Блогот на Богдан. Нено Богдан!

мој мејл: blogatash@yahoo.com

♦ EДEH, AMA BPEДEH

with 2 comments

Во конкретново стадо на сликата прикажано, токму белата овца е онаа, пословичната „црна овца“ што не се вклопува во групата

Дали е можно преку само еден едноставен принцип да се објасни тајната на победите на Александар Велики, недовербата што многу Македонци ја чуствуваат спрема Албанците, презирот што повеќето граѓани го имаат кон политичарите, немоќта на предавничките медиуми и новинари да нѐ убедат да се откажеме од одбраната на името, неквалитетот на македонскиот образовен систем и конечно, погрешниот пристап кон борбата против пушењето и алкохолизмот? Ако тој еден принцип е фамозниот „принцип на Парето“ – би требало да е можно. Еве како тоа оди:

1. Тајната на победите на Александар: во битката кај Хаеронеа во која од грчка страна учествувале, во зависност од различните историски извори, до 20 до 40 илјади војници (ајде да земеме просек дека биле 30 илјади) главниот момент кој ја осигурал победата на Македонците било уништувањето на една елитна единица составена од околу 300 борци. Оваа чета била збришана од елитните македонски сили предводени лично од Александар.

Значи, со уништувањето на само 1 % (триста од триесет илјади) од грчката војска кај Хаеронеа, била добиена скоро целата (т.е. 99 %) битка.

Овој начин на добивање на битките Александар ќе го примени и во битката кај реката Граник, кога директно ќе удри врз командантите на персиската војска и убивајќи ги нив ќе предизвика толкава паника кај обичните персиски војници што фалангата едноставно ги прегазила непријателите и Македонците ја добиле битката.

Истиот принцип е применет и во битките кај Ис и кај Гавгамела кога Александар лично ги предводел македонските специјални сили во нападот врз оној дел од перисискиот боев строј каде што се наоѓал персискиот крал. Откако биле елиминирани телохранителите на кралот, тој побегнал (и во двете битки) по што битките биле лесно добиени.

Од таму, ете го принципот кој стои зад практично сите победи на Александар на бојното поле: ако персиската војска брои 100.000 луѓе, таа може да биде лесно поразена ако биде уништен нејзиниот морал, кој пак произлегува од присуството на само еден човек (персискиот командант) на бојното поле. Еден човек од сто илјади е само 0,001 % од вкупниот број, ама во него се концентрирани цели 99,999 % од моралот на армијата.

Ова делува просто, ама не е, оти бил потребен човек од форматот на Александар Македонски да го сфати и примени во пракса. Лесно е да се каже дека со падот на еден човек паѓа цела армија од сто илјади луѓе, но финтата е да се најде баш тој еден човек. Тоа не е како барање на игла во стог од сено, ами барање на игла во стог од игли!

2. Зошто Македонците ги мразат Албанците: одговорот на ова суштинско прашање е многу едноставен и можеме да го слушнеме од секого: Албанците се дилери на дрога, тие имаат по петнаесет деца и конечно – се бореа против Македонија во војната од 2001та.

Ама, ај да размислиме за овие обвинувања преку принципот од колумнава: точно е дека меѓу дилерите на дрога во Македонија има многу Албанци, ама дали меѓу Албанците во Македонија има многу дилери на дрога?

Колку тоа Албанци од оние 500 илјади што ги имаме во државава дилаат? Илјада, две илјади, ајде нека се пет илјади дилери? Има ли смисла заради само 1% од Албанците да ги сметаме другите 99% за дилери?

Имаат по петнаесет деца? Добро, факт е дека постојат албански семејства, во руралните средини особено, кои навистина имаат по десет па и петнаесет деца. Но колку такви фамилии има?

Секоја година во нашите училишта се запишуваат по околу десет илјади Албанчиња прво-одделенчиња. Ако ги сметаме за деца од новороденчиња до полнолетство, испаѓа дека албански деца во Македонија има не повеќе од 180.000. Ако сите тие се деца на родители што имаат по петнаесет деца, испаѓа дека такви фамилии има 12.000, што значи дека од возрасните Албанци (500 – 180 = 320 илјади) само 24.000 се татковци и мајки на по петнаесет деца.

Од таму, ако ја претпоставиме нели најлошата варијанта т.е. дека сите албански деца се деца од фамилии со по петнаесет деца, испаѓа дека само 7,5% од возрасните Албанци навистина одговарат на описот „имаат по петнаесет деца“. Заради само 7,5% (ако е точен најлошиот претпоставен случај) да ги мразиме останатите 92,5 %, мислам дека нема смисла.

И конечно, борбата против Македонија ја водеа членовите на УЧК кои според најнадуваните податоци не беа повеќе од пет илјади. Ако на секој од тие членови (а меѓу нив имаше многубројни браќа и братучеди, значи беа концентрирани по фамилии) имало по десет јатаци, испаѓа дека од 500.000 македонски Албанци, едвај 50.000 се бореле против Македонија. Од таму, има ли смисла да ги мразиме поради тие 10% од Албанците, останатите 90 проценти?

Или со јазикот на принципот на Парето: само 10% од Албанците на останатите 90% им дават лоша репутација.

3. Сите политичари се исти? Кога веќе го поставивме на маса принципот еве веднаш да го кажеме и за нашите политичари: само еден процент од сите политичари во Македонија ги имаат извршено 99% од сите апашлуци и национални предавства во изминативе две децении независност.

Како е дојдено до оваа бројка? Па, како прво, под политичари е сосема легитимно да ги сметаме сите членови на сите политички партии во земјава, оти не знам зошто некој би станал член на партија, ако не за да земе учество во политичкиот живот.

Од таму, како второ: нашите партии збирно имаат над двеста илјади членови, главно концентрирани во двете најголеми од македонскиот блок. Но од тие двеста илјади, колкумина биле во изминативе дваесет години на некоја функција од која краделе и проневерувале? Не повеќе од две илјади, оти навистина и нема доволно јавни претпријатија и министерства за да се насобрале повеќе ротирајќи како што ротираа партиите на власт во текот на транзицијава.

Значи, од двеста илјади членови на партиите во изминативе две децении, едвај две илјади краделе од народните пари. И оти би сметале дека сите политичари се крадци, кога само еден процент од нив навистина краделе?

Секако, циниците можат да го постават прашањето: „дали разликата меѓу чесен и нечесен политичар е во тоа што чесниот немал прилика да дојде на власт, па затоа останал чесен?“. Одговорот на едно вакво прашање е невозможно да се знае.

4. Дали предавниците џабе се трудат? Многумина искрени македонски патриоти се сериозно вознемирени од постојаното бомбардирање на јавниот простор со пропаганда од анти-македонските потплатени медиуми и корумпираните новинари што работат во тие медиуми, кои непрекинато повикуваат на откажување од борбата за зачувување на името и националниот идентитет.

Па има дури и повици да им се забрани на таквите медиуми да постојат, а новинарите кои пишуваат и зборуваат против Македонија засекогаш да се прогонат од јавниот живот.

Јас лично не гледам никаква причина за загриженост, оти пак во игра е принципот на Парето. Според впечатокот што можеме сите да го стекнеме, може да се каже дека две третини од новинарите кои го користат македонскиот јазик се дел од пропагандниот напор за промена на името, но од друга страна, според сите анкети, само една третина од етничките Македонци се согласуваат со промената на името.

Или преку проценти, 66 посто од македонските новинари имаат влијание само врз 33 посто од јавното мислење кај Македонците. И така е веќе со години. Ајде да речеме дека еден процент од Македонците кои своевремено биле против промена на името во меѓувреме поради пропагандата се предомислиле.

Од таму, испаѓа дека 99% од пропагандниот напор резултирал едвај само со 1% процент промена во јавното мислење. Сепак, да не заборавиме дека при евентуален референдум, не еден процент ами само еден глас може да одлучи која страна ќе добие 50 проценти плус еден глас, а која 50 проценти без еден глас и чиј став потоа ќе стане официјален.

Што мислите, во последната анкета кога се покажа дека 51% од граѓаните се против промената на името, зошто беше избрана токму таа бројка? Да не мислите дека стварно новинарите правеле објективна анкета, па дошле баш до таков граничен случај?

Баш затоа што се свесни дека сите нивни пропагандни напори во изминативе години имаа влијание врз едвај еден процент од граѓаните да го променат првобитниот став, сега на своите странски спонзори им порачуваат дека ако продолжат да им дават пари, уште еден процент од граѓаните ќе предомислат и оп – нивната страна ќе стане доминантна.

5. Ем учени, ем неуки: нашиот образовен систем е во длабока криза и му треба итна реформа. Оти, не само што произведува малку стручни кадри, ами и тие што ги произведува се неспособни веднаш по дипломирањето да се зафатат со струката која ја студирале, и потребни им се барем уште толку години колку што минале на факултет да минат во пракса за да станат вистински стручњаци.

Оти е тоа така? Зошто при толку многу „бубање“ кое секој студент на секој македонски факултет мора да го помине – ништо на крајот не се научува корисно? Затоа што и тука владее принципот на Парето.

Деведесет проценти од она што ќе ти треба како знаење го има во едвај 10 проценти од книгите што ќе ги прочиташ. Проблемот тука е кои се баш тие десет скапоцени проценти врз кои треба да се концентрира секој студент. Должност на професорите би требало да биде да ги упатат своите студенти токму на оние вистински десет проценти од литературата од која ќе го добијат најголемиот бенефит.

Ама, паретовиот принцип е широко распространет низ образовниот систем. Особено во пониските степени на образование. Оти, кој од нас не би се согласил дека 90% од знаењата што ни останале во глава од основно и средно се дојдени едвај од 10% од материјалот што ни бил предаван?

Нашите учебници се полни со факти, бројки, датуми, теории, тврдења и ставови кои многу малку ученици ги читаат и учат, и ако ги научат ги забораваат веднаш штом ќе помине тестот за чие положување биле потребни. По таа логика, која е потребата од нив?

6. Ако еден кашла треба ли сите да ги изгасат цигарите? Верувам дека сте ги слушнале оние страшни статистики кои предупредуваат на опасностите од цигарите. Одат најчесто во стилот „пет илјади луѓе во земјава годишно умираат од последиците предизвикани од пушењето“ или нешто слично на тоа. Воедно, се кажуваат и стравични податоци за распространетоста на зависноста од никотин, па се зборува дека „барем половина милион жители на Македонија се пушачи“.

Ајде да ги споиме горниве две статистики и да го примениме врз нив принципот на Парето. Од 500.000 пушачи во Македонија годишно поради пушењето умираат 5.000 од нив. Што значи тоа?

Тоа значи дека секоја година 495.000 пушачи – не умираат од цигарите!

И сега, треба ли цела држава да ја креваме во паника и на 99% од пушачите да им го забрануваме тоа задоволство само поради тоа што еден процент од пушачите умирале секоја година поради цигарите? А впрочем, од кај можеме да знаеме дека само поради цигарите умреле?

Истото може да се каже и за алкохолот. Кој што е стигматизиран до тој степен што го сметаат за главна причина за сообраќајните несреќи, хулиганското однесување, семејното насилство и еден куп други општествени зла.

Практично сите возрасни луѓе во Македонија пијат алкохол, во поголема или помала количина. Колкумина од нив предизвикуваат сообраќајни несреќи, семејно насилство или хулиганизам на спортските натпревари? Еден процент?

Па има ли смисла поради еден процент од корисниците на алкохол кои забегале во алкохолизам, да им се ускратува задоволството што го даваат пијалоците на останатите 99% кои се способни одговорно да го конзумираат алкохолот?

.

П.С: Редовните читатели на мојот блог веројатно ќе речат дека и за блогов важи принципот на Парето. Од околу 140 колумни досега објавени, едвај ако дваесетина им се виделе интересни. Па и од секоја колумна, на пример оваа, при толку многу зборови што ги употребив за да ја напишам, едвај десет посто ако им останат во сеќавање.

Е арно ама, не е само принципот на Парето кој е тука во игра. Има и други принципи, ама за нив – во некои идни колумни.

П.П.С: Во понеделник, инспириран од настаните на македонската политичка сцена кои треба да се случуваат викендов, ќе објавам вонреден пост со наслов „Повратници во политиката“ во кој ќе стане збор за неколку примери од ширум светот на политичари кои после долго отсуство од власт успеале да се вратат триумфално на позицијата на моќ. Наредниот четврток пак, во редовниот термин, очекувајте ја најавената „Бројкофилија“.

До понеделник навечер, поздрав😆

Written by nenobogdan

24/06/2010 at 21:16

2 Responses

Subscribe to comments with RSS.

  1. Баш ме изнасмеа како бараташ со процентиве – уште малку па секој ќе поверува!
    Мене лично многу повеќе ми се допаѓа кога и даваш „душа“ на колумната како тука, и сигурно дека повеќе ќе ја памтам, отколку кога е составена од сирови факти и аргументации за кои нема коментар.
    Патем, супер што цело време наоѓаш инспирација, јас во меѓувреме заглавив во сиво секојдневие од кое не знам како да се одглавам… Се надевам ќе ми помине со одморот, кај и да биде…
    Поздрав.

    Билјана

    24/06/2010 at 23:35

    • Чашата е половина полна, или чашата е половина празна?

      Твоето сиво секојдневие можеби треба да го гледаш како сребрено секојдневие🙂

      А и за одморот што го очекуваш… зарем не знаеш дека човекот што ужива во својата работа е секогаш на одмор😎

      А истовремено, човекот што не знае да ужива во својот одмор, секогаш е на работа (цело време мисли за бизнисот)


Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Промени )

Connecting to %s

%d bloggers like this: