Блогот на Богдан. Нено Богдан!

мој мејл: blogatash@yahoo.com

♦ 3HAЧAJHИ БPOJKИ ШTO AMA БAШ HИШTO HE 3HAЧAT

with 19 comments

Како сакате обидете се да дојдете до бројот, со најмодерна или со најархаична технологија или методологија, но ако „бројот не постои“ тогаш едноставно бројот не постои и џабе сте го барале

Цело време сме бомбардирани со овие бројки: број на невработени, GDP, коефициент на интелигенција, стапка на наталитет, трговски дефицит, возрасни граници, број на војници во некоја армија или најново – процентуалниот удел на гените на разни антички популации во генетиката на денешните народи. Навикнати сме бројкиве да ги сметаме за битни, па затоа цели јавни служби постојат за нивно прецизно одредување, документирање и предвидување. Ги сметаме бројкиве за значајни, но целта на оваа колумна е да се запрашаме дали можеби тие бројки не се всушност сосема безначајни.

1. Наталитет и возрасни граници: ќе почнеме со стапката на природен прираст на населението, која што се вика уште и „наталитет“ и која барем во Македонија е многу жешка тема. Не за друго, туку најмногу поради тоа што упорно одбиваме да размислиме длабински за таа работа, туку се возбудуваме на секоја демагошка изјава по тоа прашање.

Имено, логиката која сите ја имаат прифатено е дека Македонците (поточно, Македонките) раѓаат по едно или ретко по две, или скоро никогаш по три деца во текот на својот репродуктивен период, а Албанките имаат по пет, шест, десет деца редовно. И по таа логика, еден ден, наскоро, за неколку години, ние Македонците (и Македонките со нас, се разбира) ќе бидеме малцинство во сопствената држава, со која ќе владеат Албанците, кои до тогаш толку ќе се „накотат“ што ќе станат доминантен дел од населението.

Оваа логика делува страшно, но како што реков, нема никаква смисла. Оти, да беше бројот на родени деца по жена фактор за моќта на некој народ, земјите како Бангладеш или Хондурас ќе беа светски сили во подем (а не Кина која веќе три децении спроведува строга политика на едно дете по жена), или пак Албанија која со децении го имаше највисоката стапка на наталитет во Европа ќе беше главен играч на континентов, а не да речеме Германија или скандинавските земји, сите со низок (дури и негативен) природен прираст.

Не е битно колку луѓе имате во рамките на вашата заедница, било таа заедница да е држава во глобалниот поредок, или етничка група во рамките на една држава, битен е квалитетот на поединците кои ја сочинуваат вашата група.

Во латино-американските држави потомците на староседелците се доминантен дел од населението, а сепак немаат никаква политичка или економска моќ, оти сета таква моќ е концентрирана сеуште цврсто во рацете на потомците на шпанските доселеници од ерата на колонијализмот. Зошто? Затоа што тие луѓе како заедница посветуваат многу внимание на одржување на квалитетот на индивидуите – образование, работни навики, волја за успех, семејни вредности.

На тоа треба да се концентрираме и ние значи ако сакаме да ја зачуваме Македонија за етничките Македонци – какви сме, а не колку сме. Правење деца е лесна работа, но правењето на возрасни, зрели луѓе од тие деца – е тоа е проблем кој не се решава едноставно.

Токму на ова може да се надоврзат возрасните граници кои се многу битни во нашето општество. Имено, не можете да гласате ако немате наполнето 18 години, а пак општоприфатено размислување во нашата култура е дека што постар е некој – тоа помудар е.

Но, возраста нема никаква врска со зрелоста на една личност. Има луѓе со 15 години што размислуваат за многу битни теми многу позрело од некои луѓе со 50 години, а воедно ништо почудно нема од тоа еден народ чии најголеми херои се Александар Велики од антиката и Гоце Делчев од поблискиве времиња да се сомнева во способноста на младите луѓе да бидат квалитетни лидери.

2. GDP и трговскиот дефицит: друг пар бројки кои многу нѐ секираат како нација и држава се економските параметри кои ги сметаме за релевантни за одредување на состојбата со нашето стопанство. Имено, Бруто Домашниот Производ (GDP) чиј пораст е многу бавен и во поново време Трговскиот Дефицит во размената со странство, кој пак параметар редовно е многу негативен и тоа предвизвикува загриженост дека „парите истекуваат надвор од Македонија“.

Прво за GDP: поголема глупост од тоа со оваа бројка да се оценува колку една држава е богата или колку нејзината економија е на добар пат – нема и не може да има. За оние што не знаат, да појаснам дека GDP преставува најобичен збир на четири параметри: колку пари потрошиле граѓаните, колку пари вложиле фирмите за инвестиции, колку потрошила државата, колку пари влегле во земјата по основ на извоз, и потоа од тој збир се одзема сумата потрошена за увоз.

Значи, никаде тука не се кажува од кај им се парите на граѓаните, фирмите и на државата за трошење. Оти ако сите тие фатат да се задолжуваат кај банките или кај странските кредитори, во текот на неколку години можат со тие позајмени пари да трошат како луди и GDPто да отиде до небо. Ама кога ќе дојде време да се вратат кредитите – ќе дојдат сите, и граѓаните и државата им во ситуација како што Грција е денеска (и СФРЈ пред дваесет години), која буквално на кредити со децении го градеше својот висок GDP како збир од висока лична и јавна потрошувачка, и инвестиции во непродуктивни проекти на фирмите субвенционирани од државата.

Последниот дел од равенката на GDP е увозот, и токму тој се одзема од збирот, небаре кога увезувате производи во вашата земја тоа одзема од вашето богатство. Од таму и загриженоста за трговскиот дефицит во размената со странство, кој што сите се сложни, ако го има е сериозна причина за сериозна загриженост.

Но, што е тоа „богатство“? Кој човек е богат: оној што има милион евра во кеш и живее во колиба склепана од летви и картони, или оној што има само 100.000 евра во кеш, но живее во убава куќа со убав двор и вози убав автомобил?

Точно, ако македонските граѓани или фирми годинава потрошат сто милиони евра за увоз на десет илјади автомобили од Германија, во Македонија ќе има догодина сто милиони евра помалку пари. Но, ќе има 10.000 автомобили повеќе отколку лани!

Точно, кога Македонија увезува храна или нафта тоа го зголемува трговскиот дефицит, ама која е алтернативата – да не ги трошиме парите за увоз, туку да гладуваме или зиме да смрзнуваме оти немаме мазут?

Богат не е оној што има доволно пари да си купи што сака, туку оној што има доволно од тоа што сака, за да не мора да купува ништо. Трговскиот дефицит е страшна работа само кога имате фиксен курс на вашата валута, а ако тој е пловечки, ќе можете да увезувате само толку колку сте извезле и ни долар повеќе. И фиксниот курс на валутата е бројка која е сосема бесмислена, ама тоа е тема за некоја друга колумна.

3. Армија на војници и армија на невработени: слично на параметрите во првите две подточки од колумнава, и бројот на вработени или невработени, како и бројот на војници или тенкови и авиони што една земја ги има во својата армија, се сосема бесмислени ако стојат само како голи бројки.

Имено, како што покажала историјата многу пати (најјасно преку Александар Велики) сосема е ирелевантно колку војници ќе дојдат на бојното поле, ако тие се слабо вооружени, слабо обучени, со слаб морал, или најлошо – под команда на неспособен војсководач.

Во древноста, војсководачите како Александар или византискиот генерал Белисариус редовно со своите мали армии се соочувале со далеку помногуброен непријател, и – редовно победувале.

Во поново време, примерот на Израел кој ги доби сите војни што ги водеше против секогаш бројно надмоќните арапски соседи е доволен доказ за неважноста на бројот на војници при одредувањето на исходот на војната. Слично, во првата војна против Ирак (од 1991та), американските тенкови иако многу помалку на број од ирачките, благодарение на врвната технологија вградена во нив и на координацијата со авијацијата и артилеријата, партал ги направија во сите соочувања на бојното поле силите на Садам Хусеин.

Квалитетот, а не квантитетот на една армија е битен и за армијата на невработени и вработени. Нема ништо убаво во тоа сите работоспособни луѓе во една држава да имаат убава работа и убава плата, ако таа работа е непродуктивна (во државна фирма) и ако добрата плата што ја добиваат не ја заработуваат туку им ја дава државата преку буџетот кој се полни со странски кредити (сете се само на благосостојбата во СФРЈ и како грозно таа заврши).

Воедно, бројката на невработени во една држава практично никогаш не е онаа што ја наведуваат институциите, од проста причина што скоро секој невработен си има некоја работа на „црно“ – во сенките на сивата економија каде што неговиот труд не е пријавен и каде неговата плата му се исплаќа по принципот „кеш на рака“.

Ајде да се соочиме со логиката: да имаше во Македонија навистина триста до четиристотини илјади луѓе кои со години ама баш ништо не прават туку седат по дома и гледаат телевизија оти немаат друго што да прават – до сега ќе имавме сто пати револуција во државава. А зошто немавме револуција? Оти најголемиот број од „невработените“ се премногу зафатени со работење на црно и немаат време да одат на протести.

4. IQ и етничката генетика: за тоталната бесмисленост на коефициентот на интелигенција имам пишувано многу поелоквентно во една друга колумна и не знам што да додадам на таа тема во оваа пригода, освен дека и тоа претставува бројка која многу луѓе ја бараат, на која многумина ѝ веруваат и која – апсолутно ништо не значи.

А своевремено (но и денеска во некои екстремни кругови) токму разликите во IQ меѓу припадниците на разни етнички групи или раси биле причина за потценувачко гледање врз групите чии членови покажале слаби резултати на тестовите за интелигенција. А причината за тие разлики најчесто расистите и шовинистите ја бараат во некакви вродени, биолошки разлики меѓу припадниците на разните етнички групи.

Неодамна, во Македонија беше многу актуелно истражувањето што еден швајцарски институт за генетски истражувања (наречен Игенеа) го направи за генетската композиција на денешните балкански нации, и како таа соодветствува на некогашните (антички) народи.

Па така, со испитувања на Y хромозомот кај мажите во Македонија, Грција, Бугарија, Албанија и Босна, се добија небулозни резултати од типот: 30% од мажите во Албанија имаат Y хромозом кој е илирски, 15% феникиски, 14% хеленски, 18% тракиски, 2% викиншки и 20% словенски; во Бугарија состојбата е дека 49% од денешните бугарски мажи имаат Y хромозом ист со древните тракијски мажи, 11% ист со Y хромозомот на древните Македонци, 15% на старите Словени, 15% на античките Хелени и 5% на Феникијците.

Воедно, кај денешните Грци распоредот на Y хромозоми е: 10% од нив имаат германски Y хромозом, 10% илирски, 20% словенски, 5% од древните Македонци и 35% од древните Хелени, а пак босанските мажи имаат 50% илирски Y хромозом, 4% тракијски, 20% германски, 6% хунски, 15% келтски и 15% словенски.

Да го оставиме настрана прашањето колку од древните Тракијци го имале тракијскиот хромозом (зарем сите Тракијци биле со ист Y хромозом?), и да го оставиме прашањето настрана од колку тоа скелети на Тракијци, Македонци, Хелени и Фениќани извадиле примероци ДНК за тестирање истражувачите, како и методологијата според која утврдиле во кој миг внукот на некој Пајонец (со „пајонски“ Y хромозом) станал антички Македонец (со истиот Y хромозом). Тоа се теми за друга колумна.

Зошто се овие бројки глупави? Па ако според истиот институт денешните Македонци се: 30% со ист Y хромозом како древните Македонци, 10% како древните Илири, 15% како Хелените, 5% како Феникијците, 20% како Германите, 5% како Хуните, и се разбира 15% како Словените, излегува дека ако сакате да направите од 100 просечни Грци, 100 просечни Албанци, 100 просечни Босанци и 100 просечни Бугари, сто просечни Македонци, потребно е…

… да земете 10 Албанци кои имаат илирски Y хромозом, 5 Албанци со феникиски Y хромозом, оние 14 од 100те Албанци што имаат хеленски Y хромозм и уште еден Бугарин со таков хромозом, 20 Босанци со германскиот хромозом, од оние 6 од 100 Босанци кои имаат хунски хромозом да земете само петмина, од Албанците исто можете да земете 15ина од 20ината кои имаат словенски Y хромозом, и конечно за 30 од стоте модерни „Македонци“ што сакате да ги добиете ви требаат оние 11мина Бугари плус четири Грци со античко-македонски Y хромозом, и уште по еден брат на секој од тие Грци и Бугари (браќата имаат ист Y хромозом) и ќе го добиете точниот процентуален микс во таа група што ќе одговара на составот според Y хромозомот на модерните Македонци.

Да сублимираме: ако сакате да добиете 100 Македонци треба да земете 44 Албанци, 22 Бугари, 26 Босанци и 8 Грци. Потоа, за проверка, тестирајте го составот на групата според Y хромозомите на 100 просечни Македонци и на таа група што сте ја добиле и – нема да знаете која група е која, ако судите според процентите на „Игенеа“.

На времето напишав една многу убава колумна со наслов „Апсурдноста на генетското одредување на националноста“ која што апсолутно му ја препорачувам на секој што не ја прочитал до сега да ја прочита, оти ја сметам за една од моите најдобри остварувања до сега на планот на моето блогирање.

*

Би било убаво некои важни работи да можеме да ги опишеме преку една или две или три или повеќе бројки, ама за жал, тоа не секогаш е можно. Во општеството, зад секоја бројка стојат луѓе, зад секој параметар стојат човечки судбини и погрешните бројки се најчесто причина за создавање  на повеќе нови проблеми отколку за решавање на постојните.

Убаво е човек да се потпре на прецизни податоци кога одлучува за нешто значајно, ама не смее никогаш да се потпира на „Неколку погрешни бројки“ или на бесмислените бројки објаснети во денешнава колумна, оти како што беше кажано – квалитетот е поважен од квантитетот.

Ако ги погледнете луѓето, ќе можете да ги разберете бројките. Но, ако ги погледнете само бројките, никогаш нема да можете да ги разберете луѓето.

.

П.С: Во последно време нешто сум фасциниран со бројките, па затоа наредниот четврток очекувајте ја колумната со наслов „Под просекот, над просекот“. Не се секирајте, нема во неа да ја верглам излитената фраза дека „ако еден јаде зелка, друг месо, а трет ориз, во просек сите јадат сарма“. Таман работа, тоа секој го знае и нема потреба и јас да го кажувам. Друг ќе биде муабетот во колумната, за кој што верувам дека ќе ви се допадне и ќе ве натера на размислување.

До идниот четврток, поздрав😆

19 Responses

Subscribe to comments with RSS.

  1. Кој сака да добива известување по мејл секогаш кога ќе има нова колумна објавено на блогов, може да го направи тоа вака:

    1. Пишуваш коментар со впишување на мејлот кој го користиш…

    2. … и долу под црното правоаголниче („Напиши коментар“) има две квадратчиња, се штиклира долното каде што пишува Notify me of new posts via email и потоа секогаш кога ќе има нов пост тука, ќе добиваш мејл на оној мејл што си го оставил во полето „Е-пошта (задолжително)“

    3. Кликаш на црното правоаголниче на кое пишува „Напиши коментар“

    4. И тоа е тоа.

  2. Само да знаеш дека секој четврток и понатаму го чекам со нетрпение. Тоа што не коментирам на постовите е просто затоа што немам што да додадам, се си кажал.
    А, тука, само за богатството ќе искоментирам. Јас немам многу пари, нели, просечен професорски живот и примања. Ама, јас никогаш не сум се чувствувала сиромашна – туку секогаш богата. Немам желби за глупости и за трошење пари на рекалмирани артикли. Јас се чувствувам многу богата, многу – зашто животот ми е исполнет, зашто се чувствувам среќна и зашто баш ми е гајле за парите… (Се разбира, имам кај да живеам и имам за храна). Богатството е во чувството. Никогаш не им завидувам на екстра богатите, понекогаш дури и ги жалам, зашто заборавиле што е обичен, нормален живот, што е обичен мирис на природа, што е обичен мисрис на патлиџан и мирис на најобична љубов, или насмевка за поздрав, ама искрена.
    П.С. Многу ми се допадна Белисариус, посебно зашто сум му во филмот.
    П.П.С. И не ти се регистрирам за пратење нови постови, бидејќи поубаво ми е кога ќе ѕирнам – и има нешто ново.

    Билјана

    21/05/2010 at 01:38

  3. “Богат не е оној што има доволно пари да си купи што сака, туку оној што има доволно од тоа што сака, за да не мора да купува ништо.“
    ======================
    Ова јас пократко отпорано го велам:

    “Не е богат тој што многу има туку тој што малку му треба.“
    ———-
    Ги следам колумните.
    Поздрав.

    LupcoBocvarov

    21/05/2010 at 02:37

    • “Не е богат тој што многу има туку тој што малку му треба.“

      Или обратно: „не е сиромашен оној што нема, туку оној што има потреба“

      Од таму, има само два начини да се стане богат:

      Или да го имаш она што го сакаш.
      Или да го сакаш она што го имаш.

  4. Сепак бројките на Амди Бајрам се најточни. Тука нема никаква дилема!😀
    Одличен пост, вообичано… Со јаки пораки!

    alexandro

    21/05/2010 at 07:30

    • Се разбира море Амди во бројките, ај, ај…

      Виде ли пред некој ден испадна дека кутриот тој, денар немал на негово име имот.

      Да не беше пратеник (со платата) ќе требаше од социјална помош да живее…🙂

      Голема оскудација, што би рекол Амди🙄

  5. ајдее, GDP така се пресметувал?!

    Неодамна читав на хрвтаските сајтови, се вознемирија Хрватите, по некои статистики на СЗО или нешто слично, им излезе дека имаат поголема смртност на мајки при породување отколку во Босна; сепак толкувањето е дека Хрватите имаат поцелосно собирање податоци и водење на статистиките, отколку во Босна.
    Тука е очигледна грешката, ама кај некои не толку јасно разграничени параметри, оди најди му го крајот…

    Мартинка

    21/05/2010 at 10:51

    • GDP = private consumption + gross investment + government spending + (exports − imports)

      Па како инаку?!

      Така барем цел свет го пресметува…

      • немав поим, мислев нешто посуштински, т.е. воопшто не сум ни мислела на тоа како се пресметува… само ја земав предвид како крајна бројка која нешто значи за државите на кое ниво се во економска смисла…

        Мартинка

        21/05/2010 at 15:24

        • Е па да, бројот GDP е толку мистифициран, толку сме опседнати со него, цели институции паничат ако наместо 1,5% е 1,4% порастот негов, а кога ќе погледнеш колку е тоа една сосема бесмислена бројка, да се чудиш што толку фама се крева околу неа.

          Веројатно баш затоа, оти е во суштина сосема стерилен тој параметар, па мора да креваат толку фама сите.

  6. “оти сета таква моќ е концентрирана сеуште цврсто во рацете на потомците на шпанските доселеници од ерата на колонијализмот. ” – ама ним никој не им наложил колку проценти од власта да им дадат на староседелците, без разлика дали староседелците се писмени или не. Кај нас мора – “победникот кај албанскиот блок” да е дел од влата. Демек ова федерација е. Што ќе се случи кога ќе се изедначи бројот на население, Македонци и Албанци во Македонија?

    robertmacedonia

    23/05/2010 at 10:03

    • Ај прво да расчистиме што е тоа „победник кај албанскиот блок“

      Од 1998та до 2002та ДПА беше во власта со ВМРО -ДПМНЕ, иако имаше само 10 пратеници, а ПДП имаше дури 15. Партијата за Демократски Просперитет не беше дел од власта иако имаше повеќе пратеници од партија на Тачи и Џафери.

      Од 2006та до 2008та пак беше ДПА на власт иако немаше повеќе пратеници од ДУИ, а пак од 2008та досега, иако формално-правно појаката албанска партија е во власта, тоа фактички не е така.

      Оти на изборите на 1ви јуни 2008та се покажа дека рекетарите на ДПА се многу посилни од рекетарите на ДУИ и само поради Зајас имаше ДУИ за малку повеќе гласови од ДПА добиено. (таму рекетарите се непотребни, оти и Велиу и Ахмети се од Зајас, па нивниот клан гласа за нив)

      Значи, ако моќта на албанските партии произлегува од силата на нивните рекетари, тогаш ДУИ испадна послабата партија од тие избори, па затоа Груевски ги зеде нив во коалицијата.

      Само кога е СДСМ на власт тој е во коалиција со појаката албанска партија. Така беше од 1992та до 1998та и од 2002та до 2006та.

      Конечно, и нам никој ништо не ни наложил, тоа нашите политичари глумат дека некој им врши „невиден притисок“ за да може за секој проблем во земјава да ги обвинуваат Албанците, ММФ, грчкото лоби… а никогаш за сите глупости на нашите политичари не се криви самите тие, нели?

      Пример, од кога е потпишан рамковниот, вработени во бирократијата се вкупно едвај 10ина илјади Албанци, а партиски војници на двете „наши“ партии (етнички Македонци) има преку 50 илјади ново-вработени во администрацијата.

      А и едните и другите бирократи се подеднакво бескорисни и корумпирани.

      Тоа е како во една соба да има еден вампир и еден комарец, и вампирот да вика „бркајте го комарецот, тој пие крв“.

      Албанците не плаќале даноци? А нашите олигарси плаќаат ли даноци, или наместо 10 милиони данок, ќе дадат милион на партијата на власт, и потоа кога ќе пријават дека работат со загуба, никогаш инспекција нема да им дојде да провери.

      И ако пукне скандал поради тоа, веднаш на ТВ некој албански радикали ќе станат топ тема, и место со правите проблеми, цела јавност ќе се занимава со Албанците.

  7. Се сложувам, нормално, ама ова е друга тема. Да претпоставиме дека ДМПНЕ и СДСМ решиле да прават коалиција после избори, само тие две партии. Мислиш дека ќе успеат во намерата?

    robertmacedonia

    23/05/2010 at 13:42

    • Да, ако СДСМ и ДПМНЕ се договорат да направат коалиција после изборите без албанските партии, ќе успеат да владеат без проблем.

      Само што ти претпоставуваш дека нашите две партии одат на избори со цел да ги поразат Албанците.

      Јок, тие одат на избори да се поразат една со друга.

      Нема доволно пари за делење.

      СДСМ и ВМРО никогаш не можат да бидат во коалиција оти целата смисла на идењето на избори е едната партија да биде на власт а другата да не биде на власт.

      Партијата на власт го бира својот коалиционен партнер според тоа колкава цена ќе побара за својата подршка. Албанските партии бараат пониска цена од другата македонска партија, и затоа секогаш одат во коалиција.

      Зошто би влегле СДСМ и ВМРО во коалиција на власт? За да ја спасуваат Македонија?

      Зарем ти искрено мислиш дека тие се во политиката за Македонија?

      За пари се.

      Ако е се околу парите, зошто во коалиција да одиш со партија која ќе ти побара 300 милиони евра годишно, кога можеш да бидеш во коалиција со партија која ќе ти бара 150 милиони годишно?

      Парите не се споредна работа во политиката, тие се главната работа во политиката. Идеалите се споредна.

      • Точно, но реков да претпоставиме дека би сакале. Јас мислам дека не би можеле да стапат во коалиција. Огромен притисок би имало, првенствено од албанскиве партии кај нас (одма ќе излезат планинците со калашите), а после и од ЕУ и сличните лузери, кои ќе кажат дека ова не е во духот на договорот и дека не смее да се оставаат Албанците изолирани, надвор од власта и слично… Зарем не е жално некој да ти наредува со кого можеш а со кого не да стапиш во коалиција?

        robertmacedonia

        23/05/2010 at 18:02

        • Ако ВМРО и СДСМ стапат во коалиција, ама искрена онака, за Македонија пред се, за Македонија над се, тоа ќе значи дека Македонците стојат обединети во заштита на своите национални интереси.

          По тој настан, Албанците можат слободно да отидат во планина со калашите, по што од Вашингтон ќе дојде катиљ-ферман до овдешните албански лидери дека не смеат да прават војна против државата чии војници се во Авганистан заедно со Американците.

          И потоа ќе се вратат калашите дома како посрани.

          А ако не го послушаат „вујко Сем“ ќе имаме ние изин од Америте самите да се справиме со тоа востание и бидејќи ќе сме обединети, најверојатно ќе се справиме.

          Со големи жртви навистина, оти сепак да не заборавиме колку се неспособни нашите лидери и нивните полтрони, ама сепак најверојатно ќе се справиме.

          Но, конечно, да се вратиме во реалноста. Идеалите се споредна работа. Парите и моќта се главна работа во политиката.

          Македонците никогаш нема да застанат обединети оти во Македонија под етнички Македонци се подразбираат всушност два сосема различни народи.

          Оние 200 илјади што гласаа за Фрчко лани не се Македонци. Иако на попис се декларираат како Македонци, тие тоа не се.

  8. “…не смеат да прават војна против државата чии војници се во Авганистан заедно со Американците.” Е па ова е сржта – дали ова би го пишувало во ферманот или не? Јас посакувам да е вака, ама искрено не сум сигурен дека би било вака… Сепак, ова се претпоставки, да не ти го трошам времето на празни муабети… Да се вратиме во реалноста – точно е тоа за парите и идеалите, па затоа се повеќе бегам од политикава, без ќеф, ама бегам. Поздрав

    robertmacedonia

    23/05/2010 at 19:59

  9. fdgd

    suzana burovska

    28/02/2012 at 14:47


Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Промени )

Connecting to %s

%d bloggers like this: