Блогот на Богдан. Нено Богдан!

мој мејл: blogatash@yahoo.com

♦ ШТО Е ПРИЧИНА, А ШТО Е ПОСЛЕДИЦА

with 4 comments

Мачката во домот е последица од имањето глувци во домот, но е причина за немањето глувци во домот. Вие ја чувате мачката, мачката ве чува вас.

Во последните децении од постоењето на Римската империја, кога сите државни институции биле екстремно декадентни и корумпирани, ништо поимуна во поглед на можноста за финансиски малверзации не била ни христијанската црква во градот Рим, оти откако христијанството станало државна религија, црковните функции биле доделувани по принципот на политичка подобност и непотизам. Од таму, кога еден амбициозен кариерист алчен за пари рекол „поставете ме за владика во Рим и јас веднаш потоа ќе станам христијанин“ (со модерен речник кажано „ставете ме за министер, и јас веднаш ќе се зачленам во вашата партија“) никој не бил зачуден од тоа што тој не разбирал дека втората работа треба да ѝ претходи на првата, а не обратно. И после седумнаесет векови од тогаш поминати, начинот на размислување на тој човек сеуште е широко распространет, во многу сфери од животот.

1. Мачката и пожарникарите: некој човек имал во својата куќа голем проблем со наезда на глувци, кои секојдневно, често и пред негови очи, безобразно краделе храна од шпајзот и од кујнската маса дури, уринирале по ќилимите и паркетот и ги гризеле меките делови од скапиот мебел. Кога на човекот ќе му дојделе гости, водачот на глувците, еден мал сив глодар по име Глуфцифер, ги праќал своите штетници да јуришаат меѓу луѓето, да ги плашат гостите и со тоа да му ја расипуваат забавата на сопственикот на куќата.

Не можејќи ова однесување од глувците веќе да го толерира, и сфаќајќи дека тие се премногу паметни за да паднат во бројните стапици за глувци што цело време им ги поставувал, тој се одлучил да донесе една мачка во домот. Мачката била искусен убиец на глувци, и за само неколку денови толкав страв им влеала во коски на глодарите во куќата, што тие се плашеле да излегуваат од своите дувла, дури и кога мачката спиела. Ги втерала Маца гадинките буквално во глувчја дупка!

По околу еден месец, без да чуе или види жив глушец во домот, човекот дошол до заклучок дека сега кога глувците се веќе минато, нема потреба од мачката и ја избркал од дома. „Што ќе ми е мачка в куќи, кога немам веќе глувци“ – била логиката на човекот.

Неколку дена по протерувањето на мачката, Глуфцифер и неговата тајфа глодари излегле од своите скривалишта и повторно завладеале со домот на човекот. Соочен со старите проблеми, човекот ја вратил мачката но овој пат одлучил да ја чува дури и ако со години не види глушец дома. Оти ја сфатил врската меѓу причините и последиците.

А многу често тоа што човекот од горниов пример го сфатил, многумина, најчесто политичари и нивни гласачи, не го сфаќаат.

Во некоја држава, да речеме слична на нашава, секоја година во шумските пожари и во пожарите во урбаните средини настанува штета од пламените јазици во вкупна вредност од пет милиони (во добра година) до десет милиони евра (во лоша година со многу пожари).

Но, за пожарникарите, за нивните плати и за нивната опрема државата троши околу дваесетина милиони евра годишно. Па, воден од тие податоци, некој глупав политикант опкружен со стадо од полтрони доаѓа до „генијалната“ идеја да заштеди пари во буџетот со тоа што ќе ги намали платите на пожарникарите и инвестициите за нивната опрема, оти и онака штетите што од пожарите ги има државата дури и во најлошите години се двојно помали од трошоците за противпожарната заштита.

На ваквиот политичар никако не му доаѓа во умот врската меѓу причините и последиците, кога се во прашање пожарите и пожарникарите. Баш затоа што државата инвестира дваесет милиони евра годишно во пожарникарите, баш затоа има штети од пожари најмногу до десет милиони евра годишно.

Доколку државата од желба да заштеди го запостави системот за заштита од пожари, многу скоро ќе дојде до ситуација да има штети од педесетина или сто милиони евра годишно. Два, три, пет пати поголеми од „трошоците“ што ги имала кога пожарникарите биле подржувани од државата како што треба.

Истава логика во нашата држава ја имавме во изминативе децении кога власта со желба да заштеди пари, систематски ги запоставуваше не само пожарникарите, ами и системите за одводнување и наводнување, патната мрежа, енергетиката, образованието, здравствената заштита, екологијата… и затоа секој од тие сектори денеска поради нефункционирањето како што треба нанесува огромни штети за развојот на Македонија.

Зошто да инвестираме во изградба на нови електрани, кога за увоз на струја трошиме толку малку сега. Па баш затоа трошиме сега толку малку, оти некој некогаш инвестирал многу во тие електрани што сега ги имаме.

Зошто да садиме дрвја, кога имаме шуми полни со дрвја? Зошто да ги одржуваме каналите чисти кога штетите од поплавите и така се помали од трошоците за чистење на каналите? Зошто да се трудиме сите деца да бидат вакцинирани, кога и онака со децении никој не умрел во земјава од туберкулоза или сипаници или полио?

Е па баш затоа, баш затоа треба на време да се работи, за да нема потреба после да се работи сто пати повеќе.

2. Зошто странските дипломати во Македонија не нѐ почитуваат: откако во првата подточка од колумнава го објаснив општиот принцип, ајде сега да го употребам за да објаснам зошто  многубројните странски дипломати, западни емисари и меѓународни преставници на привремена работа и краток престој во земјава ни наша, практично никогаш не покажуваат почит кон нас како народ, кон нашите национални институции и особено кон нашите полтичари.

Некои мислат дека странците не сакаат да нѐ почитуваат нас оти и ние самите не се почитуваме себеси. Донекаде тоа е точно, оти како можете да очекувате некој дипломат да ги почитува припадниците на нашата политичка елита, кога ние граѓаните немаме ама баш никакво позитивно мислење (т.е „почит“) кон тие политичари?

Но ајде прашањето да го одговориме преку принципот од насловот на колумнава. Што е причина, а што е последица? Имено, чудно ни е што и покрај тоа што на сите барања и директиви на тукашните странци и нивните газди од Вашингтон и Брисел покорно сме послушни и ги исполнуваме до последна точка, тие сепак како уште повеќе да нѐ презираат и уште побезобразни барања и директиви ни упатуваат.

Очекуваме нашата понизност да биде причина која ќе има за последица тие да престанат да бараат сѐ некакви глупости да исполнуваме? А можеби треба да сфатиме дека тие цело време ни поставуваат глупави директиви баш затоа што гледаат колку сме понизни пред нив?

Тоа е некако вака: „абе комшија, завчера ти го фрли ѓубрето твое во мојот двор, јас не ти реков ништо. Вчера пак го фрли ти твоето ѓубре во мојот двор, јас пак не ти кажав ништо. Еве и денеска гледам си го фрлил ѓубрето при мене. Па оти така правиш, гледаш дека не се бунам што ми го валкаш секој ден дворот?“

И комшијата одговара: „па комшија, јас кога видов дека ти не се буниш, си реков дека можеби ти е арно. Па затоа и фрлам секој ден мое ѓубре во твојот двор!

3. Социјалната држава, даноците и економскиот развој: во разговор на тема „идеи за економски развој на нашата држава“ со еден лево ориентиран соговорник пред неколку месеци, тој како крунски аргумент во одбрана на неговите левичарски идеи го употреби следново тврдење: „е како можеш да кажеш дека социјалната држава не обезбедува економски развој, погледни ги само скандинавските земји и Германија и Франција, тие имаат силна социјална држава, плус и прогресивен данок а не рамен, а сепак имаат и силна економија и висок стандард“.

Неговото тврдење е класичен пример за неразбирање на разликата меѓу причина и последица.

Имено, посочените земји можат да имаат силна социјална држава и апсурден даночен систем баш затоа што се економски развиени и имаат висок стандард, па сите загуби што ги прави социјалниот систем граѓаните на тие држави не ги чуствуваат премногу силно по својот стандард.

Да беше имањето на социјална држава и прогресивно оданочување, заедно со силни синдикати и закони за минимална плата во сила причина за висок стандард во една држава, Грција кутрата никогаш немаше да дојде до ова дереџе на кое е сега. Медитеранските членки на ЕУ (Италија, Шпанија, Португалија) исто така не разбраа никогаш дека моделот на социјална држава што го практикуваа со децении копирајќи го од северните земји на Европа не е причина за високиот стандард што Скандинавците и Германците го имаат, туку е последица од него.

И затоа сега кога дојде време да почнат да се враќаат сите натрупани долгови, почнаа да ја чуствуваат неминовноста на логиката: дека причината е причина, а последицата е последица, и обратно не може да биде, барем не на долг рок.

4. Забрането пушење или забрането овошје: човек не може да биде шизик ако пие пиво, може да е шизик само ако пие виски или барем шампањско. Човек не може да очекува да го сметаат за кул тип ако вози „фичо“ или „сто кец“, кулноста се постигнува ако се вози „ферари“ или барем „мерцедес“. Човек облечен во патики „мејд ин чајна“ нема никогаш да го сметаат за модерен, но ако облече скапи италијански чевли може да го постигне тој статус.

Никој нема да биде сметан за фраер ако ја наведне главата и молчи постојано, фраер е оној што го кажува своето мислење, крева „прашина“ околу себе и воопшто, си тера по свое. Никогаш никој фраерлукот не го поврзувал со послушност, ами редовно со ароганција и бунтовност.

По таа логика, што точно не можат да сфатат не само нашава, ами и другите влади ширум светот кога се обидуваат да му стават крај на пушењето меѓу своите граѓани со тоа што ќе ги покачат цените на цигарите преку високи даноци и што ќе ги стигматизираат преку ригидни закони и жестоки казни пушачите?

Кревајќи ја цената на цигарите тие ги прават поексклузивни. Како што е вискито во однос на пивото, како што е „мерцедесот“ во однос на стокецот, како што се скапите италијански чевли од шестотини евра во однос на кинеските патики од шестотини денари.

Да му кажете на човек: „зошто пушиш, зарем не знаеш дека стотици евра годишно те чини таа навика“ ако сака да биде искрен тој ќе ви одговори дрско: „па точно затоа и пушам бре, ропак еден, цицијо малодушна. Ти што не пушиш, скапо ти е? Ако тебе ти е скапо, скапан лузеру еден, мене не ми е, јас сум шизик, за мене неколку стотици евра годишно фрлени во ветер ништо не се“

Стигматизирајќи ги пушачите и заканувајќи им се со строги казни, владите на пушачите им го дават потенцијалот да бидат бунтовници.

Да му кажете на човек : „зошто пушиш бе чоек, зарем не знаеш дека може да те казнат ако пушиш тука?“ ако сака да биде сосема искрен тој ќе ви одговори дрско: „па баш затоа пушам бе ропак еден, кукавицо со зајачко срце. Баш затоа, оти јас сум фраер и мене не ми е страв од инспектори и казни, пушам баш за да видат сите кој е тука главна фаца“

Борбата против пушењето е промашена од старт ако се води како борба против пушачите. Таа треба да се води против цигарите.

А методите во таа борба треба да се копираат од начинот на кој индустријата за шампони војува против првутот. Ниту еден сериозен човек кој што држи до својот имиџ (а сите луѓе со бунтовен карактер се баш такви!) не би се осмелил да се појави со првут. А како што знаеме, не се плаќа казна за имање првут, ниту е забрането имање првут кога се престојува во јавни простории…

*

Зошто за многу луѓе е толку тешко да направат јасна разлика меѓу причините и последиците? Па мислат дека она што го прават е последица од она што им се случува, наместо она што им се случува да го сфатат како последица од она што го прават?

Кој знае.

Јас лично имам теорија дека е во прашање немање на јасна визија за тоа што сака да се постигне. Кога човек не знае која му е целта, наместо да се концентрира на остварување на целта – се концентрира на одредени активности за кои некој му кажал дека ќе го одведат некаде, ама каде – ќе види кога ќе стигне.

Тоа му доаѓа нешто како „цело време одам и одам и одам, а никако да стигнам таму каде што треба да стигнам, иако, кога ќе размислам подобро, можеби при толку одење веќе сум поминал низ местото каде што требало да стигнам, ама не знаејќи дека тоа е мојата цел, сум продолжил да одам“.

На еден американски генерал од времето на Втората светска војна му се припишува следнава мисла, која можеби и никогаш не ја кажал, но што овде ќе ја парафразирам затоа што е сепак многу соодветна: „Не можеш да победиш во војна ако загинеш за твојата татковина. Војната можеш да ја добиеш само ако непријателот го натераш тој да загине за неговата татковина“.

.

П.С: Наредниот четврток (10ти јуни), во редовниот термин, очекувајте ја новата колумна на мојот блог, која ќе го носи насловот „Ексцентрик или егоцентрик“. Која е точно разликата меѓу овие два вида на луѓе, разлика што често многумина не знаат да ја направат, ќе видиме преку неколку конкретни примери за ексцентрично и егоцентрично размислување и однесување.

До четврток, поздрав😆

4 Responses

Subscribe to comments with RSS.

  1. Prvo ja procitav tvojata izvonredna kniga ,a potoa i nekolku od tvoite postovi.Se nadevam deka gi citaat golem broj mladi luge i ke prifatat poveke od vasite idei za deluvawe vo idnina. Pozdrav , prodolzi so originalni predlozi mozebi ke povleces i drugite da gi izrazat svoite .

    Violeta

    05/06/2010 at 22:10

    • Мило ми е што ти се допадна и книгата и постовите на блогов.

      Веќе имам напишано и втора книга, со друга тема, но сепак во сличен дух. Па се надевам дека наскоро ќе биде објавена и таа.

  2. Одличен пост!

    Katalmach

    06/06/2010 at 00:11


Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Промени )

Connecting to %s

%d bloggers like this: