Блогот на Богдан. Нено Богдан!

мој мејл: blogatash@yahoo.com

♦ ПОЛТРОНОЛОГИЈА (2)

leave a comment »

Во оваа колумна, која е втор дел од трилогијата посветена на полтроните и е продолжение на вчерашниот пост „Полтронологија (1)“ ќе стане збор за карактеристиките по кои може да се препознае дали некој човек е или може да стане добар полтрон.

Значи, за да биде некој човек полтрон тој треба:

1. Да биде вешт ласкавец / упикувач: во светот на полтроните, ова е условот без кој не се може, ова е билетот без кој нема влез, ова е тоа што се бара од секој што сака да биде нечиј верен слуга.

Оти, како што видовме во вчерашната колумна, не сите лидери толерираат полтрони околу себе. Напротив, токму оние лидери кои навистина се лидери (т.е. водачи) воопшто немаат желба да комуницираат со полтрони, оти од нив немаат ама баш ич корист при водењето на организацијата кон нејзината цел.

Но, како и многу други зборови, така и зборот „лидер“ е узурпиран од луѓе кои имаат само една цел – да ја одржат својата суета недопрена – и токму на таквите „водачи“ им требаат луѓе кои немаат никаков друг талент освен да им помогнат на своите покровители да ја изгланцаат и изласкаат својата позлатена суета.

Во времето на Луј XIV (тоа е оној француски крал што имал под постојана служба, меѓу другото, и 40 лични чешлари!) од секој човек кој што имал амбиција да добие некаква јавна служба се очекувало да го слави и велича кралот, единствениот што одредувал кој на која функција ќе седи.

Од таму, во таа епоха, човек можел да стане градоначалник на голем град без да има било какво искуство со раководење со било што претходно, само ако објавел поема за кралот во која го споредува безмалку со божество. Од друга страна, било кој генерал кој ќе победел во битка командувајќи со кралските армии сериозно бил во опасност да му биде одземен чинот доколку до кралот дошла информација дека се пофалил тој генерал дека бил победник во битката, наместо да ја препише сета заслуга за кралот, под чиј надзор и премудро водство, неговиот верен слуга ја добил битката.

Во некогашниот СССР, во титова Југославија и во комунистичка Македонија, оние писатели и поети, сликари и композитори кои сакале да бидат објавувани нивните дела морале да ја воспеваат партијата и нејзиниот лидер во своите песни, романи, раскази, слики и музички композиции. Оној кој тоа не го правел, бил маргинализиран, без разлика колку талент да имал.

2. Да е склон кон оговарање на своите ривали: во процесот на лустрација (кој никако да почне) во нашата земја, барем досега најмногу внимание привлекоа информациите дека одредени актери кои ги знаеме за успешни и кои во ерата на комунизмот глумеле во многу наши филмови, всушност биле кодоши на тајната полиција, а жртви на нивното кодошење биле токму нивните колеги.

Иста приказна се повторува и кај писателите, режисерите, сликарите, архитектите, универзитетските професори…

Причината за ова е многу едноставна. Кога имате еден центар на одлучување, кога еден човек или мала група обединета околу еден човек ја има моќта да ги распределува сите ресурси во општеството, тогаш нема друг начин за човек да дојде до израз освен да обезбеди другите луѓе да не можат да дојдат до израз

Практичен пример: за некоја конкретна буџетска година, Министерството за култура одлучува дека ќе го спонзорира снимањето на еден филм, во кој што филм има една или две главни улоги. Ако имате тројца актери кои се доволно талентирани за да ја одиграат главната улога во тој филм, оној актер кој сака да ја добие улогата (и славата која по тоа ќе му припадне) мора да ги накодоши другите двајца и да ги прикаже за непријатели на режимот.

Се разбира, режимот нема да им дава улоги на оние луѓе кои имаат непријателски став кон него, па од таму, бидејќи филм мора да се сними со некој актер, токму оној актер кој нема да биде накодошен а самиот ќе го изврши кодошењето ќе ја добие таа улога. Не само поради тоа што останал „чист“ без дамки во досието му, ами затоа што самиот помогнал да бидат откриени на време „непријателите на режимот“.

Истото се случува и во рамките на министерствата на чие чело стојат лидери со голема суета. Ако тоа министерство треба да вработи десет луѓе оваа година, тогаш ако еден соработник на министерот има на својот список на пријатели десет луѓе кои сака да ги вработи, а друг соработник исто има свои дест луѓе на неговиот список, за да може неговиот список да биде вработен, списокот на другиот ќе мора да остане игнориран.

Најлесен начин за тоа да се постигне е да се сплете интрига и да се прикаже ривалот за ограничениот ресурс (десетте вработувања) како непријател на лидерот. Озборувањета мора да е од типот „го слушнав како кажува виц за вас шефе, многу безобразен, ви се смее зад грб, не знам како можете да го трпите“ но никогаш од типот „неговиот оддел има направено загуба од толку и толку пари, тоа можете лесно да го проверите преку докумените“.

Полтроните функционираат само околу суетни лидери, па од таму нема поента да се тврди дека ривалот направил објективна грешка. Најголем грев што може да се направи во такви организации е да се повреди суетата на лидерот, па затоа сите оговарања се засновани врз такви „информации“.

3. Да се однесува грубо спрема потчинетите: една карактерна особина која е неразделна од менталитетот на полтронот е што тој спрема оние на кои им е шеф или врз кои има некаква моќ, е редовно исклучително груб, толку редовно што тоа е практично систематски. За тоа има две главни причини: психолошка и организациска.

Психолошката причина е во тоа што ниту еден човек не е сосема лишен од гордост и ако веќе не може да ја покаже на едно место, ќе се обиде да ја компензира на друго. Така, ако сабајле полтронот е во канцеларијата на шефот на отчет каде што „му ги бакнува чевлите на газдата“, тој попладнето мора да го помине во својата канцеларија постојано малтретирајќи ги своите потчинети, оние на кои тој им е шеф.

Понижувајќи ги другите тој го компензира своето понижување од утрото кај шефот. Се разбира, тој не компензира суштински ништо, освен што им пречи на своите луѓе да работат продуктивно постојано висејќи им над глава, казнувајќи ги за нивните грешки на кои самиот тој ги принудува со своето вообразено наредување со висок тон.

Организационата причина пак произлегува од самиот шеф, кој што има силен интерес неговиот полтрон да биде лош, некултурен и вообразен спрема своите потчинети. Оти, кога еден полтрон ќе биде таков, тој брзо станува плашило меѓу вработените, па ако тие сакаат да бидат заштитени од него, ќе мораат и самите да станат полтрони и да отидат кај големиот шеф да го замолат да ги земе во своја заштита.

Така, не само што полтронот нема да има свои пријатели па ќе мора потполно да се потпре на милоста на шефот, туку и оние работници кои не планирале да станат полтрони на тој начин се принудени да станат полтрони, и дополнително да ја зајакнат ергелата полтрончиња што суетниот лидер ги има околу себе.

Полтронот мора да биде едно „тешко говедо“ за да биде баш добар полтрон. Ако е културен, нормален, цивилизиран човек со кого секогаш секој ќе може разумно да комуницира – тој човек не го бива за полтрон.

4. Да е неспособен за вистинска работа: онаа пословица сигурно сте ја слушнале: „пробај со уметност, ако не те бива за уметник пробај да бидеш спортист, ако не те бива за спорт, пробај да бидеш бизнисмен, а ако и за бизнис не те бива, ако за ништо не те бива – пробај да станеш политичар“

Заменете го зборот „политичар“ со зборот „полтрон“ во пословицата (што е многу лесна работа, и во реченицата и во реалноста) и ќе добиете сосема вистинита поговорка.

Човек ако е навистина интелигентен и надарен и има талент за некоја корисна работа од која може сосема пристојно да заработува и да живее, никогаш не би сакал да стане полтрон никому, затоа што нема потреба од тоа. Само оној кој сфаќа дека не го бива за ништо може да гледа иднина за себе во тоа верно да му служи на некој друг.

Погледнете ги само полтроните распослани во илјадниците невладини организации (скоро сите под контрола на странските тајни служби или на домашната опозиција). Полни се тие организации со политиколози, комуниколози, магистри за европска политика, докторанти на родови студии и слични „професии“ кои не само што немаат никаква практична употреба, туку и теоретската употреба им е сосема нејасна.

Еден учител ги учи децата да пишуваат и читаат, математика и запознавање со природата. Еден полицаец го чува јавниот ред и мир. Пожарникарот гасне пожари. Рударот копа руда. Таксистот превезува патници од едно место на друго. Архитектот дизајнира згради. Од нивната работа има некоја конкретна корист за општеството.

А што корист има општеството од „магистер по родови студии“ или од „докторант на европски интеграции“. Тие луѓе имаат само една намена а тоа е да глумат некаква интелигенција и во служба на политичките моќници да ја замајуваат јавноста со бесмислици со цел да се скријат вистинските мотиви на нивните спонзори.

Што произведуваат таквите луѓе освен ветер и магла? Од нив, ништо друго освен полтрони може да се создаваат.

.

П.С: Колумната на тема „Полтронологија“ оригинално беше планирано да биде една, но поради големината мораше да се разбие на три дела. Вчера беше објавен првиот дел, денеска еве го вториот, а утре попладне ќе биде објавен и третиот, последен дел. А наредниот четврток, продолжува со редовно темпо блогов со колумната „Банана република“.

До утре, поздрав 😆

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Промени )

Connecting to %s

%d bloggers like this: