Блогот на Богдан. Нено Богдан!

мој мејл: blogatash@yahoo.com

♦ EKCЦEHTPИK ИЛИ EГOЦEHTPИK

with 4 comments

Разликата меѓу ексцентрикот и егоцентрикот е иста како разликата меѓу еден крал и неговиот дворски шут. Кога дворскиот шут прави глупости – дворјаните му ракоплескаат затоа што така сакаат, но кога кралот прави глупости – дворјаните му ракоплескаат оти така мораат, бидејќи во спротивно ги чека казна.

1. „Викај се и змија, само немој да апеш“: многу луѓе има низ светов што многу сериозно го сфаќаат спортот. Некои од нив и премногу сериозно го сфаќаат спортот. Толку се навлечени во љубовта кон својот омилен тим, што се спремни и името да си го сменат само за да потсетува тоа на нивниот фаворит. Од таму, кога некој Македонец по име Петре Петревски ќе се прекрсти (официјално, со документ од матично) во Петре Де Виљареал Петревски и ќе бара другите луѓе да му се обраќаат со тоа име – тоа е негово право и нема зошто да го сметаме за луд.

Затоа што тој е само ексцентрик. Никому зло не му прави со тоа што го шпанизира своето име (уште пошпански би било ако „Петре“ го преведе во „Педро“, ама веројатно мисли дека луѓето ќе стекнат погрешен впечаток), ниту пак некого навредува со тоа. Ако Педро… пардон, Петре реши и да се попише на наредниот попис не како Македонец, ами како Шпанец – и тоа е негово право и не треба никој да му се меша во личниот избор.

Но замислете некој како Петрета да реши да се пише себеси Северномакедонец или Славомакедонец. Има луѓе што се склони да го сметаат таквиот ексцентрик за луд и дури и да се обидуваат да му го оспорат правото да се чуствува за таков. Тоа е погрешен пристап, оти секој има право самиот за себе да си одлучи за што ќе се смета по националност.

Проблемот настанува кога тој самодеклариран Северномакедонец се обидува да им го наметне неговиот избор и на другите луѓе кои немаат желба да престанат да се нарекуваат Македонци. И уште повеќе, кога главен аргумент за неговото инсистирање да се откажат другите од своето име е дека тоа е за нивно добро, и дека ако не го прифаќаат неговиот став се всушност прости и глупи и дека тој треба да одлучува за нив без да ги праша.

По кој основ е тој стручен да одредува за другите што е  добро за нив?

Разликата меѓу ексцентрик и егоцентрик кога се во прашање имињата е ваква: ексцентрик е оној што сака да си избере самиот име и бара другите да го почитуваат неговиот избор. Егоцентрик е оној што ќе избере име за некој друг и бара тој некој друг да го прифати неговиот избор, или во спротивно со сила ќе се обиде да го наметне тоа свое решение.

2. „Колку вреди да се штеди?“: разликата меѓу ексцентричност и егоцентричност не е ограничена само во нашиот спор со Грција за името. Оти луѓе со вакви различни менталитети се видливи и во напорите за подигнување на еколошката свест кај граѓаните.

Ако некој човек верува дека ќе помогне да се зачува природата со тоа што нема да користи топла вода (штеди енергија) или нема да вози автомобил до работа (штеди нафта) или нема да јаде месо (штеди обработлива површина која инаку би се употребила за одгледување на жито со кое се храни добитокот во фарма) тоа е негово право и самиот апсолутно може да прави што сака кога се во прашање неговите хигиенски, транспортни и прехранбени одлуки.

Тој е ексцентрик и не треба никој да го смета таквиот човек за забеган.

Проблемот настанува кога некој политичар опседнат со желбата да го спаси светот од луѓето доаѓа на власт и почнува преку донесување на глупави закони да се обидува да го наметне својот забеган став.

Кај нас уште не е во пракса спроведено (иако се најавува), ама во некои западни земји има закони со кои се забранува продажба и производство на електричните светилки со волфрамска жичка (оние стандардните што век и кусур се користат насекаде) и бара сите да мораат да купуваат и да користат исклучиво еколошки светилки кои трошат помалку енергија а даваат исто количество светлина.

Кои што светилки се и пет пати поскапи од волфрамските, и плус содржат отровни елементи како жива, па така не смее човек да ги фрли во канта кога ќе прегорат туку мора внимателено да ги однесе на рециклирање.

Во Македонија, во владеачката коалиција моментално има една минијатурна партија предводена од една економски сосема неписмена политичарка која верува дека е попаметно на пример владата со 50 милиони евра да субвенционира изградба на електрична централа од сончеви колектори отколку со истите пари да го субвенционира реновирањето на постојните станбени и деловни објекти до енергетски поштедливи.

Енергијата која ќе се произведе од сончевите колектори за пет години работа е помалку од енергијата која ќе се заштеди за само една години од вградувањето на топлотната изолација.

Ако некој сака со свои пари да си купи и постави на својот покрив колектори од кои ќе добива струја – тоа си е негово право, иако пет пати повеќе енергија ќе заштеди со инвестирање на истите пари за термо-изолација на својот дом.  Ама кога некој политичар сака да ги употреби парите од буџетот за субвенционирање на употребата на соларната енергија наместо за далеку поефикасната термо-изолација, тоа е егоцентричност која не треба да се подржи.

3. „Лесно е да се биде дарежлив со туѓи пари“: верувам дека ви е позната онаа класична левичарска мантра за алчните десничари и дарежливите левичари. Знаете нели, секогаш за левицата се смета дека ако дојде на власт таа ќе се бори за правата на работниците во нивниот судир со алчните капиталисти кои само сакаат да ги ескплоатираат, и воедно, за сите ранливи категории во општеството ќе обезбеди поголема социјална помош.

Од друга страна, левичарските апологети секогаш ги плашат гласачите со алчните десничари кои сакаат да ги намалат даноците со што на богатите ќе им останат повеќе пари, додека за сиромашните ќе нема ниту пари, ниту пак сигурност на работното место оти десницата водена од своите неолиберални убедувања ќе ги намали работничките права.

Што се однесува до заштитата на работничките права, на времето ја напишав колумната „Трн во здрава нога“ во која објаснив дека донесувањето на закон со кој би се „заштитиле“ работниците од мобинг би било контра-продуктивно и најмногу од таквиот добродушен закон ги настрадале токму наивните работници кои ќе веруваат дека тој закон ги штити.

За тврдењето дека „левичарите кога се на власт одвојуваат повеќе пари за социјално загрозените категории“ е доволно да се повтори мислата од насловот на оваа подточка: лесно е човек да биде дарежлив со туѓи пари.

Штом еден политичар ќе дојде на власт, тој може да глуми Дедо Мраз и на своите потенцијални гласачи од социјално загрозените групи да им дели подароци од буџетот кој е наполнет со парите што како данок ги платиле продуктивните граѓани. А ако нема пари во буџетот од даноци, тој се дополнува со кредити од странство, што по неколку години пак ќе треба да се враќаат од даноците собрани од продуктивните членови на општеството.

Ако некој има заработено свои пари и сака да им ги подели на сиромашните и загрозените, слободно нека ги подели како што мисли дека е најубаво. Можеби јас тоа не би го направил, ама оној што тоа ќе го направи нема да го сметам за луд. Ќе го сметам за ексцентрик.

Ако кога некој сака моите пари да ги дели – тогаш е егоцентрик.

Исто како што е егоцентрик оној што се залага да се воведе закон за минимална плата. Закон според кој една фирма ќе биде казнета ако на своите вработени се осмели да им подели плата помала до минимумот пропишан со тој закон.

Ако Јане е подготвен да работи како растоварувач на камион за 5000 денари месечно, а Цане газдата на камионот е спремен да му даде толкава плата за таа работа – тогаш нема зошто да се меша политичарот Бане и да им забранува на овие двајца да засноваат работен договор.

Бане мисли дека Цане треба да му даде на Јане минимум 8.000 денари, оти секоја сума под таа е понижувачка. Но, ако Цане не гледа ќар за својата фирма ако им дели на растоварувачите на камионот по осум илјадарки, тој нема да вработува луѓе за таа намена. Веројатно ќе си рече „па за тие пари и самиот ќе си го растоварам камионот“

По таа основа, што е повеќе понижувачки за Јане – да има право да заработува 8.000 денари плата а да не ја заработува (оти никој нема да го вработи), или да има право да заработува толку што колку самиот ќе се согласи да земе, дури и мизерни 5.000 денари, ама барем да има работа и да ја зема таа плата.

Ако Бане не сака тој да работи за мала плата – не мора, никој не го тера со сила. Ако Бане е толку загрижен за малата плата на Цане, нека земе самиот нека го вработи во својата приватна фирма и нека му дава плата колку што мисли дека треба. Ама безобразно е Бане да го принудува Цане да седи без работа, само затоа што тој смета дека Цане не треба да работи за мала плата.

*

Ексцентрикот размислува вака: јас имам право на свое мислење и сум доволно паметен самиот да одлучувам за себе. Егоцентрикот размислува пак вака: јас имам право на свое мислење и сум доволно паметен да одлучувам за другите“.

А можеби границата меѓу ексцентриците и егоцентриците и не е толку јасно повлечена? Можеби парафразирајќи го прускиот крал Фридрих Велики кој рекол „криминалец е револуционерот чија револуција не успеала, а пак револуционер е криминалецот кој успеал да го украде најголемото богатство – власта“ може да се каже дека „ексцентрик е егоцентрикот што не дошол на власт, а пак егоцентрик е ексцентрикот што успеал да дојде до власт?“

.

П.С: Наредниот четврток, во редовниот термин, очекувајте ја на блогов колумната „Еден ама вреден“. Се надевам дека таа нема да доживее одложување поради моја презафатеност.

До тогаш, поздрав😆

4 Responses

Subscribe to comments with RSS.

  1. Мене, како на еден докажан ексцентрик, убавото и со примери поткрепено објаснување на поимите егоцентрик и ексцентрик на крајот ми го расипа погрешното сведување на двата поими на “исто като с`што“.

    Фридрих Велики разгледувал и споредувал два типа на прекршители на законите.

    А ти разгледуваш два типа на почитувачи на законите.

    LupcoBocvarov

    12/06/2010 at 13:35

    • Љупчо, ако еден ексцентрик дојде на власт ќе стане неминовно егоцентрик.

      Затоа, ти не треба да се сметаш себеси за ексцентрик, оти претпоставувам дека ти немаш никаква желба да дојдеш на власт.

      Како се вика ексцентрик кој што всушност не е ексцентрик?

      Вечен ексцентрик?!

      Можеби центрифугален ексцентрик (центрифугална сила се труди да го држи секој објект што подалеку од центарот)

      Како ти се свиѓа терминот „центрифугалист“?

      Спротивна сила на центрифугалната пак е гравитационата сила која го турка секој предмет кон центарот на гравитацијата. Од таму, секој егоцентрик и секој ексцентрик кој што сака да стане егоцентрик е „гравиталист“.

      Мооооооре, кое разбацуење со заебани термини и латински изрази, бреееј🙂

  2. Јас сакам да бидам ваков крал на Македонија.

    http://lupcobocvarov.blog.com.mk/node/245959

    LupcoBocvarov

    12/06/2010 at 14:53

    • Ммммм… реков јас, реков:

      „ …ако еден ексцентрик дојде на власт ќе стане неминовно егоцентрик.“


Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Промени )

Connecting to %s

%d bloggers like this: