Блогот на Богдан. Нено Богдан!

мој мејл: blogatash@yahoo.com

♦ ПPAШAЊEТO НA ЛEГИТИMНOCТA

with 14 comments

Едно мало волкче и една возрасна кучка (ротвајлерка). Ова волкче е посвоено од кучката и тоа ќе порасне покрај неа верувајќи дека и самото е куче, па и ќе се однесува исто како куче. Сѐ додека некој неочекуван „инцидент“ не го потсети дека е всушност волк.

Пред околу осумдесет години, американскиот социолог William Isaac Thomas го формулирал принципот кој ќе биде темелно разработен во денешнава колумна и кој по него го носи името Теорема на Томас. Принципот гласи: „ако луѓето за некоја работа сметаат дека е вистинска, тогаш последиците ќе бидат исти како таа работа навистина да е вистинска“. Внимавајте, социологов не рекол дека ако луѓето веруваат во нешто тоа и навистина е точно, ами дека само последиците од нивното верување се исти како да тоа нешто навистина е точно. Принципов не е универзален, и затоа не е аксиома, туку бидејќи важи само во некои случаи е само теорема. Што значи тоа?

1. Паричникот оставен на клупа во парк никој не го пипал: не знам колку е точно денеска ова, но своевремено во Израел апсолутно можевте да оставите паричник полн со пари на било која клупа во било кој парк и никој, ама апсолутно никој, немаше да ви го земе.

Проблемот е што ако ве немаше повеќе од десетина минути да се вратите по паричникот, ќе моравте да го барате во најблиската полициска станица, каде што покрај тоа што ќе можевте паричникот да си го земете со сите пари во него, ќе ви напишеа и казна за загрозување на јавниот ред и мир!

Оти така?

Како што знаеме сите, во таа држава долго време страдаат од тероризмот и многубројните обиди за поставување на бомби со кои би бил загрозен животот на цивилите. Од таму, кога некој би видел на клупа оставен паричник, сигурно првата мисла би му била дека станува збор за некоја поставена бомба, која ќе експлодира и ќе го убие веднаш оној што ќе го помрдне паричникот. Од таму, никој не се осмелуваше да допира такви предмети, за кои се веруваше дека терористите намерно ги поставиле како мамка за цивилите.

Затоа беше повикувана редовно полицијата и нејзиниот анти-терористички одел за да се справи стручно со потенцијалната бомба. Доколку беше откриено дека не е бомба во прашање, туку случајно заборавен паричник (или фото-апарат или некој друг вреден предмет) за да не се вознемируваат идните минувачи на тој простор, предметот се носеше во најблиската полициска станица и таму сопственикот можеше да си го подигне, откако ќе платеше висока казна.

Ако луѓето веруваат дека во паричникот или фото-апаратот оставен на клупа во парк има бомба тие нема да се обидат да го украдат. Ако знаат дека навистина има бомба, исто така нема да се обидат да го пипнат. Значи, последиците од верувањето во некоја претпоставка и вистинитоста на таа претпоставка во случајов се идентични.

2. Дали казните треба да се високи или ниски? Ако се тргне од претходната подточка, и ако се има во предвид теоремата на Томас, одговорот за ова прашање е јасен – нема врска дали се тие високи или ниски, дали се благи или строги, оти важно е луѓето да веруваат дека казната сигурно ќе ги стигне.

Оти никој не сака да плаќа казна, нели? Дури и ако казната за фрлање на парче хартија на тротоар е само сто денари – никој нема да се осмели да фрли ниту најмало парче, ако знае или подобро кажано ако верува дека таа казна нема шанси да ја избегне.

Од друга страна, можете за некое кривично дело или прекршок да назначите и неверојатно строга казна, залудно е, оти ако луѓето се убедени дека власта нема да може да ги фати и да ги натера да ја платат казната – тие ќе си го вршат без проблем тоа кривично дело и тие прекршоци.

Во повеќето држави казната за предавство, за тероризам, за земање на оружје во рака и јавно противење на авторитетот на владата е екстремно строга, па често и смртоносна. Но, ако луѓето кои планираат да се занимаваат со предавство, со тероризам или со вооружен бунт се убедени дека казната нема да ги стигне, дека државата не само што нема да ги уапси и суди и затвори или егзекутира, туку дури и ќе преговара со нив и ќе амнестира, тогаш тие нема да имаат страв да се бунтуваат.

Што е идејата тука? Во Македонија ако еден човек фрли пред очите на некој санитарен инспектор отпушок од цигара на тротар – ќе биде казнет со 50ина евра. Но, ако група од педесетина млади луѓе извадат автоматски пушки и пиштоли и пукаат во воздух пред очите на десетина полицајци прославувајќи некој свој политички или спортски успех – тие не само што нема да бидат казнети за тоа, ами уште ако и се не сто туку неколку илјади, и не пукаат во воздух туку во полицајците – ќе можат подоцна да формираат партија, да бидат избрани некои од нив за пратеници во парламентот и да учествуваат со свои министри во владата.

Значи, не е битно колкава е казната, битно е луѓето да веруваат дека таа ќе ги стигне. Ако веруваат дека ќе ги стигне, нема да прават прекршоци, дури и ако казната е прилично мала.

3.  Најсилното оружје на секој заговор е финтата на „газда Зоре“: газда Зоре ги знае сите и сите го знаат Зоре иако никој точно не знае со кој точно бизнис Зоре се занимава, од кај му се сите тие пари што ги има. Зоре никогаш не можете да го видите сам, ами секогаш е во друштво на убави и млади манекенки, или со видни членови на семоќната олигархија во нашата земја пие виски на коктел, или пак, за него се зборува дека е финансиер на сите појаки партии во земјава.

За Зоре се тврди (а тоа сите го зборат) дека е личен пријател со најмоќните политичари во државава и пошироко, и од опозицијата и од позицијата. За Зоре сите врати се секогаш отворени. Во било која институција, во било кое министерство, Зоре си има свој човек.

Зоре тера бизнис и носи три мобилни во џебот свој. Секој втор ден е во странство, дали во Црна Гора, дали „у Грчка или у Турска, или чак и у Кипар“. Зоре ги знае сите битни фаци на Балканот, а и пошироко. Зоре има пријатели меѓу мафијашите, естрадните ѕвезди и политичарите, како и меѓу тајните агенти на разузнавачките служби на безмалку секоја појака светска сила инсталирани кај нас (и пошироко). И да… за Зоре се вели дека е овдешен член на она тајно друштво за кое може да се прочита во книгите и за кое се вели дека владее со светот и ги влече конците зад сите случувања.

Деведесет отсто од она што се збори за Зоре е лага и тоа лага што самиот Зоре ја има измислено и проширено за себе. Зоре ниту е масон, ниту се познава со тајните служби, ниту ги финансира партиите наши, ниту пак на неговите три мобилни прави некои значајни деловни муабети.

Ама Зоре има многу силна причина луѓето да веруваат дека тој сите тие работи ги прави. Затоа што Зоре е бизнисмен во транзициска земја и како таков, тој мора да се заштити од оние деловни партнери кои би сакале да го измамат или да не му ги плаќаат долговите.

Ако луѓето мислат дека Зоре е само обичен бизнисмен – тогаш никој нема да се плаши од него и никој нема да го цени. Ама ако сите мислат за Зоре дека тој има моќни пријатели, дека е човек поврзан со сите битни фактори во земјава и пошироко, и дека „секој кој што се обидел Зорета да го заебе – потоа наебал самиот“ тогаш Зоре нема да има проблеми во бизнисот. Кој тоа деловен партнер би се осмелил на човек поврзан со ЦИА, со масоните, со мафијата, со владата, да не му плати пари што му ги должи?

Не мора да е Зоре навистина толку вмешан во сите тие „тајни сили“ ама помага, нели, многу помага кога сите мислат дека Зоре е поврзан со тајните сили. Ако луѓето престанат да веруваат дека постои заговор, дека има тајни сили кои се посилни од јавните сили – тогаш Зоре ќе биде сведен на најобичен човек кој се обидува да просперира во бизнисот. А такви има илјадници како него.

На Зоре не му треба независно и ефикасно судство, регулаторна гилотина или реформски зафати за развој на деловната клима во Македонија. Зоре во такви услови би бил обичен бизнисмен, а сѐ додека има матни води, тој може да се прикажува себеси за крупна риба. Иако не е. Кога луѓето би ја знаеле вистината, Зоре би бил никој и ништо.

Теоремата на Томас и тука функционира: не е битно дали Зоре е стварно масон, мафијаш и удбаш, битно е луѓето да веруваат дека е тој сето тоа. Ако веруваат, од страв ќе пристапуваат понизно пред него, исто како навистина да е масон, мафијаш и удбаш. (инаку, ликот на газда Зоре е само еден од четирите главни ликови од колумната „Заговор или изговор“)

4. Како да се избегне војна? Звучи парадоксално, ама колку една држава е посилна и уште поважно колку соседните држави знаат и се убедени во нејзината воена сила, толку помали се шансите таа држава да биде нападната.

Со други зборови, колку повеќе се подготвуваме за војната, толку поголеми се шансите да живееме во мир!

Во ова тврдење има и елемент од познатата „квака 22“ за која пишував подетално во истоимената колумна. Имено, колку посилна војска има некоја држава, толку помали се шансите таа држава да биде нападната. Но, ако нема шанси таа да биде нападната, која е потребата од имање на толку силна војска?

Од таму, имањето на ептен стого чувани тајни оружја е комплетна глупост, која не само што не помага во одбраната на државата ами и ја загрозува! Ако смислата на имањето на силна војска со моќни оружја е да го одвратат било кој непријател од желбата да ја нападне земјата, тогаш не треба да има тајни оружја за чија моќ непријателот нема да знае и нема да се плаши од нив.

Кога една земја ќе развива едно ново, моќно оружје, таа се разбира дека треба да го држи во тајност додека да биде произведено и докажано за ефикасно. Но, штом ќе го има готовиот производ, тогаш треба на сиот гласи да го разгласи тоа свое ново оружје и да се осигура дека сите потенцијални непријатели ќе добијат одлична престава за неговата моќ.

Слично нешто важи и за тајните служби што одредени моќни држави ги имаат. Сте слушнале за оние кретенски теории за тајни служби кои се толку тајни што нивното постоење никому не му е познато?

Па која е смислата на таква тајна служба од чија моќ никој не се плаши? Од друга страна, можете да имате и сосема просечна тајна служба со прилично просечни можности, ама битно е да ја рекламирате нејзината неумоливост преку написи во весници, книги и филмови за нејзините непобедливи тајни агенти до тој степен што сите непријатели ќе веруваат дека вашата тајна служба е семоќна.

Не е битно дали вашата тајна служба е навистина сеприсутна и семоќна. Битно е потенцијалните терористи да веруваат дека вашите тајни агенти сѐ слушаат, сѐ знаат, и секогаш на време секоја завера ја сосечуваат во корен. Ако веруваат во тоа, никогаш нема да се осмелат да ве нападнат, па ефектите од верувањето се исти како навистина да имате семоќна тајна служба.

5. И така, дојдовме до прашањето за легитимноста на една власт: Се сеќавате ли како Слободан Милошевиќ падна од власт пред десет години? Оној Милошевиќ што владееше со Србија како ориентален деспот без да води сметка за тоа дали широките народни маси се согласуваат со него или не.

Во почетокот се согласуваа, но постепено ја загубија довербата во него. Сепак, дури и по поразот во војната со НАТО во 1999та тој успеа да се одржи на власт, затоа што имаше легитимитет меѓу луѓето.

Кој го изгуби неповратно на изборите во 2000та и потоа дури и неговите најблиски соработници од тајната полиција сфатија дека Слобо е брод што тоне и се откажаа од него. Неколку месеци подоцна довчерашниот семоќниот човек во Србија заврши во Хаг, од каде што не се врати жив.

Се сеќавате ли и како Љубчо Георгиевски во првите две години од своето премиерствување владееше како што му се сакаше, а во втората половина од мандатот практично беше човек без никакава моќ?

Нашиот некогашен премиер Љубчо Георгиевски си доби легитимитет од гласачите во 1998та и првите две години и покрај сите глупости што ги правеше и покрај сите обиди на опозицијата да го симне од власт преку нов распоред на коалициите во парламентот – остана на власт и си владееше без мака. Но, на изборите во 2000та, иако само локални, неговата партија доби понижувачки едвај 150.000 гласови, па тој го загуби легитимитетот.

А кога еден политичар ќе го загуби легитимитетот тој станува како куче без заби. Може да лае, но не и да каса. Потоа, на секого му беше јасно дека на наредните избори, кога и тие да се одржат, ќе победи СДСМ и дека Бранко ќе се врати на власт.

И затоа кога СДСМ тргна да ја урива Македонија преку нивната соработка со УЧК, многу му беше лесно да најде сојузници во државниот апарат и безбедносните служби, оти малкумина беа тие што сакаа да се борат против неизбежното. Логиката на многу медиуми, тајни полицајци, странски дипломати и луѓе од сродни сфери беше: „зошто да се замерувам сега со овие луѓе кои водат војна против својата сопствена држава, кога како и да е тие утре ќе дојдат на власт“.

Е од таму доаѓа легитимитетот: од убеденоста на луѓето дека власта има иднина. Ако луѓето веруваат дека денешната власт утре ќе падне, тие уште од сега ќе си прават мост кон сегашната опозиција која нели утре ќе дојде сигурно на власт.

Ако луѓето веруваат дека Македонија еден ден сигурно ќе мора да се откаже од своето име, тогаш тие нема да се борат против промената негова, туку уште од сега ќе се обидат да се упикаат кај идните сигурни победници.

*

Ако Македонците не веруваат во иднината на Македонија, тогаш Македонија нема да има иднина. Тоа не значи дека е доволно само Македонците да веруваат во победата на Македонија и дека таа неминовно ќе победи. Таман работа, таквиот фатализам е крајно опасен и најчесто води во пораз. Но, теоремата на Томас вреди тука најјасно, оти:

Ако Македонците не веруваат во конечната победа на Македонија – тогаш таа победа нема да ја има. Затоа, луѓето кои сакаат Македонија да има иднина, никогаш, никогаш, никогаш, никогаш не смеат да престанат со борбата за јавното мислење. Никогаш.

Патот кон победата не завршува во умот на борците. Патот таму започнува.

.

П.С: Наредниот четврток, очекувајте една многу интересна колумна со многу интересен наслов „Оксиморонштини“. Уште сега да нема никаква забуна, терминот „морон“ и терминот „оксиморон“ немаат никаква допирна точка еден со друг. Од таму, „моронштини“ се тешки глупости, но „оксиморонштини“ се тешки мудрости како оние од типот „толку многу ги мразам, што дури ги сакам“ или „вистинското лице го покажуваат само кога носат маска“. За што станува збор, преку дури десет такви примери, ќе видите во четврток, во редовниот термин, непосредно пред полноќ.

До тогаш – останете поздравени😆

14 Responses

Subscribe to comments with RSS.

  1. Ах колку ти е убав крајот на колумната, но, за жал, во него се гледа стравот од она што се случува во реалноста. Како сè повеќе Македонци да губат верба, како сè повеќе да се помируваат со поразот.

    Билјана

    22/04/2010 at 23:22

    • Во моментот кога ќе се помириш со идниот пораз – веќе си поразен.

      Нашиот песимизам е најсилното оружје во рацете на нашите непријатели.

    • Еве цитат од последната глава на мојата книга за Александар:

      Александар не го освоил Tyre затоа што на последниот ден од седумте месеци опсада конечно успеал да се искачи на бедемите на тој град, туку затоа што на првиот ден од почетокот на опсадата цврсто решил дека нема да си оди никаде без првин да ја заврши работата поради која дошол на тоа место.

      Ако Македонија пропадне после дваесет или триесет години постоење како независна држава, тоа нема да биде поради тоа што по дваесет или триесет години од прогласувањето на нејзината независност нашите непријатели конечно ќе успеат да нѐ победат, туку затоа што на самиот почеток на нашата независност ние доволно цврсто не сме решиле да опстанеме.

  2. Интересен тип тој Зоре, ме потсетува на Кајзер Созе – http://en.wikipedia.org/wiki/Keyser_S%C3%B6ze

    Овој Кајзер толку ги убедил сите дека е ѕвер, што деликвентите иако никогаш не го виделе, само што ќе им го спомнеш се плашат и прифаќаат секакви услови.

    Тој може да е обичен мирен човек, или воопшто и да не постои. Проблемот е што веќе станал озлогласен, па сега сите веруваат во тоа.

    Ваквите работи веднаш ме потсетуваат на нашите “ценети експерти” кои полека успеваат да ги убедат луѓето дека сме осудени на пропаст ако не влеземе најбрзо што може во ЕУ и НАТО. Оние младите кои сега почнуваат да следат политика, веројатно е дека ќе бидат убедени дека е ова точно и ќе постапуваат како да е вистина.

    robertmacedonia

    23/04/2010 at 19:48

    • „Сѐ додека има матни води, тој може да се прикажува себеси за крупна риба.“

      Ценет експерт е оној експерт кого го ценат многу луѓе.

      А зошто го ценат многу луѓе?

      Зашто се убедени дека други „многу луѓе“ го ценат.

      Одбрана од тоа:

      Јас сум еминентен стручњак…
      – Каде си еминентен?

      Јас сум ценет експерт…
      – Ценет од кого?

      Мене ми дале диплома…
      – Кој им дал диплома на тие што тебе ти дале диплома?

  3. Се гледа дека си бил јако инспириран од темата па си ја стокмил во еден здив. И тоа сосема добро, се разбира.
    Во делот за разузнавачката служба мислам дека работите стојат малку поинаку. Токму таа тајност и фама за нејзината моќ ја креира претставата во јавноста дека таа е присутна секаде, дека се се следи, слуша…. дека е семоќна. А невидлива!
    Стравот од непознатото е најголем!
    Инаку, за казнената политика си сосема во право. Честопати ваквиот Драконски систем на казни создава обратен ефект кај јавноста. Многу побитно е она што го потенцираш – никој нема да остане неказнет отколку колку ќе биде казната. Оти суштината на казнувањето не е во одмаздата на државата/општеството кон престапникот туку во нејзината превентивна улога односно одвраќање на идните можни прекршители на законот!
    Поздрав Нено, одлична колумна!

    alexandro

    24/04/2010 at 22:23

  4. П.С. Каде имаш RSS за целиот блог?

    alexandro

    24/04/2010 at 22:25

  5. Да те кликам директно уште нерасонат!😀

    alexandro

    25/04/2010 at 15:07

  6. јас те имам во RSS. Те фатив. Финта е тоа :))
    Додуша, сал насловот и делот под него со црвени букви го генерира, ама сепак – знам кога има нов пост😉

    Во однос на темава…. за легитимирањето на легитимноста… теоремата на Томас „ако луѓето за некоја работа сметаат дека е вистинска, тогаш последиците ќе бидат исти како таа работа навистина да е вистинска“ има и светла и темна страна, зависи кој со каква цел ја (зло)употребува.
    Заблудите и предрасудите лесно се креираат а тешко се рушат.
    Ако некој рече дека Нено е лош, злобен, вообразен, неморален, користољубив… и има доволно прилики тоа да го повторува наоколу, неуморно… луѓето кои не те познаваат ќе веруваат дека тоа е така и ти ќе имаш последици по сопствениот углед како да тоа е вистина.
    Оди после збори им за Томас🙂
    Поздрав Нено

    oksimoron

    27/04/2010 at 14:07

    • Хе, хе…

      Ако некој рече дека Нено е лош, злобен, вообразен, неморален, користољубив…

      …нема да помине долго време пред да ме повика некоја политичка партија да станам нејзин виден член.

      Нели?😉

  7. Мојот најомилен прочитан блог досега!🙂

    CAVIR

    01/06/2010 at 02:29


Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Промени )

Connecting to %s

%d bloggers like this: