Блогот на Богдан. Нено Богдан!

мој мејл: blogatash@yahoo.com

♦ КВАКА 22

with 7 comments

Пред некој месец во Македонија беше изведена анкета со прашањето „дали користите интернет?“. Цели 100% од испитаниците одговориле дека користат интернет. Од каде толку голем број? Е па, анкетата била изведена он-лајн!

1. Прислушнување на политичари: во практично секоја држава каде што демократијата сеуште не е созреана до едно цивилизирано ниво, присутна е појавата служби под контрола на власта да ја прислушнуваат опозицијата, како нејзините простории, така и нејзините членови од врвното раководство.

Секако, ако во една држава нема развиено демократска свест, на сите тоа нешто им е јасно, па сите се свесни дека власта ги прислушнува лидерите на опозицијата. За ова нешто најмногу е свесна самата опозиција, т.е. нејзините главни луѓе, оти токму тие најмногу ја обвинуваат власта дека владее недемократски.

По таа логика, ако водачите на опозицијата знаат дека се прислушнувани – зарем некогаш ќе кажат нешто што власта би можела да го употреби против нив?

А ако водачите на опозицијата се свесни дека се прислушнувани и постојано внимаваат да не кажат нешто што не треба, тогаш што фајде од тоа прислушнување?

Значи, еве еден пример на квака 22: ако некој е многу битен политичар, сигурно неговите политички непријатели ќе го прислушнуваат. Но ако тој сфаќа дека сигурно го прислушнуваат – нема ништо да каже вредно за да биде прислушнато. Од таму, нема никаква смисла да го прислушнуваат човекот.

Се разбира, постои и една ретка можност некој висок опозиционен политичар самиот да сака да биде фатен како прави нешто лошо. Баш така, свесно сака да биде фатен и намерно го прави тоа лошо нешто. Во една некогашна колумна, го објаснив тоа поопширно.

Воедно, кога опозиционите политичари постојано се жалат дека во државата се задушува слободата на јавно изразување, тогаш со тоа тие самите ја зграпчуваат со двете раце кваката 22, оти ако навистина во земјата власта не дозволува слобода на говорот, како тогаш можат тие толку гласно и постојано да се жалат дека немаат слобода на говорот?

2. Купување на дипломи: веројатно сте слушнале како некои неинформирани луѓе ги критикуваат приватните универзитети кои од пред неколку години се испоотворија низ државава. Велат критичарите на капиталистичкиот концепт на високо образование дека во тие приватни високообразовни институции дипломите не се стекнуваат со знаење покажано од студентите, ами со давање на пари од нивна страна.

Тоа нешто навредливо се нарекува уште и „штанцање на дипломи“ при што се алудира на процесот на сериско „производство“ (и доделување) на дипломи без да се води сметка за нивниот квалитет (т.е. за заслуженоста).

Ама ја вака да размислиме: ако работодавците се свесни дека во приватни факултети сите дипломи се даваат без знаење, ами за пари, тогаш тие нема да вработуваат никого со диплома од некој од тие факултети.

Но, ако работодавците никогаш не вработуваат дипломци од приватните универзитети, колкава е тогаш вредноста на дипломата обезбедена преку „штанцање“?

Никаква, и затоа ниту еден студент нема да им мотив да купува диплома, оти не му вреди ич за вработување. А ако ниту еден студент не купува диплома, тогаш сите добиени дипломи од тие факултети ќе бидат заслужени – со покажано знаење – и така работодавците ќе можат без страв да ги вработуваат и таквите кадри. Ете уште еден пример за квака 22.

3. Интеграција во ЕУ: има многу луѓе во нашата земја кои ако ги запрашате што мислат за нашиот пат кон членство во Европската Унија, со решителност која ретко би ја покажале за било што друго, ќе ви одговорат дека „тоа е број еден приоритет за Македонија“.

Со други зборови, ние мораме да влеземе во ЕУ.

Ама кога ќе ги прашате истите тие луѓе зошто би требало да влеземе во Унијата, тие ќе ви одговорат дека „само во ЕУ нашата држава конечно ќе ја оправиме“.

Потоа прашајте ги кои се навистина условите за нашето влегување во ЕУ и тие, ако малку размислат ќе мораат да ви одговорат дека „треба да се запре корупцијата, треба да се стави крај на криминалот, да се намали невработеноста, да се решат некои отворени прашања со соседните држави“ т.е. со други зборови „да ја оправиме државата, па после ќе нѐ примат во Унијата“.

Па ете уште една квака 22: ако поентата на влегување на Македонија во ЕУ е конечно да ја оправиме државата, и ако не можеме да влеземе во Унијата без претходно да ја оправиме државата, откако ќе ја оправиме државата – која е смислата потоа да се оди во ЕУ?

4. Амајлии и бајачки: претпоставувам дека имало барем една ситуација во вашиот живот (или во животот на некој близок познаник) да се разболите од некоја непозната болка за која не сте ја знаеле причината, или пак во еден подолг период да ве следи некој баксуз од кој никако не можете да се ослободите, па што и да се зафатите да правите, не ви тргнува од рака.

Во такви случаи, некои ваши познаници или пријатели веројатно ви препорачале да носите некоја амајлија за добра среќа или пак од болеста да се ослободите со помош на бајачки.

При тоа, ако ги прашате оние што ве советуваат на такви методи дали тие методи функционираат, тие ќе ви кажат дека „ако не веруваш во нив, не можат да ти помогнат“.

При тоа, одговорот што секој паметен човек го дава е типичен пример на квака 22: „само ако верувам во бајачките и амајлиите само тогаш тие ќе ми бидат делотворни? Е па јас не можам да верувам во нив, ако не сум сигурен дека ќе ми помогнат. А тие воопшто не можат да ми помогнат, ако не верувам цврсто во нивната делотворност…“

5. Работно искуство: во многу весници ако ги загледате огласите за вработување кои ги распишуваат разните фирми и компании се бара од кандидатите што планираат да се јават на огласот, покрај разните образовни квалификации, да имаат и нешто што се вика „работно искуство“.

И тоа е сосема во ред, бидејќи секоја фирма би имала повеќе интерес да вработи човек за некоја позиција за која што работа тој веќе има искуство, па да не мора фирмата да троши ресурси (време, пари) за да го обучува и да чека неговата продуктивност да почне да носи профит за компанијата дури откако тој ќе се вклопи во работниот процес.

Е арно ама, квака 22 и тука се јавува: човек не може да добие работа без да има претходно работно искуство, а за да стекне работно искуство мора да биде некаде претходно на работа, а никаде не го примаат без да има претходно работно искуство.

Сличен е примерот со младите анонимни пејачи кои сакаат да снимат некоја своја песна. Никој нема интерес да им биде спонзор ако веќе не се познати, а за да станат познати и етаблирани пејачи, мора првин да имаат снимено песна. Која пак не можат да ја снимат без пари од спонзор, кој не им дава пари оти – не се етаблирани.

6. Чесноста на партиите: поради влијанието на квака 22 валидна е и поговорката: „полесно ќе најдеш политичар меѓу чесните луѓе, отколку чесен човек меѓу политичарите“. Како така?

Па еве како и еве зошто: за да стане еден чесен човек политичар доволно е само да почне да се занимава со политика, било да се кандидира на некои локални или поголеми избори како независен кандидат, било да се зачлени во некоја партија која потоа ќе го стави на својата изборна листа.

Лесно е значи да се стане политичар, ама тешко е да се остане политичар. Оти кога некој во политиката неколку пати ќе се обиде да се пробие и да седне на некоја функција, и откако нема да успее, најчесто се откажува од понатамошното занимавање со политика.

За да успее еден човек во политиката, тој мора да најде спонзори кои ќе ја финансираат неговата кампања, и тоа колку подобро се етаблирани спонзорите во медиумско – олигархиско – мафијашките структури во општеството, тоа подобро.

Е ама, кога еден човек ќе се фати со такви луѓе, не може веќе да биде чесен човек нели? Оти никој нема да му даде на никого милиони евра за да дојде на власт, за да овој кога ќе дојде на власт не му ја врати услугата – со камата. Што мислите, од каде доаѓаат сите наместени тендери и чудни коалиции со неочекувани кадровски решенија за клучните функции во јавните претпријатија? За тоа нешто опширно пишував на времето во колумната „Инсајдер“.

Па ете пак квака 22: само чесен политичар може да ја оправи државата ако дојде на власт. Ама, ако е чесен и не се здружува со спонзорите, тогаш нема да има доволно пари за да се пробие во јавноста и да ги освои симпатиите на гласачите (оти тие нема ни да слушнат за него) па така нема да може да дојде на власт. А ако им се продаде на олигарсите, кога ќе дојде на власт нема да биде чесен, оти ќе мора да ги враќа тие долгови со народни (буџетски) пари. Таков политичар не е чесен, а нели само чесен политичар можеше да ја оправи државата.

7. Макијавели за платениците (и полтроните): оваа варијанта на квака 22, која што следува надолу, ја има искористено познатиот мислител Николо Макијавели, во своето фамозно дело „Владетелот“ за да објасни зошто платениците (и полтроните) се сосема бескорисни.

Ќе парафразирам што вели Макијавели: „платениците можат да бидат или способни или неспособни војници. Ако се неспособни војници, тогаш нема корист од нив кога не можат да победат во војната, па затоа не треба да се ангажираат. Но ако се способни, ако се добри борци, тогаш тие се опасни за својот работодавец, бидејќи после победата врз непријателот, ќе се свртат против газдата за да му ги земат сите пари, а не само платата која им ја ветил, па и затоа не треба да бидат ангажирани платениците“.

Нешто слично може да се каже и за полтроните кои се во служба на моќните луѓе: ако некој моќник сака да се опкружи со соработници кои се прикажуваат себеси за негови лојалисти, тогаш од нив може да очекува дека или ќе бидат неспособни полтрони (при тоа, од нив нема да има никаква корист) или пак способни полтрони (кои кога ќе сфатат колку ги бива, веднаш ќе се побунат против својот ментор и по таа логика, пак тој од нив нема да има никаква корист, ами само штета).

Не знаејќи за самиот принцип наречен во дваесетиот век „квака 22“ мудриот Макијавели го формулирал уште во шеснаесетиот век, доволно прецизно и јасно за секој да може да го разбере.

Уште фали моќните луѓе во нашата земја кои се опкружени со полтрони тоа да го сфатат.

*

Патем, името на овој принцип на апсурдноста „квака 22“ доаѓа од истоимениот роман на американскиот писател Џозеф Хелер, според кој што роман на времето бил снимен и филм. Имено, во тој роман и филм, главниот јунак кој е воен пилот во време на војна, сака да го ослободат од понатамошни мисии над опасната територија на непријателот, и за таа цел треба да докаже дека е ментално пореметен, т.е. луд.

Затоа тој оди на психијатар за да му даде потврда тој дека е луд, ама, психијаторот му го објаснува фамозниот член број 22 од Воениот Правилник според кој „ако војникот побара да биде ослободен од учество во воените мисии, тоа е сигурен знак дека е баш психички здрав, па  така очигледно не е луд и нема причина да му се додели потврда за лудило. Од таму, за да докаже некој воен пилот дека е луд, мора да направи здрав потег кој пак докажува дека не е луд.

Нешто слично на тоа имаат вградено во својот легендарен скеч „Клиника за кавга“ уште полегендарните Монтипајтоновци. Можете да го изгледате скечот со кликање на линкот кој ве води до клип од него на јутјуб.

Полн е живот со вакви кваки 22. Преполн дури.

.

П.С: Овој пост беше вонреден и не го нарушува стандардниот систем за објавување на колумни, секој четврток пред полноќ по една нова колумна. Така, на први април очекувајте  го тука постот со наслов „Полтронологија“.

До тогаш поздрав😆

7 Responses

Subscribe to comments with RSS.

  1. Забавно, ме насмеа… фала!
    Или, мене ми личи ова на „глумење лудило“ насекаде…

    Поздрав!

    Мартинка

    29/03/2010 at 13:13

    • Баш така, глумење лудило🙂

      Малку фалеше да го крстам постов денешен „Како се глуми лудило“ ама во последен миг се предомислив и бидна „Квака 22“

      Поздрав, Мартинка😆

  2. Интересна работа ова со catch 22, стварно. И одлични примери прочитав овде. Прилично многу работи можат да се објаснат со логика🙂 Посебно ова ме засега лично, па ќе го запамтам најмногу – “човек не може да добие работа без да има претходно работно искуство, а за да стекне работно искуство мора да биде некаде претходно на работа, а никаде не го примаат без да има претходно работно искуство.”

    robertmacedonia

    29/03/2010 at 13:20

    • Работодавецот: „Добро млад господине, имате ли вие работно искуство?“

      Кандидатот: „Немам работно искуство, но имам богато искуство со немање работно искуство“

      Работодавецот: „Што ви значи тоа?“

      Кандидатот: „е па, каков е тој човек што ќе дојде да бара работа кај вас а има прехтодно работно искуство? Ако тоа искуство било позитивно – зошто бара работа кај вас, а не си остане таму каде што му е убаво. А ако пак искуството таму му било негативно, големи се шансите и овде ако го примите да биде проблематичен“

  3. Ух Нено… ако почнам да коментирам за секоја точка има коментаров да излезе колку постов🙂
    Ај делчиња само😉
    ——————————————–
    За споменатата анкета, имав една белешка на Фејсбук ставено:

    „100% од Македонските граѓани се вработени Сподели
    среда, 16 декември 2009 во 10:41 | Измени белешка | Избриши

    Веднаш по анкетата за користењето на интернет во Македонија (http://komunikacii.net/12/15/201/) , од страна на истата агенција а по барање на неименуваната странска амбасада, спроведена е уште една анкета на тема „Состојбата со вработеност во Македонија“

    На анкетното прашање „дали сте вработени?“ со „ДА“ одговориле 100 000 испитаници од репрезентативниот број на 100 000 испитаника. Анкетата е спроведена со доставување на анонимен анкетен лист до службениците во државната администрација.

    Благодарност до @Sead Dzigal, земаме дупло кафе и остануваме будно да ги следиме анкетите ;)“
    ———————————————

    За прислушкувањето… си испуштил една битна поента… кога некој ЗНАЕ дека е прислушкуван нема да зборува тоа што другите очекуваат ( и за што се спроведува прислушкувањето), туку напротив – има одлична можност за целосна манипулација, сосем свесно наведувајќи ги прислушкувачите на мислење кое ТОЈ сака.😉
    —————————————————-

    За интеграцијата во ЕУ… сеуште самата ЕУ не е оправена, се соочува со силна криза во моментов (да ја задржи вредноста на својата валута, да ги смири тензиите помеѓу своите членки, да балансира и води (не)принципиелна политика со оние на кои им ветила членство и ред други трзавици). Како ние вака „неоправени“ да се претопиме во тоа море коа сеуште не сме научиле салам да пливаме(ни политички ни економски) а и тие малкумина пливачи шо го имаме се загрозени од давениците околу нив?
    —————————————————–

    Работното искуство…. оваа дилема е многу силна. Не квака 22 туку брава 44 е!🙂
    ————————————————–

    Макијавели, пуст останал….. оваа квака не е квака – напредокот се должи на поттикот од конкуренцијата! Ако некој ги уништува соработниците кои се способни само заради стравот дека ќе му го загрозат авторитетот еден ден – останува со полтроните од кои нема никаков поттик и со самото тоа затупува и тој живеејќи во убедување дека е најдобар и нема зошто да се труди повеќе. Тоа не е одржување на власт туку задржување на потчинетост (огромна разлика!)

    и…. ај доста е.. 2 саат дошло, треба да спијам и утре некое дрвце да засадам🙂
    Поздрав

    п.с. бајачките не ги коментирам (немам сознанија за таа тема) а чесноста во политиката ми е чист сарказам – или си чесен или си политичар, ако си и едното и другото тогаш не си ни едното ни другото :))

    оксиморон

    30/03/2010 at 00:53

    • …или си чесен или си политичар, ако си и едното и другото тогаш не си ни едното ни другото…

      Јееее, за оваа мисла риспект до небо од мене имаш

      A politician who is poor is a poor politician

  4. Ќе си го стаам ко статус на Фејсбук сеа…. а деновиве ќе ги зберам сите статуси и ќе ги стаам во пост, онака… збирка🙂

    оксиморон

    30/03/2010 at 14:34


Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Промени )

Connecting to %s

%d bloggers like this: