Блогот на Богдан. Нено Богдан!

мој мејл: blogatash@yahoo.com

♦ OKCИМOPOНШТИНИ

with 12 comments

Оксиморонска архитектура: по овие скали не е можно да се качувате нагоре или да се симнувате надолу, можете само да се качувате надолу или да се симнувате нагоре.

Прво мора да се истакне фактот дека термините „морон“ и „оксиморон“ немаат никаква допирна точка еден со друг. По таа логика „моронштини“ се тешки глупости, но „оксиморонштини“ се тешки мудрости што оној кој ќе дојде во допир со нив го тераат да се замисли врз нивната длабока и навидум противречна суштина. Еве осум оксиморонштини:

1. „Толку многу се мразат, што дури се сакаат“: да нѐ гледа некој од страна нас Македонците и Грците, сигурно на прв поглед би му се сторило дека ние ептен се мразиме. И тоа, не толку широките народни маси, туку најмногу гласачите на македонската десница и гласачите на сите парламентарни партии во Грција.

Тоа на прв поглед, но еве ја сега на втор поглед оксиморонштината: замислете утре по некое чудо Грција да се согласи со нашата желба да се нарекуваме и сите ширум светот да нѐ нарекуваат како што ние сакаме, т.е. Македонија и Македонци. Без додавки, придавки, одредници и напоредници. Едноставно, замислете утре Грција да го батали комплет сиот спор околу името. Како никогаш да не бил, како никогаш да не се случил.

Веќе наредниот ден, или барем наредната недела, откако ќе спласне сета зачуденост околу тој неочекуван потег на Грците, што ќе се случи со рејтингот на владеачката партија? Кога веќе нема да постои проблемот со името, и кога бранењето на името ќе биде непотребно – одеднаш сите глупости кои актуелната власт ги прави во континуитет во четириве години (и за кои народот ѝ прогледуваше низ прсти поради нејзиното бранење на името) ќе станат мноооооогу видливи.

А не дека нешто поразлично ќе биде и во Грција. И тамошните водечки партии немаат некои економски резултати со кои пред граѓаните би се пофалиле (што моментално е очигледно, нели?).

Па без омразата на едните кон другите и на другите кон едните, што ќе им нудат владеачките партии на своите гласачи?

Значи, толку многу се мразиме, што исто како да се сакаме. Љубов е кога не можеш да функционираш правилно без личноста која ја сакаш. Во случајот со нас и Грците, и во двете земји владеачките партии нема да можат да функционираат без да има кого да мразат нивните гласачи.

Оваа оксиморонштина делумно беше инспирација за мојата дамнешна колумна „Треска, Вардар, ние и Грците“.

2. „Кога сум со вас, исто како да сум сам“: ова нешто пак може нашиот премиер да им го каже на речиси сите негови советници и повеќето министри, па и на многу од пратениците од неговата партија.

Знаете претпоставувам која е логиката на оваа оксиморонштина: човек е сам кога нема со кого да прави муабет. А поентата на секој муабет е да се размени мислење со некого, а нема фајде човек да разменува мислење со некој кој што има апсолутно идентично мислење како него.

Со други зборови, со полтроните не можеш да разговараш оти ништо нема да ти кажат поинакво од она што мислат дека сакаш да чуеш. Не само што полтроните се бескорисни за било каква практична работа (ова ги објаснува сите неостварени ветувања и промашени проекти на сегашната влада) туку и не можат да дадат корисен совет или реална опсервација за она што се случува.

Така да, кога господинот Груевски е опкружен со полтроните му, исто како да е сам. Ниту може нешто да сработи повеќе од она што самиот директно ќе го раководи и надгледува, ниту пак може да разговара со некого и да чуе поинакво мислење.

Сам човек не може ништо да направи, па макар бил и интелигентен, посветен и трудољубов по дваесет и четири часа седум дена во неделата.

Секако, не е само лидерот на позицијата опкружен со бескорисни полтрони, таман работа, да е само тој, уште и би имало надеж за земјава. Тој тренд уште на времето го почна и уште го практикува со полна пареа лидерот на опозицијата кому пак на времето му ја посветив колумната „Култ на личноста: карактеристики и последици“.

3. „Со тоа што не нѐ навредуваат, најмногу нѐ навредуваат“: а поголема оксиморонштина во Македонија во изминативе години од односот на медиумите кон политичарите и уште повеќе однос на политичарите кон медиумите нема.

Не за друго, туку поради длабоко вкоренетата заблуда дека медиумите имаат влијане врз јавното мислење. Велам заблуда, оти медиумите во реалниот живот немаат практично никакво влијание врз јавното мислење. Ова мое тврдење заслужува посебен пост, ама во голема мера логиката е идентична на она што го пишував во „Сите дебати се потполно бескорисни

Погледнете ги нашите телевизии и весници. Имате три весници од една фирма кои здружено вршат непрекината пропаганда против Македонија, па сепак и покрај тоа што тие спаѓаат во најтиражните и најчитаните – кај народот според сите анкети (сеуште) доминираат ставови за спорот за името дијаметрално спротивни од тоа што тие весници пропагираат веќе со години.

Двата весника чиј вистински газда е газда и на две телевизии дуваат во истата тиква, но добиваат и иста музика од тиквата – и покрај високата гледаност на телевизиите пак нема никаков ефект од сета таа пропаганда.

Значи, откако расчистивме дека медиумите немаат влијане врз јавното мислење (барем не толку колку што самите веруваат) да се вратиме на оксиморонштината од оваа подточка.

Политичарите се плашаат од медиумите оти им е страв ако се скараат со нив, дека тие ќе почнат негативна кампања против нивниот лик и дело.

Јас мислам дека кога станува збор за јавно изнесување на ставовите, патриотите во Македонија не само што не треба да се загрижени за можните навреди на експертутките, ами треба да се загрижени ако такви навреди нема од нивна страна.

Нивните ставови се спротивни на ставовите на македонскиот народ (оние фамозни 60% од испитаниците од сите анкети кои се против влегувањето во евроатланските структури по цена на промена на името). По таа логика, што има лошо во тоа да те навредуваат истите оние луѓе кои ги навредуваат и мнозинството граѓани во земјава?

Ако човек е политичар или колумнист или блогер или новинар, би требало да се чуствува навреден ако не го навредуваат предавниците. Тоа значи дека не е доволно патриот, и дека треба да вложи повеќе напори за да ги изнервира продадените души.

4. „Вистинското лице го покажуваат само кога носат маска“: оригинално оваа оксиморонштина ми текна во 2004та еден ден по неуспешниот референдум за (т.е. поточно „против“) предложената територијална реорганизација.

Имено, и во тоа време, пред референдумот сите анкети зборуваа дека 60% од граѓаните ќе излезат на тој референдум и дека ќе гласаат за зачувување на старите општински граници, но како што видовме сите, дури и собирањето на потписи тешко одеше, па едвај се собраа потребните 150.000 за распишување на референдумот.

Подоцна, на референдумот излегоа само 450.000 гласачи што беше далеку од очекуваните и најавени според сите анкети 60% (околу милион гласачи!).

Се чини дека кога Македонците ги прашувате за нивните ставови тие само глумат дека се патриоти, дека се заинтересирани за иднината на Македонија и дека ако треба „и срце и душа и живот“ ќе дадат за Македонија. Ама кога ќе дојде време да се даде не срце, не душа, не живот, туку еден обичен глас (да се заокружи еден збор) – друг став имаат.

Гласањето е анонимно, па на тој начин секој кој што има став исто како да носи маска, оти нема со име да се знае кој за кого гласал или за што гласал, туку само конечните бројки ќе бидат познати. А бидејќи тие бројки од гласањето се оние според кои се одредуваат конкретните последици од гласањето, испаѓа дека токму на изборите или на референдум луѓето го покажуваат своето вистинско лице. Кога фактички носат маска!

Е затоа, сите муабети за референдумот кој треба да се организира по прашањето за името, треба да тргнат од таа оксиморонштина која барем во Македонија веќе еднаш се покажа за точна. Анкетите нека велат дека 60% од граѓаните се против промената на името, но тие анкети не се анонимни, оти сепак анкетарите ви се јавуваат дома на фиксниот телефон и тоа значи дека можат да дознаат и точно кој сте, по име и презиме.

Така да, еве уште една оксиморонштина: оној што сака референдумот за името да биде успешен (да не се промени името), всушност ќе треба да стори сѐ тој референдум да не биде успешен (да нема доволно излезени гласачи).

5. „Толку многу се задолжи, што стана газда на банката“: го знаете она тврдење дека кога човек ќе земе долг од банка, и кога потоа со години ќе треба да ѝ го отплаќа долгот на банката – тој всушност станал роб на таа банка? Оти, од она што ќе заработи не носи дома за себе и фамилијата, ами за банката прво треба да одвои за да ја отплати ратата од кредитот.

Тоа важи кога човек (или една фирма или држава дури) ќе земе мал кредит, кога малку ќе се задолжи. Тогаш, човекот, фирмата или државата навистина се слуги на своите кредитори. Ама еве ја сега оксиморонштината, која во денешна Грција најмногу доаѓа до израз:

Кога ќе земете премногу кредити, кога ептен преку секоја мера ќе се задолжите, тогаш не сте ѝ вие роб на банката, ами таа вам ви стои на услуга. Ако тоа не е пример кога се индивидуални должници во прашање или мали фирми, кога една голема фирма или пак држава од калибарот на Грција е во игра тоа е полна вистина.

Грција е толку многу задолжена (некои си 400 милијарди долари се споменуваат) што ако таа одлучи дека не сака да ги плати долговите, ќе банкротираат еден куп банки и инвестициски фондови кои нејзе ѝ позајмиле пари. При што, тие банки и фондови се толку значаен дел од економијата на богатите земји од ЕУ, што нивното банкротирање ќе предизвика сериозни последици по фискалната стабилност на државите во кои се наоѓаат, најмногу Англија, Франција и Германија.

Така да, сега испаѓа ситуацијата дека богатите држави треба да ѝ даваат од своите буџети кредити на Грција за да може таа да ги врати кредитите кои им ги должи на банките и фондовите од тие богати држави кои пак ако не ги добијат тие пари нема да можат да ги плаќаат даноците со кои ќе се полнат буџетите на тие држави што треба да ги дадат кредитите!

И тоа би било прекрасно решение за Грција, да е само таа на работ на економски колапс. Но, тука се и Италија, Португалија и Шпанија.

Па ако богатите земји ѝ дадат пари на Грција, таа нема да направи реформи и догодина пак ќе бара пари. А воедно, нема да направат реформи ни другите „медитерански пациенти“ затоа што ќе сфатат дека ако Грција може да биде спасена, може и тие да барат помош од богатите.

И догодина, пак ќе се пее истава пред-колапсна песна, само не од соло-изведувачот Грција, ами во хор, од сите јужни членки на Унијата.

Од таму, најпаметно на Германците и Англичаните им е да ја откачат на време Грција, па таа да западне во хаос & анархија која што состојба до толку ќе ги преплаши Португалците, Италијанците и Шпанците што без многу одложување ќе пристапат тие кон реформирање на своите земји.

Како и да одлучат богатите држави од ЕУ, нема да биде арно за Грците. Или сега ќе ја спасат Грција и догодина пак ќе треба не само неа да ја спасуваат туку и уште три држави (а пари нема толку!), или сега ќе ја откачат Елада, па догодина да не мораат никого да спасуваат.

Значи, Грците ќе наебат како и да е (😆 ), што пак нѐ води до следната оксиморонштина која гласи:

6. „Толку е касно, што веќе е рано“: секој кој што до сега имаше илузии дека во Европската Унија тече саде мед и млеко и дека на секој чекор просто извираат демократските придобивки на европската солидарност, нека ја набљудува тажната разврска на грчката трагедија (поточно „фарса“ или „лакрдија“).

Бидејќи како што кажав погоре, а од што толку убаво звучи ќе го повторам, Грците ќе наебат како и да е, тоа значи дека во ЕУ не цветаат рози и дека оние што до сега биле разгалени од сега веќе нема да можат да бидат тоа.

За ова нешто веќе имам зборувано ептен елоквентно во колумната „Златно теле“.

Толку е касно за ние да влеземе во ЕУ (оти ништо нема да добиеме од тоа членство) што е доволно рано да се зафатиме со другите алтернативи за нашата државна иднина. А другите алтернативи се Македонија да стане политички независна како Швајцарија, економски организирана како Сингапур или Хонг Конг и национално и патриотски освестени да станат Македонците како што тоа сега се Израелците.

Толку е касно за да станеме ЕУпјани, што е доволно рано да почнеме да стануваме вистински Македонци.

7. „Треба да си многу храбар за да бидеш страшливец тука“: оваа конкретна оксиморонштина му се припишува на советскиот диктатор Јосиф Сталин кој во една пригода запрашан за причините поради кои неговите војници до последна капка крв се борат против Германците, одговорил дека казната за оние што ќе се повлечат од фронтот е стрелање, па по таа основа „за да биде човек страшливец во Црвената Армија треба да е многу храбар, за да се соочи со стрелечки вод потоа“.

Ми се чини дека оваа оксиморонштина вреди и за нашата политика. Земете ги комуњарите кои кутрите четири години јавно си кажуваат дека ќе го сменат името штом ќе дојдат на власт и кои народот еве веќе четири години никако да им даде доверба и подршка па сите избори од тогаш ги загубија по ред.

Тие се страшливци кога станува збор за одбраната на името, па по таа оксиморонска логика се и истовремено многу храбри оти казната за нивната страшливост е вечно седење во опозиција.

Но, оксиморонштинава треба и на оние на власт што се да им биде јасна. Оти ако тие кукавички потклекнат пред сите притисоци, за нив казната нема да биде само паѓање од власт. Една работа е да си во опозиција ама сепак да имаш широка подршка од многу свои избирачи, а сосема друга е да паднеш од власт и твоите гласачи да те отфрлат и да се откажат од тебе.

8. „За да го спасиме селото, моравме да го уништиме“: конкретнава оксморонска изјава ја дал еден американски генерал во текот на Виетнамската војна кога пред новинарите објаснувајќи зошто некое село било до темел разурнато од американската авијација, одговорил дека тоа бил единствениот начин да го спасат тоа село од паѓање во рацете на бунтовниците.

Нешто слично на последнава оксиморонштина ни нудат на прв поглед предавниците кои постојано нѐ убедуваат дека мораме да се откажаме од националниот идентитет и да престанеме да бидеме Македонци со цел да влеземе побрзо во ЕУ и НАТО, бидејќи тоа демек било единствениот начин да опстанеме како Македонци.

Со други зборови, мораме да престанеме да бидеме Македонци за да можеме да останеме Македонци?!

Но тоа е моронштина само на прв поглед, оти на втор поглед е всушност оксиморонштина. Значи не длабока глупост ами длабока мудрост.

*

Што е Македонија денеска? Земја на необразовани, сиромашни, очајни, плашливи, мрзливи, обесхрабрени луѓе. Како таква, оваа држава нема иднина. Македонија мора да се промени, и да стане земја на храбри, умни, вредни, способни луѓе. Со други зборови, она што денеска е Македонија во својата суштина која е длабоко гнила – мора да исчезне и да биде заменето со нова суштина, нова срж од здраво ткиво.

Обрнете внимание на зборот „суштина“. Ако нашата земја го промени своето име, таа пак ќе си остане земја на страшливци, неуки, слабаци, лузери… и пак ќе биде несреќна и без иднина, и под новото име.

Затоа погрешно е да се мисли дека Македонија треба да го отфрли својот идентитет и да измисли некој нов идентитет. Напротив, за да бидеме обновени мораме да се вратиме на нашиот извор.

А тоа е античкото минато на нашата земја и нашиот народ и името „Македонија“ како симбол на тоа славно минато. Затоа, тие не смеат да бидат заборавени и отфрлени, бидејќи токму во нив е клучот за нашата иднина. За да сфатите што сакам да кажам, ако не сте ја прочитале до сега, прочитајте ја мојата некогашна колумна „Западен менталитет против Источен менталитет“. А потоа, ако не сте ја прочитале до сега, прочитајте ја и мојата книга „Што можеме ние Македонците да научиме од Александар Велики“.

.

П.С: Инаку, ако не ви текнува каде сте ја виделе претходно илустрацијата која го краси денешниот текст, да ве потсетам дека таа е инспирирана од една слика на генијалниот уметник М.К.Ешер. Неговиот оригинален стил на комбинирање на формите и обликување на просторот го прави него вистински „оксиморонски сликар“.

П.П.С: Се надевам дека осумте денешни оксиморонштини ви се допаднаа и ве натераа на размислување. Не сакам да си помислите дека само осум ги има, напротив, има многу вакви логички конструкции, а баш сега јас знам барем уште дваесетина, кои ќе ги објавам во некои идни колумни, по седум-осум или повеќе во секоја. Ќе ставев десет и во денешната колумна, ама ептен голема ќе испаднеше.

П.П.П.С: За идниот четврток очекувајте ја новата моја колумна, посветена на објаснување на една византиска финта која и до ден денешен се користи. Колумната ќе се вика „Белисариус“.

П.П.П.П.С: До наредниот четврток, поздрав😆

12 Responses

Subscribe to comments with RSS.

  1. Кој сака да добива известување по мејл секогаш кога ќе има нова колумна објавено на блогов, може да го направи тоа вака:

    1. Оставаш коментар со впишување на мејлот кој го користиш…

    2. … и долу под црното правоаголниче („Напиши коментар“) има две квадратчиња, се штиклира долното каде што пишува Notify me of new posts via email и потоа секогаш кога ќе има нов пост тука, ќе добиваш мејл на оној мејл што си го оставил во полето „Е-пошта (задолжително)“

    3. И тоа е тоа.

  2. Mnogu interesno gledanje na nestata..

    Makedonka

    01/05/2010 at 23:03

    • Фала Македонка🙂

      Целиот блог ми е таков, со многу интересни гледања на многу нешта кои вообичаено ги земаме здраво за готово.

  3. Јако!
    Со добри пораки/поуки за оние што разбираат!
    Кликнав на квадратчето!🙂

    alexandro

    02/05/2010 at 09:40

    • Се надевам дека кликна на квадратчето ПРЕД да кликнеш на „Напиши коментар“🙂

      Ако си кликнал прво на напиши коментар, а потоа на квадратчето – ништо работа.

  4. Ти воа мене ме оговараш?! :))))
    има, има уште оксиморонштини… во моментов најголема ни е „суверена и независна држава“ со народ кој „има право на самоопределување“😉

    oksimoron

    02/05/2010 at 12:50

    • Ма не🙂

      Пред нос ти работам зад грб,
      оти ако ме погледнеш со затворени очи,
      и ми упатиш нем крик
      среде громогласната тишина,
      храбро ќе побегнам
      пред твојот благ гнев.
      😆

  5. Сурова ми е милоста,
    остани заминувајќи
    со безгрижни секирации
    за слатката горчина
    од благиот ми гнев
    во некое вчерашно утре…

    п.с. пред нос ти работам зад грб! Еј!!! (многу добар израз е ова)
    во очи ми мижиш :)))

    oksimoron

    02/05/2010 at 16:49

  6. Топ си нема што…

    Vlade

    05/05/2010 at 23:12

  7. http://query.nytimes.com/mem/archive-free/pdf?res=9A0DE7D71739E433A25755C1A96E9C946297D6CF

    Ѕирни го ова, надвор од темата е, ама е вредна информација. Архива на New York Times, 15 Август 1903.

    Методиус

    06/05/2010 at 07:42

    • Го ѕирнав.

      Баш сакав за тој тип на изјави и размислување да пишувам во денешната колумна „Белисариус“ ама ја одложив за наредниот четврток.

      Така да, во неа ќе објаснам поподробно за смислата на таквите изјави.


Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Промени )

Connecting to %s

%d bloggers like this: