Блогот на Богдан. Нено Богдан!

мој мејл: blogatash@yahoo.com

♦ ПОЛТРОНОЛОГИЈА (1)

with 6 comments

Им се извинувам на магарињата што ги земам како илустрација за полтроните

Во денешнава колумна која е прв дел од трилогијата која ќе биде објавена во наредните денови ќе стане збор за тоа како еден лидер може да создаде околу себе полтрони, дури и ако тоа не му е целта (значи ненамерно). Во наредните два дела (објавени утре и задутре) ќе стане збор за тоа кои карактерни особини треба да ги исполнува еден човек за да може од него да испадне „добар“ полтрон, како и кои се неизбежните последици од инсталирањето на полтронизмот како модел за функционирање на било која организација.

Значи, за да лидерот создаде полтрони околу себе тој треба:

1. Да створи централизиран систем на управување со ресурсите: во некогашната Југославија и во некогашниот СССР секое дете го знаеше не само името на шефот на државата, ами и местото на раѓање на водачот, сите битки во кои „учествувал“ (наводниците се намерни), и воопшто сите детали за кои јавноста требаше да знае (а кои детали во најголем дел беа измислени како на пример фамозната свинска глава која Јосип Броз морал да ја јаде кога бил дете).

Во исто време, во Швајцарија, дури и возрасните луѓе не го знаеја името на претседателот на својата држава. Оти така?

Е па затоа што кога сите одлуки за распределба на сите ресурси во една организација се поставени во рацете на само еден човек, тогаш апсолутно е неопходно секој кој што ќе сака да добие нешто од тој човек да ги знае сите потребни податоци за да ја стекне неговата милост.

Така беше во сите социјалистички земји и воопшто во сите држави каде што има диктатори или квази-демократи на власт. А така е и во нашите политички партии каде што сета моќ е во рацете на еден човек.

Онаму каде што секој човек има избор, тој таквиот избор најчесто и го прави. Во антички Египет, каде што сета цивилизација била концентрирана околу реката Нил, не треба да изненадува тоа што фараонот кој управувал со сите ресурси бил сметан за бог. Во цивилизациите од античка Европа, како грчките градови-држави или македонското кралство – или имало некоја форма на демократија или кралевите ако многу почнале да се занесуваат биле ништени во атентати изведени токму од нивните најблиски соработници.

Е сега, некој би рекол дека ако има еден центар од кој се делат сите ресурси, тоа би значело дека ќе има само еден сет од полтрони околу тој ценар што ќе гравитираат, но ако има десетина центри кои ќе си конкурираат меѓусебно, тоа ќе значи дека ќе има десетина сетови од полтрони, околку секој центар посебно што ќе се вртат, па така ако сакаме малку полтрони, најубаво да има само еден центар на моќ.

Не е баш така, оти полтроните не вршат никаква работа за својот газда, но тоа тој може да го согледа само кога треба секојдневно да се бори со своите конкуренти. Ако нема конкуренција, штетата што полтроните ја прават за организацијата која ги одржува во своите редови е речиси занемарлива, но ако има конкуренција штетата е огромна, па затоа тие брзо бидуваат елиминирани од тимот.

2. Да е самиот поранешен полтрон: еве земете ја за пример Грција, нашиот јужен и „презадужен“ (што би рекле Србите) сосед. Грција е најдобар пример за полтронска држава која што не само што самата била полтрон на времето (на големите сили кои ја создале и подржувале) туку и денеска функционира во секој аспект од својата политика на типичен полтронски начин.

Внатрешната стабилност на Грција секоја грчка влада, без разлика од која партија и идеологија да е, ја обезбедува преку државна помош во облик на незаработени пензии, незаслужени субвенции и гарантирани вработувања за речиси секоја категорија на граѓани.

Тоа се финансира преку задолжувања, но тоа е друга тема, а овде е битно да се нагласи дека менталитетот на полтронизам кој е карактеристичен за грчката внатрешна политика е директен производ од наследеното грчко полтронство кон големите сили во надворешната политика.

Воедно, сите сме свесни (а и самите грчки политичари неодамна тоа јавно го признаа) дека Грција троши милиони евра секоја година за финансирање на одредени тајни операции на нивното министерство за надворешни работи, кои операции главно се насочени кон купување на подршка на разни новинари, политичари и општествени активисти во нивната земја, но и во земјите каде што грчката влада има интерес да влијае врз тамошното јавно мислење за одредени теми (како на пример за прашањето околу нашето име).

Споредете ја Грција со Швајцарија. Грците не се избориле самите за својата слобода туку некој спонзор на тацна им ја дал. Од таму, грчкиот менталитет е неспособен да сфати како некој може да сака да има свој идентитет, своја гордост, свои права – како што ние сакаме да имаме наше национално достоинство. Тие не можат да разберат зошто во Македонија има луѓе кои не би го продале своето вековно име за неколку десетици милиони евра кредити од европските фондови, и прием во НАТО и ветување за прием во ЕУ. Тоа за нив е несфатливо.

А истиот став го имаат и во внатрешната политика и затоа е Грција енормно централизирана држава каде што сета власт е концентрирана во Атина (во која што живее цела една четвртина од вкупното население на таа држава).

Швајцарците самите се избориле за својата независност и низ неколку векови упорно се труделе да ја одржат. Од таму, не треба да зачуди што менталитетот на Швајцарите органски не може да им дозволи да се интегрираат во ЕУ (на неколку референдуми тоа Швајцарците го одбија), таа не е членка на НАТО, ниту пак на Обединетите Нации.

И се разбира, толку се Швајцарците анти-полторнисти, што дури и нивната земја е најдецентрализираната држава во светот, каде што централната власт не може да одлучи ни за тоа кој ќе стане државјанин на Швајцарија, туку тоа право е дадено на секој кантон сам да си прима граѓани, кои потоа автоматски се стекнуваат со швајцарско државјанство.

Оној што се пробил до врвот на власта со вешто полтронирање, тој никогаш не може да сфати дека има и други начини за организирање на системот и владеење со него освен преку полтронизам. Неговиот став е: „ако полтронизмот ми заврши работа кога се искачував кон врвот, зошто не би ми завршил работа сега кога сум на врвот и треба да владеам?“

3. Неговите приврзаници да го имаат менталитетот на стадоумие: за менталитетот на стадоумие имам пишувано на времето во истоимената колумна, и кој сака подетално да се запознае со тој вид на менталитет, слободно нека ја ѕирне.

Накратко, стадоумие е состојба на духот во која човекот е сведен до ниво на овца која бара свој овчар кој ќе ѝ каже на која ливада смее да пасе и колку гласно смее да блее. Стадоумие е состојба на духот која ги спречува оние што ја имаат да мислат со своја глава бидејќи тие веруваат дека им треба дозвола од некој друг, некој кого го признаваат за премудар и безгрешен. Стадоумие е состојба на духот во која луѓето не само што не мислат со своја глава, туку сметаат и дека да се мисли со своја глава е нешто лошо.

Основната причина поради која сите теории на заговор се бесмислени, причината поради која е глупо да се тврди дека светот го владее тајна организација составена од неколку стотици богати банкари, индустријалци и трговци е токму во фактот што луѓето кои успеале во животот да се пробијат со свои сили, со својот ум, со своите напори – никако не можат да слушаат наредби од еден центар.

Ова во голема мера објаснува и зошто во нашата земја десницата доживеа деситици распади и расколи и побуни во текот на дваесетте години од своето (модерно) егзистирање, а левицата едвај два раскола имаше (оној на Гошев и оној на Тито) па и тие беа само лажирани.

Десницата во Македонија ја основаа луѓе кои биле прогонувани во ерата на комунизмот и кои морале самите да се снаоѓаат и да преживуваат низ премрежјата на едноумието. Десницата во голема мера ја сочинуваат и подржуваат токму малите бизнисмени, земјоделците, сиромашните луѓе кои самите барат и наоѓаат работа, студентите кои знаат дека утре нема никој да им даде вработување на тацна ако самите не си го најдат и луѓе од дијаспората кои во земјите во кои живеат самите морале да се снајдат за да просперираат. Е па со такви луѓе е невозможно да се владее автократски и затоа толку многу и толку често и толку бурно и толку неповратно се бунтуваа(т) тие против водачите на главната партија на десницата.

Левицата од друга страна е монолитна и централизирана до незамисливи размери. Неа ја изградија полтроните и послушниците од некогашниот систем и луѓето кои целиот живот се навикнати некој друг да им ја врши работата – почнувајќи од сегашните олигарси кои на времето беа поставени според политичката подобност да бидат директори на државните компании, преку универзитетските професори и квази–интелектуалците кои до своите престижни титули дошле со верно служење на партиските структури, па завршувајќи со денешните млади левичари кои сите до последен се разгалени деца на енормно богати и добро поврзани родители кои преку врски им овозможиле без учење да се стекнат со дипломи.

4. Да нема јасна визија за тоа што сака да го постигне: кога човек што стои на чело на една организација, било тоа да е спортски сојуз, приватна компанија, партија или држава, има јасна визија за тоа што сака да постигне неговата организација, тој не толерира полтрони околу него. Нема потреба од нив.

Ова е затоа што неговата визија станува доминантен дел од неговиот идентитет. Кога човек ќе се посвети целосно на целта што сака да ја постигне, таа цел станува основниот  елемент на неговото самоостварување како личност.

Александар Велики и татко му Филип, имале јасна визија за тоа како сакаат Македонија да се развива. Затоа и двајцата немале никаков проблем да соберат околу себе способни луѓе, од кои многумина и не биле Македонци (Грци, Илири, Тракијци, Персијци) или биле дел од племиња кои дури подоцна ќе се интегрираат во македонската нација (Пајонци и Агријанци).

Дури откако Александар се вратил од својот епохален поход започнал околу себе да привлекува толпа од полтрони и послушници чија единствена заслуга била што знаеле да го фалат и воспеваат катадневно својот покровител.

Кога некој лидер има силна желба и постојана навика да свири на некој инструмент или да се занимава со некој спорт и се смета себеси за особено добар во тоа, тоа е значен дел од неговиот идентитет и секој кој ќе му каже дека не го бива за свирење или за спортување го навредува токму тој значаен дел од неговиот идентитет. За таквите нема толеранција, без разлика колку способни биле.

Ама кога визијата за нешто големо и значајно ќе стане главен дел од идентитетот на еден лидер, тогаш критикувањето на неговите музички или физички способности нема некоја посебна тежина, оти тие се занемарливи по важност во однос на големата тема – визијата. Кога човек има визија, секој оној што може да ја помогне неговата визија станува пријател и на таквите им се простуваат разните ситни пецкања за минорните каприци на лидерот.

Кога Филип II ја освоил Грција бил апсолутно свесен за омразата која Грците ја чуствувале спрема него, оти тие јавно ја искажувале, дури и во негово присуство. Но, тој не ги казнил со уништување на нивните градови оти сфаќал дека му се потребни за остварување на неговата голема визија.

Во една пригода на еден спортски натпревар во Грција кога Филип со својата свита се појавил во почесната ложа, публиката едногласно почнала да го исвиркува и да го пцуе. Неговите генерали му забележале дека „Грците се неблагодарни ѓубриња, оти спрема нив милост покажа ти кралу, а тие гледај како ти враќаат“ на што македонскиот државник сосема рамнодушно одговорил со зборовите: „а замислете да не покажев милост спрема нив, како тогаш ќе ми враќаа. Подобро да ме пцујат отколку да се борат против мене“.

Дури и на своите генерали им простувал многубројни глупости што ги правеле, само затоа што биле способни луѓе и по таа основа корисни за остварувањето на неговата државничка визија. Ама, кога на неговата визија се спротиставиле некои членови на неговото најтесно семејство -биле промптно елиминирани, па дури и Александар морал да оди некое време во прогонство како казна од татко му оти се вмешал во (и упропастил) една дипломатска интрига што Филип се обидувал да ја направи со неколку моќни аристократи од Мала Азија.

Човекот чија визија не е значаен дел од неговата личност е човек чија личност ќе биде значаен дел од неговата „визија“. На таквиот лидер полтроните му требаат за да ја храни својата суета, оти само тоа има – една голема суета. Оној што има визија – тој нема потреба од полтрони, тој има потреба од способни луѓе со кои може својата визија да преточи во реалност.

.

П.С: Планирав колумнава да биде една, но темата е премногу голема за да се објави одеднаш. Па затоа ја разбив на три дела, кои ќе бидат објавени во текот на три дена. Денеска беше објавен првиот дел, а утре во ова време и задутре попладне, очекувајте ги и другите два дела. А наредниот четврток, на блогов ќе биде објавена колумната „Банана република“ (кликнете тука за да видите каква илустрација ќе има за таа колумна).

До утре вечер, поздрав😆

6 Responses

Subscribe to comments with RSS.

  1. Дали можеме да тврдиме дека лидерите ги создаваат полтроните? Мислам дека важи и она обратното – полтроните ги создаваат соодветни лидери. Секој лидер има свој систем каде тој е признаен лидер, а системот е таква работа која подразбира затвореност и многубројност на составни елементи. Се разбира секој елемент има свој степен на стабилност. Партијскиот систем има најголем степен на стабилноста бидејки хиерархијата е обусловена со општопризнаени правила и општопризнаени процедури на развој. И таа стабилност не се пореметува ни со фактот што елементите во овој систем се луѓе, живи суштества, со своите емоции, амбиции и КОМПЛЕКСИ. Лидерите и полтроните се зависни еден од друг и не постојат еден без друг.
    Затвореноста на системот подразбира и ограниченост на влез и излез на информации, но и доаѓањето на свежи мисли, идеи и едноставно поглед од страна (објективноста). Така секоја политичка партија со време почнува да личи на тенџере со затворен капак каде сите заедно се крчкаат на тивок оган. Но ние знаеме дека колку и да се крчка, на крај, ако не се тргне од оганот, јадењето ќе се претвори во каша, а богами и во помии. Улогата на лидерот (правиот) е да има толку храброст за да го отвори капакот на време. Но за жал, потроните го лулкаат и цело време му зборат дека се уште не е време и јадењето не е готово за да не ги изгубат своите позиции. Од друга страна на лидерот му е толку добро во улогата на гуру (вечно во право и вечно сакан од народот), што и тој секој ден го одлага решението за отварање капакот и погледнување на вистината во очи. И тука пак доаѓаме до кардиналното прашање: „А кој е лидерот?„

    svilicicm

    02/04/2010 at 11:19

    • Еден човек бегал, а другиот го бркал.

      Кога конечно го фатил, го прашал зошто бега.

      – Затоа што ти ме бркаш!

      – Па јас те бркам затоа што ти бегаш!

      – Но јас бегам затоа што ти ме бркаш.

      – Па јас затоа те бркам, оти ти бегаш…

      Така и со полтроните и лидерите кои создаваат околу себе полтрони.

  2. Полтронизмот е заразна болест, но за среќа има такви кои сè уште не се заразени (ретки се, но сепак ги има).
    Всушност, сакав да искоментирам за илустрацијата за наредната колумна. Не мислиш ли дека не треба и самите да го потврдуваме она со што другите нè товарат? На ју тјуб има премногу глупости што ги направиле НЈС токму со тој наслов (на пр. http://www.youtube.com/watch?v=8b-xCMvi998, http://www.youtube.com/watch?v=R58vGyfNcn8&feature=related, http://www.youtube.com/watch?v=vQFykQkTspM&feature=related, итн.)па не мора и ние да ги потхрануваме. Не е дека не сме Банана Република, ама сепак, зошто да ни се ситат?

    Билјана

    05/04/2010 at 11:32

    • Прв чекор кон тоа да го решиш проблемот, е да признаеш дека имаш проблем.

      Нема да се смени ништо се додека не сфатиме дека има потреба нешто да смениме.

      85% од младите луѓе во Македонија сонуваат да си заминат од земјава. Осумдесет и пет посто!

      Ти организираш априлијада во ГУЦ и од 1300 ученици само 50ина остануваат на прославата.

      Тоа е симптом на подлабок проблем со целото општество.

      Така да времето за криење од вистината е одамна поминато.

      П.С: Не знам што му е финтава со блогов, не ти доволил да се објави коментарот твој веднаш. Мислам дека поради линковите е, ако имаш повеќе од еден линк, веднаш те праќа на одобрување.

    • А интересна работа, го гледаш проблемот со името, а не го гледаш проблемот со мајмуните.

      Мислам дека токму така размислува и целиов народ. Место со мајмуните, се занимава со името.

  3. Ги гледам мајмуните, ги гледам, ама тоа што ме викаат мајмун повеќе ме вреѓа отколку сознанието дека сум. А она со процентон, анкетата да не ја правеле на граница?

    Билјана

    05/04/2010 at 21:07


Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Промени )

Connecting to %s

%d bloggers like this: