Тоа е фатализмот кој можеме идеолошки фатализам да го наречеме. Вербата на многу луѓе дека идејата не може да биде погрешна, само луѓето може да бидат погрешни. Тоа е е вербата дека ЦИА, Масоните, Ватикан, светскиот заговор на Илуминатите, Билдербергите или кој знае уште кои други мрачни сили го поразиле комунизмот, а не дека самиот тој комунизам беше темелно погрешен како економски систем и дека банкротираше сам од себе не можејќи да парира економски на капиталистичкиот блок.

Не дека и луѓето што се радуваат на падот на комунизмот се нешто помалку фаталисти. За повеќето од нив, комунизмот не паднал поради тоа што бил заснован на погрешни економски претпоставки, ами поради тоа што бил атеистички. И затоа, не е проблемот во левичарските идеи, не е доказ за правилноста на слободниот пазар падот на СССР и Југославија, ами тоа е само потврда дека социјализмот и неговите глупави политики се можни само и само ако се спојат со христијанството.

И така, во нашата земја, а и ширум Европа па и во денешна Русија, имате луѓе кои не се комунисти (затоа што се религиозни), ама сепак се левичари – оти се убедени дека комунистите беа поразени оти не веруваа во Бога.

Менталитетот што од еден човек прави истовремено и левичар во економски поглед и атеист во религиозен поглед и непатриот во политички поглед, детално го објаснив во мојата колумна „Зошто левицата никогаш не може да биде патриотска“.

А што друго да кажам за крај на оваа колумна освен дека вербата дека не може да се падне од власт и дека народот вечно ќе гласа за дотичната партија ги тера некои политичари да веруваат и дека со фрлањето на милиони евра за изградба на стаклени куполи врз зградата на Парламентот или водоскоци среде Вардар додека имаме студенти што живеат во студентски домови што се под стандардите на штали и цели градови во кои лете нема со денови и недели вода за пиење, нема ама ич да се одрази врз резултатите од наредните избори.

Од фатализмот никој не видел аир. Зошто паметни луѓе би пристапувале кон толку значајни работи како што е раководењето со држава толку фаталистички, не разбирам. Имам некои претпоставки изнесени низ претходните колумни на мојот блог, па кој сака да чита – нека ѕирне таму.

.

П.С: Наредниот четврток очекувајте ја колумната „Неколку погрешни бројки“. Таа е своевидно продолжение на колумната од минатиот четврток „Перцепција, погрешна перцепција“ само што во оваа нема да стане збор за погрешната перцепција за некои зборови, имиња и песни, ами за погрешната перцепција за некои општоприфатени бројки. Не пропуштајте!

До четврток, поздрав😆

6 Responses

Subscribe to comments with RSS.

  1. Ауу ме уби со ова – “Луѓето кои се убедени дека имаат висок коефициент на интелигенција сметаат дека нема потреба да учат напорно за да положат некој испит.”🙂 Цело средно јас не се сеќавам дека учев некогаш социологија или филозофија, едноставно слушав на час и можеби некогаш ја читав лекцијата. Можеби🙂 Сериозно, точно е ова цитираново, како и целиот текст и ако не сака некој да го прифати нека си рече само – “кога без учење можам олку да постигнам, замисли колку би постигнал со малку повеќе учење”. Тоа им помага на некои луѓе🙂 Ова ми се допаѓа најмногу – “…ирационалната верба дека…личната посветеност и волјата за успех немаат никакво значење.”. Најважни се личната посветеност и волјата за успех. Дури, можеби и ептен радикално, јас често велам низ муабет со другарите дека човек кој не се усовршува континуирано себе си во текот на животот, кој не поминува значаен дел од денот надградувајќи го своето знаење и способност (на сметка на денгубењето на фејсбук или кафиња секојдневни по кафулиња) е обичен губитник. На сите нам би ни било полесно да се препуштиме на уживањата – кафиња дење, дружење, секоја вечер диско, филмови и телевизија нон-стоп, но тоа е исто како со цигарите или било кој порок – не си фаца ако го правиш, фаца си ако можеш да му одолееш. Исто многу смешно ми е кога ќе речат дека не можат да ги остават цигарите. Не е тоа “не можам”, тоа е “не сакам”. Никој студент не претпочита читање и учење по цели денови, кога надвор врие од луѓе. Но оној кој ќе може да се спротивстави на желбите вреди многу повеќе од останатите.

    robertmacedonia

    06/03/2010 at 21:42

    • Е тоа „Луѓето кои се убедени дека имаат висок коефициент на интелигенција сметаат дека нема потреба да учат напорно за да положат некој испит” ти го кажувам од лично искуство дека е вистина.

      Човек ќе може да сфати кај се наоѓа додека не се изгуби😆

  2. Фаталистичкото размислување е уште една од препреките на „патот до вистината“, или барем појасното согледување на нештата во животов…

    И, како и речиси се друго, е личен избор…

    Поздрав!🙂

    Мартинка

    08/03/2010 at 10:52

    • Секој избор е личен избор.

      Дури и кога избираме во името на некоја поширока група, тоа го правиме лично, самите утврдувајќи што мислиме дека сака групата.

      Дури и ако ја прашаме групата со гласање, пак заедничкиот избор е производ на личните избори на секој поединец.

      Дури и кога изборот го правиме со фрлање паричка, и тоа е личен избор – дека ќе го прифатиме она што паричката ќе ни го „каже“.

      Поздрав Мартинка😆

  3. Мене најчуден ми е фатализмот од типот „после мене – потоп!“🙂
    Има луѓе кои се убедени дека се незаменливи, дека само тие знаат и умеат, дека се би пропаднало доколку не се тие таму, доколку нештата не зависат од нив и нивната одлука. Е, тој фатализам е најштетен од сите😉
    Поздрав Нено🙂

    oksimoron

    20/03/2010 at 00:07

    • Знаеш Окси кое би требало да биде мотото на Дирекцијата за справување со кризи. (онаа што оди на терен после пожари, земјотреси, поплави..)

      „После потоп – ние!“

      Јако е, а и сосема точно. Тие доаѓаат на терен после катастрофата.


Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Промени )

Connecting to %s

%d bloggers like this: