Блогот на Богдан. Нено Богдан!

мој мејл: blogatash@yahoo.com

♦ ГPEШKA BO CEKOJ ЧEKOP

with 2 comments

Не, не, причината за уништувањето на овој воен брод не е дека „готвачот заборавил да си ги измие рацете пред да земе да ги лупи компирите“ или дека „капетанот станал тоа утро на лева нога“ туку – ударот од едно големо, страшно, моќно, разурнувачко торпедо.

Премудрите и безгрешни бирократи од ЕУ, уште еднаш, по кој знае кој пат, наместо да ѝ подадат отворена рака на Македонија, ѝ покажаа среден прст. За некого ова е изненадување, ама за повеќето од нас не е. Ако се има во предвид начинот на кој Унијата комуницира со нас со години веќе, и особено нашата поставеност кон нејзините барања – ова нешто можеше и да се предвиди. Во денешнава колумна, ќе стане збор за еден манипулаторски принцип што треба во иднина да го имаме редовно на ум.

1. Суеверија: основниот елемент на кој се базираат сите суеверија е дека малите „прекршоци“ можат да имаат катастрофални последици. Знаете нели, во стилот „ако станеш на лева нога сабајле, ќе имаш баксуз цел ден“ или „ако скршиш огледалце, седум години ќе те следи несреќа“ или нешто во тој стил.

Правиш некоја ситна грешка и поради неа некои работи кои немаат врска со грешката тргнуваат наопаку. Имено, не станува збор тука за „промаши едно скалило и ќе паднеш, па ќе скршиш нога“ оти во тој случај се поврзани грешката и последицата од таа грешка. Станува збор за неповрзани мали грешки и крупни баксузи.

Оние што ги шират ваквите суеверија имаат директен интерес од тоа, оти и лекот што го нудат за заштита од баксузите е баш таков – мала работа која штити од големи несреќи а нема врска со нив.

Една бакарна жичка поставена во осигурувачот може да го заштити секој електричен апарат во домот од ненадеен скок на напонот, оти жичката ќе прегори и струјата нема да помине понатаму во колото за да ги прегори апаратите. Од таму, осигурувачите иако се мали работи што штитат од големи несреќи – не се амајлии и талисмани.

Ама верувањето дека мало парче бакар, позлатено или посребрено и исковано во форма на некој симбол ќе штити од неуспешни интервјуа за работа, кавги во куќата или дури и сообраќајќи – навистина нема смисла. Е арно ама, ако ви се случи незгода од било кој ранг, и ако не сте ја носеле соодветната амајлија која требало да ве штити од таа незгода, нормално дека нема да се обвините себеси за незгодата, ами грешката ќе ја најдете во немањето на талисманот при вас.

Студентот што не учел доволно откако ќе падне на испит мисли дека наредниот пат место повеќе да учи ќе треба да носи икона во чантата. Возачот што испил три пива и потоа излетал до патот смета дека другиот пат кога ќе оди на пат треба да закачи златен крст на ретровизорот, наместо да – не пие пред возење.

2. Медицина и психологија: слично на суеверијата, и во модерната медицина и особено во психологијата имаме можности за „грешка во секој чекор“. Ајде прво со медицината:

Во многу весници и списанија, практично секојдневно, имаме можност да прочитаме за некое „ново научно откритие“ според кое конзумирањето на некоја материја до сега сметана за безопасна всушност може да биде многу страшно.

Па имаме наслови од типот „возењето велосипед повеќе од дваесет минути на ден ја намалува плодноста кај една третина од мажите за барем десет посто“ или пак „јадењето на повеќе од две кришки препечен леб за појадок го покачува ризикот од срцев удар за 50% кај 30% од жените постари од 60 години“ или пак „конзумирањето на ладна вода при температури на воздухот повисоки до 42 степени може да доведе кај две третини од децата помлади од пет години кои претходно се сончале повеќе од десет минути до триесет проценти зголемен ризик од појава на црвенило барем на 20% од кожата на грбот“ и слични небулози.

Истата причина поради која „експертите“ постојано даваат вакви предупредувања полни со неразбирливи и непредвидливи детали е присутна и во предупредувањата што ги двата јасновидците и гатачите од првата подточка.

Имено, ако ти кажат дека „да поминеш под отворени скали носи несреќа“ ти можеш да се сетиш дека некогаш си минал под такви скали па ништо лошо не ти се случило. Исто, ако ти кажат „пиењето на ладна вода лете води до црвенило на кожата“ ќе се сетиш дека си пиел ладна вода многу пати, па никому ништо.

Од таму, битно е да се искомплицира целата работа за да секогаш гатачот или експертот биде во право. Во стилот „да, ти си поминал под скалите, ама си поминал во среда, и затоа не те погодила несреќата“ или пак „си пиел ладна вода, ама ти си јадел зеленчук пред тоа, па затоа не ти се случило ништо“.

Кога грешката во секој чекор зависи многу од тоа како сте го направиле точно чекорот и како точно ја дефинирате „грешката“ и последиците од неа, вештиот гатач или медицински експерт тоа може секогаш да го сврти и прикаже како доказ за точноста на неговите совети.

Или земете ги психолозите. Со децении тие се обидуваат да ги објаснат разните мотиви на разните луѓе со некои сосема апсурдни теории. Ако мајка му не го доела кога бил бебе, тој станал баш затоа сериски убиец кога пораснал. Или ако кога имал три години видел како две кучиња се тепаат на сред улица – станал како возрасен страсен комарџија.

Живи глупости! Прашање е дали луѓето воопшто се сеќаваат на такви работи од нивното најрано детство и ако се сеќаваат дали воопшто им обрнуваат внимание.

Некој возрасен човек постојано пцуе оти како мал другите деца не му давале да игра фудбал со нив. Ајде бре! Можеби постојано пцуе оти е обично невоспитано сељачиште. Некој постојано се коцка затоа што како мал мајка му и татко му не му купувале редовно бонбони? Бре немој, можеби се коцка нон-стоп само затоа што е премногу глуп да сфати дека од коцка никој ќар не видел?

3. Бирократија: и конечно дојдовме до најодвратната примена на принципот „грешка во секој чекор“. Кој што на сите нас ни ги загорчува животите секој ден. Или барем секој ден што мораме да го потрошиме целосно во занимавање со бројките и шетање од шалтер до шалтер.

Често на многу конкурси пишува дека „некомплетната документација нема да биде разгледувана“ или „пријавите доставени после рокот нема да бидат земени во предвид“ или „неуредно доставените барања автоматски ќе бидат дисквалификувани“. Аман бре, што не кажете едноставно: „ако сакаме да ве заебеме, ќе ве заебеме, а за причина ќе се снајдеме лесно“. Па да знаат луѓето ич да не се трудат.

Проблемот тука е што условите во сите конкурси се редовно толку конфузни и контрадикторни и едноставно се неразбирливи за неупатените обични луѓе, што секогаш мора да најдат некој професионалец што ќе ги води низ лавиринтот на мистичните процедури и административни ритуали.

А токму тоа е поентата. Исто како во суеверијата каде што за да не ви се случи грешка во секој чекор морате постојано да се консултирате со астролози, јасновидци, гатачи, бајачи и окултисти, исто како во медицината каде што ако сакате да водите здрав живот – ќе морате да следите редовно десетици научни списанија за да знаете која работа е штетна за вашето здравје, така и во бирократијата.

Ако сакате да го најдете својот пат низ џунглата и да си ја завршите работата ќе морате некому да му дадете „подарок“ (пари, против–услуга) за да тој ве преведе жеден преку водата.

А ако нешто сепак се изјалови и покрај толкавата професионална помош – не се криви советниците – не, не, криви сте вие оти не сте ги спроведувале нивните мудри совети до последната точка.

И така, дојдовме до нашите редовни бламажи со евроинтеграциите.

*

Помешајте суеверија, манипулативна психологија и бирократија, и резултатот ќе биде… што? Европската Унија, што друго!

Ние веруваме дека со нашето интегрирање во Унијата сите наши баксузи ќе престанат. Веруваме дека за секоја мака што како општество ја имаме проблемот лежи во неспроведувањето на строгите препораки на мудреците од Брисел и конечно, веруваме дека коленичејќи пред шалтерите на бирократијата на Унијата ќе можеме да добиеме некоја пара од нивните фондови за развој, од нивните банки за подршка, од нивните програми за имплементација.

И секогаш кога ќе сфатиме дека не мрдаме од место, дека тонеме се поголеми баксузи, бајачките од Брисел и тукашните гатачи на нивната волја ќе ни одбрусат некаква небулоза од типот „не нѐ примаат оти педерите не сме ги споменале во уставот“ или „не нѐ сакаат оти ова или она министерство не ни е реформирано како ние што бараат“ или пак „не се задоволни од ставовите на јавноста по ова или она прашање“.

И редовно нашите политичари се клањаат пред овдешните амбасадори и странските консултанти скапо што ги плаќаме, само за да не скршнеме од патот кон Унијата.

На патот кон Брисел ние сме толку баксузни што грешките ги правиме во секој чекор. Затоа можеби треба да се тргнеме од тој баксузен пат и да излезме на нашиот сопствен пат. Кој што ќе нѐ одведе, чекор по чекор, навистина во подобра иднина.

.

П.С: За денеска беше најавена колумна со наслов „Еден ама вреден“ ама поради актуелноста на нашето најново сопнување на евро-интегративниот пат, мислам дека оваа колумна е посоодветна. Како и да е, наредниот четврток ќе биде објавена најавена за денес што беше. Четвртокот потоа ќе следува „Бројкофилија“ а пак во четвртокот што се паѓа на осми јули, бидејќи тој датум е јубилеј на блогов (двегодишнина) ќе биде објавена една пригодна јубилејна колумна.

Потоа, блогов ќе оди на пауза поради летните одмори, од околу два месеца.

До наредниот четврток, поздрав😆

2 Responses

Subscribe to comments with RSS.


Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Промени )

Connecting to %s

%d bloggers like this: