Блогот на Богдан. Нено Богдан!

мој мејл: blogatash@yahoo.com

♦ БАНАНА РЕПУБЛИКА

with 11 comments

Што најмногу ви пречи од горнава слика? Претпоставувам зборот „Манкидонија“. Не ви пречи што таа е „банана република“, не би пречат мајмуните што си играат со неа, туку „проблемот со името“ ви пречи. Нели е тоа некако чудно и симптоматично? Што сите се преокупирани со проблемот со името, а не со другите проблеми кои се подеднакво (ако не и повеќе) непријатни?

За оние што не знаат, веднаш да објаснам дека зборот „monkey“ на англиски значи „мајмун“, па по таа логика „Monkeydonia“ би значело „држава во која се прават многу мајмунлаци“. Но се разбира дека тој збор нема врска со името на нашата земја (некои грчки идиоти го имаат смислено и го промовираат на интернет постојано, ама за нивната држава пак ние го смисливме „hell ass“, па никому-ништо), ниту пак има било каква врска со Македонија тоа што на сликата горе баш на левата страна има син мајмун, а баш на десната страна портокалов мајмун. (или можеби има?)

Откако расчистивме дека тие работи немаат (или имаат?) врска со нас, останува уште да објаснам зошто терминот „банана република“ нема (или има?) било каква врска со Македонија. Значи, еве по кои критериуми се препознава дека една држава е (или не е?) банана република:

1. Економија заснована на еден ресурс: од оваа карактеристика на банана–републиките доаѓа и нивниот прекар. Имено, првите држави што биле наречени со тој прекар биле неколку мали земји од Латинска Америка во кои сето стопанство се вртело околу бананите (Хондурас), или околу тутунот (Доминикана), или околу шеќерот (Куба), или околу некој метал како бакарот (Чиле), или пак нафтата (Венецуела). Сличен е и примерот со Панама чија економија во последниве сто години сосема е базирана на приходите од Панамскиот канал.

Бидејќи би било глупо да се нарекува некоја државичка кафе-република или бакар-република, како најпогодно овошје за потсмевање се задржала бананата, па сите такви државички се наречени од тогаш банана–републики. Подоцна со овој назив се опфатени и држави со слична економска структура надвор од Латинска Америка (главно во Африка и Пацификот), па како банана-република своевремено фигурираше чај-републиката Шри Ланка, неколку африкански земји што беа какао-републики и алуминиум-републики, а како што можете да прочитате во мојата колумна „Науријци“ во Тихиот Океан до пред само неколку години егзистираше и птичји-измет-република!

Најголемиот проблем што овие земји го имаа поради својата зависност од еден ресурс на кој се базираше целата нивна економија е непредвидливоста на цените на тој ресурс на светските берзи.

Ако рудниците во вашата земја можат да произведат само четири милиони тони чист бакар во текот на една година и ако неговата цена е околу 5.000 долари по тон, тоа значи дека тие рудници за целата економија на вашата држава носат 20ина милијарди долари годишно. Но ако цената на бакарот падне на три илјади долари по тон, одеднаш приходот се скратува за цели 8 милијарди долари, што за многу влади (како владата на Салвадор Аљенде во Чиле) е пресудно при губењето на финансиската основа за плановите за социјални програми и со тоа се губи подршката од народот па се станува лесна жртва за државен удар (во конкретниот пример со Чиле, ударот бил предводен од генералот Пиноче).

Во Македонија на пример, практично сите девизни приходи (ако ги исклучиме дознаките од нашите иселеници во странство т.е. парите што тие им ги праќаат на своите фамилии овде) доаѓаат од извозот на метали. Никел, бакар, олово и цинк, хром и челични преработки. За само една недела вкупниот извоз што металната индустрија го остварува го надминува по вредност целокупниот годишен приход од извозот на сите јагниња, сето вино, сите пиперки и патлиџани, и сиот род на преспанското јаболко – заедно.

Значи: банана-републиките од Латинска Америка остваруваат приходи од еден или два основни ресурси кои доминираат со нивниот извоз и од парите што нивните граѓани на привремена работа во богатите земји (главно САД) ги испраќаат дома. Ова исто може да се каже и за нашата земја, па така – тој критериум за банана-република го имаме исполнето.

2. Клептократијата и демагогијата доминираат со политиката: клептократија значи „владеење на крадците“ или со други зборови, општествено уредување во кое оние што се на власт се најголеми крадци, а воедно оние што се најголеми крадци имаат најголеми шанси да дојдат на власт. Има ли потреба да дообјаснувам дека Македонија е во голема мера клептократска земја?

Ако има, еве: во која саглам држава народот ќе му даде пак власт на премиер што извел криминална приватизација (како во 2002та што направи нашиот народ), или најсвеж пример, може ли во саглам држава градоначалник што бил вмешан во криминал тежок милиони евра пак да добие мандат од гласачите, и тоа уште во првиот круг на изборите?

Основна одлика на клептократското уредување е немањето на идеологија во рамките на постоечките партии, што значи дека во рамките на еден парламентарен состав човек може да биде избран како кандидат на една партија, и само по година или две во мандатот да ја смени својата партиска определба за 180 степени. Разликите меѓу левица и десница во клептократските општества се однесуваат на тоа во кој џеб ги ставаат парите политичарите што ќе ги украдат од народот, и немаат врска со она што левицата и десницата се во идеолошка смисла во нормалните држави.

Клептократијата не ја зафаќа само законодавната власт, ами и судската и извршната. Па така, не само што законите се донесени со цел да им помогнат на грст милионери да си ги наполнат џебовите, туку и тие закони ги спроведува корумпирана влада а и ако некој граѓанин биде оштетен поради такви закони ќе мора да оди пред суд кој и самиот е корумпиран. На времето напишав убава колумна со наслов „Каква држава е Македонија“, па кој не ја видел може да ја ѕирне, интересна е.

Демагогијата во политиката доаѓа токму од тој недостаток на правна држава и на фер игра по утврдени правила кои би се почитувале. Кога не можете да се потпрете на системот, ви останува да побарате заштита од некој силен лидер, било тој да е локален шериф, партиски моќник или опозиционен лидер кој ако дојде на власт „за 24 часа ќе воведе ред во земјата“.

Значи: во типичните банана-републики од Латинска Америка и Африка партиите и политичарите не се водени од идеологија туку до чиста желба за полнење на своите џебови, а сите решенија за спас од таква ситуација народот ги гледа не во воведување на правна држава и владеење на законот и институциите, ами во некој силен лидер со цврста рака. Мислам дека и овој бенчмарк за банана-република го задоволуваме, зарем не?

3. Секоја банана-република има свој спонзор во ликот на некоја голема светска сила: бидејќи сите денешни банана-републики се поранешни колонии (иако не сите поранешни колонии стануваат банана-републики, за што доказ се Нов Зеланд, Сингапур, Австралија и др.) тоа колонијално минато има во менталитетот на нивните политички раководства оставено фабричка маана – постојано да бараат некој центар да им издава наредби и да ги чува и брани од зло.

Зарем треба да чуди што Куба, некогашната колонија на Шпанија, по стекнувањето на независноста кон крајот на XIXиот век веднаш паднала под американско влијание, а по превратот на Фидел Кастро таа карипска држава веднаш се стави под безбедносниот и економски чадор на СССР, за по падот на Советскиот Сојуз неколу години да глуми обиди за реформи (со цел да купи време) и сега е верен полтрон на богатата со нафта Венецуела (која и самата е банана-република која тесно соработува со Русија на Путин).

И Македонија не е далеку од тој менталитет. После пет века турско ропство, едвај чекавме Цариград да биде заменет со Белград, а штом Белград нѐ отпиша, сѐ што правиме од тогаш го правиме за да нѐ запише Брисел.

Како што во банана-републиките од Латинска Америка и Африка владите глумеа за време на студената војна дека се или комунисти/социјалисти или анти-комунисти (со цел да ги придобијат симпатиите и помошта од СССР или САД соодветно), така и ние глумиме две децении некакви европски реформи.

Не дека имаме желба да станеме земја со европски стандарди во секое поле, ами само сакаме да влеземе така под закрилата на некој моќен спонзор, во случајов Брисел. За тоа пишував далеку поелоквентно во колумната „Златно теле“.

Па така, и по тој основ сме си слични на типична банана–република.

4. Најголем дел од буџетот власта го троши за останување на власт, а не за развој на државата: ако основниот слоган на француската револуција бил „слобода, еднаквост и братство“, слоганот на американската војна за независност „нема оданочување без преставување“ а на октомвриската револуција во Русија „сета власт на Советите“, тогаш основната парола на типичниот политичар во секоја банана-република е „давај и земај додека има, а кога ќе снема – прај се на Тошо“.

На времето во африканските и латино-американските банана-републики најголемиот дел од приходите во буџетот биле трошени за купување на оружје и опрема за армијата и полицијата кои не служеле за да ја бранат земјата од некој надворешен непријател, ами од можна револуција од сиромашните жители на државата. Остатокот од буџетот завршувал во џебовите на клептократите.

Во поново време, кога практично сите политичари ширум светот сфатија дека ако народот се крене на револуција, поголеми се шансите војската да застане на негова страна одошто да ја спречува револуцијата, главно парите од буџетите на банана-републиките се наменети за поткупување на оние општествени групи кои можат да предизвикаат нереди и револуција.

Со други зборови: ако не може да ги победиш, вработи ги во бирократијата.

Револуциите во секое едно општество ги прават луѓето кои се доволно образовани да сфатат што се случува во државата, но истовремено не се и вработени па да мислат на тоа кога ќе земат плата, а не како да ја срушат владата. Од таму, редовна стратегија кај секоја апашка власт во секоја банана-република е да го запоставува развојот на образованието, а парите што требало за образованието да се инвестираат да отидат за платите на безбројната армија на партиски војници вработени во јавниот сектор.

Во Македонија имаме сега околу 150.000 вработени во јавниот сектор, од кои околу 70.000 се пожарникари, метачи на улици, лекари, цариници, учители, полицајци, шумари, собирачи на даноци, вработени во електроцентралите, амбасадори, водоводџии, медицински сестри или некоја таква професија од која секоја држава има и потреба и корист, па така тие луѓе си ја заслужуваат платата.

Но, остатокот од бројката вработени во јавниот сектор, или околу 80.000, е сочинет од заменици референти, помошници портири, кафе кувари, членови на управни одбори на јавни претпријатија, секретарки на шефови на кабинети на директори на агенции кои ништо не работат и на кои партиски војници функцијата им е дадена само како награда за гласовите што партијата ги добила од нив и членовите на нивните блиски семејства.

Нивното неработење и пиење кафе по цел ден и оговарање на колегите и читање на сите весници и прекраскажувањето на нивната содржина по службениот телефон, ја чини нашата држава 500 милиони евра годишно. Со тие пари десет илјади трособни станови може да се купат, или да се финансира изградбата на осум комплетни хидросистеми од типот на „Злетовица“ или пак да се доврши два пати пругата кон Бугарија или да се донесе гасоводна линија до секое македонско семејство или пак, најкорисно од сѐ, да се скратат драматично даноците (кога во буџетот ќе нема потреба од тие приходи) или пак со само сто милиони од тие петсто милиони да се финансира оваа реформа во образованието.

Ама тогаш не би биле банана-република, нели? И не би можеле политичарите да си прават мајмунлаци со иднината на оваа земја и овој народ.

*

Ако сакате да видите како една банана-република може да престане да биде банана-република проучете ја добро историјата на Чиле, особено периодот од 1970те до денеска. Ќе видите како таа латино-американска држава која на времето сосема зависела од приходите од извозот на бакар, своевремено за влакно се спасила од левичарска револуција по што со полна сила била спроведена десничарска контра-револуција, со која на власт дошол режим кој и покрај сета своја бруталност (во голема мера сосема претерана и непотребна) имал доволно памет да воведе смели економски реформи за развој на слободен пазар и вистински капитализам во државата.

И затоа сега Чиле не е повеќе банана-република (или поточно, бакар–република) како некогаш. Сега Чиле редовно го наведуваат како пример за успешна држава и нејзините граѓани уживаат во највисок животен стандард на целиот јужноамерикански континент.

Ама Чиле на времето го водеше Пиноче. Кај нас од како сме станати независни Пинокио во континуитет е на власт. Пинокио како метафора за лажливец, но и кукла истовремено, која очекува добрата вила да дојде еден ден и да ја претвори во вистински човек, а во меѓувреме поради својата наивност запаѓа од една во друга неволја.

За седумнаесет години владеење во Чиле, Пиноче иако не им даваше политичка слобода на Чилеанците им даде практично неограничена економска слобода, па политичката слобода самата си дојде неизбежно. Кај нас еден или друг Пинокио практично во исто толку долг период ни дава политичка слобода колку сакаме, ама економска слобода нема никаде, па ништо чудно што правото јавно да го критикуваме Курто редовно завршува со тоа што ќе го изгласаме Мурто место него на власт да дојде.

Чиле некогаш беше банана–република, но денеска е далеку од тоа. За Македонија ќе може ли тоа истото да се каже некој ден, наскоро?

.

П.С: Двете наредни колумни кои ќе бидат објавени на овој блог ќе бидат поврзани според пораката, па мора да бидат блиску една до друга. Затоа, во недела попладне очекувајте ја колумната со наслов “Ти мене војводо, јас тебе сердаре“ а пак во редовниот термин во четврток пред полноќ очекувајте ја колумната која ќе е дополнение на таа, со наслов „Прашањето за легитимноста“.

До недела попладне, поздрав😆

11 Responses

Subscribe to comments with RSS.

  1. Пригодна песна:

  2. Најдобра финта во текстов ти е Пинокио, кој покрај кукла и лажливец е и дете, а во почетокот замислен и како марионетка. Доообра мозочна „светка“.

    Билјана

    08/04/2010 at 21:11

    • Да, се мислев да напишам колумна-аналогија меѓу приказната за Пинокио и нашата ситуација.

      Само се прашувам кој би бил штурецот? Оној лик што се обидува Пинокио да го изведе на прав пат?

      Кај сите наши политичари „Пинокиевци“ не можеш еден „штурец“ за советник да најдеш…

      .. а интересно би било, нели? Штом Пинокио лаже, му расне веднаш носот. А македонскиот политичар штом ќе излаже со некоја демагошка изјава, веднаш му расне рејтингот…

      … има момент во приказнта кога Пинокио се претвора во магаре…

  3. Ех, колку ми е здодеано од безрбетници…

    Туку, што мислиш дали навистина постои толку значајна разлика во менталитетот, интелигенцијата на различни народи, или разликите се повеќе сплет на настани и околности?

    Мартинка

    09/04/2010 at 09:45

    • Тоа е комплексно прашање.

      Прво, од каде произлегува менталитетот? Веројатно од сплет на околности и настани.

      Но, штом менталитетот ќе се дефинира, тој станува сила сам по себе.

      Прво настаните го дефинираат менталитетот на еден народ, а потоа менталитетот на тој народ ги дефинира настаните.

      Воедно, не е само битен колективниот (просечен) менталитет, ами и менталитетот на лидерите, кој пак не зависи чисто од историските настани, туку и од личната инспирација, и од личните искуства на тој лидер.

      Второ, ниту една карактеристика не треба да се гледа изолирано, туку во една синергија со другите околности. Како на пример коефициентот на интелигенција, за што имама пишувано тука https://blogatash.wordpress.com/2010/01/08/♦-што-всушност-ни-кажува-коефициентот/

      Трето, не знам дели ти е познат авторот на „Духот на законите“, но таа одлична книга од XVIIIиот век ја напишал еден многу интелигентен и образуван човек по име Монтескје, и морам да признам дека е одлична појдовна точка за таа тема (зошто некои народи се различни по култура, навики, менталитет, религија, и историски успех од другите)

      Еве го линкот до книгата он-лајн (долга е прилично, но вреди да се исчита) http://www.constitution.org/cm/sol-02.htm (ова е содржината, со линкови до секоја глава)

      Конечно, еве и еден одличен документарец од Џаред Дајмонд за тоа што мисли тој за причините за разликите меѓу народите правен по неговата книга „Guns, germs and steel“

      (ова е првиот клип, а целиот документарец е со 18 клипа по десет минути, сепак вреди да се изгледа)

      Позз…

      • Фала за одговорот!
        За лидерите мислам дека пак веројатно произлегуваат од народот, не се случајни изборите баш такви какви што се, т.е не ни паѓаат од небо.🙂

        За интелигенцијата не мислев баш толку конкретно, веројатно погрешно се изразив, туку повеќе мислев нешто како мудрост, општо ниво на култура, свесност, морал итн.

        Фала за линковите за книгата и документарецот, ќе ги погледнам.
        Инаку, од Џаред Дајмонд ја читав „Колапси на цивилизациите“ и е феноменална, ептен ми се допадна.

        Поздрав!

        Мартинка

        09/04/2010 at 13:32

  4. Менталитетот на лидерите го диктираме ние со нашата глупавост. Зошто да не го искористат тоа што сме идиоти? Секој паметен човек би го искористил. После ги пцуеме и колнеме. Можеби е време да се запрашаме во кого точно е грешката, дали во лидерите наши или можеби во нас?

    robertmacedonia

    10/04/2010 at 14:58

  5. Ако добро се сеќавам на една книга за Хитлер, пишуваше дека докторите биле радосни пред почетокот на Втора светска војна, зашто конечно ќе се опоравеле младите од “болеста на денгубење и губарење” (парафразирам многу) и дека ќе им се подигнел моралот, духот и волјата. Претходно многу луѓе се преселиле од село во град и му ја удриле на легачење, па нацијата заслабнела како физички, така и психички. Некако ме потсеќа ова на нашиве преполни кафулиња на сред бел ден, преполни со млади деца кои пијат “каве и тутун” со парите на мамичка и татичко, дека не се способни сами да заработаат.

    robertmacedonia

    10/04/2010 at 15:36

    • Ако добро се сеќавам, во 2001та кога кај нас почна војна, младите луѓе не се тргнаа од кафулињата да одат со волја, морал и храброст во одбрана на татковината, ами во странство заминаа.

      Ова се однесуваше како за македонските млади од тоа време, така и за Албанците.

      „Не прашувајте што вашата земја сторила за вас, туку прашајте.. колку чини едно капучино со шлаг“ ?!?!?!

      Или можеби поинаку требаше горниот цитат да гласи🙂

      • Да не се разбереме погрешно, не алудирам јас дека треба да има војна за да се освестиме🙂 Само кажувам во каква состојба е младината.

        “Запрашај се што си сторил ти за својата земја.” Точно. Но што е со ова?

        TRAUTMAN
        John, the war, everything that
        happened here may have been wrong,
        but dammit, John, you can’t hate
        your country for it.

        RAMBO
        Hate? — I’d die for it.

        TRAUTMAN
        Then, what is it you want?

        RAMBO
        What do I want? I want what they
        want…
        (indicates P.O.W.’s)
        And what every other guy who came
        over here and spilled his guts and
        gave everything he had wants… for
        our country to love us as much as we
        love it… That’s what I want. And
        that’s what they wanted.
        (indicates P.O.W.’s)

        Оние кои сториле нешто за својата земја, зарем не заслужиле нивната татковина да им врати со иста мерка?

        robertmacedonia

        10/04/2010 at 18:45

        • Да, на пример, ако биле бранители и биле ранети во војната, прво државата ќе им даде оштета, а потоа ќе ги тужи за да ги вратат парите.

          Богами, тоа колку луѓе ќе мотивира да се борат во идна евентуална војна, појма немаш.

          Се разбира, истовремено ќе потроши државата 400.000 евра за рекламна кампања со порака „Ти си Македонија“

          Иди па најди му логика.

          Па после зошто било Манкидонија… па ќе биде, како нема да биде🙂


Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Промени )

Connecting to %s

%d bloggers like this: