Блогот на Богдан. Нено Богдан!

мој мејл: blogatash@yahoo.com

♦ БEЛИCAPИУC

with 9 comments

Војсководецот Belisarius бил еден од најспособните генерали во армијата на византискиот император Јустиниан. Токму тоа било и извор на сите негови проблеми. Затоа, погодете на сликава кој е Белисариус. (помош: тоа не е типот со шлемот и наметката)

Каква врска има Јустиниан со неуспехот на илинденското востание, или подобро кажано, зошто СДСМ потроши три лидери во четири години неуспевајќи со ниеден од нив да го подобри ни за трошка својот рејтинг, или уште подобро кажано, кој му е крив на Садам Хусеин т.е. на грузискиот претседател Саакашвили за сите неволји што му се случија?

1. Како Јустиниан го зафркна Белисариус (и целата своја империја, попатно): тема на денешната колумна нема да биде потеклото на најспособниот војсководач во служба на Јустиниан (иако тоа е прилично интересна тема, сама по себе) туку еден дел од неговата војничка кариера кој што дел во себе содржи една византиска „итрина“ што често се применува во политиката од тогаш па до ден денешен.

Значи вака:

Во 532та година, иако Византија тогаш никој не ја викал Византија, ами „Истокот на (римската) империјата“, а пак нејзиниот главен град Константинополис сеуште го немал тоа име (се викал Нова Рома т.е. „нов Рим“ како што самиот цар Константин го нарекол), граѓаните на тој голем град незадоволни од начинот на кој Јустиниан владеел со империјата – се кренале на револуција запаметена во историјата по главната парола на бунтовниците како „востанието Ника“. („ника“ на грчки значело „победувај!“)

Со помош на „византиски методи“ (а какви други може да има во Византија?) Јустиниан успеал да го разбие единството на револуционерите, па оние малкумина бунтовници што останале цврсто во бунт, војската лојална на императорот, под команда на младиот и надежен генерал Белисариус, лесно ги уништила. Околу 30.000 бунтовници биле убиени, но тоа и не е некоја голема бројка, ако се знае дека тогаш Константинополис имал над милион жители.

Благодарение на решителноста и храброста на Белисариус, Јустиниан успеал да се одржи на власт. Би се очекувало тој да му биде потоа доживотно благодарен на својот спасител, но Јустиниан не би бил Византиец ако не размислувал… византиски, па веднаш почнал акција за намалување на значењето на Белисариус.

За таа цел, го испратил во Северна Африка, со јавно зададена цел да ги врати под управа на Империјата деловите од некогашното римско царство што варварите под име Вандали ги освоиле еден век претходно. Тоа било јавно искажаната цел на испраќањето на Белисариус таму, но тајната намера на Јустиниан била Белисариус да биде поразен од страна на Вандалите кои веќе претходно имале поразено неколку обиди на Римјаните (т.е. „Византијците“) да ја освојат својата стара провинција пак.

Белисариус бил пратен во тој поход со минимално количество на ресурси (оружје и опрема) и со едвај доволно војници за да постигне и едно обично успешно истоварување на брегот на Африка, но – толку бил генијален овој војсководач што успеал и со такви пречки да извојува огромна победа.

Се вратил во Константинополис како најголем јунак, со огромен плен и едно чудо заробеници. Сфаќајќи колку многу го потценил својот војсководач, Императорот го зафатила паника од можноста Белисариус да го собори од власт кога ќе посака, бидејќи ја имал подршката на армијата и подршката на народот (кој секогаш сакал победници).

Затоа, Белисариус бил пратен во Италија (која исто така била под власта на варвари, во случајов Готи) со јавно зададена цел и таа поранешна провинција да ја врати под власта на империјата, но, овој пат Јустиниан го опкружил Белисариус не само со уште помалку војници отколку во походот во Северна Африка ами и со неспособни потчинети офицери, кои требало да направат огромна штета во византиската армија.

Сѐ со цел Белисариус да биде поразен и со тоа неговиот рејтинг да падне на доволно ниско ниво за да може Јустиниан да се почуствува сигурен.

Но, во Италија Белисариус брзо се снашол и за краток период од само неколку години успеал да им нанесе страотни загуби на Готите, па до тој степен ги импресионирал своите противници, што тие решиле да го признаат него за император (!) веројатно следејќи го принципот „ако не можеш да го победиш, придружи му се“.

Тој прифатил (со намера да ги принуди Готите на побрза капитулација) но веднаш по нивното предавање во негови раце Белисариус се откажал од таа чест и објавил дека сите негови победи во Италија се во чест на Јустиниан. Арно ама, дури и привременото прифаќање (од тактички причини) на титулата „император“ на Белисариус, Јустиниан го убедило дека треба да се плаши до својот амбициозен војсководач, па веднаш наредил тој да се повлече од фронтот во Италија и да замине во војна во Сирија.

Каде што се разбира, му биле доделени под команда баш најслабите војски што ги имала Византија и секогаш бил праќан против најсилните армии на непријателот. Белисариус сепак преживеал и дури и со слабите сили што имал на располагање успеал да спречи потполен пораз на Империјата во тој дел од светот,  па кутриот Јустиниан бил принуден да склопи неповолен мир со Персијците само и само да не му даде шанса на Белисариус да извојува уште една голема победа.

Царот го вратил Белисариус пак во Италија, со желба конечно да го принуди да биде поразен, но тој не само што не бил поразен, туку дошол на чекор од тоа сосема да ги истреби Готите, па испаничениот Јустиниан го разрешил без никакво објаснување од командата и поставил некој свој полтрон за командант на армијата во Италија.

Белисариус разочаран се вратил дома и дал оставка од сите функции и си заминал во пензија. Тој до крајот на животот му останал лојален на Јустиниан, и никогаш не се обидел да ја преземе власта, иако многу политички непријатели на Јустиниан, му ја нуделе на Белисариус својата подршка во случај да посака да изведе државен удар.

Јустиниан продолжил да си владее спокојно со својата империја отстранувајќи го својот најголем потенцијален (но никогаш вистински) конкурент за тронот. Спокојно владеел Јустиниан, ако може така да се нарече периодот на губење на сите територии што биле освоени од Белисариус, како и драматичниот пад на моралот во византиската армија, особено кај офицерите, кои поучени од односот на Јустиниан кон Белисариус не сакале да ризикуваат да станат премногу успешни, па и нив да ги фати на око параноичниот император.

Така, благодарение на својата византиска финта Јустиниан продолжил да владее сигурно, ама со секоја година империјата со која владеел му станувала сѐ помала и послаба.

2. Зошто не успеа Илинденското востание: мислам дека смислата на византиската финта ја сфативте од претходната подточка. Имено, кога некој шеф има премногу способен потчинет, тој ќе направи сѐ за да неговиот потчинет биде принуден да претрпи неуспех со цел неговата репутација и моралот да бидат сведени на поскромно ниво, кое нема да му дава надеж на  потчинетиот да си помислува дека ќе може да опстане без милоста на својот шеф.

По таа логика, сосема е лесно да се објасни зошто бугарската влада од почетокот на XXиот век со сите сили се обидувала да ги поттикне водачите на македонската револуционерна организација да се кренат на востание против турската власт.

Имено, идејата на Бугарите била тоа востание штом ќе се крене да не добие никаква помош или подршка од Бугарија со што најверојатно ќе било брзо поразено, со што пак угледот на раководителите на Организацијата ќе бил непоправливо снижен меѓу Македонците.

Воедно, ако некој војвода сепак се покажел како способен да преживее во битките со Турците, околку него секогаш ќе се најдел некој шпион што ќе го предадел. Не толку поради парите што кодошот ќе ги добиел од Османлиите, ами поради парите што ќе ги добиел од страна на агентите на бугарската влада во рамките на самата Организација.

Илинденското востание токму затоа и не успеало. Било кренато со надеж дека дотогашниот верен помагач и сојузник, Бугарија, сесрдно ќе се вклучи на страната на бунтовниците, ама „сојузниците“ си имале други планови. И си седеле настрана. И востанието било задушено во крв.

По што, на секој револуционер кој се залагал за слободата на Македонија му станало кристално јасно – без бугарска помош не може да се ослободи Македонија од турското ропство. А за да се добие таква помош, морале да се прифатат сите (сите!) услови што бугарската влада ќе ги поставела.

Ние денеска сакаме да ги идеализираме Илинденците, демек биле храбри, биле посветени на слободата и борбата за Македонија, и тоа сѐ можеби било баш така, ама сепак од стратегиска гледна точка, мораме да признаеме дека нашите комити и војводи од 1903та биле вистински „шупелки“.

Единствено за Гоце Делчев се тврди дека само тој бил свесен дека „ослободувањето на Македонија може да биде дело само на Македонците и на никој друг, и кој мисли поинаку од тоа, се лаже“ па по таа основа бил против кревањето на востание сметајќи дека треба Турците да бидат совладани преку чиста герилска војна. Оти водењето на таква војна воопшто не захтева помош од странство, туку само е потребна подршка од локалното население. Која што подршка комитите ја имале на теренот, ама Гоце бил тргнат од историската сцена во клучниот момент и не успеал да влијае врз одлуката востанието да биде водено како класична војна.

Другите водачи на Организацијата биле, како што реков погоре „шупелки“ за стратегија, и не сфаќале што им се готви од страна токму на нивните сојузници, па тргнале во ослободување на територии и чекање Бугарија да им дојде во помош. Како што Белисариус на сите фронтови каде што бил чекал засилувања од Јустиниан… и никогаш не ги добивал.

3. Како го „насадија“ Садам Хусеин (и други како него): легендата која се раскажува во сите конспирациски кругови (и во круговите на оние кои веруваат дека ја разбираат глобалната политичка игра) вели дека Садам Хусеин после верното служење на Американците во војната против Иран, толку многу ја кренал својата армија на ниво на регионална сила, што веќе станал и закана за самите свои довчерашни сојузници, па овие решиле да го средат на време, за да му покажат кој е правиот газда.

Така, преставници на САД на Садам кон крајот на осумдесетите години на XXиот век му рекле дека Америка му е толку многу благодарна за неговата војна против Иран што нема да му прават проблем никаков ако посака да го освои пребогатиот со нафта сосед на Ирак, Кувајт.

И Садамчо ја испрати во поход, без да помисли на Јустиниан и Белисариус, својата голема армија која за едно претпладне успеа да ја освои малечката заливска државичка Кувајт.

Но откако си легна вечерта по инвазијата врз Кувајт како владетел на една петтина од светските резерви на нафта, утредента кутриот Садам се разбуди со крајно непријатната вест дека Американците решиле одеднаш да „се прават на Тошо“ и дека за неговото прекршување на меѓународното право остро ќе го казнат. Па испратија големи сили во заливот кои ги протераа после една крвава војна Ирачаните од Кувајт, за десетина години подоцна во втората заливска војна сосема да го уништат Садам, соборувајќи го од власт и егзекутирајќи го и него, и повеќето негови роднини.

Садам имаше после победата врз Иран благодарение на американските кредити во составот на својата војска неверојатни 5.000 тенкови, па имајќи ја во предвид таа колосална бројка требаше самиот да сфати дека станал премногу моќен и дека токму неговите најблиски пријатели ќе сторат сѐ за да го уништат.

Ова нешто требаше да го сфати и Михаил Саакашвили во 2008та кога во екот на најголемиот бум на цените на нафтата на светските берзи, неговата млада држава стана крупен играч во светската политика, оти практично сите нафтоводи минуваа низ Грузија.

Не знам што точно се случувало зад кулисите, но моја претпоставка е дека Саакашвили си помислил дека може да уценува од својата позиција некој од крупните играчи, па дури и својот сојузник САД, барајќи посебни привилегии за себе, можеби ефтини кредити, можеби пари на својата сметка во Швајцарија, при тоа заканувајќи се дека ако не му дадат Американците сѐ што ќе побара од нив, ќе премине на страната на Русија.

Па затоа, глумејќи дека ги прифаќаат сите негови барања, Американците му дадоа голема воена помош од (како што подоцна се покажа) оружје и опрема со сомнителен квалитет, и му предложија да ги врати под грузиска контрола одметнатите територии на Јужна Осетија и Абхазија.

Русите како искусни играчи во глобалната политика сфатија што му спремаат Американците на својот пион во тој регион, па Путин, со цел и тој да му покаже на својот Медведев кој е сеуште вистинскиот владетел на Русија, се согласи да го потикне Саакашвили да ја нападне Јужна Осетија.

Кога почна нападот, Медведев го зафати паника, оти сфати дека без Путин нема никаква моќ, по што пак руските сили беа пратени во Грузија пуздер да ја сторат армијата на Саакашвили.

Како што кажуваат скудните податоци од таа војна, грузиската армија во одбраната на својата земја најмногу се потпираше на против-авионските проектили и телекомуникациската опрема (дадени и двете технологии од Американците) кои пак мистериозно сите се расипаа штом почна рускиот напад.

Некои за масовното откажување на сите системи за против-воздушна одбрана ги обвинуваат саботажите извршени од руските агенти, но јас мислам дека некој друг ги заеба тогаш Грузијците. Некој во кој не се сомневаа и против кого не беа презеле никакви мерки да се заштитат од таква саботажа.

И така, грузискиот Белисариус испадна монета за поткусурување. Со Русите веќе не му текнуваше да флертува оти војна водеше па тоа немаше начин да му го објасни на својот народ, а со Американците од тогаш сосема лојално и понизно си комуницира, оти сфати каде му е местото на „големата шаховска табла“ и без чија помош ама баш ништо не може да постигне.

Мислам дека и на Балканот Албанците ќе бидат насанкани на иста таква финта, ако почнат да се замислуваат дека се самостоен фактор, кој може да игра без дозвола на Американците.

4. И по Бранко… пак Бранко: кога фамозниот и злогласниот Б.Ц. одлучи да стане претседател на државата ни, тој на чело на својата влада и својата партија постави луѓе кои до тогаш спаѓаа во редот на неговите најинтелигентни соработници, но токму затоа на своите наследници на премиерската и партиската функција веднаш почна да им прави сопки, со цел да сфатат сите во партијата дека „без Бране ниш’ не мож’ да стане“.

Слично на Јустиниан и неговите намерни саботирања на походите на Белисариус, и Б.Ц со сите сили постојано ги туркаше своите наследници во СДСМ во погрешни политички игри, во кои влечеа по негов совет сосема погрешни политички потези, верувајќи дека всушност се на добар пат.

Но, слично на Јустиниан и неговата империја, она што било добро за неговото преживување на престолот, било многу лошо за самата империја. Она што беше добро за останување на Бранко како врховен авторитет во СДСМ се покажа одлично за неговата позиција, ама многу негативно за позицијата на партијата. Која не само што е веќе четврта година во опозиција, туку и нема реални изгледи дека тоа ќе се промени и на наредните избори, било кога тие да се одржат во следниве две години до редовниот термин.

*

Тоа е основниот проблем со скоро сите византиски финти. Тие се добри на краток рок да му послужат на еден човек, но се лоши на долг рок оти му прават штета на колективниот интерес.

Конкретнава византиска финта се спроведува секогаш кога позицијата на главниот човек е загрозена од некој негов способен потчинет. Што пак објаснува од своја страна зошто нашиот сегашен премиер нема потреба често да ја спроведува оваа финта. Колку од неговите министри се способни?

За крај, како заклучок од колумнава, ева една оксиморонштина: „Паметно е да се правиш глуп, но глупо е да се правиш паметен

.

П.С: Се извинувам за каснењето на колумнава (која требаше да биде објавена минатиот четврток), но во изминативе денови имав едни крајно сериозни недоразбирања со едни крајно несериозни луѓе, со кои ете, морав да соработувам. Па од многу фрустрирачки настани & собитија, за жал, не најдов ич време за блогов. Во четврток, (20ти мај), очекувајте ја новата колумна „Значајни бројки што ама баш ништо не значат“.

Вие сигурно не пропуштајте ја, а јас… ќе се обидам да не ја пропуштам😉

9 Responses

Subscribe to comments with RSS.

  1. Кој сака да добива известување по мејл секогаш кога ќе има нова колумна објавено на блогов, може да го направи тоа вака:

    1. Пишуваш коментар со впишување на мејлот кој го користиш…

    2. … и долу под црното правоаголниче („Напиши коментар“) има две квадратчиња, се штиклира долното каде што пишува Notify me of new posts via email и потоа секогаш кога ќе има нов пост тука, ќе добиваш мејл на оној мејл што си го оставил во полето „Е-пошта (задолжително)“

    3. Кликаш на црното правоаголниче на кое пишува „Напиши коментар“

    4. И тоа е тоа.

  2. Да си толку арогантен, да си ја сечеш гранката на која што седиш…🙂

    Супер текст!
    Поздрав!

    Мартинка

    20/05/2010 at 12:34

    • На една гранка љубоморен може да и’ биде само еден ќутук🙂

      • Да, баш ќутук, само ме чуди одвреме-навреме, како ќутуците прилично често стигаат до толкава власт, моќ…?!

        Мартинка

        20/05/2010 at 20:41

        • Секој ќутук настанал од гранка.

          Во секоја гранка се крие потенцијалот таа да прерасне во ќутук.

          А има многу ќутуци кои никогаш не стигнуваат до моќ и власт. Само што кога ќе стигнат, секогаш дознаваме за нив.

          Од таму, мислиме дека секој ќутук стигнува до моќ, заборавајќи дека за ќутуците кои не стигнале до моќ никогаш не дознаваме.

          На секој еден ќутук што ќе се прослави, има стотици уште потешки ќутуци кои засекогаш ќе останат небитни анонимуси.

          • прашањето ми е, како и зошто воопшто успеваат ќутуците да стигнат до толкава моќ?
            не се случува тоа баш ретко за жал…

            ако се тие ќутуци, што ли сме сите ние останатите😦

            Мартинка

            21/05/2010 at 10:39

  3. Текстот ме потсети на онаа народната – Го пратиле дедо в планина мечката да ја донесе!
    Има повеќе примери каде лидерите/водачите ги праќаат своите способни потчинети а потенцијални конкуренти „во оган“ со цел да изгорат! Сети се само на Гошев и добиениот мандат од КГ за формирање на Влада чиј состав го определи токму КГ!
    Поздрав!

    alexandro

    21/05/2010 at 07:45

    • Така де.

      Гошев испадна Белисариус. А едно време беше тој и „Леонидас“, ако се сеќаваш на таа колумна.

      Испаѓа дека највизантиски лик во Македонија е Гошев🙂

  4. Jovan

    28/05/2011 at 09:52


Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Промени )

Connecting to %s

%d bloggers like this: