Блогот на Богдан. Нено Богдан!

мој мејл: blogatash@yahoo.com

♦ ПОД СТАКЛЕНО ЅВОНО

with 7 comments

За некого се вели дека е „под стаклено ѕвоно“ доколку е во таква состојба да не може да го сфати правилно светот околу него. Човекот што не знае што точно се случува во неговото опкружување не може ни да се ориентира правилно во таква една околина. Во денешната колумна, погледнете ја мојата теорија за лидерите и нивната неможност да согледаат правилно што се случува околу нив.

1. Соработниците го лажат лидерот: прва и основна препрека кон тоа еден лидер да ја согледа вистината за светот околу него се неговите верни соработници. Кои што немаат никаков личен интерес да му ја кажат вистината на својот шеф, дури и кога тој тоа изричито го бара од нив. А зошто тие би го лажеле?

Прво, за да ги сокријат своите грешки, но истовремено и да ги преувеличат сопствените заслуги за успехот на организацијата. Имено, како што вели поговорката „човечки е да се греши“ а една нејзина верзија додава и дека „уште почовечки е да се сокријат сопствените грешки“. По таа логика, знаејќи дека во дворските игри околу лидерот постојано се на штрек нивните ривали – сите соработници на главниот човек мораат да ги кријат сопствените неуспеси.

Се разбира, ако пак нивните успеси се поголеми објективно од нивните грешки, овие луѓе ќе вложат многу енергија своите ситни заслуги за напредокот на организацијата да ги престават во најдобро можно светло.

Второ, лажат соработниците за да ги намалат заслугите на своите ривали во дворските игри, но и да ги преувеличат нивните грешки. Ова произлегува како контратежа на првата причина поради која соработниците го лажат својот шеф. Имено, околу секој лидер има група на соработници кои се борат меѓусебно да за да ја стекнат неговата наклонетост, и бидејќи ресурсите (пари, функции, вработувања) што шефот може да ги подели се ограничени, колку повеќе еден соработник ќе добие, толку помалку ќе има за другите.

Така, сите соработници на секој шеф имаат силен личен интерес да лажат не само кога станува збор за нивните успеси и неуспеси, ами и за успесите и неуспесите на нивните ривали (другите соработници околу лидерот).

Трето, секој индивидуален соработник може и да нема никаква заслуга за организацијата, па во тој случај сепак е мотивиран да го накодоши или омаловажи својот ривал за било која работа оти со тоа ќе може да си припише заслуга од типот „ништо не направив корисно, ама барем најдов некој што направил нешто штетно“.

Затоа, секој лидер, доколку сака да ја дознае вистината и реалната состојба во неговата организација апсолутно не може се потпре на своите соработници. Оти ниту еден од нив нема никаков личен мотив да му ја каже реалната состојба.

Практичниот ефект од ова е комплетната бескорисност на постоењето на партиските институти кои вршат анекти со кои го одредуваат рејтингот на својот лидер и на својата партија. Тие никогаш никому нема да му ја кажат реалната состојба од своите истражувања, оти нивната цел не е да дојдат до точните бројки, ами до посакуваните бројки.

2. Обичните луѓе го лажат лидерот: понекогаш, во една или во друга пригода, лидерот има можност да излезе (привидно) од кругот на своите соработници и да се сретне со припадници на обичниот народ, при што под „обичен народ“ се подразбираат оние луѓе кои не се дел од тимот со кој раководи лидерот, но врз чие секојдневие има силно влијание работата на организацијата. И од нив, лидерот од нив не може да да ја дознае вистината и реалноста.

Прво, секој обичен човек кога ќе се сретне со големиот лидер кој што има моќ да му помогне во некоја мака што ја има, ќе ја преувеличи маката си неколкукратно оти со тоа ќе ги подобри своите можности за убедување на лидерот да му помогне. И не само што својот проблем ќе го презентира во хипербола, ами и ќе тврди што е можно поубедливо дека и „многу други луѓе има како мене, сите ја имаме таа мака, само Ти можеш да ни помогнеш, во Тебе се крстиме секој ден“.

Најкласичен пример за ова се хуманитарните акции за помош на разни страдалници на кои им требаат одредени средства за некое лекување во странство. Имено, ако еден родител на некое дете убеди некој министер, претседател или премиер дека му треба неговата помош и ако уште наведе дека има уште десетина родители со десетина деца што го имаат сосема истиот проблем, лидерот може да потроши значаен дел од своето време во ангажирање на службите под негово водство да го решат конкретниот проблем.

Нашиот сегашен премиер пред две години помина два часа од своето скапоцено премиерско време во учество на еден хуманитарен концерт. При што навистина имаше резултат од тоа, се собраа парите потребни за хуманитарната цел, ама зарем не ќе беше попродуктивно тие два часа премиерот да работеше нешто покорисно за Македонија, а сумата која ја изгуби државата со неговите два часа поминати на тој концерт, од буџетот да се одвоеја со потпишување на еден документ што ќе му одземеше едвај пет секунди наместо два часа? За подобра илустрација на кажаново, кој не ја видел, нека ја ѕирне набрзина „Споредбена предност и вредност“.

Второ, обичните луѓе кога нешто бараат од некој моќен и значаен човек секогаш имаат тенденција да не му кажуваат поплаки директно поврзани со неговата работа. Оти, стравуваат дека така ќе го навредат можеби и со тоа ќе ја прокоцкаат шансата да добијат од него тоа што бараат.

Најсвеж пример кај нас се стечајците кои барат материјална помош од премиерот и кога тој ќе ги одбие тие коментираат дека „има пари државата за шмизли и мачки и триумфални капии, ама нема за стечајците“. Финтата е што овие луѓе веќе однапред се свесни дека премиерот ќе ги одбие нивните барања па затоа упатуваат оправдани критики за некои негови одлуки.

Ама за разлика од нив, оние верни членови на партијата на премиерот кои доаѓаат кај него да бараат вработувања или функции никогаш (ни – ко – гаш!) нема да му ги споменат шмизлите и мачките и биковите, дури и откако ќе ги одбие по втор или трет пат тој нивните барања, оти уште ги грее мислата дека можеби големиот човек само ги тестира за да процени колку му се лојални. Оти се надеваат дека ако после три или пет или десет разочарувања сеуште ја покажуваат својата бесприговорна лојалност – сепак нешто ќе им даде тој како утешна награда.

3. Политичките непријатели го лажат: човек би помислил дека ако веќе блиските соработници на лидерот не можат да му ја кажат вистината, и ако обичните луѓе немаат мотив да му ја кажат вистината, тогаш барем од политичките непријатели ќе може да ја слушне.

Ни приближно, оти тие најсилен мотив имаат да го лажат!

Секој човек има потреба да го критикува својот соперник за сосема ефемерни грешки и недостатоци, со цел да го дефокусира неговото внимание од суштинските работи. Оти, кога својот противник го терате да мисли за небитните место за битните нешта, тој ги запоставува битните работи и си го губи времето со безначајните глупости кои ги фрлате пред него како мамка.

Класичен пример во нашата земја се ЕУ интеграциите, политичкиот дијалог и компромисот за клучните државни и национални прашања. Тие работи е невозможно да се постигнат, а и да се постигнат би биле сосема без ефект во практична смисла. За невозможноста на постигнување на компромис со оние со кои фундаментално не се согласувате, имам пишувано во една друга колумна.

Ако Македонија се интегрира уште утре во ЕУ дали тоа ќе нѐ спаси од можен економски колапс? Како што покажува Грција интегрирана уште пред 30 години во унијата – не. Дали тоа ќе нѐ чува од корупција? Како што покажуваат Бугарија и Романија – исто така не. Дали тоа ќе ги унапреди демократските процеси во државава? Повторно, пример е Грција за негативниот одговор и на тоа прашање. Дали државата ќе ни стане правна држава со влезот во ЕУ? Ако се суди според секојдневниот мајтап што италијанскиот премиер си го игра со судовите во неговата земја – и тоа нема да се случи.

По таа логика, дали навистина нашето интегрирање во ЕУ ќе има било какво влијание врз подобрувањето на квалитетот на живот на македонските граѓани, доколку сите наши проблеми претходно не ги решиме самите?

А ако ги решиме нашите внатрешни проблеми зошто да влегуваме во ЕУ, каде што ќе мораме на грб да ги носиме оние држави – членки потонати во финансиски дубиози, корупција и дефицит на човекови права?

Тоа му доаѓа како варијанта на познатата „квака 22“: Македонците сакаат да влезат во ЕУ за да си ја оправат државата, но за да влезат во ЕУ мораат прво да си ја оправат државата. Е па, ако ја оправат државата, зошто би сакале потоа да влегуваат во ЕУ?

*

Војсководачот Наполеон убаво кажал своевремено дека да им се држат инспиративни говори на војниците пред битката е сосема бескорисно. Оти, младите и неискусни војници ќе заборават што било кажано веднаш штом ќе ги чујат првите истрели и жарот на битката ќе ги понесе, а старите војници и ветерани и онака се навикнати на говорите на генералот и воопшто не им обрнуваат внимание.

Се чини истото важи и за лидерите за кои е бескорисно да ги прашуваат луѓето околу нив за реалната состојба. Секој лидер секогаш се наоѓа себеси во затворен круг или во случајов избраната аналогија „под стаклено ѕвоно“. Чаре?

.

П.С: Ако за полтроните имаше наука, таа сигурно ќе се викаше „Полтронологија“, но бидејќи сеуште нема научна дисциплина што го проучува тој тип на луѓе, сега засега ќе мораме да се ограничиме само на колумни со таков наслов. Каков што ќе има токму колумната што ќе ја објавам наредниот четврток на мојот блог, и која што, се разбира, не смеете да ја пропуштите.

До тогаш, поздрав😆

7 Responses

Subscribe to comments with RSS.

  1. Едвај дочекав четврток (малку и накај петок), па текстот дури ми се виде кус (во контекст на претходните коментари).
    Поздрав.

    Билјана

    26/03/2010 at 00:26

    • Кус текст?

      Ха, ха, ха… обично читателите ми се жалат дека премногу долги ми се текстовите🙂

      Така сега испадна кусичко, ама наредниот текст за идниот четврток е долг.

      Има цели осум подточки во него.

      Поздрав🙂

  2. Но, понекогаш соработниците се плашат од евентуална казна од шефот доколку ги фати како лажат, па му ја кажуваат вистината. Но ова е ретко, ретко кој зема толку чесни луѓе за соработници🙂

    Инаку, доста интересно ова со catch22, првпат сега го гледам. Се зачитав таму и за game theory малце, интересни работи.

    Поздрав

    robertmacedonia

    26/03/2010 at 01:17

    • Не баш, оти шефот не може да ги фати соработниците ако го лажат, оти треба некој професионален фаќач на лажговци да ја заврши таа работа за шефот.

      А и тој е фаќач е соработник, па и тој влегува во дворските игри.

      Во стилот „фати го оној соработник и остави ме мене да го лажам шефот, па ќе делиме после јас и ти ќарот од успешно изведеното лажење“.

      Еве дефиниција за лидер: „човек што е опкружен со лажговци, полтрони и кариеристи“

      А дефиниција за успешен лидер: „човек што сфаќа и разбира дека околу него нема чесни луѓе, па во старт го користи тоа знаење за да успее во работењето“

      Со други зборови: Секое правило има исклучок. Чесен човек е оној што ги знае сите правила. Успешен човек е оној што ги знае сите исклучоци.

      Позз… и за тебе Роберт

  3. Значи вистина нигде, ни за лек!🙂

    Поздрав!

    Мартинка

    26/03/2010 at 16:06

    • Единствената вистина, непобитна и безвременска е – дека сите лажат!

      Во крајна линија, ако добро размислиш, само таа вистина е доволно да се знае и да не се заборава никогаш, нели?

      Позз🙂

  4. „…Се чини истото важи и за лидерите за кои е бескорисно да ги прашуваат луѓето околу нив за реалната состојба. Секој лидер секогаш се наоѓа себеси во затворен круг или во случајов избраната аналогија „под стаклено ѕвоно“. Чаре?„
    😉 Ако е храбар и мудар лик,лидерот,една „холивудска„ маска на средновечен тип,па на пазарче,во гратски автобус,на трибина на стадион,во кафанче..било кое обично местенце со обични луге и се ке си чуе што го интересира,без цензура🙂 Како царевите или Господ од приказните кога се претварале во питачи или обични смртници …Позз

    DeJaN

    26/10/2011 at 01:45


Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Промени )

Connecting to %s

%d bloggers like this: